!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Заев до ракометарите: Вашиот успех е мотив Владата силно да го поддржи спортот


Скопје, 7 јуни, 2017 - 15:29 (META) 

Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со ракометарите на „Вардар“ кои го освоија првото место во Лигата на шампиони, со раководството на клубот, како и со претседателот и со претставници на Ракометната федерација на Македонија.

Тој, од името на Владата, им врачи плакета за благодарност.

„Вашиот успех е амбасадорска промоција на Македонија, не само во Европа, туку и во светот. Исто така, вашиот успех е мотив Владата силно да го поддржи спортот“, рече во обраќањето до ракометарите премиерот Заев.

Тој најави можности за практично инвестирање во спортот, преку ваучери што ќе ги издава Министерството за финансии на спортските клубови, законска поддршка на спортот како професија, со што ќе се овозможи пензиско и здравствено осигурување на спортистите и посветеност на новата Влада да го обезбеди заслуженото достоинство на спортот во Македонија.

На средбата биле отворени некои проблеми со кои се соочуваат спортските клубови, во делот на финансирањето и на условите за работа и беше разговарано за начините за нивно решавање.

Ракометарите, сопственикот на ракометниот клуб „Вардар“, Сергеј Самсоненко и претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Живко Мукаетов, на Заев му подариле еден од шампионските златни медали добиени од Лигата на шампиони, како и дрес на „Вардар“ на кој е испишано името на премиерот.


Груевски пак се заборави и иако е само партиски лидер, најави владини активности


Скопје, 20 септември, 2016 - 13:29 (META) 

Поранешниот претседател на Владата, а сега само лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, по куса пауза повторно почна да говори како „де факто“ премиер.

Последен пример за тоа е т.н. „промоција на мерките од областа на спортот“, која ја направи како да ја води владата или, во најмала рака, Агенцијата за млади и спорт.

„Ние си зацртавме наша наредна голема активност да биде преку различни активности и мерки, давање поддршката и ветер во грб на спортистите и на спортските федерации, што, веруваме, ќе донесе поголем успех“, рече Груевски, притоа не појаснувајќи кои се тоа „ние“.

„Се одлучивме за неколку системски решенија“, вели Груевски и пак не кажува дали мисли на партијата или на владата.

Тој дури и најавува систем на мерки за кои се потребни нови даноци, ослободување од даноци, буџетско финансирање – сите активности на влада, а не на политичка партија.

Првата мерка предвидува приредувачите на игри на среќа во обложувалниците на месечна основа да одвојуваат 3 проценти од добивката, а приредувачите на игри на среќа во автомат-клуб да одвојуваат 1,5 отсто од добивката за финансирање на спортски федерации чии дисциплини се олимписки, како и за Македонскиот олимписки комитет.

Дали ВМРО-ДПМНЕ ќе им земе на обложувалниците дел од добивката или тоа ќе го стори извршната власт?

Со втората мерка се предвидува компаниите што ќе финансираат спортски клубови, федерации и спортисти да бидат ослободени од дел од данокот на добивка.

Како тоа партијата ослободува од данок?

Третата мерка предвидува директно буџетско финансирање на спортови кои немаат своја лига. За оваа цел ќе бидат одвојувани до 700.000 евра годишно. Првиот спорт што ќе биде поддржан е боксот, а се размислува каратето за мажи и за жени да биде вториот спорт што ќе биде поддржан.

Груевски не кажа дали ВМРО-ДПМНЕ ќе одвои 700.00 евра или владата ќе го стори тоа?

Со последната мерка се очекува да бидат ангажирани врвни спортски тренери од странство во спортските академии кои ќе помогнат во градењето на новите фудбалери, кошаркари, ракометари, тенисери.

Како ВМРО-ДПМНЕ ќе ангажира странци во спортот?

Една од главните забелешки во извештајот на Прибе беше дека партијата на власт сè уште не е одвоена од државата, односно државата не е одвоена од партијата.

Тоа одвојување е и обврска што произлегува од Договорот од Пржино како клучен услов за излез од политичката криза.

Ваквата реторика на Груевски доведува во прашање дел од договорот, кој предвидува преземемање конкретни чекори со кои ќе се обезбеди одвоеност на партијата од државата, како и спречување на злоупотреба на државните институции и ресурси за партиски цели.


Почина спортската легенда Мухамед Али


Феникс, 4 јуни, 2016 - 9:08 (META) 

По 31-годишна борба со Паркинсоновата болест, на 74 години почина спортската легенда, Мухамед Али.

Поранешниот светски боксерски шампион во тешка категорија, еден од најпознатите спортисти во светот, почина во болница во градот Феникс, Аризона, откако беше примен во четвртокот.

Тој страдаше од респираторна болест, состојба  комплицирана од Паркинсоновата болест.
Погребот ќе се одржи во родниот град на Али, Луисвил во Кентаки, вели неговото семејство во соопштението.

 


Преку спортски активности до психофизички развој на децата со аутизам


Тетово, 4 април, 2016 - 16:27 (META) 

Физичката активност може многу да помогне во целокупниот психофизички развој на децата со аутизам. Ова беше истакнато на денешната спортска манифестација организирана по повод Меѓународниот ден на аутизмот, одржана на спортските терени на Државниот универзитет во Тетово. Деца со аутизам од Тетово, Гостивар и од Дебар учествуваа во повеќе спортски дисциплини.

– Мора да кажам дека го организиравме овој настан затоа што физичкото образование и спортот кај нив најмногу влијае за нивниот развој. Некои деца со аутизам покажуваат спортски резултати подобри од другите, а некои не, но најголем резултат е што со физичката активност се подобрува нивното здравје и нивната социјализација. Во САД има спортски лиги на ниво на државите и е научно докажано дека со спортот овие деца можат да ги надминат нивните бариери за говор – изјави Беџет Точи, претседател на Атлетскиот клуб „Студент“ од Тетово.

Од невладината организација „Хендимак“ сметаат дека институциите многу малку се занимаваат со оваа категорија граѓани. Општеството треба да има дава голема поддршка на децата со аутизам, но и на нивните родители.

– Институционално, реално да збориме, малку е направено за децата со аутизам. Треба институциите да преземат повеќе мерки за овие деца, да има пристап со инвалидска количка до државните, но и до приватните јавни објекти, да имаат подобри услови во градинките и во училиштата, да има специјализиран кадар што ќе се занимава со тие деца. Истовремено, треба да постојат разни центри што ќе служат за обука на наставниците, кои треба да знаат како се работи со овие деца – изјави Адем Идризи од невладината „Хендимак“.


Општина Гостивар годинава ќе одвои 6 милиони денари за развој на спортот


Гостивар, 27 јануари, 2016 - 14:10 (META) 

За поддршка на спортски манифестации и за развој на спортот, Општина Гостивар годинава од својот буџет ќе одвои 6 милиони денари или двојно повеќе во споредба со минатата година.

Парите се предвидени за развој на масовниот спорт и на рекреативните активности на граѓаните, поддршка на традиционални спортски манифестации, ученички и студентски спортски активности, како и на спортско-рекреативни активности на лица со посебни потреби.

Посебна комисија ќе одлучува кој колку пари ќе добие преку програмата за спорт. Минималниот износ за поединци изнесува 10.000 денари, а максималниот 60.000 денари. За спортски клубови сумата се движи од 15.000 до 150.000 денари при поединечна исплата.

Локалната самоуправа предвидува и средства за одржување, изградба и за опремување спортски објекти и за определување рекреативни зони за масовно спортување.


Бесплатни прегледи за младите рекреативни спортисти


Скопје, 12 јули, 2015 - 16:13 (META) 

Лицата кои рекреативно спортуваат од следниот месец ќе можат да направат бесплатен преглед на Спортска медицина, соопшти денеска министерот за здравство, Никола Тодоров.

Со новата мерка, како што соопшти Тодоров, ќе бидат опфатени околу 25.000 лица, на возраст од 14 до 29 години, кои аматерски се занимаваат со спорт.

Во основниот пакет спаѓа ЕКГ-преглед, хематолошки и уринарен статус, основна крвна слика, мерења на масното ткиво, мускулната и на коскената маса.

Според Тодоров, спортските прегледи имаат цел да им дадат препораки на лицата кои спортуваат во однос на исхраната, како за начинот и за интензитетот со кој треба да се одвива тренингот.

Статистичките податоците на Институтот за јавно здравје во Македонија укажуваат дека 60,5 отсто од машката популација и 47,8 отсто од женската популација на возраст над 20 години имаат зголемена телесна тежина, што последица на нередовната физичка активност.


Здружение на кошаркари: Спортскиот интерес е пред кој било друг


Скопје, 15 април, 2015 - 10:37 (META) 

Здружението на кошаркари на Македонија со соопштение се обрати до јавноста со апел проблемите што поскоро да се надминат во интерес на спортот во државата.

Во соопштението на македонските кошаркари стои:

„Сакаме да ѝ се обратиме на целокупната спортска и поширока јавност и да го изнесеме нашиот заеднички став. Ова е став на сите македонски играчи од сите клубови што учествуваат во Суперлигата, без исклучок.

Свесни сме дека нашите интереси, како играчи, се подредени на интересите на клубовите во кои настапуваме и нивните спонзори и тоа го почитуваме.

Најпрво сакаме јавно да им се заблагодариме и на општините и на приватните компании за нивните огромни напори да обезбедат соодветни буџети за квалитетна кошарка, можеби во просек на квалитет по екипа, и најквалитетна клупска кошарка во целиот регион, а со сигурност најизедначена и најнеизвесна. Квалитетот на нашата клупска кошарка оваа година кулминира. Никогаш досега немало шест рамноправни екипи со еднакви шанси да се борат за титулите, никогаш немало првенство во кое не може да се прогнозира ниту еден резултат, никогаш немало првенство во кое играле толку многу квалитетни играчи, и домашни и странски. Затоа и никогаш претходно не биле толку посетени кошаркарските натпревари.

Но, не можеме да разбереме и прифатиме кога интересите се спротивни од основниот интерес, кој сите нас нè обединува, и навивачите и играчите и тренерите и управите и спонзорите – спортскиот интерес – спортот во вистинска смисла на зборот, спорт кој единствено се игра на спортскиот терен, во спортска борба за извојување спортска победа, која единствено има вредност доколку е остварена на спортските терени. Не веруваме дека има спортист што може да се радува на победа која не е извојувана на спортскиот терен.

Ние сме играчи и не сме компетентни да ги толкуваме пропозициите, правилниците и другите акти на федерацијата. Како играчи само можеме од срце да апелираме и да ги замолиме сите инволвирани страни, што е можно побргу да најдат начин да се реши оваа ситуација. Убедени сме дека постои решение, но единствено ако спортскиот интерес се стави пред кој било друг интерес. Во спротивно, сите ќе бидеме губитници, а најмногу македонската кошарка“.


Боксер изуби свест на меч и почина по два дена


Сиднеј, 16 март, 2015 - 13:23 (META) 

Австралискиот боксер Брендон Смит почина два дена откако ја изгуби свеста по поразот во мечот за титулата шампион на Азија во категорија пердув од ВБЦ-верзија, пренесе „Спорт365“.

Смит се онесвести 90 минути по поразот од Филипинецот Џон Мореалдо и оттогаш не се освести.

Портпаролот на несреќниот 23-годишен боксер, Џејмс Оши, потврди дека Смит бил приклучен на апарати откако бил примен во болницата во Бризбејн.

Австралискиот боксер загуби во сабота на поени со едногласна одлука на судијата.

По натреварот му честита на победникот и замина во соблекувалната, каде колабираше по час и половина.


Промовиран филмот „Патот до европскиот врв – Почеток“


Скопје, 5 февруари, 2015 - 14:24 (META) 

Вчеравечер, во присуство на голем број пријатели, обожаватели и подржувачи на европскиот шампион на ридски патеки, Игор Стефановски – Иџе, се случи премиерата на филмот за сезоната 2014, во која првпат Иџе се закити со титулата европски шампион во катерогија 1, трки организирани од ФИА.

Премиерата на филмот „Патот до европскиот врв – Почеток“, исполнет со автентични снимки од сезоната и со сведочења од луѓето заслужни за успехот на Иџе, ја проследија повеќе од 300 посетители, а првпат кино-салата во „Синеплекс“ беше преполна, така што гледачи имаше и на скалилата.

Игор Стефановски – Иџе е спортистот кој ја одбележа 2014 година. Остварувањето на најголемиот успех во историјата на македонскиот автомобилизам, освојувањето на шампионатот на ридски патеки во категорија 1, прогласувањето за најдобар спортист на Македонија за 2014 и прогласувањето за „откритие на сезоната“ се само потврда и најава за добрата содржина на документарецот, кој наскоро ќе биде проследен на некоја од националните телевизии.


Промоција на книгата „Спортски бон-тон“


Скопје, 25 декември, 2014 - 10:58 (META) 

Денеска ќе биде промовирана сликовницата „Спортски бон-тон“. Настанот ќе се одржи во Народната канцеларија на претседателот на Република Македонија во Скопје .

Со промоцијата ќе се заокружи проектот „Традиционални спортски игри (Спортски бон-тон)“, што под покровителство на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, го имплементираше Геостратешкиот институт „Глобал“.

Сликовницата ќе ја промовираат претседателот на „Глобал“, Иван Анастасовски, и Татјана Стојановска-Иванова.