!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

СЈО ги проверува тендерите во Клиничката болница во Битола


Битола, 19 мај, 2017 - 18:13 (META) 

Обвинители од Специјалното јавно обвинителство (СЈО) вчера влегле во Клиничката болница во Битола, за да приберат подетални информации за дел од тендерите распишани во изминатите години, потврди за „Мета“ директорот на болницата, Василе Најдовски.

– Обвинители на СЈО дојдоа во билницата да приберат документација за дел од тендерите распишани од Министерството за здравство. Ги пречекавме, разменивме телефони и им помогнавме за сè што им треба – вели Најдовски.

Тој ги негира информациите дека управата на болницата неколку часа не ги примала обвинителите и вели дека напротив се било коректно.

-Не е точно дека сме се криеле од обвинителите, се им ставаме на располагање, тие не влегоа само кај нас туку во неколку болница во државата – вели Најдовски.

Од СЈО, повикувајќи се на тајноста на предистражните и на истражните постапки што ги водат, денеска не сакаа да ја потврдат, но ниту ја демантираа информацијата дека нивни обвинители биле во Клиничката болница во Битола.


Денеска треба да почне судењето за обвинението на СЈО против Грујовски


Скопје, 28 ноември, 2016 - 8:30 (META) 

Денеска, во 11.30 часот, во Кривичниот суд во Скопје треба да почне судскиот процес за уништувањето на документација поврзана со опремата од незаконското прислушување, за што Специјалното јавно обвинителство на 15 септември, годинава поднесе обвинение против седум лица.

Првообвинет во случајот е поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујовски, кого СЈО го товари за  фалсификување службена исправа, односно за уништување на документацијата поврзната со двата системи од нелегалното прислушување. Овие системи, како што претходно информираше СЈО во случајот „Тврдина“, исто така биле уништени во текот на минатата година.

Иако обвинението за „Тврдина 2“ беше поднесено на 15 септември, судскиот процес беше закажан дури на 4 ноември бидејќи СЈО бараше изземање на судијката Лидија Петровска, кај која беше распределен предметот. Сепак, претседателот на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, го одби барањето на СЈО за изземање, а неговата одлука ја потврди и Апелацискиот суд.

Судијката Лидија Петровска беше спомената во една од „бомбите“ што лани ги објави СДСМ, во разговор воден меѓу нејзината колешка Софија Лаличиќ и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, во кој се тврди дека Петровска местото го добила со купување подароци од брендот „Сваровски“ за претседателката на Врховниот суд, Лидија Неделкова.

На 21 ноември требаше да почне и судскиот процес за второто обвинение на СЈО, за насилствата во Општина Центар од јуни 2013 година, но судот го одложи рочиштето за 16 декември, на барање на Никола Додевски, адвокат на дел од обвинетите.

На обвинителна клупа за овој случај треба да седнат актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер, Никола Груевски, ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и уште 11 лица.