Oсомничен со големо досие фрлил бомба кон полицајците, па бил убиен


Тетово, 4 јуни, 2018 - 13:29 (META) 

При полициска акција за апсење, утрово во тетовското село Ларце бил убиен Ј.Р. (38) од селото Ларце. Тој пред да биде застрелан фрлил бомба кон полициските специјалци, соопшти МВР.

Според полицијата, против сега убиениот во периодот од 2000 до 2016 година биле поднесени шест кривични пријави за вкупно 16 тешки форми на кривични дела. Бил пријавен за убиство и убиство во обид, за киднапирање, за недозволено држење на оружје или распрскувачки материи и за тешки кражби и нанесување телесни повреди.

Пред денешната акција имало четири обиди да биде уапсен, меѓутоа тој пружал отпор и тие акции биле безуспешни.

Акцијата почнала утрово во неговата куќа, при што при апсењето фрлил рачна бомба кон полицајците а потоа се дал во бегство, облечен во панцирен елек, вооружен со автоматска пушка со три рамки со куршуми за автоматска пушка, со карабин, како и пиштол марка ТТ 7.62 со рамка куршуми и четири рачни бомби.

Полицајците тргнале по него и при повторниот обид да биде уапсен на 200 метри од неговата куќа, почнал да пука и повторно се обидел да фрли рачна бомба, но бил застрелан.


Специјалците во Ротердам имале дозвола да пукаат во турскиот конзулат


Ротердам, 14 март, 2017 - 15:20 (META) 

Градоначалникот на Ротердам, Ахмед Абуталеб, соопшти дека специјалните сили кои во саботата вечерта ги испрати во турскиот конзулат во градот, каде се наоѓаше турската министерка за семејни прашања, Фатма Бетул Сајан Каја, имале дозвола да отворат оган доколку тоа било потребно.

Градоначалникот на овој холандски град синоќа за холандска телевизија рече дека пратил специјална единица за вооружена интервенција во турскиот конзулат, во страв дека 12 членови на обезбедувањето на турската министерка, кое од Германија ја придружуваше во Ротердам, можеби се вооружени.

– Беше важно да бидеме сигурни, во случај да дојде до судир, да бидеме надмоќни – рече Абуталеб, додавајќи дека холандската специјална единица имала „дозвола да отвори оган“.

Турската министерка на крајот е испратена од Холандија во неделата, во раните утрински часови.

Претходно, холандската влада забрани слетување на авионот на шефот на турската дипломатија во Ротердам, каде двајцата турските министри требало да се обратат на собири на Турци кои живеат во земјата, за да ги повикаат на априлскиот турски референдум да гласаат за проширување на овластувањата на претседателот на Турција.

Холандскиот премиер Марк Руте денеска, на последниот ден од кампањата во пресрет на холандските избори, кои падна во сенка на новонастанатата дипломатска криза, изјави дека холандските власти работат на ублажување на тензиите со Анкара.


Чавков треба да нареди поголемо полициско обезбедување на протестите


Скопје, 1 март, 2017 - 16:04 (META) 

На денешната прес-конференција на МВР не беше даден конкретен одговор дали на протестот на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ ќе има зголемено полициско обезбедување, по вчерашниот инцидент во кој беше нападната новинарската екипа на порталот „А1он“.

Инаку, според организациската поставеност во МВР, полициското присуство и обезбедувањето протести е под надлежност на Бирото за јавна безбедност (БЈБ). За евентуално ангажирање на специјалните полициски единици во обезбедувњето на протестите, како што тоа беше случај за време на протестите на „Шарената револуција“, минатата година, наредба треба да даде началникот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков.

Ова за „Мета“ го потврдија и извори во МВР.

– МВР претставува една хетерогена институционална структура и сите тие структури имаат потструктури за менаџирање и за дејствување. Јас барав и ќе барам од сите тие потструктури да ги отстваруваат своите надлежности во рамките на јавната и на државната безбедност – изјави министерот Нухиу на денешната прес-конференција.

Како што пренесуваат дел од провладините медиуми, денешниот марш на иницијативата „За заедничка Македонија“ ќе почне на булеварот Илинден, пред зградата на Владата, во 17 часот, од каде, како што е предвидено, учесниците ќе заминат пред седиштето на СДСМ, каде протестот треба да заврши.


Специјалци не дозволуваат цивили со возила да влезат во Стајковци


Скопје, 11 август, 2016 - 10:10 (META) 

Силно полициско и воено обезбедување утрово не дозволува влез на цивилни возила во Стајковци, јавува „Плусинфо“.

Образложението е дека во селото ќе влезе тешка механизација која ќе биде вклучена во расчистување на штетите од поплавите кои создадоа огромни штети во овој регион, во саботата.

Пред влезот на селото има полиција, воена полиција, специјални полициски сили, дури и возила на КФОР.

Новинарските екипи и луѓето кои носат хуманитарна помош може да влезат само пеш во селото.


„Студентски пленум“: СПУКМ со специјалци насилно ги собра кутиите од гласањето


Скопје, 30 јуни, 2016 - 16:47 (META) 

„Студентски пленум“ на својата страница на „Фејсбук“ ги повикува сите студенти и граѓани да одат пред студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“, затоа што, како што пишуваат, членови на СПУКИМ, заедно со припадници на специјалните полициски сили, насилно ги грабнале гласачките кутии од денешните избори.

„Сите пред „Кузман“ студентскиот дом. Пред 20 минути насилно беа украдени четири гласачки кутии и беа донесени во канцелариите на СПУКМ. Во моментов сме тука, внатре се заклучени со неколкуте кутии. Во моментов ние повикавме полиција и ги покануваме медиумите да дојдат пред СПУКМ (кај студентскиот дом Кузман)“, пишува на страницата на пленумот.

Претходно, додека сè уште траеше гласањето на факултетите, „Студентски пленум“ ја оспори регуларноста на изборите за претседател на Студентски парламент.

На гласањето немаше избирачки список, печати на гласачките ливчиња, паравани за тајно гласање, а избирачките кутии беа обложени со бели листови.

Непосредно по завршувањето на гласањето на студентските избори, гласачката кутија од Правниот факултет „Јустинијан Први“ беше насилно однесена со лица за кои Студентскиот пленум обвинува дека немаат никаква поврзаност со УКИМ, по што настанаа турканици.


Заврши полициската акција во Липково и Арачиново – МВР ќе соопшти детали во текот на денот


Скопје, 26 март, 2016 - 9:13 (META) 

Полициската акција која ноќеска се спроведуваше во реонот на Липково и Арачиново завршила. МВР најави дека во текот на денот ќе излезе со официјални информации за акцијата.

Според безбедносни извори, специјалните полициски сили вршеле „проверка на локации и претрес на терен и на напуштени објекти долж граничната линија која е прогласена за кризно подрачје“.

Неофицијално се дознава дека акцијата е поврзана со мигрантите пронајдени во селото Ваксинце, кои неколку дена биле држени како заложници од непозната вооружена група.

На почетокот на акцијата, дел од медиумите јавија дека полицијата го блокирала влезот на Арачиново и Липковско поради вооружена група, блиска до обвинетите за настаните во Диво Насеље од 9 и 10 мај, минатата година, која влегла на македонска територија од Косово. МВР ги демантираше ваквите информации и соопшти дека ситуацијата е под контрола.


Битолскиот затвор, во кој има притвореници од Диво Насеље, под засилено полициско обезбедување


Битола, 20 ноември, 2015 - 13:32 (META) 

Директорот на битолскиот затвор „Црн мост“, Славко Гацовски, и началничката на секторот за односи со јавноста и за протокол на МВР, Наталија Спирова-Кордиќ, за „Мета“ потврдија дека има засилено обезбедување на затворот и дека се зголемени мерките на безбедност со редовни полициски службеници, но не и со специјалци.

Гацовски потврдува дека во „Црн мост“ се дел од терористите од Диво Насеље, но не открива колку и кои се нивните имиња.

Гацовски вели дека не се точни информациите дека им било земено оружјето на стражарите, туку дека тие оружје носат само надвор од сместувачките објекти.

Од МВР за подоцна ни најавија објаснување зошто е зголемено нивото на обезбедувањето на битолскиот затвор.