Итно се потребни специјалисти во прилепската болница


Прилеп, 14 септември, 2018 - 13:31 (META) 

Проблемот кој што со години беше ставан „под тепих“,станува алармантен во прилепската болница. Недостига специјалистички кадар во сите одделенија.

Спроед анализите на новото раководство потребно е да се вработат триесетина специјалисти во сите одделенија со цел работата да тече непречено. Ова затоа што наскоро голем дел од специјалистите ќе заминат во пензија.

„Се надеваме дека поради недостигот од лекари, дел од нив, ќе останат да работат уште некој период и по пензионирањето. Имаме недостиг во речиси сите одделенија: во очно, гинеколошко, хирургија. Наскоро така ќе биде и во ортопедското одделение“, вели директорот на болницата „Борка Талески“, Драги Богојески.

Барањата за нови специјализации се испратени до ресорното Министерство, од каде се чека одговор. Министерот за здравство, Венко Филипче вели дека се преземаат одредени мерки за ублажување на проблемот.

„Одредена бројка е веќе дозволена од Министерството за финансии, како што впрочем во сите здравствени установи во земјата, од јануари досега се примени 2.200 луѓе. Разговаравме и за потребата од специјализации, а после измената на Програмата за специјализации донесена на последната седница на Влада, прилепската болница ќе ги добие потребните специјализации, врз основа на процената какви кадри недостигаат. Со меѓународни финансиски институции, правиме процена кој дел во болниците треба инфраструктурно да се подобри, а разговараме за тоа прилепската болница целосно да се реновира, во смисла на тоа да се замени фасадата и да стане енергетски ефикасна“, изјави Филипче.

Според него, а имајќи го во вид недостигот на специјалистички кадар, се размислува да се најде мотив, да се задржат специјалистите еден период по пензионирањето, како едукатори на новата генерација млади специјалисти.

Во болницата во Прилеп, неодамна пристигна донација со колоноскоп, мобилен рендген апарат за потребите на ортопедија, апарат за анестезија, плазма стерилизатор, а во процедура е набавка на опрема за физикална терапија. Но, многу вработени во болницата забележуваат дека нема кој да работи со новата опрема.

Во прилепската болница се пружа здравствена заштита на граѓаните од Прилеп, Крушево и двете помали рурални општини: Кривогаштани и Долнени.