АЕК и ААВМУ за јавноста сè уште се главно „политички“ тела


Скопје, 4 април, 2018 - 14:26 (META) 

Мал е процентот граѓани кои знаат што претставуваат двата регулатора во сферата на медиумите и на електронските комуникации и кои се нивните надлежности. Ова е заклучокот на презентацијата на завршниот мониторинг извештај за работата на АВМУ и АЕК.

Во изминатите 18 месеци, „Евротинк“ во соработка со „НВО Инфоцентар“, „Транспарентност Македонија“ и Хелсиншкиот комитет за човекови права ја следеше работата на двете агенции нивната транспарентност и перцепцијата за нив во пошироката јавност. На завршниот мониторинг извештај презентиран денеска му предходеа 5 квартални извештаи кои се јавно достапни.

Општата препорака од претставниците на организациите што го работеле извештајот е двата регулатора повеќе да се ангажираат за информирање на јавноста за нивните надлежности и за помошта што може да им ја пружат. Притоа, како што кажа комуникологот Сеад Џигал, во ова дигитално време тоа не треба да се прави само еднонасочно, туку двете агенции да бидат подготвени и за двонасочна комуникација.

Иако на почетокот на проектот, финансиран од амбасадата на Велика Британија, постоела одредена недоверба во поглед на институциите, тие потоа почнале одлична соработка со спроведувачите на набљудувањето, што е за пофалба, истакна британскиот амбасадор Чарлс Гарет.

Директорот на АЕК, Сашо Димитријоски, и директорот на ААВМУ, Зоран Трајчевски, рекоа дека од соработката со граѓанските организации дошле до увид за одредени проблеми, што довело до подобрување на нивната работа. Како што истакнаа презентерите, за пофалба е што АЕК, за разлика од ситуацијата кога донираше пари за Панорамското тркало на ЈСП, ја прекинала таквата практика.

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, зборувајќи за измените на законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кој е веќе во собраниска процедура, истакна дека треба тој да донесе професионализација на Советот на ААВМУ и на Програмскиот совет на МРТ за конечно политиката да ги тргне рацете од медиумите. Манчевски потенцираше дека членови на Советите во АВМУ и МРТ и на  Комисијата во АЕК, сеуште се високи партиски функционери.

Тој нагласи дека Владата се зафатила со главните аспекти на медиумските реформи и порача дека е потребен дополнителен ангажман на сите, за медиумската сфера да биде контролирана од саморегулацијата, а не од државата и политичките структури.

Според проф. д-р Снежана Трпевска, експерт за медиуми, со медиумските реформи се доцни, а ќе биде потребен голем ангажман за да се средуваат работите во медиумскиот сектор во иднина.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.


ААВМУ лани заштедила, годинава очекува помали приходи


Скопје, 26 февруари, 2018 - 17:04 (META) 

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) во текот на минатата година работела домаќински и заштедила многу, односно не потрошила толку колку што било предвидено, со што е практично авансирана цела една година, односно да се покријат трошоците и за оваа година, рече Зоран Фидановски, член на Советот на ААВМУ на денешната седница на која се усвои завршната сметка на Агенцијата за 2017 година.

Инаку, како што презентираше директорот на ААВМУ, Зоран Трајчевски, од 111 милиони денари приходи, расходите изнесувале 90 милиони денари.

Со истиот став како Фидановски е и Лазо Петрушевски, претседателот на Советот, кој рече дека заштедата ќе биде добредојдена, оти се очекуваат помали приходи за агенцијата во 2018 година.

– Од година во година Агенцијата работи стандардно домаќински, но тоа не треба да не олабави, оти, знаете ситуацијата не е поволна – неколку радиодифузери се откажаа од дозволите. Ситуацијата е економски лоша. Дури еден национален радиодифузер се откажа од дозволата што чинеше 3,5 милиони денари (57.000 евра) – рече Петрушевски.

Тој посочи и дека новиот закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги предвидува многу помал број на дозволи на емитување од досег,а па тоа ќе донесе многу помали приходи на Агенцијата.

Советот на ААВМУ на денешната седница донесе одлуки за прекинување на постапката за одземање на дозволата за емитување на телевизиите „Едо“ и „Шутел“ од Скопје и радијата „Ват“ од Скопје и „Дрини“ од Струга, оти во последниот рок го платиле надоместокот.

Поради неплаќање за дозволата, Советот почна постапка за одземање на дозволата на телевизијата „Хана“ од Куманово, која доби дополнителен рок за плаќање. Ако тоа го направи, исто како за „Шутел“ и „Едо“, постапката ќе биде прекината.


„Сител 3“ ја загуби дозволата поради неплаќање на надоместокот


Скопје, 21 февруари, 2018 - 11:33 (META) 

Телевизијата „Сител 3“ ја загуби дозволата за пренесување на нејзината програма преку кабелските оператори во Република Македонија поради неплаќање на годишниот надомест, според одлуката што вчера ја донесе Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ).

– Сателитските телевизии што се пренесуваат преку кабелските оператори во Македонија надоместокот за дозволата треба да го платат на почетокот на годината за целата година, а фактура им испративме на 5 јануари, со рок за плаќање од 30 дена. Потоа добија дополнителни 15 дена и повторно не платија, поради што таа фактура ја сторниравме и им издадовме нова фактура само за периодот од почетокот на годината до донесувањето на одлуката за одземање на дозволата – објаснија за „Мета“ од ААВМУ.

Вкупно, за емитување во 2018 година, телевизијата требало да плати 3,45 милиони денари (56.000 евра)

Телевизијата има рок од 8 дена да ја плати новата фактура, но и ако го направат тоа, дозволата издадена на 5 јануари 2015 година нема да биде вратена. Телевизијата има право да се жали на Управен суд, но сеедно, работата е чиста – тие не си ги исполнија обврските, велат од ААВМУ.

Покрај оваа одлука, на вчерашната седница Советот донел одлуки за запирање на постапките за одземање на дозволите на телевизиите „Спектра“ од Лабуништа, „Аниса“ од Пласница, „Здравкин“ од Велес, како и на радијата „Слободна Македонија“, „Ред ФМ“ од Тетово и „Скај“ од Берово.

Радиото „Слободна Македонија“ надоместот од 781.787 денари (12.680 евра) го платила вчера пред седницата на Советот на АВМУ.


ААВМУ им даде опомена на „Шутел“ и „Едо“ пред одземање на лиценците


Скопје, 14 февруари, 2018 - 17:21 (META) 

Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) на денешната седница едногласно ја прекина постапката за одземање дозвола за емитување на една телевизија и три радија, кои по последната опомена со која им беа дадени 15 дена да си ги исполнат обврските, ги уплатиле парите.

Тоа се телевизијата „Канал 21“ од Велес, потоа Универзитетско радио на универзитет Гоце Делчев од Штип, како и радијата „Акорд“ од Кичево и „Бум“ од Куманово.

Советот почна постапка за одземање на лиценците на две скопски телевизии „Шутел“ и „Едо“ и пет радија од целата земја, кои не ја платиле лиценцата.

Тие имаат рок од две недели ги платат средствата.


ААВМУ: 15 локални медиуми добија рок од 15 дена да ги платат лиценците или да стават клуч


Скопје, 8 февруари, 2018 - 12:14 (META) 

Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) денеска почна постапка за одземање на лиценците на 15 радија и телевизии што не го платиле надоместокот за емитување. Претходно, бидејќи си го подмирила долгот во дополнителниот рок, беше запрена постапката за одземање на дозволата на телевизијата „Тера“ од Битола.

Според претседателот на Советот на ААВМУ, Лазо Петрушевски, очигледно е дека неисполнувањето на обврските од радиодифузерите е поради финансиски проблеми, но законски Советот е обврзан да ги одземе лиценците ако не се платат.

Денеска најголема дискусија покрена предлогот за одземање на дозволата на универзитетското радио „УГД ФМ“ при универзитетот Гоце Делчев од Штип. Како што кажа членот на Советот на ААВМУ, Зоран Фидановски, „жалосно е што ова непрофитно радио се наоѓа во таква состојба, затоа што станува збор за добро опремена куќа во која се обучуваат дел од студентите“. Тој изрази надеж дека универзитетот ќе најде сила во рок од 15 дена да плати за дозволата.

На тоа Зоран Трајчевски, директорот на АВМУ рече дека може и да се случило радиото да има испратено налог до Министерството за финансии, па ААВМУ да не е информирана.

– Можеби платиле. Сме имале такви случаи во минатото, со ненавремено префрлање средства, па ни праќале вирман. Да се надеваме дека и сега е така – рече Трајчевски.

Инаку, од 15-те радија и телевизии, само две, радиото „Бум“ од Куманово и радиото „Аниса“ од Пласница подмириле дел од парите за годишната дозвола за емитување. Другите,
телевизијата „Ера“ од Скопје, радиото „Канал 77“, телевизијата „Канал 1“ од Велес, телевизијата „К3“ од Куманово, телевизијата „Спектра“ од Лабуништа, радиото „Дуе“ од Гостивар, радиото „Акорд“ од Кичево, радиото „Лав“ од Охрид, радиото „Тет“ од Прилеп, радиото „Фама“ од Тетово и радиото „Ред ФМ“, добија рок од 15 дена да ги исплатат парите или почнатата обврска за одземање на нивните лиценци ќе биде финализирана.


ААВМУ утре и задутре ќе расправа за одземање 22 лиценци на телевизии и радија


Скопје, 6 февруари, 2018 - 16:08 (META) 

На својата петта седница годинава, Советот за Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) утре ќе расправа и за одземање на лиценци на четири телевизии кои емитуваат на национално или регионално ниво и едно радио кое емитува на национално ниво.

Причината се неплатени обврски за лиценца, а рокот истекол вчера, дознава „Мета“ од извори во ААВМУ.

Имињата не се објавуваат „за да не се наруши угледот на медиумите“, во случај некој од нив да ги платиле предвидените суми.

До попладнево, од четирите телевизии, само една исплатила помалу од третина од сумата, односно само еден милион денари од предвидените речиси 3,5 милиони денари.

На следната седница, која најверојатно ќе биде закажана задутре, ќе се расправа за уште 17 радиодифузери, телевизии и радија, кои исто така не ја платиле лиценцата.

Дневниот ред за таа седница не е дефиниран, оти до денеска до 18 часот се чека на уплатите.

Фактурите на сите радиодифузи им биле испратени на почетокот на годинава, велат од ААВМУ.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.


Советот на ААВМУ едногласно го отфрли барањето да се одземе лиценцата на ТВ „24 Вести“


Скопје, 5 декември, 2017 - 15:40 (META) 

Едногласно, иако претходно имаше одредени дилеми кај некои членови, Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) на денешната седница го одби барањето од „Канал 77“ да се одземе лиценцата на телевизијата „24 Вести“.

Прифаќајќи ја информацијата од стручните служби, Советот го отфрли барањето на предлагачот, чиј идентитет се криеше до самиот крај на решавањето за оваа точка од дневниот, а во однос на дилемите на некои членови, директорот на ААВМУ, Зоран Трајчевски, појасни дека стручните служби веднаш ќе извршат проверка дали постои поврзаност на телевизијата „24 Вести“ со фирма од Австрија што врши радиодифузна дејност, со што би се создала недозволена медиумска концентрација.

Во дискусијата, пред да се пристапи кон гласањето, и Трајчевски и претседателот на Советот, Лазо Петрушевски, појаснија дека во однос на барањето за одземање на лиценцата, не е можно тоа да се стори затоа што дури и да постои недозволена медиумска концентрација, првин се дава долг рок на радиодифузерот да го отстрани проблемот, а дури потоа може да се одземе лиценца.

– Ако денешната информација биде прифатена, не значи дека Агенцијата во иднина нема да истражува за сопственичката структура. Ние тоа го правиме редовно за секој медиум. Но, ако имаме основа за сомневања, ќе се почне постапка за недозволена медиумска концентрација, а не за одземање лиценца. Ние пред две години имавме постапка кај истиот што е предлагач и му дадовме рок да го реши тоа – рече Трајчевски.

На самиот крај, пред гласањето, на претседателот на Советот, Лазо Петрушевски, му се испушти дека „Канал 77“ стои зад барањето да се одземе лиценцата на „24 Вести“.

Инаку, расправајќи по претходна точка, Советот не дозволи промена на сопственичката структура на телевизијата.

Ако тоа се одобри, како што кажаа од стручната служба, би се создала недозволена медиумска концентрација зашто физичкото лице од барањето да стане и единствен основач и управител на телевизијата „24 Вести“ е директен роднина на сопственикот на оператор што реемитува програми, односно кабелскиот оператор „Телекабел“.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.


Советот на ААВМУ денеска расправа за барањето за одземање лиценца на ТВ „24 Вести“


Скопје, 5 декември, 2017 - 10:59 (META) 

На денешната седница на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги (ААВМУ) на дневниот ред, меѓу другите точки, е информацијата во врска со доставено барање за одземање лиценца на Телевизија „24 Вести“, стои во најавата објавена на веб-страницата на ААВМУ.

Точката на дневниот ред е веднаш по предлог-одлука за промена на сопственичката структура на Телевизија „24 Вести“ од Штип.

Како што дознава „Мета“ од извори во ААВМУ, барањето за одземање на лиценцата на ТВ „24 Вести“ е поднесено од сопственик на медиум, но, велат нашите извори, барањето е неосновано и сосема сигурно е дека на седницата што почнува во 14 часот ова барање за одземање на лиценцата на конкурентен медиум нема да биде прифатено.