Балкански барометар 2018: Регионот врви кон подобро, Македонија полека го следи


Скопје, 6 јули, 2018 - 12:20 (META) 

Задоволството во животот генерално се зголемува во регионот на Балканот, без членките на ЕУ, а загриженостите полека опаѓаат, се вели во најновото издание, за 2018, на Балканскиот барометар на Регионалниот совет за соработка (РСС).

Изданието ги пренесува наодите од повеќе анкети, кои за  РСС се спроведени од ГфК на крајот на минатата година, со над 6.000 граѓани од Балканот и 1.200 компании.

Генералното задоволство од животот се подобрува и сега изнесува 42 отсто, наспроти 35 отсто во 2015 година, што пак значи и пораст на оптимизмот за годините што следуваат. Во Македонија од 1.005 испитаници, 20 отсто рекле дека се целосно незадоволни од својот живот, главно незадоволни се 29 отсто, 34 отсто се изразиле како ниту незадоволни, ниту задоволни, додека 17 отсто рекле дека се главно задоволни од животот, а само 1 отсто се целосно задоволни. Ниту еден од 1.005 испитаници во Македонија не одбил да даде одговор ниту пак немал став.

Кај бизнис секторот на Балканот, 62 отсто позитивно се изразиле за сегашната ситуација и перспективите, што е голем пораст од 2015 година, кога со такво генерално расположение биле 47 отсто од фирмите.

Загриженоста кај населението во регионот во поглед на невработеноста е 61 отсто, за разлика од резултатите минатата година, кога таа биле 66 отсто. Загриженоста за економската ситуација изнесува 46 отсто, за разлика од 48 отсто лани. Следна на листата е корупцијата, кога сега е причина за загриженост кај 29 отсто од испитаниците, за разлика од 32 отсто во 2017 година. Криминалот предизвикува загриженост кај 16 отсто од луѓето, што е еден процент помалку од лани, пораст на загриженоста е забележан во поглед на одливот на мозоци и емиграцијата, што е важно за 12 отсто од испитаниците, и овој индекс пораснал за 2 проценти во однос на 2017 година.

Дури 56 отсто од граѓаните се незадоволни со актуелната состојба на економијата во нивната земја.

Во Македонија, од 1.005 испитаници на прашањето колку сте задоволни од финансиската состојба на Вашето домаќинство, 11 отсто кажале дека е комплетно незадоволни, 23 отсто дека се главно незадоволни, а 37 отсто ниту задоволни, ниту незадоволни. Главно задоволни се 27 отсто од испитаниците, а 3 отсто од нив биле целосно задоволни.

Во поглед на безбедносната ситуација, односно ризиците од криминал, тероризам, неконтролирани миграции и оружени конфликти, во Македонија 14 отсто се целосно незадоволни и загрижени, главно задоволни се 26 отсто, 35 отсто се ниту задоволни, ниту незадоволни, а главно се задоволни 22 отсто. Само два отсто се целосно задоволни.

РСС е меѓувладино оперативно тело на земјите членки на Процесот за соработка во ЈИЕ, чиј основач и полноправен член е и Република Македонија.


РСС: Во Македонија во последните осум години отворени 103.000 нови работни места


Брисел, 5 јули, 2018 - 15:42 (META) 

Западен Балкан се враќа на патеките на порастот, бидејќи во земјите во регионот од 2010 досега се создадени 600.000 работни места,  (од кои дури 103.000 во Македонија!), а во работната сила во регионот се влезени дополнителни половина милион високообразувани луѓе, велат од Регионалниот совет за соработка (РСС).

Во Македонија во последните осум години се отворени 103.000 нови работни места, односно тоа е вториот најдобар резултат во Западен Балкан во оваа категорија.

EBU

Од РСС велат дека во земјава е забележан и импресивен раст на трговијата, односно македонската економија во последните осум години  речиси двојно го зголемила обемот на трговијата – од 6,9 милијарди евра на 12,5 милијарди евра.

Македонија е во врвот на статистиките и по тоа што во истиот период биле нововработени 71.062 висококвалификувани луѓе.

Во истиот период во Западен Балкан трговијата пораснала за дополнителни 33 милијарди евра, а трговскиот дефицит се намалил од 23,1 на 19,7 проценти од БДП. Тоа се должи на одличниот обем на извозот, што сигнализира за зголемена конкурентност на производите и услугите од регионот на меѓународните пазари.

Тоа беше соопштено на денешниот состанок на Управниот одбор на „Стратегијата за Југоисточна Европа 2020“ на РСС.

– Среќен сум што Западен Балкан се врати на патеките на растежот и постигнува добри резултати – вели Горан Свилановиќ, генерален секретар на РСС.