Од пештерата во Тајланд спасени и последното момче и тренерот


Бангкок, 10 јули, 2018 - 14:20 (META) 

Специјалците „фоки“ од тајландската Воена морнарица предмалку соопштија дека од пештерскиот систем, каде беа заглавени од 23 јуни годинава, се спасени и последното момче и тренерот.

Излегувањето од отворот на пештерите Там Луанг на нуркачите и на момчето, беше поздравено со бурен аплауз и френетични извици. Четиримина нуркачи остануваат внатре во пештерите „за секој случај“, велат од тајландската армија, иако со сигурност се знае дека сите заглавени се спасени, а се водеше евиденција и за нуркачите.

Тие ќе бидат пренесени в болница, каде ќе бидат под лекарска нега и набљудување во следните денови.

Првите четири момчиња беа спасени во неделата, а четири во понеделникот, а другите денеска.

Денеска е третиот ден од спасувачката операција за 12-те момчиња, млади фудбалери, и тренерот кои повеќе од две седмици беа заглавени во пештерата во Тајланд, која беше поплавена, па нуркачи им носеа канистри со кислород и храна и пијалоци. Притоа нуркач загина во петокот, кога му снемало кислород враќајќи се од местото каде што беа момчињата.

Системот пештери и пештерски канали, дел поплавени, при што мора да се нурка, а преку кој се извлекуваат момчињата, е долг четири километри. При секое поединечно спасување во изминативе три дена, двајца нуркачи придружуваа а по едно момче и го носеа неговиот канистер со кислород, а момчињата беа со  нуркачка маска преку целото лице, во која влегува кислородот. Тоа е одбрано како подобра варијанта од класичниот нуркачки респиратор, кој се држи со забите. Познатиот бизнисмен Илон Маск понуди и специјална капсула за спасување, во која момчињата би биле затворени, но беше избрана погоре наведената варијанта.

Момчињата исто така добиле лекови за смирување, за да се спречат напади на паника, при што би можеле да се повредат или да ги повредат нуркачите.

Момчињата на возраст од 11 до 16 години на 23 јуни тргнале на своевидна екскурзија за докажување во пештерскиот систем, по што поради поројните дождови кои поплавија некои од каналите, тие оделе сè подалеку и не можеа да се вратат назад. Животите им зависеа од постојаниот дотур на кислород, храна и пијалоци, што беа многу истоштувачки за нуркачите.


Четири лица загинаа во лавина на западот на Австрија


Виена, 15 март, 2017 - 20:07 (META) 

Четворица скијачи загинаа денеска, кога лавина затрупала група од осум лица, на западот на Австрија, потврди полицијата. Според надлежните, другите четворица преживеале и биле евакуирани со хеликоптер.

По потрагата, спасувачките служби успеале да ги извлечат телата на настраданите скијачи, за кои се верува дека се Швајцарци.

Несреќата се случила во близина на врвот Јохгрибенкоф, на 2.450 метри надморска височина.

По оваа несреќа, бројот на загинати во лавини во Австрија се искачи на 17 лица од почетокот на годината.


Продолжува потрагата по исчезнатите во бродоломот во Индонезија


Џакарта, 21 декември, 2015 - 12:30 (META) 

Спасувачките екипи денеска ја продолжија потрагата по лицата што исчезнаа по потонувањето на траект со 118 лица во Централна Индонезија, јавуваат светските агенции.

Несреќата се случи пред два дена поради лошите временски услови кај островот Сулавези. Тројца патници загинаа, од кои две се деца, а 39 се спасени.

Судбината на 76 лица не се знае, а сè помали се изгледите дека има уште преживеани.

Потрагата беше прекината во текот на ноќта, но утринава е продолжена во подобри временски услови.


Денеска почнува со работа скопскиот Аква-парк


Скопје, 10 јуни, 2015 - 10:06 (META) 

Денеска ќе биде отворен скопскиот Аква-парк.

Билетот ќе чини 300 денари, но ќе има и понуди од семејни пакети за четири лица кои ќе бидат по цена од 1.000 денари. Билетите за деца помали од 13 години се 200 денари, а за оние помали од 4 години влезот е бесплатен. За групните посети со повеќе од 30 лица има попуст од 30 отсто.

Аква-паркот ќе работи секој ден од 10 до 20 часот. За безбедноста на посетителите и годинава ќе се грижат 36 спасувачи од Црвениот крст.

Во рамките на Аква-паркот гостите имаат на располагање три кафулиња и еден ресторан.


Работници два часа висеа на највисоката зграда во САД


Њујорк, 13 ноември, 2014 - 11:18 (META) 

Двајца чистачи на прозорци на новиот Светски трговски центар, речиси два часа виселе откако се скинале сајлите што ја држеле платформата на која стоеле. Во моментот на несреќата, работниците ги чистеле прозорците на 69. кат ,кој е на 400 метри висина на новиот највисок облакодер во САД, кој беше официјално отворен минатата недела во Њујорк, на местото на срушените кули-близначки. Двајцата заглавени работници, Хуан Лизама и Хуан Лопез, се во добра состојба и не претрпеле никакви повреди.
За да ги спасат, пожарникарите исекле дупка во прозорците на новоотворената зграда и ги повлеке внатре двајцата мажи кои виселе хоризонтално. Освен љубопитните случајни минувачи, спасувањето се следело и преку директен пренос на неколку телевизиски канали.