!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Владата за спорот со името ќе гради став со „сите релевантни политички фактори“


Скопје, 22 јануари, 2018 - 13:50 (META) 

Владата на Република Македонија работи на анализа и консултации за предлозите на медијаторот Метју Нимиц за решение на прашањето за името, потврдија од Владата за државната новинска агенција МИА.

„Владата на Република Македонија веќе работи на анализата и консултациите во однос на рамката доставена од медијаторот Метју Нимиц. Во наредниов период ќе вложиме напори за што е можно по инклузивен процес со вклученост на сите релевантни политички фактори во земјава, а се во насока на градење заеднички приод, став и стратегија“, се наведува во изјавата од Владата за МИА.


Масовен протест во Солун, Грците порачаа „Македонија е една и грчка“


Солун, 21 јануари, 2018 - 16:32 (META) 

„Македонија е една и значи Грција“, „Македонија е свето грчко име“, „Решението е во граница со Србија“, „Оној што ќе го даде името Македонија ќе биде национален предавник“, се главните пораки кои беа упатени на денешниот протест во Солун за како што го рекоа демонстрантите, одбрана на Македонија.

На протестот покрај пристаништето се собраа околу 50.000 луѓе дојдени од сите градови од Грција кои вееја грчки и кипарски знамиња, слики со ликот на Александар Велики, како и тие на грчкиот регион Македонија.

Главното барање на протестот е во името на нашата земја, кое треба да биде договорено, да не се користи терминот „Македонија“, иако посредникот Нимиц вели дека Македонија ќе има во секое решение.

Организаторите кои се грчки здруженија и организации од дијаспората, а кои имаат поддршка, меѓудругото, и од политички партии, спортски и црковни здруженија, градоначалници и митрополити од различни општини, бараат организирање на референдум.

На денешната свечена литургија во црквата Свети Димитрија солунскиот митрополит Антимос, во 30 минутно обраќање порача дека „Скопје нема ни стара ни понова историја“.

– Скопје никогаш нема да биде прифатено во грчката народна свест со името Македонија, бидејќи нашата Македонија постои во срцата на Грците, како нераскинлив дел од нашиот национален суверенитет веќе 2.800 години. Скопје никогаш нема да може да го задржи името Македонија затоа што тоа им припаѓа на Грците – рече митрополитот Антимос.


„Катимерини“: Атина е за Вардарска Македонија, а Скопје за Нова Македонија


Атина, 21 јануари, 2018 - 14:24 (META) 

Според добро информирани извори, јасно е дека за време на минатонеделните средби на грчкиот премиер Алексис Ципрас со шефот на грчката дипломатија Никос Коциас и архиепископот Јеронимос, Грција е повеќе за името Република Вардарска Македонија (Republic of Vardarska Macedonia) како дел од договорот во спорот за името, пишува грчкиот весник „Катимерини“. Од друга страна пак Македонија, според „Катимерини“, е повеќе за името Република Нова Македонија (Republic of New Macedonia ).

Метју Нимиц, посредникот на ОН во преговорите за името, вели дека на маса се пет негови предлози: Република Горна Македонија, Република Северна Македонија, Република Македонија (Скопје), Република Нова Македонија и Република Вардарска Македонија.

Македонскиот премиер Зоран Заев за три дена, во среда, ќе се сретне со неговиот грчки колега Алексис Ципрас на светскиот економски форум во Давос. На средбата премиерите ќе разговараат за текот на разговорите околу името.


Ципрас: Не е неразумно терминот Македонија да е вклучен во името кое ќе важи за сите


Атина, 21 јануари, 2018 - 13:07 (META) 

Веќе 25 години соседите се признаени со името „Република Македонија“ од голем број земји, додека ние насекаде се бориме сите да ги нарекуваат ФИРОМ, вели грчкиот премиер Алексис Ципрас во интервјуто за „Етнос“.

Ципрас вели дека македонска нација никогаш не постоела во античко време, како што не постоела и нација на Атињаните или Спартанците и дека „не е апсурдно терминот Македонија да е вклучен во сложено име, со географска или временска одредница која ќе важи за сите, така што да биде јасно дека никој не бара територии или историја на други народи“.

Во однос на денешните демонстрации во Солун, грчкиот премиер објаснува дека ја почитува чувствителноста на неговите сонародници од северна Грција, велејќи дека и тој е полу Македонец, затоа што мајка му се родила и пораснала во грчката област Македонија, од родители бегалци од источна Тракија. Но, додава дека националните интереси не се бранат со протести, туку со преговарачка способност, со меѓународни сојузништва, со поставени цели и со трезвеност.

– Веќе 25 години соседите се признати од многу земји под името Република Македонија. Ние секаде се бориме сите да ги нарекуваат ФИРОМ, односно со сложеното име што го содржи терминот Македонија, но без никаква одредница што би го спречила присвојувањето и на географијата, но и на историјата. Значи, доколку постои можност за решение што ќе ги отстрани овие негативни факти што ни ги наметнаа во 1992, тогаш ќе биде национална глупост да не ја искористиме – вели Ципрас.

Тој упатува порака дека Атина бара едно име кое ќе важи и за внатрешна и за билатерална и за употреба во ОН и вели дека по политичката промена во Македонија гледа влада која изјавува дека е решена да направи чекори, но додава дека останува тоа да се покаже во практика.

– Решавањето значи заемно прифатливо сложено име за севкупна употреба. А севкупна употреба значи дека не може да се вика различно во нашите билатерални односи и во ОН, а друго да е уставното име. Во однос на НАТО и ЕУ, работите се јасни. Интеграција во НАТО или отпочнување пристапни преговори за соседната земја ќе има само со решение на името – вели Ципрас за „Етнос“.

Според него, спорот за името не е внатрешно прашање, туку европско и меѓународно и уште еднаш потенцира дека за официјална Атина, главната тема е иредентизмот.

– Ако сакаме да најдеме одржливо решение треба да бараме име, но и една поширока рамка за договор што нема да остава простор за иредентизам и историски неточни барања. Треба и двете страни да му пристапиме на проблемот со реализам и мудрост. Не треба да оставиме никаков простор за конфронтации меѓу двата народа затоа што оние работи што ги обединуваат се повеќе од оние што ги разделуваат – додава Ципрас.

Грчкиот премиер е длабоко убеден дека решение што би било во национална корист би било изгласано со мнозинство пратеници и коментира дека Каменос нема да стане Самарас, со што индиректно порачува дека лидерот на Независни Грци нема да создаде проблеми во грчката влада.


63 отсто од Грците се за заемно прифатливо решение за спорот со името


Атина, 20 јануари, 2018 - 11:57 (META) 

Мнозинството Грци посакуваат да се реши прашањето со името, покажува новото истражување на јавното мислење во Грција, спроведено од агенцијата „Алко“ за грчкото радио „24/7“.

Според истражувањето 63 отсто од испитаниците се за постигнување заемно прифатливо решение, 21 отсто сметаат дека работите треба да останат така како што се денес, а седум од 10 Грци, веруваат дека во последните децении Грција загубила од тоа како владите се справувале со прашањето за името.

За тоа дали сметаат дека во последните децении од прашањето за името земјата доби или загуби, седумдесет отсто од испитаниците сметаат дека Грција загуби, девет дека доби, 21 отсто ја одбрале опцијата не знам/не одговарам.

Костас Панагопулос, претседателот на агенцијата „Алко“ што го спроведе истражувањето, говорејќи за радиото, коментира дека во анкетата не биле вклучени конкретни имиња, бидејќи официјално не се соопштени и вели дека веројатно резултатите би претрпеле промени кога во истражувањето ќе влезат конкретни предлози за решение на спорот.


ОМД: Македонските власти да ги прекинат преговорите за името


Вашингтон, 20 јануари, 2018 - 10:55 (META) 

Обединетата македонска дијаспора (ОМД) ја поддржува кампањата „Нашето име е Македонија“ на Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) и се придружува кон барањето македонските власти да ги прекинат сите преговори и разговори за промена на името.

ОМД, како што соопштија од таму, ги повикува Обединетите нации, Европската унија, Северноатлантската алијанса и оние држави кои се уште тоа не го направиле, официјално да донесат одлука за целосно дипломатско признавање на Македонија под името „Република Македонија“.

„Вкупно 137 држави веќе го признаа вистинското име на Македонија, што е околу две третини од бројот на држави во Генералното собрание на ОН. Меѓу тие држави се и четири од петте постојани членки на Советот за безбедност. Според владеењето на меѓународното право, не постои случај некоја влада да поседува таква моќ или авторитет за да определува какво име ќе има една независна и суверена држава“, наведува ОМД.

Според ОМД, Македонија е единствената нација во светот која не може во Обединетите нации да го користи своето име.

„Како што е утврдено и од страна на Комитетот за човекови права на ОН, меѓународното дипломатско признавање на државата Македонија под името „Република Македонија“ е неопходно, законско и задолжително“, стои во соопштението од Обединетата македонска дијаспора.


Хојт Ји: Прашањето за името бара напорна работа, но дефинитивно е возможно


Вашингтон, 20 јануари, 2018 - 10:24 (META) 

Македонија и Грција имаат вистинска можност да постигнат договор за прашањето за името. Верувам дека постои политичка волја, како во Атина, така и во Скопје, да се постигне договор и да се реши ова прашање еднаш засекогаш, вели заменик-помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија Хојт Брајан Ји во емисијата „Светот е бизнис” на телевизијата Блумберг на бугарски јазик.

– Ќе се бара напорна работа, бидејќи прашањето не е едноставно да се реши. Ќе беше добро проблемот да се решеше пред 25 години, но ако двете држави продолжат да работат како сега, под раководство на Метју Нимиц, специјалниот претставник на ОН, како посредник, ние веруваме дека тоа е дефинитивно возможно – вели Ји.

Според него, САД силно го поддржуваат договорот меѓу Бугарија и Македонија и ова е многу добар почеток или дури увертира на бугарското претседателство на ЕУ.

– Веруваме дека ова се многу позитивни чекори, не само за двете земји кои имаат разлики во текот на годините, туку и за целиот регион. Тоа е пример за две држави, чии лидери се навистина ангажирани кон помирување и кон изнаоѓање решенија, кои може да вклучуваат компромис, кои може да вклучуваат и отстапки. Кога две држави имаат желба и политичка волја, тогаш речиси се е можно – додаде Ји.


Аманатидис не го отфрла зборот „Македонија“ како дел од решението на спорот со името


Атина, 17 јануари, 2018 - 12:02 (META) 

Заменик-министерот за надворешни работи на Грција, Јанис Аманатидис, во изјава за грчката телевизија „Скај“ не го отфрли терминот „Македонија“ како дел од предлогот за решавање на прашањето за името и напомена дека привремената референца веќе го содржи тој термин.

– Повеќе од 140 земји веќе ја нарекуваат земјата Република Македонија – рече Аманатидис, коментирајќи ја изјавата на Нимиц дека во предлогот ќе биде содржан терминот „Македонија“.

Тој потенцира дека целта на Атина е сложено име за севкупна употреба, кое ќе се користи и во Македонија и надвор од неа, како и „елиминирање на иредентизмот од страна на Скопје“.

Аманатидис во изјавата не спомена географска одредница и додаде дека постојат други параметри кои ќе го одредат текот на преговорите.


Нимиц: Терминот „Македонија“ ќе биде содржан во името


Њујорк, 17 јануари, 2018 - 9:34 (META) 

Предлог решението за името ќе го вклучува терминот „Македонија“, изјави медијаторот на Обединетите нации, Метју Нимиц пред денешната нова рунда разговори во Њујорк со претставниците на Македонија и на Грција, Васко Наумовски и Адамантиос Василакис.

– Терминот „Македонија“ ќе биде содржан во предлог решението за името бидејќи веќе го имаат признаено повеќе од 100 земји во светот – изјави Нимиц за грчката „ТВ Антена“. Посочи дека името со кое земјата е заведена во ОН е „поранешна југословенска република Македонија“, односно терминот Македонија е дел од името, а и Грција ја има признаено со тоа име.

Нимиц истакна дека нема волшебно решение за името, дека спорот трае предолго и оти натамошното одолговлекување би го направило проблемот уште потежок за решавање.

Тој наведе дека во Скопје доминира мислењето дека некои од идеите во минатото не биле задоволителни за нив, но оти е дојдено времето ова прашање да се реши и земјата да продолжи по својот евроатлански пат.

Медијаторот на ОН оценува дека постои позитивно расположение и во Атина и во Скопје кон подобрување на односите и засилување на европските димензии на регионот.

– Имам некои идеи кои двете страни треба да ги разгледаат. Сакам да помогнам со доближување на разликите во ставовите. Знаеме дека решението на овој тежок спор помеѓу два соседи бара доза на компромис кај двете страни, и верувам дека тоа ќе биде постигнато во согласност со дигнитетот и националните интереси на двете страни – додава Нимиц.

Тој денеска во Њујорк по средбите со делегациите на двете земји ќе одржи прес-конференција, во 12.30 часот локално време.


Нимиц: Нема нов предлог за името, ќе дискутираме за стари предлози


Њујорк, 15 јануари, 2018 - 11:11 (META) 

Медијаторот на Обединетите нации во преговорите за името меѓу Македонија и Грција, Метју Нимиц во интервју за грчката национална телевизија ЕРТ вели дека нема нов предлог за името и дека на новата средба, закажана за 17 јануари во Њујорк, ќе излезе со предлог-идеи за кои веќе се дискутирало во минатото.

Според Нимиц новата влада во Скопје е многу заинтересирана да го реши ова прашање.

– Мислам дека и грчката влада исто така препознава дека ова е добар приод и добар чекор за грчката надворешна политика во регионот, да најде решение, за долгогодишното прашање. Од овие причини постои позитивен моментум меѓу двете земји. Мислам дека граѓаните во двете земји можеби се подготвени да слушнат одредени солуции, што се од нивни заеднички национален интерес, но исто така дека има одреден компромис тоа да се реши – рече Нимиц.

Тој исто така забележува дека во регионот постои загриженост околу одредени прашања, како што се бегалците, тероризмот или нестабилноста и дека со водство на меѓународната заедница овие прашања треба да бидат решени.