!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Препродавачите на билети за Супер купот се спогодиле со ОЈО да платат казни по 500 евра


Скопје, 9 август, 2017 - 18:01 (META) 

Петмината препродавачи на билети за Супер купот, за кои МВР поднесе кривични пријави, денеска се спогодиле со Основното јавно обвинителство Скопје, да платат парични казни во висина од 500 евра, информираат од таму.

„Еден од осомничените е државјанин на Република Србија, двајца се државјани на Велика Британија, додека двајца имаат двојно државјанство и на Република Македонија и на САД. Со сите нив, надлежните обвинители постигнаа спогодби за одмерување на видот и на висината на кривичната санкција, со кои секое од лицата прифати да плати парична казна во висина од 500 евра. Дополнително, за лицата кои немаат македонско државјанство е предвидена и мерка протерување од земјата за време од една година“, се вели во соопштението на ОЈО.

Предлог-спогодбите со осомничените се доставени до судија на претходна постапка.

„Лицата беа осомничени дека го извршиле делото санкционирано со последните измени на Кривичниот законик, а со кои се санкционира нелегално препродавање билети за спортски натпревари. Согласно законот, за ова кривично дело е предвидена парична казна или казна затвор до една година“, се додава во соопштението.


Случајот „Маѓар телеком“ финишира во САД, кај нас заглавен во обвинителствата и во судовите


Скопје, 25 април, 2017 - 11:41 (META) 

Во Македонија во моментов се водат две постапки за „Маѓар телеком“, кои, иако се почнати поодамна, намерно или не, никако да мрднат од мртва точка.

Вчера поранешните директори на „Маѓар телеком“, Елег Штрауб и Андрас Балог, кои беа обвинети за водење тајни договори со премиер и со други лица од Македонија за да ја спречат конкуренцијата на телекомуникацискиот пазар, се спогодиле да платат парични казни, од 250.000, односно 150.000 долари, соопшти Американската комисија за хартии од вредност.

Исходот за „Маѓар телеком“ во САД доаѓа во време на тешка политичка криза во Македонија и блокада на институциите. Истовремено, СЈО прави обиди да изврши увид во компјутерскиот систем на „Телеком“, во рамките на истрагата за случајот „Таргет“, кој треба да утврди кој го вршел незаконското прислушување во земјава.

Исто така, вчера, обвинители на СЈО одржаа „работна средба на повисоко ниво“ со претставници на „Македонски телеком“, во врска со истрагата за масовното прислушување.

За давањето поткуп на високи државни функционери, Јавното обвинителство кон средината на 2015 година отвори истрага по допрен глас, откако јавно беше објавено сведочењето на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Слободан Богоевски, пред Окружниот суд во Њујорк, во кое тој тврди дека поранешните директори на „Маѓар телеком“ дале 2,5 милиони евра поткуп на тогашниот премиер Владо Бучковски и на претставниците на ДУИ, Али Ахмети и Муса Џафери, за да не влезе друг телекомуникациски оператор во Македонија.

Кон крајот на септември 2015 година, Богоевски беше повикан и четири часа даваше исказ во Јавното обвинителство.

Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, во февруари минатата година побара да го преземе ово случај од Јавното обвинителство на Марко Зврлевски, кое одби да го даде предметот и топката ја префрли во Советот на јавни обвинители, тој да одлучува дали предметот ќе му биде даден на СЈО или не. Оттогаш, нема никаква разврска околу преземањето на предметот и покрај инсистирањето на СЈО.

Во Македонија се води и случај против поранешните директори на „Телеком“, Атила Сендреи, Ролф Плат и Золтан Кишјакус, кои се товарат дека склучувале фиктивни договори за консултантски услуги со кипарската консултантска куќа „Чаптекс холдингс лимитид“ и на тој начин го оштетиле „Македонски телеком“ за речиси 4 милиони евра, а буџетот на државата за околу 2 милиони евра, бидејќи Владата во „Телеком“ во тој период поседуваше 47 отсто од акциите.

Истрагата за овој случај почна во 2008 година, а три години подоцна, односно во 2011 година беше поднесено обвинение. Но, судењето за овој случај и по шест години никако да почне, а рочиштата постојано се одложуваат. Обвинетите досега ниту еднаш не се појавија пред македонските судови, иако против нив беше распишана и меѓународна потерница, а им беше одредена и мерка притвор.


Иванов – Иваниќ: Македонија и БИХ треба да ја интензивираат економската соработка


Скопје, 20 април, 2017 - 13:56 (META) 

Политичките односи меѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина (БИХ) се одлични, но недостига поинтензивна економска соработка, на која мора да се работи во следниот период. Ова е задничката оценка на претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, и на претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, Младен Иваниќ, на денешниот бизнис-форум што се одржа во Скопје.

Иванов и Иваниќ посочија дека постои солидна основа за интензивирање на економската сораборка и изразија подготвеност за создавање правна рамка за зголемување на трговската размена меѓу двете држави.

Македонскиот претседател посочи дека статистичките податоци, кои покажуваат дека БИХ е дури 20-ти трговски партнер на Македонија, а трговската размена во 2016 година изнесувала 155,7 милиони долари, не соодветствуваат со високото ниво на политички, културни и општествени односи што постојат меѓу двете држави.

Во насока на продлабочување на економската соработка, Иваниќ изрази надеж дека наскоро ќе се овозможи патување од едната во другата држава со лична карта, отворање директна авионска линија меѓу Скопје и Сараево и заеднички настап на трети пазари на македонските и на компаниите од Босна и Херцеговина.

Во следниот период се очекува двете држави да потпишат договор за економска соработка и договор за соработка меѓу стопанските комори.

Во присуство на претседателот Иванов и на председавачот Иваниќ, денеска е потпишана и спогодба за соработка помеѓу Владата на Република Македонија и Советот на министрите на Босна и Херцеговина во процесот на пристапување во Европската Унија.


Поднесено обвинение против криминална група за шверц на 100 килограми марихуана


Скопје, 8 март, 2017 - 16:03 (META) 

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднело обвинителен акт против три лица – членови на криминална група, кои се товарат за шверц на 100 килограми марихуана.

Како што соопштуваат од обвинителството, станува збор за четиричлена група, која организирала шверц на 100 килограми марихуана од Албанија во земјава. Дрогата, според обвнителството, била наменета за нарко-пазарот во Турција, до каде требало да биде илегално пренесена.

Во текот на постапката еден од обвинетите постигнал спогодба со надлежниот јавен обвинител и е осуден на затворска казна од четири години и два месеци, стои во соопштението на обвинителството.


Прилепчанец осуден на шест години затвор за силување, по спогодба со обвинителството


Прилеп, 14 октомври, 2016 - 11:45 (META) 

Основното јавно обвинителство Прилеп склучило спогодба со А.Ќ., обвинет за сексуална злоупотреба на немоќно лице, да му биде изречена затворска казна од шест години, соопштија денеска од јавното обвинителство.

Оттаму информираат дека судија на претходна постапка ја прифатил спогодбата и донел пресуда со која на обвинетиот му ја изрекол предложената затворска казна. Според пресудата, осудениот прилепчанец останува во притвор до почетокот на издржување на казната.

„Настанот за кој е изречена пресудата врз основа на спогодба се случи во јули годинава, кога осудениот, злоупотребувајќи го заостанатиот душевен развој на оштетената, извршил обљуба. Тој со неговото возило ја следел оштетената, која се движела пеш, и ѝ понудил да влезе во неговото возило. Откако бил одбиен, обвинетиот насилно ја внел во возилото, ја однел надвор од градот и го сторил кривичното дело. По настанот на сега осуденото лице му беше определена мерка притвор“, стои во соопштението од обвинителството.


Кучи на конференција за економска соработка меѓу земјите што немаат излез на море


Женева, 23 јуни, 2016 - 13:57 (META) 

Министерот за економија, Дритон Кучи, денеска и утре престојува во Женева, каде учествува на Петтата седница на министрите за трговија на земјите во развој без излез на море.

Настанот се организира по повод новата Спогодба за олеснување на трговијата на Светска трговска организација (СТО), а меѓународните организации ќе понудат концепт на соработка со овие земји.

– Како континентална земја со отворена пазарна економија, Македонија е многу ранлива на ефикасноста на движење на стоките преку граници, поради што земјата се фокусира на развој на концепт за олеснување на трговијата, олеснување на царинските формалности и документи, кои претставуваат пречка во трговијата, едношалтерски систем, издавање лиценци и дозволи, системот за електронско плаќање и влијанието на трговијата следено од бизнис-секторот – истакнал Кучи на конференцијата.

Учеството на земјите без излез на море во регионалниот и во глобалниот синџир на набавки, кој треба да биде двигател за намалување на трошоците во трговијата, и влијанието на новата Спогодба за олеснување на трговијата беа дел од темите на кои се задржа министерот во своето обраќање.


Македонија и БиХ потпишаа Спогодба за колокација на ДКП


Драч, 30 март, 2016 - 20:52 (META) 

Шефовите на дипломатиите на Македонија и на Босна и Херцеговина денеска во Драч, потпишаа Спогодба за колокација на дипломатско-конзуларните претставништва.

– Овој чин претставува потврда повеќе на заемните заложби за реализација на конкретни проекти за збогатување на билатералните односи согласно позитивните искуства од слични примери со земјите од регионот – велат од македонското МНР.

Спогодбата ја потпишаа на маргините на Состанокот на министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан.


Обвинетите во „Ќелија“ што ја признаа вината, осудени на вкупно 32 години затвор


Скопје, 25 март, 2016 - 13:11 (META) 

Шестмина обвинети во случајот „Ќелија“ се осудени на вкупно 32 години и 6 месеци затвор, откако ја признаа вината за кривичното дело учество во странска војска, полиција, паравоена или параполициска формација, соопшти денеска Основниот суд Скопје 1.

„Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција до Советот за оценка на обвинителен акт при Основниот суд Скопје 1, достави предлог-спогодби за шест лица опфатени со обвинителниот акт за случајот познат како „Ќелија“, осомничени за кривичното дело учество во странска војска, полиција, паравоена или параполициска формација од член 322-а од Кривичниот закон. Откако на седницата одржана на 11 март 2016 година осомничените со наведениот обвинителен акт изразија подготвеност да ја признаат вината и да се спогодат со Обвинителството и побараа дополнително време за да ги разгледаат доказите во предметот, што им беше овозможено од Советот за оценка на обвинителен акт, до судот, денеска, беа доставени предлог-спогодбите меѓу обвинителот и осомничените, за кои на јавна седница на советот осомничените се произнесоа дека доброволно, свесни за правните последици и неприсилени од никого, ги признаваат делата што им се ставаат на товар, за што судот донесе пресуда врз основа на предлог-спогодбата“, стои во соопштението на судот.

Највисока казна од седум години затвор судот му одреди на оџата Реџеп Мемиши. Еден од обвинетите што ја признаа вината, доби пет и пол години затвор, додека другите четворица добија затворски казни од пет години секој.

Советот за оцена на обвинителниот акт на судот денеска расправа за обвинението и за приговорите на адвокатите на другите петмина обвинети што не ја признаваат вината за истото кривично дело, односно дека индоктринирале и регрутирале македонски државјани за учество во борбите во воените жаришта на Блискиот Исток.

Акцијата „Ќелија“ беше спроведена од Министерството за внатрешни работи во август минатата година.


Продолжува јавната седница за оценување на обвинителниот акт за случајот „Ќелија“


Скопје, 25 март, 2016 - 10:48 (META) 

Денеска во Кривичниот суд во Скопје продолжува јавната седница за оценување на обвинителниот акт за случајот „Ќелија“.

На првата јавна седница, шест од вкупно 11 осомничени рекоа дека се чувствуваат виновни и побараа во спогодба со јавниот обвинител да им биде определена казната.

Судот му даде рок од две недели на Обвинителството за гонење на организиран криминал да постигне спогодба за признавање на вината со осомничените.

Лицата се обвинети по три основи: за регрутирање лица во странски војски или паравоени формации, за собирање финансиски средства и материјална помош за поддршка на лицата што ќе се приклучат во странска војска или паравоена формација, обезбедување на нивното патување, обука и учество во странската војска и за учество во странска војска.


Шестмина обвинети во случајот „Ќелија“ ја признаа вината


Скопје, 11 март, 2016 - 12:53 (META) 

На денешната јавна седница за оцена на обвинителниот акт за случајот „Ќелија“, шестмина од вкупно 11 обвинети кои се товарат дека врбувале и индоктринирале македонски државјани за учество во паравоените структури на Исламска држава, ја признаа вината.

Првоосомничениот, оџата Реџеп Мемиши, потоа Фазли Суља, Мухамед Шеху, Сејфула Едемовски, Ахмет Дарлишта и Ресуљ Саити, како што пренесува „Академик.мк“, се изјасниле дека се чуствуваат виновни и бараат во спогодна со Обвинителството да им биде определена казната.

Судот ги упатил обвинетите во рок од 15 дена да постигнат спогодба со Обвинителството за организиран криминал и за корупција.

Другите петмина обвинети, пред Судскиот совет за оцена на обвинителниот акт рекоа дека не се чуствуваат виновни, меѓу нив и Стефан Стефановски, кој посочил дека тој е медицинско лице и дека во текот на своето образование бил учен дека секому треба да му се помогне без разлика на неговата верска и национална определба.

Според обвинителниот акт, 11 осомничени се товарат за кривичното дело учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации, според членот 322а од Кривичниот закон.

Акцијата „Ќелија“ беше спроведена од Министерството за внатрешни работи во август минатата година.