Владата го раскина договорот за „Казандол“


Скопје, 27 март, 2018 - 16:54 (META) 

На денешната 61. седница, Владата донела одлука за едностран раскин на договорот за рудникот „Казандол“, информираше премиерот Зоран Заев на прес-конференција попладнево.

Тој, напоменувајќи дека Владата е посветена на економскиот раст, но посебно на заштита на здравјето на граѓаните од општините Валандово, Богданци и Дојран, рече дека е донесена одлука еднострано да се раскине договорот за концесија со компанијата „Сардич ДООЕЛ увоз-извоз„ Скопје, бидејќи не е исполнет условот во рок од две години од доделувањето на концесијата да се изгради постројка за експлоатација на катоден бакар со капацитет да експлоатира најмалку 50 проценти.

Договорот е потпишан од претходната влада, на 22 јули 2015 година.

– Тоа е услов во јавниот повик и тендерската документација. Оваа одлука за раскинување ќе влезе во сила наредниот ден од денот на објавување во „Службен весник“ – рече Заев.

Прашан за најавите за тужба и обештетување од 380 милиони евра, односно за финансиската штета за државата, Заев рече дека одлуката е донесена оти не е исполнет специјалниот услов што е ставен во јавниот повик.

– Ако не постоел тој услов, веројатно можеле да се јават и други концесионери. И тој услов е дел од договорот. Прекршувањето на ваквите посебни услови е апсолутно сериозно прекршување на договорот и Македонија, ако не го раскине договорот, може да биде тужена од секој концесионер што можел да ја добие концесијата. Ние ги разгледавме сите аспекти и Владата и Министерството за економија нема како да постапат поинаку – рече Заев.