Спасени шестмина загубени скијачи на Попова Шапка


Тетово, 11 февруари, 2018 - 22:21 (META) 

Пронајдени и спасени вечерва околу 21 часот биле шестмина скијачи кои денеска се изгубија на Попова Шапка.

Околу 17. 30 часот  во Полициското одделение Попова Шапка дошол 30-годишниот Ф.Р од тетовското село Лисец. заедно со косовскиот државјанин М.З. и пријавиле дека двајца косовски и четворица македонски државјани околу 14.30 часот со жичница се искачиле на „Церипашина“ и потоа се спуштиле по патеката Јелак. Но, поради густата магла залутале и се изгубиле во непознат шумски предел, некаде два километри северно од месноста „Шипковачки бачила“, над селото Вешала.

Веднаш е организирана потрага по шестмината скијачи и околу 21 часот сите се пронајдени живи и здрави во месноста „Студорек“ , во близина на „Шипковачки бачила“, и со ратрак веќе се спуштаат кон Полициското одделение Попова Шапка.


Двајца Французи се загубиле на Попова Шапка, пронајдени се премрзнати


Тетово, 10 февруари, 2018 - 20:36 (META) 

Двајца француски државјани, волонтери во Центарот за интеркултурен дијалог од Куманово попладнево залутале и се изгубиле на падините на Попова Шапка. Тие се јавиле на пријатели на кои можеле само да им кажат дека се наоѓаат покрај некоја карпа, по што околу 15 часот случајот бил пријавен во СВР Тетово.

Во потрага по загубените излетници тргнал полицајци од Полициското одделение Попова Шапка и претставници на Горскоспасителната служба. Среде силното снежно невреме, некаде околу 17.50 часот тие биле најдени премрзнати, по што биле пренесени во Полициското одделение Попова Шапка.


Најмалку 19 мигранти загинале во бродска несреќа во Црното Море


Истанбул, 22 септември, 2017 - 19:49 (META) 

Рибарски брод кој превезувал мигранти денеска потонал во Црното Море во близина на турскиот брег. Во несреќата загинале најмалку 19 лица, а 11 се водат како исчезнати, соопштила турската крајбрежна стража, јавуваат агенциите.

Како што е соопштено, најмалку 40 мигранти биле спасени од бродови на крајбрежната стража и од трговски бродови кои биле во близина.

Од крајбрежната стража сооштиле дека испратиле авион и два брода откако трговски брод пријавил дека има повик за помош.

Засега нема информации од каде потекнуваат мигрантите и каде оделе. Сепак, како што пренесуваат агенциите, мигрантите во последно време сè почесто се убидуваат од Турција преку Црното Море да стигнат во Романија, земја-членка на Европската Унија.


Спасени 100 мигранти на брегот на Кипар


Никозија, 30 март, 2017 - 10:37 (META) 

Околу 100 мигранти, вклучувајќи и десетици деца, се спасени во средата кај брегот на Кипар, во близина на туристичкиот комплекс Пафос, соопштија кипарските власти.

– На рибарскиот чамец имаше 92 лица, од кои 18 жени и 46 деца. Чамецот се насукал на западниот брег на Кипар – соопшти полицијата.

Засега не се знае националноста на мигрантите, додаде полицијата, наведувајќи дека мигрантите се вратени живи и здрави, а дека нивниот чамец потоа потонал.

Локалните медиуми јавуваат дека мигрантите тргнале од Турција и дека платиле по 4.000 долари за да бидат префрлени на Кипар.


Китовите насукани на плажа во Нов Зеланд спасени благодарение на плимата


Велингтон, 12 февруари, 2017 - 12:08 (META) 

Повеќе од 200 китови кои беа насукани на плажа во Нов Зеланд успеале да отпливаат назад во океанот, соопшти денеска новозеландското министерство за заштита на животната средина.

„Вчера попладне на плажата имаше уште 240 китови и се плашевме дека нема да преживеат. Но, тие самите се спасија бидејќи надојде плимата па можеа да отпливаат назад во водата“, изјавил портпаролот на министерството за заштита на животната средина на Нов Зеланд, Херб Кристоферс, пренесуваат агенциите.

Во петокот на плажата во Нов Зеланд се насукаа над 400 китови, а вчера беше забележано насукување на нови 200. Стотици волонтери деноноќно ги полеваа китовите со вода за да ги разладат, чекајќи ја плимата за да може животните повторно да се вратат во морето. Сепак, поголем дел од китовите не успеаја да преживеат.

На плажата Фервел спит беше забележано најголемото насукување на китови во последните неколку децении на Нов Зеланд. Научниците засега не ја знаат причината за оваа појава, но, претпоставуваат дека таа би можела да биде поврзана со конфигурацијата на подводниот релјеф.


Повеќе од 650 китови се насукаа на брегот на Нов Зеланд


Велингтон, 11 февруари, 2017 - 15:28 (META) 

На брегот на Нов Зеланд денеска се насукале уште 240 китови, само неколку часа откако група волонтери успеаја да вратат дел од китовите кои вчера се насукаа на брегот, јавуваат светските агенции.

За два дена повеќе од 650 китови се насукаа на новозеландскиот брег, на околу 5 километри од плажата Фервел спит на јужниот остров.

Околу 335 китовите угинале, 220 се и натаму насукани, а околу 100 се вратени во морето.

Ендру Ламејсон од одделението за заштита на заливот Голден беј изјавил дека се сигурни дека станува збор за нова група на китови, бидејќи оние кои се насукале вчера биле сите обележани.

Тој изјавил дека околу 20 од китовите што денеска се насукале се еутаназирани бидејќи биле во многу лоша состојба.

Вчера на брегот на Нов Зеланд беа најдени насукани 416 китови, а стотина волонтери од целата земја веднаш пристигнаа да помогнат китовите да ги вратат во вода.

Тие успеаја да спасат околу 100 китови, а потоа формираа ланец за да ги спречат да се вратат на брегот.

Секоја година на плажите на Нов Зеланд се насукуваат околу 300 делфини и китови.


Спасени 1.400 мигранти во близина на брегот на Либија


Рим, 29 ноември, 2016 - 12:34 (META) 

Италијанската крајбрежна стража вчера спасила околу 1.400 мигранти во близина на брегот на Либија, кои со гумени чамци и со два помали брода се обиделе да стигнат до европското копно.

Како што соопшти крајбрежната стража, таквата пловидба е опасна во текот на летото, а уште поопасна на студено време, кога морето е немирно и ризикот од хипотермија е поголем.

Мигрантите се спасени на бродови на италијански и на ирски хуманитарни организации.

Италијанските власти соопштија дека годинава во земјата пристигнале рекорден број мигранти и оти преку море пристигнале повеќе од 171.000 лица, што е за околу 1.000 повеќе во споредба со претходните две години, кога беше забележан претходниот рекорд.

Мигрантите во Италија најчесто пристигаат со намера да продолжат кон север, односно кон Германија и кон Шведска.


Спасени 131 мигрант кај западното грчко крајбрежје


Атина, 8 октомври, 2016 - 16:16 (META) 

Околу 130 мигранти се спасени денеска во близина на западното грчко крајбрежје, откако чамците со кои пловеле побарале помош поради лошите временски услови, соопшти крајбрежната стража.

Бродот пристигнал во пристаништето Метони на Пелопонескиот Полуостров со помош на локалната полиција, а сите патници се безбедни.

Не е позната националната припадност на мигрантите, кои тврделе дека сакале да се упатат кон Италија.


Италијанската морнарица спасила 500 мигранти во Средоземно Море


Рим, 5 септември, 2016 - 16:24 (META) 

Италијанската морнарица денеска спасила речиси 500 мигранти недалеку од брегот на Либија, јавуваат светските агенции. Во спасувачката акција биле пронајдени и телата на шестмина мигранти кои испаднале од гумен чамец, кој почнал да се полни со вода.

Два патролни брода и два хеликоптери на италијанската морнарица сè уште трагаат по преживеани и по жртви.

Хеликоптерите кои учествувале во денешната спасувачка оепрација се стационирани на италијанскиот носач на авиони „Гарибалди“, кој е главниот брод во мисијата на Европската Унија против шверцот на мигранти во Средоземно Море.

Според податоците на УНХЦР, до крајот на август годинава, во Италија пристигнале околу 115.000 мигранти.

Бројот на загинати мигранти на патот од Северна Африка кон Италија, според последните податоци, е едно лице на секои 42, додека лани, тој беше еден спрема 52 преживеани.


МВР: Нема пријавено случај за спасени мајка и ќерка во населбата Сингелиќ


Скопје, 11 август, 2016 - 13:46 (META) 

Министерството за внатрешни работи денеска информираше дека кај нив не е пријавен случај за наводно спасени мајка и ќерка, кои четири дена биле заглавени во кал во селото Сингелиќ. Оттаму велат дека Секторот за внатрешни работи Скопје контактирал со сите клиники, болници и Итната помош, но ниту кај една од нив не биле донесени вакви лица, ниту бил пријавен таков случај.

„На 10.08.2016 година на дел од порталите беше објавена информација дека лицето Б.В. пронашол две живи лица (мајка и ќерка) кои четири дена биле заглавени во кал во село Сингелиќ и успеал да ги спаси и да ги пренесе во болница. Социјалните мрежи и порталите известија дека лицата најверојатно се од Република Албанија и дека името на мајката не се знае, односно врз истите се спроведува постапката за идентификација. Во СВР Скопје не е пријавен ваков настан, а од страна на Единицата за информации и команда во СВР Скопје телефонски е стапено во контакт со Градска општа болница „8 Септември“, Градска општа болница „Св. Наум Охридски“, комплекс клиники „Мајка Тереза“ и Брза помош на град Скопје, при што е констатирано дека кај ниту една од градските болници не се донесени ниту пријавени вакви лица“, стои во информацијата од МВР.