Младите лекари и студенти предупредуваат: Нѐ демотивираат непотизмот и ниските плати


Скопје, 12 ноември, 2018 - 13:19 (META) 

Лекарите бегаат од земјава не само поради ниските плати, туку и поради демотивирачките услови со кои се соочуваме уште во текот на студиите, велат студентите на Медицинскиот факултет, кои од денеска се дел од Неделата на студенти по медицина, што ја организира Клубот на млади лекари.

– Проблемот е во тоа што не секогаш најдобриот студент ја добива највисоката оценка, а дополнително демотивира тоа што полесно си поминуваат децата на професори, има и партиски врски. Нема простор за нас, колку и да се трудиме – вели Соња Граждани, студентка во шеста година.

Nikola Brzanov hirurg - negovaД-р Никола Брзанов, претседател на Клубот на млади лекари, на отворањето на Неделата на студенти по медицина рече оти загрижува податокот дека 1.200 лекари ја напуштиле државата во период од седум години.

– Клубот на млади лекари ги вклучува младите во креирањето нови здравствено политики. Поентата ни е да сме конструктивен партнер во промените. Се бориме против непотизмот и за праведно општество – рече Брзанов.

Живко Мукаетов, генералниот директор на „Алкалоид“, кој ја поддржа Неделата на студенти по медицина, им порача на студентите дека и во Македонија може да се развиваат.

– Поддржувањето на вакви идеи и настани секогаш е од заеднички интерес. Ние работиме во насока на поддршка, со тоа што  стипендираме студенти на медицина преку фондацијата „Трајче Мукаетов”, како и преку други различни активности. Голем број млади лекари ја напуштаат државата, а за да де спречи тоа, секој треба да придонесе во својот домен. Вие сте новата генерација идни лекари и ние сметаме на вас во секој поглед – рече Мукаетов.

Клубот на млади лекари со поддршка на „Алкалоид“ од денеска до петок организира Недела на студентите по медицина. Нејзината цел е студентите да се запознаат со искуствата на веќе дипломираните лекари.

Сите студенти кои беа на отворањето на настанот во Медицинскиот факултет, денеска добија бесплатни бели мантили.

Како дел од настаните поврзани со проектот, предвидено е утре да има разговори со специјалисти и специјализанти, а задутре ќе има мотивациски говори на успешни лекари.


Итно се потребни специјалисти во прилепската болница


Прилеп, 14 септември, 2018 - 13:31 (META) 

Проблемот кој што со години беше ставан „под тепих“,станува алармантен во прилепската болница. Недостига специјалистички кадар во сите одделенија.

Спроед анализите на новото раководство потребно е да се вработат триесетина специјалисти во сите одделенија со цел работата да тече непречено. Ова затоа што наскоро голем дел од специјалистите ќе заминат во пензија.

„Се надеваме дека поради недостигот од лекари, дел од нив, ќе останат да работат уште некој период и по пензионирањето. Имаме недостиг во речиси сите одделенија: во очно, гинеколошко, хирургија. Наскоро така ќе биде и во ортопедското одделение“, вели директорот на болницата „Борка Талески“, Драги Богојески.

Барањата за нови специјализации се испратени до ресорното Министерство, од каде се чека одговор. Министерот за здравство, Венко Филипче вели дека се преземаат одредени мерки за ублажување на проблемот.

„Одредена бројка е веќе дозволена од Министерството за финансии, како што впрочем во сите здравствени установи во земјата, од јануари досега се примени 2.200 луѓе. Разговаравме и за потребата од специјализации, а после измената на Програмата за специјализации донесена на последната седница на Влада, прилепската болница ќе ги добие потребните специјализации, врз основа на процената какви кадри недостигаат. Со меѓународни финансиски институции, правиме процена кој дел во болниците треба инфраструктурно да се подобри, а разговараме за тоа прилепската болница целосно да се реновира, во смисла на тоа да се замени фасадата и да стане енергетски ефикасна“, изјави Филипче.

Според него, а имајќи го во вид недостигот на специјалистички кадар, се размислува да се најде мотив, да се задржат специјалистите еден период по пензионирањето, како едукатори на новата генерација млади специјалисти.

Во болницата во Прилеп, неодамна пристигна донација со колоноскоп, мобилен рендген апарат за потребите на ортопедија, апарат за анестезија, плазма стерилизатор, а во процедура е набавка на опрема за физикална терапија. Но, многу вработени во болницата забележуваат дека нема кој да работи со новата опрема.

Во прилепската болница се пружа здравствена заштита на граѓаните од Прилеп, Крушево и двете помали рурални општини: Кривогаштани и Долнени.


Приватните специјализанти не добивале пари оти не биле испланирани во буџетот


Скопје, 15 август, 2018 - 16:08 (META) 

Министерството за здравство соопшти дека конечно се обезбедени парите од државата наменети за приватните специјализанти што поминале на конкурсот во јануари годинава. Од таму велат дека тие досега не добивале пари оти не биле предвидени во буџетот.

„Сите приватни специјализанти (92. кандидати) кои се стекнаа со правото да добијат месечен паричен надоместок на последниот конкурс за приватни специјализации не биле искалкулирани во буџетот донесен при крајот на 2017 година. Од тие причини стручните служби работеа подолго време од вообичаеното со цел да обезбедат буџетски средства за сите колеги-специјализанти да добиваат редовен месечен надоместок за нивниот труд и работа“, велат од Министерството.

Но, за да почне исплатата на парите, кои ќе бидат исплатени од периодот од јуни годинава понатаму, ќе се почека да завршат процедури помеѓу Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) и клиниките на кои што се специјализантите.


Специјализантите ќе полагаат пред камери


Скопје, 5 ноември, 2014 - 18:19 (META) 

Специјализантите пред камери ќе го полагаат теоретскиот дел од колоквиумот. Полагањето ќе се емитува директно преку веб-страницата на Министерството за здравство. Ова идеја на министерот Никола Тодоров треба се најде во Законот за здравствена заштита. Според Тодоров, снимањето на испитот и неговото директно емитување е важно за сите специјализанти да имаат иста позиција.

– За да не може да има врски, народски да ви кажам, да не може да му се помогне на овој или на оној, без разлика дали тој е блисок на некој професор, доктор, министер, на некој политичар. На овој начин сите ќе  имаат еднаква позиција во системот – рече Никола Тодоров, министер за здравство.

Измените на законот предвидуваат и воведување клиничка патека за пациентите со малигни заболувања, со која ваквите пациенти ќе добиваат приоритетен статус во давањето здравствени услуги. За нив ќе биде определено максимално време на чекање. Ќе биде воведен и систем за мерење на работата на директорите на здравствените установи, кој ќе покажува колку тие постигнале во однос на планираното.