!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

СДСМ со 21, ВМРО-ДПМНЕ со 17 советници во Град Скопје


Скопје, 18 октомври, 2017 - 10:29 (META) 

Во Советот на Град Скопје, СДСМ ќе има 21 советник, ВМРО-ДПМНЕ – 17, ДУИ доби три советнички места, Беса – две, а Левица и Алијанса на Албанците ќе имаат по еден советник. ДИК вчера пред полноќ ги објави листите на освоени советнички места во Советот на Град Скопје и во советите на општините.

Меѓу другите, во Советот на Град Скопје ќе бидат и Љубица Јанчева, која е втора на листата на СДСМ. Поради Јанчева, опозицијата напаѓаше дека станува збор за сериозен проблем и конфликт на интереси, оти нејзиниот сопруг, Добре Јанчев, е генерален секретар на ДИК. Од имињата попознати за скопјани, советници на СДСМ  ќе бидат и Анжелика Апчевска, како и досегашниот координатор на советничката група на СДСМ, Драги Давчевски, но и двајца Албанци, еден Турчин и еден Ром.

На советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ е генералниот секретар на партијата, Христијан Мицкоски, како и Мухамед Амети, кого градоначалничкиот кандидат Коце Трајановски го промовираше како заменик-градоначалник, ако го освои мандатот. Тука се и поранешниот министер за правда и досегашен советник, Михајло Маневски, актерката Јелена Жугиќ, потоа Ирена Мишева, Владо Поповски, како и претходниот директор на „Службен весник“, младиот Лука Кржалоски.

Меѓу другите 44 советници е и Драгана Велковска од Левица, партијата за која голем број аналитичари не очекуваа дека ќе влезе во Советот на Град Скопје.


Никола Груевски останува без пасош, „бомбите“ отфрлени како докази во три случаи


Скопје, 27 септември, 2017 - 12:00 (META) 

Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1, не го прифатил барањето на Никола Груевски да му биде вратен пасошот, објави судот на својaта веб-страница. Истовремено, прислушуваните разговори се отстранети од доказниот материјал во три случаи, со образложение дека се незаконски прибавени.

Освен Груевски, пасошите си ги бараа и поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков, и неговиот шеф на кабинет, Тони Јакимовски. СЈО бараше притвор за Груевски за случајот „Титаник“, но судот му одреди мерки за претпазливост.

Во одлуката се вели дека обвинетиот Груевски, односно неговите адвокати, кои го поднеле барањето за враќање на пасошот, имаат право на жалба до Апелацискиот суд во рок од три дена.

Истовремено, Советот за оценка на обвинителен акт на Основниот суд Скопје 1 решил да ги издвои „бомбите“ од случајот „Тендери“, по обвинението од СЈО. Советот проценил дека телефонските разговори се доказ прибавен на незаконит начин и со кршење на правата и слободите утврдени со Уставот на Република Македонија. Идентична одлука е донесена и за случаите „Топлик“ и „Тортура“.

Случајот „Тендери“ е за малверзации со тендерот за извршување градежни работи во Музејот на ВМРО, од проектот „Скопје 2014“, „Топлик“ – за елитната населба „Сончев град“, а „Тортура“ се однесува на апсењето на Љубе Бошкоски.

Деталната одлука ќе биде деновиве објавена на веб-страницата на судот, но без податоци за идентитетот на судиите што ги донеле одлуките.


Советот на Општина Битола референдумот за мигрантите го закажа за 15 октомври


Битола, 4 септември, 2017 - 17:47 (META) 

Со 15 гласа „за“ и со 9 „против“, Советот на Општина Битола денеска ја изгласа одлуката за распишување референдум на кој битолчани ќе го искажат својот став околу нацрт-стратегијата за мигранти.

Жестока дебата се отвори за датумот на одржување на референдумот. Опозицијата имаше предлог референдумот да се одржи на 1 октомври, меѓутоа владејачкото мнозинство во битолскиот совет не го прифати предлогот и реферндумот ќе се одржи на 15 октомври, на денот на локалните избори.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, ненајавено се појави во Советот на Општина Битола за време на дебатата за референдумот.

Таа во изјава за медиуми рече дека ВМРО-ДПМНЕ лаже и шири ксенофобија.

– ВМРО-ДПМНЕ лаже, шири ксенофобија и лажни вести. Ниту ќе се населуваат бегалци во Македонија, ниту се градат станови во Македонија. Нека кажат со кој документ владата се обврзала да потроши финансиски средства или направила проектни документи за изградба на станови. Референдум на истиот ден на локалните избори не смее да ни се случува зашто тоа е нарушување на процесот на избор на градоначалник или градоначалничка на Битола – рече Царовска.


Конститутиран Совет за култура, ќе го советува Алаѓозовски


Скопје, 27 јули, 2017 - 12:39 (META) 

Со одлука на министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, вчера во Скопје бил основан Совет за култура, како стручно и советодавно тело на министерот за култура, со членови од редот на истакнати уметници, стручни лица од областа на културата и од јавниот и општествениот живот, по принципот на компетентност и на соодветна и правична застапеност на граѓаните, кои припаѓаат на сите заедници, информираше Министерсство за култура.

Членови на Советот се Ѓунер Исмаил, претседател на Советот, Мирослав Грчев, Петар Арсовски, Маја Бојаџиевска, Владимир Милчин, Рамадан Рамадани, Соња Абаџиева, Решат Амети, Дијана Тоска, Гена Теодосиевска, Бајрам Чупи, Весна Илкова-Гиновска и Селам Сулејмани.

Според Законот за култура, улогата на Советот е да му дава мислења на министерот за култура по прашања од неговата законска надлежност, а се свикува на барање на министерот. Членовите на Советот се избираат за време на мандатот на министерот за култура, со времетраење на мандат од најмногу две години.


Граѓанските организации бараат консултативен совет за реформите


Скопје, 19 јули, 2017 - 12:23 (META) 

Надградена верзија на предлогот на граѓанските организации за итни демократски реформи за следните 6, 9 и 12 месеци, денеска беше презентирана на прес-конференција во име на 73 граѓански организации и експерти. Предлозите за реформи се изработени од страна на 146 учесници на Форумот на граѓански организации на 4 и 5 јули годинава, а се надоврзуваат на основниот документ изработен во 2016 година.

„Овој план има цел да даде поттик, насоки и детални активности неопходни за враќање на демократските стандарди и вредности, како и за постигнување напредок во јавните политики и за враќање на довербата на граѓаните во клучните државни институции. Промената на власта сама по себе беше чекор напред поради тоа што со одржувањето на веродостојни избори се стави крај на длабоката повеќегодишна политичка криза, но тие не се гаранција за системски реформи кои се неопходни за да се надмине состојбата на заробена држава“, се вели во образложението.

Граѓанските организации предлагаат формирање консултативен совет за имплементација на клучните реформски приоритети на владино ниво, со кој ќе претседава претседателот на Владата и кој ќе се состои од претставници на надлежните министерства и на граѓанското општество.

Се бара и назначување на лица за контакт во министерствата и во независните, надзорните и во регулаторните тела кои ќе бидат одговорни за клучните реформски приоритети и кои, исто така, ќе бидат задолжени за соработка со тематските групи на граѓанското општество. Претставниците на иницијативата истакнаа дека во текот на целиот процес Владата треба да ги почитува принципите на транспарентност, одговорност, вклучување и ефективност, а неопходно е и политичките партии во Собранието да покажат вистинска посветеност за спроведување на клучните реформски приоритети. Ваква посветеност, иницијаторите очекуваат и од вонпарламентарните партии, како и од граѓанското општество во целина.

Исто така, посочено е на неопходноста преземените мерки да бидат насочени кон подобрување на социјалната кохезија на граѓаните и на сите етнички заедници. Во оваа насока, според иницијаторите, потребно е да се разгледаат препораките од прегледот на Охридскиот рамковен договор за социјалната кохезија од 2015 година.

„Од клучна важност е граѓанскиот сектор да биде вклучен во процесот на проценка на сегашната ситуација, како и во надзорот и во евалуацијата на напредокот во спроведувањето на клучните реформски приоритети. Потребно е да се обезбеди граѓанско учество и на ниво на извршната, како и на законодавната власт, вклучувајќи ја и соработката со судството и независните, контролните и регулаторните тела“, велат иницијаторите.


Референдумот за рудникот Казандол во Валандово ќе се одржи на 20 август


Валандово, 10 јули, 2017 - 18:45 (META) 

Советниците на општина Валандово денеска на итна седница со осум гласови „за“, одлучија на 20 август да се спроведува референдум на кој жителите од оваа општина ќе се изјаснуваат за продолжување или стопирање на работата на рударскиот комплекс Казандол, но и дали да се отворат или не нови рудници за метални минерални суровини.

На седница повторно не беа присутни најголемиот дел од советниците на ВМРО-ДПМНЕ кои заедно со претседателката на Советот, Јасмина Сечкова, се на ставот дека Советот како институција нема надлежност да расправа за отворање рудници.

Жителите на Гевгелија и на Богданци веќе се изјаснија против отворање рудници, а на 23 јули ќе се изјаснуваат и дојранчани.


Битолските советници од ДС, СПМ и од ПОДЕМ првпат не гласаа исто со ВМРО-ДПМНЕ


Битола, 23 јуни, 2017 - 18:44 (META) 

Тројцата битолски советници од редовите на Демократскиот сојуз (ДС), Социјалистичка партија на Македонија (СПМ) и од ПОДЕМ денеска не гласаа координирано со советниците на ВМРО-ДПМНЕ, со кои се во коалиција.

Советниците Стојан Кулевски, Николче Јанкуловски и Горан Михајловски гласаа воздржано по еден од предлозите на СДСМ, додека нивните коалициски партнери од власта на локално ниво, советниците од ВМРО-ДПМНЕ, беа против.

Советникот на СДСМ, Томе Наумов, побара од Советот да предложи до новата Влада, секоја година да извојува по два милиони евра од државниот буџет за проекти во инфраструктурата во Битола. По ваквиот предлог, претседателката на Советот, Силвана Ангелевска, даде пауза за координација, по која тројцата советници на ДС, СПМ и на ПОДЕМ гласаа поинаку од одлуката на ВМРО-ДПМНЕ. Ова е првпат во последните осум години помалите коалициски партнери во локалната власт во Битола да не гласаат идентично со советниците на ВМРО-ДПМНЕ.

Советникот на ПОДЕМ, Николче Јанкуловски, по гласањето, на новинарско прашање рече дека нема причина нивното издвојување од ставот на ВМРО-ДПМНЕ да се толкува како распаѓање на коалицијата на локално ниво. Сепак, тој не даде одговор зошто се издвоиле од мнозинството во Советот.

– Го делиме истото мислење, ние сме заедно, доследни сме, но што се однесува за гласањето, така мислевме во тој момент – рече Јанкуловски.

Претседателката на битолскиот Совет, Силвана Ангелевска, вели дека нема најави за распаѓање на коалицијата на локално ниво.

– Нема индиции за растурање на коалицијата, а впрочем гласањето против и гласањето воздржано е исто – вели Ангелевска.

Според неа, спорен бил предлогот на СДСМ, Советот да дава препораки до владата да ѝ помага на Битола со пари. Таа смета дека градот има пет пратеници во Собранието, и од власта и од опозицијата, кои можат да лобираат за вложување повеќе државни пари во проекти што ќе го подобрат секојдневието на битолчани.

 


Секој трет тендер со еден понудувач, договорите без оглас тежат 34,8 милиони евра


Скопје, 20 јуни, 2017 - 11:20 (META) 

Речиси секој трет тендер во Македонија е со еден понудувач, покажува извештајот од следењето на јавните набавки спроведени од институциите на централно ниво за периодот јуни – декември 2016 година на Центарот за граѓански комуникации.

Ова, како што стои во соопштението, е последица, пред сè, на малата конкуренција евидентирана во првата половина од 2016 година.

„Во 2016 година се склучени 605 договори за јавна набавка без објавување оглас, во вкупна вредност од 34,8 милиони евра. Вредноста на овие договори е за 20 проценти повисока од 2015 година. Најголемиот договор преку оваа нетранспарентна постапка го има склучено АД „Електрани на Македонија“ за ископ на јаглен и на јаловина за ПЕ Рудници, РЕК Битола, во вредност од околу 5,8 милиони евра“, се вели во соопштението.

Лани дури 23 проценти од тендерите биле целосно или делумно поништени и почесто биле поништувани поголемите, отколку помалите тендери. Во надзорот биле евидентирани низа примери на проблематични поништувања на тендерите.

До Државната комисија за жалби по јавни набавки лани биле доставени само 557 жалби од фирмите.

„Бројот на жалби упатува на исклучително мал процент на обжалени постапки за јавните набавки од страна на фирмите од три проценти. Во 2016 година, договорните органи до Советот за јавни набавки вкупно доставиле 16.067 барања за согласност, што ги чинело вкупно 1,8 милиони евра. Иако била планирана во сите тендери, е-аукцијата е одржана само во 55 проценти од надгледуваните постапки“ се додава во извештајот.


Советот за јавни обвинители го прифати предлогот за разрешување на Зврлевски


Скопје, 13 јуни, 2017 - 13:42 (META) 

Советот на јавни обвинители на денешна седница со мнозинство гласови го прифати предлогот на Владата за разрешување на државниот јавен обвинител, Марко Зврлевски.

– На денешната седница членовите на Советот со мнозинство гласови позитивно се изјаснија по предлогот на Владата за разрешување на јавниот обвинител на Македонија. Ние уште денеска ќе го доставиме мислењето до Владата заедно со краткото образложение како што налага законот – изјави  претседателот на Советот, Петар Аневски.

Тој не сакаше да одговори на прашањето од новинарите, кое е образложението на Советот за прифаќање на предлогот на Владата, и рече дека штом постои предлог, тие мора да се изјаснат по него во рок од 15 дена и дека тоа веќе го направиле.

Прашан за неговата претходна изјава дека Зврлевски е „перфектен“ обвинител, Аневски кажа дека тогаш се изразил во суперлативи, додавајќи дека нема забелешки за работата на Зврлевски и дека е добар обвинител.

Тој додаде дека во обвинителствата има голем број обвинители и дека државниот јавен обвинител „не може беспрекорно да ја следи работата на сите“.

Аневски рече дека Зврлевски писмено се произнел за барањето на Владата за негово разрешување, но дека тоа ќе игра улога доколку Зврлевски изрази желба да се обрати на седницата на Собранието, кога ќе се одлучува за неговото разрешување.

Инаку, со денешната одлука на Советот на јавни обвинители, Владата ја комплетира процедурата за разрешување на Зврлевски и предлогот може да го достави до Собранието, кое треба да закаже седница на која треба да се изгласа разрешување со просто мнозинство од 61 пратеник.


„Спас за Валандово“ најави протести доколку Општината не одговори на барањето за референдум


Валандово, 11 мај, 2017 - 19:17 (META) 

Граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“ најави дека ќе организира протести и блокади на патишта доколку општинските власти продолжат да ја игнорираат иницијативата за одржување референдум во општината против отворањето на рудникот во областа Казандол.

Претседателот на Советот на Општина Валандово, како што соопштија денеска од „Спас за Валандово“, не доставил официјален одговор во законскиот рок од три дена, на предлог-иницијативата за собирање потписи за референдум, со што, според член 76 од Законот за референдуми, смета дека предлогот е неуреден.

„Во исто време закажана е седница на Советот на Општината за утре, во 20.30 часот, на која како точка на дневен ред се наоѓа предлогот на иницијативата „Спас За Валандово“. Ги охрабруваме советниците на утрешната седница да донесат одлука во интерес на граѓаните на Општина Валандово. Нагласуваме дека ако уште еднаш се обидат да ја заобиколат волјата на граѓаните, ќе пристапиме кон радикални чекори со организирање протести, блокади на патишта и други демократски инструменти кои ни се на располагање во моментот“, се вели во соопштението на граѓанската иницијатива.

Граѓанската иницијатива во понеделникот оваа недела, собра и до Советот на Општината достави 256, односно повеќе од потребните 100 потписи на граѓани за поведување иницијатива за распишување референдум за рудникот во Казандол.