Шекеринска: Убедени сме дека до Самитот на НАТО ќе обезбедиме поддршка од сите членки


Скопје, 22 јуни, 2018 - 14:22 (META) 

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска е убедена дека на Самитот на НАТО, што треба да се одржи на 11 и 12 јули во Брисел Македонија ќе ја обезбеди поддршката од сите членки на Алијансата за да ја добие поканата за членство. Според Шекеринска, земјава исполнила големи домашни задачи, што, според неа, се силни аргументи во полза на нашето членство во Алијансата.

– Доколку тоа се случи, мислам дека и во поглед на Македонија ќе се почитува процедурата која важи и за другите земји членки и оти тој период би бил од една до една и пол година, во зависност од тоа каква е процедурата во државата и во земјите членки – рече Шекеринска, одговарајќи на новинарско прашања по потпишувањето на договор за времено користење на простории во Домот на АРМ од страна на Сојузот на борците од НОБ и антифашистичката војна на Македонија.

Во врска со тоа дали референдумот што би се организирал би бил консултативен или обврзувачки, министерката за одбрана посочи дека за ова ќе се прават консултации во Собранието и со опозицијата и ќе биде донесена одлука која ќе биде добра, не за поединечни политички партии или личности, туку за Македонија.

– Референдумот ќе биде важен дел и ќе ги поканиме, не политичарите, туку граѓаните на оваа држава сите да се вклучат и да дадат поддршка на европска и евроатланска Македонија – рече Шекеринска.

Според неа, за она што го сработила Владата и за позитивните промени сведочи и вчерашната одлука на Холандија, која како што рече е најстрога членка, во однос на исполнувањето на критериумите за членство да даде поддршка за одредување датум за почеток на преговорите.


Меркел до Заев: Германија силно ќе го поддржи Договорот


Скопје, 22 јуни, 2018 - 13:45 (META) 

Канцеларката на Германија, Ангела Меркел, испратила честитка до македонскиот премиер Зоран Заев за Договорот со Грција за разрешување на спорот за името и порачала дека Германија силно ќе го поддржи, информираше македонската влада.

„Оваа спогодба го отвора патот за историски договор, и Вам и на Вашата влада срдечно Ви честитам за овој успех. Сојузна Република Германија со голем интерес ќе го следи спроведувањето на овој Договор и силно ќе го поддржи“, напишала Меркел до својот македонски колега, пренесува Владата.


НСДП: Даваме целосна поддршка на Договорот со Грција


Скопје, 22 јуни, 2018 - 12:11 (META) 

Нова социјалдемократска партија (НСДП) вчера, конституирајќи го својот нов Извршен одбор, дала целосна поддршка на постигнатиот договор помеѓу владите на Македонија и Грција.

„По  повеќе години изгубени во изолација, авторитарно владеење, нарушени односи со соседите,  национал-романтичарски манипулации со чувствата на народот, популизам, позади кој се криеја лукративни и коруптивни интереси на политички елити, Македонија дојде до точка на пресвртница. Еден од најтешките проблеми со кои се соочувавме од осамостојувањето до денес, кој не држеше на маргините од демократските политички текови на Европа, со потписите на премиерите на Македонија и Грција се направи првиот чекор за негово надминување. Со потпишувањето на Спогодбата за решавање на проблемот со името, пред Македонија се отворија перспективи за воведување на цивилизациски и европски вредности во управувањето со државата“, соопшти партијата од владината коалиција.


Талат Џафери по усвојувањето во Собранието ја „завери“ Спогодбата со Грција


Скопје, 20 јуни, 2018 - 14:39 (META) 

Откако денеска во Собранието, во отсуство на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, беше ратификувана Спогодбата со Грција за разрешување на спорот за името со 69 гласа „за“, без гласови „против“ и воздржани, спикерот Талат Џафери го стави својот потпис на законот за ратификација на Спогодбата, по што тој оди во понатамошна процедура.

Според процедурата, законот ќе биде испратен кај претседателот Ѓорѓе Иванов, кој во рок од седум дена треба да го потпише. Имајќи го предвид фактот дека Иванов рече дека нема намера да го потпише документот, односно ќе го искористи своето право на вето, Спогодбата повторно ќе треба да се најде пред пратениците, во нова постапка за ратификација.

Во повторената процедура, ратификацијата мора да се изврши мнозинство од 61 пратеник.


ВМРО-ДПМНЕ ќе бара мислење за Спогодбата со Грција од Венециската комисија


Скопје, 20 јуни, 2018 - 13:26 (META) 

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска најави дека ќе побара толкување за Спогодбата со Грција од Венециската комисија. На прес-конференција во Собранието пратеникот Драган Данев повторно порача дека за неговата партија Спогодбата е штетна и капитулатнска и дека власта сака да го втурне и Собранието во кршење на процедурите за ратификација на оваа Спогодба.

– Ако овој договор е толку добар за Република Македонија, зошто Владата бега од дебата? Ова е самоволно и шверцеско однесување на власта. Ова е трет случај на грубо непочитување на процедурите. Првин изборот на Џафери за т.н. претседател на Собранието, потоа законот за двојазичност, па сега договорот со Грција. Зошто договорот со Бугарија се разгледуваше во Комисијата за надворешни работи, а овој во Комисијата за европски прашања? Затоа што власта сака да го протурка на мала врата – порача Данев.

Тој рече дека со прифаќањето на Спогодбата се уништува идентитетот и се прифаќа модерен геноцид


Столтенеберг: Македонија може да добие покана за НАТО на самитот на 11 и 12 јули


Брисел, 20 јуни, 2018 - 11:51 (META) 

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг се надева дека ќе може да биде испратена покана за членство на Македонија во Алијансата на самитот што на 11 и 12 јули ќе се одржи во Брисел, откако Скопје и Атина постигнаа договор за спорот за името, јави МИА.

– Се надевам дека ќе има напредок со поранешната југословенска Република Македонија бидејќи тие постигнаа договор со Грција за проблемот со името. Ако тој договор биде финализиран и целосно применет, новото име ќе биде Република Северна Македонија и тогаш можеме да тргнеме кон членство на поранешната југословенска Република Македонија во НАТО. Искрено се надевам дека тоа ќе можеме да го направиме ако се се одвива според планираното околу ратификацијата и референдумот кој ќе се одржи подоцна оваа година – изјави Столтенберг во интервју за француската телевизија „Франс 24“.


Тунтев: Договорот е висок патриотски чин, ВМРО-ДПМНЕ да сврти нова страница


Скопје, 19 јуни, 2018 - 14:51 (META) 

Договорот за разрешување на спорот со Грција што беше потпишан во неделата е висок патриотски чин и носи иднина за државата и за сите граѓани, а ВМРО-ДПМНЕ треба да сврти нова страница и да учествува во неговата ратификација, порача на прес-конференција во Собранието Томислав Тунтев, координатор на пратеничката група на СДСМ и коалицијата.

Зборувајќи пред голем број пратеници – негови сопартијци, тој ја повика ВМРО-ДПМНЕ да гласа за ратификација, откако опозициската партија денеска го нападна договорот и рече дека нема да гласа на него, ниту пак ќе учествува на седницата на која ќе се ратификува овој документ.

– Договорот за којшто треба да се изјасниме е висок патриотски чин, носи иднина, за државата и за сите граѓани.  Овој Договор го гарантира македонскиот идентитет. Македонски народ, Македонец, Македонка, македонски…Обезбедени-еднаш-засекогаш. Ова се нови, просперитетни времиња за Македонија и за нејзините граѓани. ВМРО-ДПМНЕ прво треба прво да расчисти со криминалот во сопствените редови и да земе учество во процесот кој овозможува граѓаните сами да одлучат за европска, односно европска македонска иднина. ВМРО-ДПМНЕ мора да сврти нова страница, доколку сака да фати чекор со светлата иднина на нашата држава – рече Тунтев.

Тој повторно нагласи дека ќе се организира и референдум за изјаснување на граѓаните.

-Обезбедуваме можност граѓаните на Република Македонија да се изјаснат на референдум за ова многу важно и историско прашање, самите непосредно да одлучат за иднината на сопствената држава. Овој народ заслужува сам да се изјасни за иднината на сопствената држава за својата сопствена иднина и за иднината на своите деца – рече тој.


Коѕиас: Поголемиот дел од јавноста ја поддржува Преспанската спогодба


Атина, 19 јуни, 2018 - 10:53 (META) 

Поголемиот дел од јавноста во Грција ја поддржува Преспанската спогодба, рече денеска грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас за грчката телевизија „Скај“, говорејќи за спогодбата меѓу Македонија и Грција за разрешување на спорот.

– Поголемиот дел сметаат дека го разрешивме спорот со Скопје. Има нови анкети. Претходно преовладуваа тие што се сомневаат дека е тоа, но сега е поголем бројот на оние што нè поддржуваат. Соодносот е 47 проценти наспрема 44 проценти- рече Коѕиас.


Германската влада повика политичките сили во двете земји да ја поддржат спогодбата


Берлин, 18 јуни, 2018 - 16:35 (META) 

Германската Влада ја поздрави спогодбата помеѓу Атина и Скопје и апелира политичките сили од двете земји да ја поддржат. Според портпаролот на германската Влада, Штефан Зајберт, спогодбата дава доза оптимизам, но загриженост предизвикуваат насилствата за време на протестите во Скопје против договорот, пренесува АНА-МПА.

За германската Влада, спогодбата е важен чекор напред за двете земји и затоа не треба да се инсистира на национализам, туку сите политички чинители треба да ја поддржат.

– Спогодбата може да ги тргне пречките за прекугранична соработка, раст на трговијата и инфраструктурата, и да придонесе за регионалната стабилност. Убедени сме дека, ако некои кусогледо инсистираат на националистички позиции, тие им штетат на спогодбата и на многу луѓе во регионот што сакаат стабилност и економски просперитет. Премиерите на двете држави го направија можен овој важен компромис, што може да стави крај на проблемот кој траеше со децении. Германската Влада ги повикува сите партии и политички сили во двете земји да го поддржат овој договор – порача Зајберт.


Обвинителството почнува со расветлување на вчерашните немири пред Собранието


Скопје, 18 јуни, 2018 - 14:10 (META) 

Основното јавно обвинителство – Скопје соопшти дека по работниот состанок со претставници од МВР, кој се одржал утрово, почнува со расветлување на вчерашните немири пред Собранието. Според обвинителството, уапсени биле 26 лица, од кои пет малолетници. Децата по утврдување на идентитетот и возраста, согласно Законот за правда на децата, се пуштени на слобода.

Повредени биле десетмина полицајци, од кои еден задобил тешки повреди, а, како што велат од обвинителството, повреди задобиле седуммина граѓани.

Обвинителите на МВР им дале насоки за доставување докази за сите уапсени лица, вклучително и малолетниците, и биле побарани снимки од безбедносните камери. Тој материјал заедно со другите обезбедени докази, ќе се користи за утврдување на вината на уапсените, како и за утврдување на идентитетот на други лица кои учествувале во настанот и можеби сториле кривични дела.

Основното јавно обвинителство – Скопје, исто така, во врска со заканувачките пораки и слики на социјалните мрежи, побарало од МВР да ги евидентира заканите кон функционерите и да обезбеди релевантни докази.