„Блиц“: Заев го повикал Чедомир Јовановиќ да му биде советник


Белград, 23 ноември, 2018 - 11:41 (META) 

Премиерот Зоран Заев му понудил на лидерот на опозициската Либерално демократска партија на Србија, Чедомир Јовановиќ функција на советник во својата влада, пишува денеска белградски „Блиц“.

Повикувајќи се на неименувани извори, весникот наведува дека на Јовановиќ му било понудено местото советник за регионални односи и европска интеграција.

„Блиц“ пишува дека лидерот на ЛДП кој негува добри односи во регионот, се уште не одговорил на понудата на Заев. Весникот пишува дека тој на Заев му понудил создавање на регионална коалиција за мир во која покрај Србија и Македонија би влегле и претставници на Босна и Херцеговина и Црна Гора и „која би ја терала европската приказна и договорот на Белград со Албанците“.


Град Скопје сè уште тактизира околу субвенционирањето на печки на пелети


Скопје, 18 октомври, 2018 - 11:51 (META) 

Грејната сезона веќе почна, а Градот Скопје сè уште не го објавил вториот повик за субвенционирањето на купувањето печки на пелети за заинтересираните граѓани. Огласот требаше да биде објавен пред почетокот на сезоната на греењето, како втор годинава, откако на Совет на Град Скопје не помина обидот на градоначалникот Петре Шилегов во ребалансот на градскиот буџет да го „протне“ скратувањето токму во делот на субвенционирање на печките на пелети, со оправдување дека вакви субвенции дава и Министерството за економија, но и некои скопски општини, како Аеродром и Гази Баба.

Субвенциите за печките за пелети се и една од мерките за намалување на загадувањето од листата мерки на еколошките здруженија на кои се обврзаа кандидатите за скопски градоначалник пред локалните избори минатата година.

-На исполнување на 39-те барањата на Коалицијата „О2“ се обврзаа сите кандидати за градоначалник. Дел од овие барања се вклучени во тековни проекти на Секторот за животна средина, кој работи солидно. Но, мојот впечаток е дека борбата против загадениот водух, еднакво како и „посветеноста“ на хуманиот третман на животните, не се ништо друго освен лажни предизборни ветувања на актуелната гарнитура во Град Скопје. Повикот за субвеционирање печки на пелети се уште не е објавен, преговорите со приватните превозници за префрлање на дел од автобусите на гас „се во тек“ и ние и оваа зима во јавниот превоз ќе имаме возила кои се под сите стандарди. Најголема посветеност гледам во исполнување на обврските кон коалициониот партнер ДУИ, но партискиот пазар не го редуцира ниту го елиминира загадувањето – вели Драгана Велковска, советник во Град Скопје од редовите на „Левица“.

Во јуни Шилегов беше критикуван од опозицијата во градскиот Совет поради тоа што, предложи со буџетскиот ребаланс да се скратат средства за субвенционирање на печките на пелети, како и за набавка на електрични автобуси. Субвенциите за печки на пелети, како еколошки поприфатлив енергенс од согорувањето на дрвата, беа за првпат воведени од страна на претходниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски.


Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ во Делчево остана без уште еден советник


Делчево, 9 октомври, 2018 - 16:21 (META) 

Советникот од ГРОМ, Вице Стоиловски, дел од локалната коалиција на ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница на Советот на Општината Делчево, соопшти дека ја напушта коалицијата. Стоиловски поднесе и изјава до претседателот на делчевскиот Совет, Драган Маневски, во која наведува дека во иднина во Советот ќе делува како независен советник.

Стоиловски е втор советник од делчевскиот Совет кој ја напушта опозициската коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Пред два месеци, советникот од ВМРО НП, Николчо Ситновски, исто така, ја напушти коалиција.

Со тоа, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ остана со пет советници во Советот, СДСМ го има мнозинството со осум советници, а двајца се независни.


Советник на Хан: ЕУ да даде зелено светло на Македонија за преговори


Виена, 22 јуни, 2018 - 12:42 (META) 

Земјите членки на ЕУ, а пред се „скептиците и кочничарите“ од Франција, Холандија и делумно од Германија, на Самитот на Унијата следната недела, треба да го признаат постигнатиот напредок со потпишувањето на договорот меѓу Скопје и Атина и да дадат зелено светло за почеток на пристапните преговори со Македонија, смета Франц Шаусбергер, специјален советник на еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан.

Во тест за австрискиот весник „Пресе“, тој вели дека успехот на договорот меѓу Македонија и Грција ќе значи и потврда дека ЕУ може да има улога на посредник во разрешување конфликти и покрај огромните потешкотии во сопствените редови.

„Договорот за името, доколку биде ратификуван, ќе предизвика серија последици. За Македонија ќе бидат отстранети пречките на патот кон почеток на пристапните преговори со ЕУ. Можно е отворање на преговори и со Албанија, иако Тирана прво мора да покаже дека е сериозна во врска со реформата на судството и борбата со корупцијата. Ставањето крај на спорот меѓу Македонија и Грција, може да даде нов импулс и во дијалогот меѓу Белград и Приштина, а ќе има позитивно влијание и на многуте нерешени прашања меѓу народите во Босна и Херцеговина“, вели Шаусбергер.


ВМРО-ДПМНЕ тврди дека Заев вработил и советник со криминално досие


Скопје, 14 мај, 2018 - 15:22 (META) 

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека меѓу 56-те советници на премиерот Зоран Заев е вработено и лице за кое нема докази дека има стручност во областа за која треба да советува, а згора на тоа има криминално досие оти во кафеана пукал во припадник на специјалните сили.

Како што соопшти портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, станува збор за Силвио Аврамовски.

– Човекот е непознат за јавноста, но Заев си го назначил за надворешен соработник за економски прашања и зајакнување на економската соработка со земјите од Кавказ и Блискиот Исток. Во медиумите единствено се појавува како човек кој бил избран за делегат на Конгресот на СДСМ во 2011 година. Врска со Блискиот Исток или Кавказ – никаква. Единствено неговата сопруга, Маја Аврамовска – Трпевска, се јавува како вработена во германска невладина организација која што оперира во градот Тбилиси. Уште позагрижувачка е информацијата која што кружи во јавноста дека Силвио Аврамовски е човек кој што има досие во полиција. Затоа, прашуваме дали пред неговиот ангажман како советник на Зоран Заев, Владата го проверила неговото досие? Дали е точно дека против него се водела постапка затоа што во кафеана пукал во припадник на специјалните единици? – рече Арсовски.

Тој обвини дека власта ја празни државната каса за партиски потреби, а само за советниците на Заев годишно ќе се трошат по половина милион евра само за плати.

– Ветуваа намалување на бројот на министерствата, а ја наполнија владата со неспособни, некомпетентни и сомнителни кадри. Зоран Заев го наполни премиерскиот кабинет дури со 56 советници – 13 посебни советници, 33 надворешни советници и 10 обични советници. Ако како просек се земе нето-платата која ја имаше Заев договорено со командант Хоџа, кој за своето средно образование требаше да добива 600 евра месечно, тоа значи дека годишно граѓаните од својот џеб плаќаат вкупно за сите 56 советници над 540.000 евра за плати и придонеси. Тука не се вклучени тековните трошоци за советниците за патувања и користење на службени бенефиции кои што исто така директно паѓаат на грбот на граѓаните – рече Арсовски.


Шакири: Се повлекувам за да не трпи Македонија на патот кон ЕУ и НАТО


Скопје, 11 мај, 2018 - 13:22 (META) 

Џезаир Шаќири, поранешен командант на ОНА, кој веќе неколку дена се наоѓа во центарот на вниманието на македонската јавност откако стана надворешен соработник на премиерот Зоран Заев за борба против радикализмот, денеска по најавата од Заев, во изјава за државната новинска агенција МИА, потврди дека ја напушта функцијата.

– Причината за тоа лежи во фактот дека медиумите во Македонија кренаа преголема врева за ова назначување. Единствениот политичар во Македонија што ми укажал некаква шанса е премиерот Зоран Заев и тој единствено ја има мојата почит. Не сакам заради ова Македонија да трпи на својот пат за ЕУ и НАТО. Ако мислеа дека ми е до тие пари, се лажат. Еве им ги назад, не ми се потребни – изјави Шакири за МИА.


Заев: Џезаир Шакири-Хоџа се повлекува од местото советник на премиерот


Скопје, 11 мај, 2018 - 12:07 (META) 

Премиерот Зоран Заев денеска во Охрид изјави дека контактирал со Џезаир Шакири, познат како Командант Хоџа кој му кажал дека бара сам да се откаже од советничката позиција во премиерскиот кабинет, јави Телма.

– Шакири ми кажа дека денеска ќе соопшти дека ќе се повлече од позицијата поради реакциите во јавноста. Тој вели дека и него му пречат реакциите и ќе се повлече затоа што си ја сака државата –  Заев.

Во понеделникот владата официјално потврди дека Џезаир Шакири, познат и како командант Хоџа е поставен за надворешен советник на премиерот Заев за областа на внатрешна безбедност и радикализам. Определената плата за него беше 36.000 денари.


Џезаир Шакири – Хоџа ќе го советува Заев за плата од 36.000 денари


Скопје, 7 мај, 2018 - 11:06 (META) 

Поранешниот пратеник во Собранието, Џезаир Шаќири, е времено ангажиран како надворешен соработник од областа на внатрешната безбедност и борба против радикализмот, за потребите на канцеларијата на премиерот Зоран Заев, потврди Владата претпладнево.

По два дена молк Владата потврди дека поранешниот командант на ОНА, е ангажиран да го советува Заев.

Шаќири е времено ангажиран со договор за една година и ќе зема плата од 36.000 денари месечно, се вели во известувањето од Владата.

– Кој ги блокираше албанските партии десет години да ме посетат во Танушевци? Десет месеци тука во Скопје единствените политичари кои ме посетија и искажаа благодарност се Весел Мемеди и Гилимзере Касапи. Зошто би бил јас виновен за тоа што Заев беше помудар од нашите политичари и ме симна од планина за да ми даде барем некаква функција во владата. Кој им пречеше на албанските партии да ме остават 10 години на страна или зошто албанските партии кои беа или се во власта не му го земаа бајракот на Заев и маркетингот не го направија свој – напиша Шаќири на „Фејсбук“.


Притвор од 30 дена за советникот на градоначалникот на Шуто Оризари


Скопје, 1 март, 2018 - 11:19 (META) 

Oсновното јавно обвинителство (OJO) Скопје соопшти дека јавен обвинител донел наредба за спроведување истражна постапка против советникот на градоначалникот на Општина Шуто Оризари поради примање мито и побарал да му се изрече притвор.

Како што објавија медиумите, станува збор за Суад Мемеди. Според ОЈО Скопје осомничениот завчера во простории на општината примил претходно договорена награда во висина од 1.000 евра.

„Имено, тој ги побарал парите за да се донесе решение за утврдување правен статус на бесправно изграден објект“, соопшти обвинителството.

Јавниот обвинител кој работи на случајот до судија на претходна постапка од Основниот суд Скопје 1 Скопје достави предлог за притвор. Барањето е удоволено и судијата изрекол притвор од 30 дена.


Владата ќе го разреши Џејсон Мико од почесен конзул


Скопје, 27 февруари, 2018 - 15:20 (META) 

На предлог на Министерството за надворешни работи, се очекува Владата  да го разреши Џејсон Мико од позицијата почесен конзул на Македонија во Тусон, Аризона, САД, на која беше именуван во 2013 година, дознава БИРН.

Неговиот ангажман за власта на ВМРО-ДПМНЕ вклучуваше консултантски услуги за кои бил платен од  буџетот. БИРН дошла до два договора со кои Министерството за одбрана го ангажира Мико во 2015 и 2016 година за интелектуални услуги во вкупна вредност од  17.875 американски долари.

Пред да биде платен од буџетот, Мико беше и лобист за ВМРО-ДПМНЕ. Според документите заведени на Американската агенција за регистрација за странски соработници – ФАРА, ВМРО-ДПМНЕ за 7.500 долари месечно го ангажирала Џејсон Мико да дава консултантски услуги непосредно пред изборите на 5 јули 2006 година, на кои партијата дојде на власт.

Џејсон Мико во текот на целото време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ пласираше ставови многу сродни со партијата. Во последните десетина години беше посебно активен и на социјалните мрежи.

Со буџетски пари сме го плаќале за да пишува на „Твитер“ против американскиот амбасадор во земјава Џес Бејли, но и за мешање во внатрешните одлуки на администрацијата на САД.

Од доаѓањето на власт на Доналд Трамп, Мико беше посебно критичен кон Бејли. Во еден твит од крајот на ноември минатата година, тој дури го повикуваше да се покае поради „неговата непријателска работа кон Македонија“ за да биде спасен од Господ!

Речиси еден месец подоцна, во декември минатата година, напиша и дека Бејли го саботира спроведувањето на политиките на претседателот на САД, Трамп, поради тоа што има дијаметрално спротивни ставови од неговите.