Јагланд: Договорот покажува дека зборувањето за најтешките проблеми, овозможува решенија


Стразбур, 13 јуни, 2018 - 14:14 (META) 

Генералниот секретар на Советот на Европа, Торбјорн Јагланд го поздрави договорот за спорот за името постигнат помеѓу премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас.

– Овој договор доаѓа долго време. Покажува дека зборувањето, слушањето и разбирањето на меѓусебните загрижености ни овозможува да најдеме решенија дури и за најтешките проблеми. Лидерите на двете земји членки поставија пример за соработка и добра волја за нивните земји и за цела Европа – вели Јагланд во пишаната изјава.

Советот на Европа е меѓународна организација основана 1949 година, со мисија за промоција на човековите права, демократијата и владеењето на правото во Европа. Во неа членуваат 47 земји.


Димитров ќе се обрати на Парламентарното собрание на Советот на Европа во Стразбур


Стразбур, 24 април, 2018 - 9:48 (META) 

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска во Стразбур ќе зборува на априлската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа .

За време на посетата на Советот на Европа предвидено е Димитров да има одделни средби со Торбјорн Јагланд, генерален секретар на Советот на Европа, Микеле Николети, претседател на Парламентарното собрание, Гидо Раимонди, претседател на Европскиот суд за човекови права, Дуња Мијатовиќ, комесар за човекови права на Советот на Европа, како и со членови на Парламентарното собрание на Советот на Европа.

Утре, како што најави МНР, средба ќе имаат министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕиас. На средбата ќе присуствува и медијаторот Метју Нимиц.


Мијатовиќ од денеска нова комесарка за човекови права на Советот на Европа


Брисел, 3 април, 2018 - 10:16 (META) 

Поранешната претставничка на ОБСЕ за слобода на медиумите, Дуња Мијатовиќ, од денеска ја презема должноста комесар за човекови права на Советот на Европа и е првата жена која е на таа функција.

Мијатовиќ изјави дека нејзин приоритет ќе биде да се обезбеди примена на постоечки норми и почитување на човековите права и додаде дека за тоа е потребна политичка волја но и ангажирање на целото општество.

„Имам за цел да ја продолжам работата на претходните комесари и да ја одржам способноста на оваа институција, брзо и ефикасно да реагира во заштитата на човековите права. Верувам дека човековите права се универзални и ниту една земја не е надвор од нив“ , изјави Миајтовиќ.

Таа оцени дека најважно е да се постигне повторна афирмација и посветеност на човековите права и да се врати довербата во нивната важност.

Таа беше избрана од Советот на Европа на јануарското заседане и го наследува Нилс Муижниекс, а мандатот и трае шест години.


Заев – Мужниекс: Постои позитивна енергија за движење на државата напред


Скопје, 31 јануари, 2018 - 19:34 (META) 

Во Македонија постои позитивна енергија за движење на државата напред, оценил комесарот за човекови права на Советот на Европа, Нилс Мужниекс, на денешната средба со премиерот Зоран Заев, во Скопје, соопшти владината прес-служба.

На средбата било разговарано за почитувањето на човековите права во земјава, за меѓуетничките односи, за почитувањето на правата на ранливите групи и генерално, на сите граѓани во земјава.

– Го спроведуваме успешно концептот едно општество за сите, што ја има мнозинската поддршка на граѓаните во Република Македонија. Луѓето во Македонија покажаа дека им е доста од национализми и дека она што е од интерес за сите се еднакви права и можности во здравството, образованието, институциите – истакнал Заев на средбата, додавајќи дека успешниот модел на функционирање на Македонија како вистинска мултиетничка држава го обезбедува и патот на земјата кон Европската Унија и кон НАТО.

Комесарот за човекови права на Советот на Европа денеска се сретна и со министерот за надворешни работи, Никола Димитров, со кого разговарал за текот на реформите од планот „3-6-9“, во однос на состојбата со човековите права и слободи во земјава.

„Заеднички беше оценето дека исполнувањето на стандардите на Советот на Европа во поглед на владеењето на правото, демократијата и човековите права е од особено значење за побрзото интегрирање на Република Македонија во европските и евроатлантските институиции“, стои во соопштението за средбата меѓу Димитров и Мужниекс.


Советот на Европа го разгледува можното укинување на санкциите кон Русија


Стразбур, 27 ноември, 2017 - 10:55 (META) 

Советот на Европа ја разгледува можноста за укинување на санкциите кон Русија затоа што се стравува дека официјална Москва би можела да се повлече од организацијата, пишува „Фајненшел тајмс“, повикувајќи се на изјава на генералниот секретар на Советот на Европа, Торбјорн Јагланд.

– Ќе биде многу лошо доколку Русија ја напушти оваа организација, затоа што конвенциите и судот се многу важни за граѓаните на Русија – рече Јагланд и наведе дека повлекувањето на Москва од Советот за Европа би имало негативно влијание врз Европа.

Јагланд негира дека имал средби со руски претставници кои се заканувале дека Русија ќе се повлече од организацијата. Тој наведува дека одбивањето на Москва да го плати придонесот во буџетот на Советот на Европа може да доведе до тоа Русија доброволно да ја напушти организацијата или на иницијатива на други земји.

Генералниот секретар на Советот на Европа нагласил дека организацијата нема да ги доведе во прашање своите ставови и да ја признае „анексијата“ на Крим, но дека е неопходно трезвено да се проценат овластувањата на организацијата која ги штити правата на луѓето, вклучувајќи ги и на тие што живеат во Русија и на Крим.

Советот на ЕУ на 28 јуни повторно ги продолжи за шест месеци рестриктивните економски мерки против Русија.


Турција ќе дава помалку пари во буџетот на Советот на Европа


Брисел, 9 ноември, 2017 - 9:30 (META) 

Турција одлучи да ги намали средствата кои ги донира во буџетот на Советот на Европа, соопшти генералниот секретар на организацијата, Торбјорн Јагланд.

– Добивме писмо од министерот за надворешни работи Мевлут Чавушоглу во кое не информира дека Турција повеќе не сака да биде голем финансиер. Турција сака повторно да дава редовен приход, но таа треба да ни прецизира кога одлуката ќе биде применета – рече Јагланд, додавајќи дека не му се познати мотивите на Анкара.

Турција ја следи Русија, која во јуни престана да дава придонес во буџетот на Советот на Европа, протестирајќи против критиките на оваа паневропска институција која е задолжена за мониторинг на заштитата на човековите права во 47 земји членки.


Заев – Гњатовскиј: Состојбите во затворите ќе се променат, според препораките на ЕУ


Скопје, 16 октомври, 2017 - 11:09 (META) 

Поради односот на претходната влада, во врска со условите во македонските затвори и односот на полицијата, Македонија во март годинава била соочена со можноста да добие т.н. јавна изјава, која на препорака на Комитетот за превенција од тортура ја испорачува Советот на Европа на земјите што континуирано одбиваат да ги имплеменираат препораките на ова тело, со што се ставаат во редот на земјите што не ги почитуваат човековите права.

Ова на средба со премиерот Зоран Заев го истакнал претседателот на Комитетот со седиште во Стразбур, Микола Гњатовскиј.

„Гледаме дека имате јасна претстава што ви претстои и што треба да се направи. За нас во комитетот во Стразбур е многу важно да воспоставиме и да го одржуваме отворениот дијалог и соработка за овие прашања, особено поради искуството со претходната владина гарнитура, која не исполни ниту едно од ветувањата и не имплементираше ништо од нашите препораки кои произлегоа од загрижувачките услови во затворските институции, како и во постапките на полицијата“, рекол Гњатовскиј, стои во владиното соопштение за средбата.

Заев, заедно со министрите за внатрешни работи и за правда, Оливер Спасовски и Билен Саљији, како и со заменик-министерот за правда, Оливер Ристовски, и со директорот на Управата за извршување санкции, Јовица Стојановиќ, ги запознал претставниците на Комитетот за превенција со сите активности што ги презеде новата влада за реформи во сите одделни сегменти на системот за спроведување истраги, на мерката притвор, како и на судските процеси и во делот на извршување на затворските санкции, во кои досега се констатирани забелешки за тортура.

Премиерот ги информирал членовите на Комитетот дека неговата неодамнешна посета на најголемата казнено-поправна установа во земјата, затворот „Идризово“, била поттикната од „желбата лично и на самото место да се запознае со сите сериозни забелешки за условите и за третманот на затворениците што ги констатираа и на кои предупредуваат со години наназад домашните и меѓународните организации“.

– Ние ќе ги промениме овие состојби и ќе ги спроведеме препораките на Комитетот. Со тоа ќе им дадеме причина на делегатите во Советот на Европа дека Република Македонија не заслужува таква слика за неа. Нам ни се исклучително важни стандардите на Советот на Европа во однос на човековите права и оваа Влада нема да направи ништо за да ги наруши. Но, нам исто толку ни се важни овие реформи заради нас, заради нашите граѓани“, истакнал Заев на средбата со Гњатовскиј.


Притворениот турски судија Мурат Арслан, добитник на наградата „Вацлав Хавел“


Стразбур, 11 октомври, 2017 - 16:42 (META) 

Поранешниот турски судија и поборник за независност на судството во Турција, Мурат Арслан, кој се наоѓа во притвор уште од минатата година, е добитник на наградата за човекови права „Вацлав Хавел“, што ја доделува Парламентарното собрание на Советот на Европа на предлог на Меѓународното здружение на судии, пренесува ХРТ.

Петтата награда „Вацлав Хавел“ за промовирање на човековите права е доделена во понедленикот оваа недела, на свечена церемонија во Палатата на Европа во Стразбур, на првиот ден од заседанието на Парламентарното собрание на Советот на Европа.

Мурат Арслан е поранешен судија и известител на Уставниот суд на Турција, претседател на сега забранетото здружение на судии и на јавни обвинители на Турција и голем поборник за независност на турското правосудство, кој се наоѓа во притвор од 2016 година, кога десетици илјади лица во земјата беа задржани во притвор по неуспешниот обид за воен удар.

Тој е награден за храбрата борба за судска независност во својата земја.

Наградата се доделува од 2013 година во спомен на Вацлав Хавел – писател, противник на тоталитаризмот, иницијатор на Кадифената револуција, претседател на Чехословачка и прв претседател на Чешката Република.


Бугарија и Романија добија пристап до информацискиот систем на Шенген


Варна, 4 октомври, 2017 - 14:49 (META) 

Европскиот парламент го поддржа предлогот на Советот на ЕУ, на Бугарија и на Романија да им се овозможи делумен пристап до базата на податоци за визите од информацискиот систем за шенгенскиот режим, јавија бугарските медиуми. Кога ќе биде изгласана од Советот на ЕУ, одлуката ќе им дозволи на двете држави да проверуваат информации во визниот систем, без да можат да внесуваат, менуваат или да бришат податоци.

Решението на Европскиот парламент е формално и е условено од потребата за постојани проверки на надворешните граници на ЕУ на сите лица и возила и не е тесно сврзано со влегувањето на Бугарија и на Романија во шенгенскиот безвизен режим.

Но, бугарскиот и романскиот премиер, Бојко Борисов и Михај Тудосе, вчера по конференцијата на премиерите на балканските земји во поранешната летна царска резиденција, дворецот Евксиноград во бугарскиот град Варна, рекоа дека нема формални пречки за влегување на двете земји во шенгенскиот систем и сметаат дека тоа треба да се случи најдоцна за една година.

Тудосе смета дека Бугарија и Романија се судбински одредени да чекорат заедно и на патот кон шенгенскиот безвизен режим. Според него, прашањето е политичко и според општото мислење на европските партнери, нема формални преки за вклучувањето во шенген-зоната.

Борисов напоменува дека Бугарија се наоѓа на едно од најкритичните места на патот на мигрантите кон Централна Европа, но дека благодарение на заедничките напори со  Романија, е постигната „нулта миграција“.

– Повеќето од нашите европски партнери се категорични дека во однос на заштитата на надворешните граници на ЕУ, Бугарија и Романија се справувааат многу подобро отколку ред други земји од шенген-зоната – смета бугарскиот премиер.


Надворешна наместо внатрешна контрола на работата на полицијата


Скопје, 28 јуни, 2017 - 16:36 (META) 

Контролата на професионалното и законито работење на полицијата, според најавените реформи во Министерството за внатрешни работи, ќе се врши преку надворешен механизам, наместо преку досегашниот Сектор за внатрешна контрола.

Ова, меѓу другото, го истакнал министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на денешната средба со делегацијата на Советот на Европа, предводена од Тања Ракушиќ-Хаџиќ, раководителка на одделението за кривично-правна соработка на генералниот директор за човекови права и владеење на правото при Советот на Европа.

Според Спасовски, одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди на МВР не ја исполнил својата функција поради партизираноста, што довело до губење на довербата во полицијата.

„Министерот Спасовски нагласи дека формирањето на надворешен механизам за контрола – како дел од проектот (на Советот на Европа за јакнење на почитувањето на човековите права при полициско постапување) е одлично решение, особено во правец на формирање на посебно одделение во Јавното обвинителство, како и одделение при Народниот правобранител со вклученост на невладините организации“, стои во соопштението на МВР за средбата.

Спасовски додал дека правната рамка, односно законите за овие решенија треба да бидат дефинирани кон средината на јули, а до септември треба да се достават до Собранието на Република Македонија.

Ракушиќ-Хаџиќ на средбата изразила надеж дека проектот на Советот на Европа ќе помогне во враќањето на довербата на граѓаните во полицијата.