Довербата во медиумите во Македонија меѓу најниските во Европа


Брисел, 20 март, 2018 - 13:51 (META) 

Според најновиот извештај на Европската радиодифузна унија (ЕБУ), довербата во медиумите кај граѓаните на Македонија е меѓу најниските во Европа и дури и  опаѓала во изминативе пет години.

Во анализата што се темели претежно на 88-от извештај на Еуробарометар, се вели и дека ниската доверба на македонските граѓани во медиумите е во тесна врска и со индексот за слобода на медиумите изработен од „Фридом Хаус“. Така, според последниот индекс, Македонија е на претпоследно место во Европа, пред Турција, а во поглед на довербата во радиодифузните медиуми е подобра од Србија и Грција.

Screenshot2Генерално погледнато, според процентот на недоверба, кон медиумите воопшто, Македонија е втора во Европа, заедно со Обединетото Кралство, каде дури 52 отсто од населението не им верува на медиумите. Состојбата е полоша само во Малта, каде недовербата изнесува 53 отсто.

Кога станува збор за довербата на публиката во различните категории медиуми, во Македонија најмногу се верува на телевизиите, потоа се радијата и и порталите и другите категории страници на интернет, додека довербата во печатените медиуми е најниска.

За разлика од земјите на ЕУ, каде најголема доверба имаат радијата, во Македонија, Албанија, Бугарија, Романија, Турција и голем број земји во ЕУ, најмногу се верува на телевизиите. Најниска доверба во ЕУ, но и во Турција и во Албанија, имаат содржините од социјалните мрежи, а пак во Македонија, Србија и Бугарија најмала доверба уживаат печатените медиуми.

На ниво на Европа, најголема доверба имаат радијата, со 59 отсто, потоа се телевизиите со 51 отсто, следени од печатените медиуми со 47 отсто, интернет со 34 отсто и социјалните мрежи со 20 отсто. Screenshot3

Во поглед на довербата кон радијата, Македонија е последна со само 28 отсто, а процентот на недоверба е 67 отсто. Во периодот од 2012 до 2017 довербата во радијата во Македонија опаѓала умерено, односно со пад помал од 10 проценти.

Кога станува збор за телевизиите, тие во Македонија имаат доверба кај 49 отсто од граѓаните, а подеднаков процент граѓани не им веруваат. Во периодот 2012 до 2017 речиси и да нема промена на процентите.

Screenshot4Во поглед на печатените медиуми, Македонија по недоверба е втора во Европа, односно само 24 отсто од граѓаните им веруваат, а 63 отсто немаат доверба во нив. Пред нас е само Обединетото Кралство, со 23 отсто доверба и 73 отсто недоверба. Во последните 5 години, довербата во овие медиуми опаднала значително, односно повеќе од 10 отсто, а ситуацијата е иста и во Србија, Црна Гора и во Словачка.

Во поглед на медиумите на интернет, Македонија по недоверба е некаде во средината на Screenshot6листата на европските земји, со 37 отсто доверба и 47 отсто недоверба. Таа доверба во периодот од 2012 до 2017 година, опаднала значително, односно за повеќе од 10 проценти, а иста е состојбата и во Црна Гора, Романија, Словачка, Чешка, Балтичките републики, Финска, Шведска, Данска, Холандија, Франција и Обединетото Кралство.

Во социјалните мрежи во Македонија доверба имаат 30 отсто и таа е на деветто место. На оваа листа води Албанија со 42 отсто доверба, потоа е Турција со 39 отсто, Бугарија со 37 отсто, а Хрватска има 32 отсто доверба. Недовербата во Македонија кон социјалните мрежи изнесува 53 отсто.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.


Владата платила само 250 евра за реклами на „Фејсбук“ и „Твитер“


Скопје, 20 февруари, 2018 - 9:47 (META) 

Владата на Република Македонија на 22 август донесе одлука со која повеќе нема да нарачува реклами во електронските радиодифузери, во весниците и порталите, како и билборди, но го задржува правото да информира за своите активности преку социјалните медиуми. За таквото информирање од нејзиното назначување во јуни се потрошени 15.800 денари, одговори портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, на прашањата од „Мета“ за владиното рекламирање на социјалните мрежи.

Тој вели дека Владата е определена да креира демократски простор за информирање за граѓаните да донесуваат слободно мислење и тоа го докажала со одлуката да не се рекламира по медиуми и на билборди.

„На 22 август Владата на Република Македонија во рамки на планот 3-6-9 изгласа мерка со која нема повеќе да се јавува како нарачател на реклами, кампањи и спотови на платен простор во електронски комерцијални радиодифузери – телевизии и радија, дневни и неделни весници, билборди, интернет портали и сл. (со исклучок на социјалните медиуми). Со оваа одлука се спречува во иднина било која влада да го наметнува своето влијание врз медиумите, преку плаќање големи суми за реклами, практика која се случуваше во минатото“, вели Бошњаковски во одговорот што ни го испрати.

Според владиниот портпарол, Владата за информирање на јавноста за своите мерки и активности ќе ги користи социјалните медиуми, оти во нив не може да се наметне моќ и влијание од државните институции, но и рекламирањето таму чини многу помалку отколку во медиумите.

„Во моментов социјалните медиуми се најевтин канал за комуникација, и имајќи предвид дека кај нив не постои централно уредништво како кај другите медиуми, нема закана за наметнување на моќ и влијание од страна на државните институции кои комуницираат со граѓаните, и токму затоа се користат од многу влади во светот“, појаснува Бошњаковски, додавајќи дека на тоа се потрошени вкупно 15.800 денари“, одговори Бошњаковски.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.


„Твитер“ за пресудата за Талевска: Република Условна Македонија…


Скопје, 19 февруари, 2018 - 15:53 (META) 

Откако Кривичниот суд денеска и одреди условна казна од две години затвор на новинарката Ивона Талевска, доколку во следните четири години не го повтори или стори друго кривично дело, на социјалните мрежи има многу коментари на негодување за казната која ја доби Талевска за затајување данок во случајот „Тифани“ на СЈО.

Дел од корисниците гневни велат дека нема да плаќаат веќе данок, други сметаат дека таа требала да добие ефективна казна затвор.


Имало 30 закани преку социјалните мрежи кон функционери, шест кон Заев


Скопје, 9 февруари, 2018 - 15:15 (META) 

Министерството за внатрешни работи соопшти денеска дека неговиот Сектор за компјутерски криминал и дигитална форензика во изминатиот период документирал и процесуирал 30 случаи во кои преку социјалните мрежи на носители на државни функции им била загрозена сигурноста или биле злоупотребени нивните лични податоци.

За сите случаи биле испратени известувања до Основното јавно обвинителство Скопје за да се прецизира дали станува збор за кривични дела што се гонат по службена должност.

Во тие случаи се и шест закани кон премиерот Зоран Заев, и е откриено едно лице што се заканувало. Тоа е сторено во соработка со Фејсбук и со канцеларијата на Интерпол и еден интернет провајдер во Швајцарија. Од МВР велат дека против осомничениот ќе биде поднесена кривична пријава.

Министерството уверува дека за сите пријави постапува исто како во новообјавените случаи.


Земјотрес со јачина од 4,7 степени според Рихтер ги погоди Сплит и околината


Сплит, 3 февруари, 2018 - 17:25 (META) 

Земјотрес со јачина од 4,7 степени според Рихтер ги погоди Сплит и околината, јавуваат хрватските медиуми. Сеизмолошката служба на Хрватска објавила дека, земјотресот се почувствувал во Сплит и во Макарска.

За сега нема информации за повредени, ниту за настаната материјална штета.

Граѓаните во паника споделуваа информации на социјалните мрежи, во кои се вели дека, земјотресот траел долго и бил проследен со звук.


Дигитална дипломатија: Повеќе сме отсутни, отколку присутни на социјалните медиуми


Скопје, 18 декември, 2017 - 16:12 (META) 

„Твитер“ препукувањата помеѓу амбасадите на Русија и на САД околу загадувањето на воздухот во Скопје ја истакна важноста на социјалните мрежи и комуникацијата која се врши преку нив.

Политичарите од западните земји активно и постојано ги користат социјалните мрежи за споделување на информации и за комуникација со јавноста.

Обединетата македонска дијаспора во истражувањето спроведено од октомври до декември годинава го споредува присуството на македонското Министерство за надворешни работи на социјалните медиуми со она на десетина други европски земји од регионот.

Според истражувањето, македонското МНР го има едно од најниските нивоа на присуство на социјалните медиуми, односно најмал број на официјални профили на „Фејсбук“ и „Твитер“ за дипломатските мисии и за министерствата за надворешни работи, односно министри.

Македонија има 57 дипломатски мисии, а само 14 профили на социјалните мрежи што значи дека, во просек, Македонија има малку помалку од еден профил на социјалните медиуми за секои четири дипломатски мисии. Албанија има 52 дипломатски мисии и има 58 профили на социјалните медиуми.

Според истражувањето, Македонија има „нула екстремно многу активни“ профили на социјалните мрежи, Албанија има 8, Бугарија еден, Грција 5, Полска 10, а Србија и Косово исто како Македонија немаат екстремно многу активни профили. Македонија има три многу активни профили, активни 5, не многу активни 3.

https://www.theverge.com/2017/12/16/16778604/london-great-smog-1952-death-in-the-air-pollution-book-review-john-reginald-christie

Министерот за надворешни работи Никола Димитров има 4.996 следачи на „Фејсбук“, Дитмир Бушати од Албанија има 68.120, Екатерина Захариева од Бугарија има 6.801, Ивица Дачиќ од Србија има 8.532, а Беџет Пацоли од Косово има далеку најголем број на следачи во споредба со сите други, односно 502.884.

На „Твитер“, Димитров има 4.948 следачи, Бушати 91.925, Захариева 81, Никос Коѕијас 25.985, Дачиќ 514, а Пацоли 1.455

Според истражувањето, веб-страницата на македонското МНР не е лесна за користење како повеќето веб-страници на другите министерства опфатени со анализата.

Од ОМД велат дека нема причина зошто Македонија да нема профили на „Твитер“ и „Фејсбук“ за секоја од своите 57 дипломатски мисии, без притоа да потроши дополнителни средства. ОМД го советува министерството значително да го зголеми присуството на социјалните медиуми со „Твитер“ и „Фејсбук“ профили за сите дипломатски мисии и персонал и притоа да ги држи профилите активни со објавување неколку пати на ден.


Анализа: Градоначаниците не ги користат социјалните мрежи за да ги слушнат граѓаните


Скопје, 17 декември, 2017 - 13:45 (META) 

Осумдесет од вкупно 81 градоначалник ја користат социјалната мрежа „Фејсбук“ во својата работа, покажа анализата направена од тим специјалисти за социјални медиуми, во периодот помеѓу 04 и 15 декември 2017 година.

Втор на листата на „омилени“ социјални медиуми кои ги користат градоначалниците е „Инстаграм“. Анализата покажува дека 21 градоначалник го користат „Инстаграм“, а само пет од 81 градоначалник го користи „Твитер“.

Сепак, специјалистот за нови медиуми и односи со јавност, Бојан Кордалов, вели дека повеќето од градоначалниците еднонасочно ги користат социјалните медиуми, односно само за промоција на нивната работа, но не и за да контактираат и да ги слушнат проблемите и идеите на граѓаните.

– Тоа што недостасува кај поголемиот дел од нив е да бидат секојдневно присутни онлајн, но не само за да се претстават, туку да го слушнат мислењето, критиките и предлозите кои доаѓаат преку социјалните медиуми. Разликата во бројот на градоначалници кои користат „Фејсбук“ споредено со „Инстаграм“ веројатно се должи на недостатокот на професионални лица и тимови за социјални медиуми кои секоја општина е потребно да ги има. Активното користење на „Твитер“ од само 5 градоначалници можеме да го толкуваме како недостаток на ресурси, но пред сè и како избегнување на оваа публика која важи за најкритизерска. Ова не е добро и мора да се промени – вели Кордалов, кој е и автор на анализата.

Само тројца градоначалници истовремено користат Фејсбук, Твитер и Инстаграм во својата работа, а само еден градоначалник, односно градоначалникот на Ранковце, Ивица Тошевски, воопшто не ги користи социјалните медиуми, покажа Анализата.

Сепак, градоначалниците се поактивни на „Фејсбук“ споредено со пратениците и министрите. Ваква анализа, направена во март годинава година, откри дека 110 од вкупно 120 пратеници користат „Фејсбук“, додека слично истражување објавено во јуни годинава покажа дека 20 од вкупно 26 министри се редовно активни на овој социјален медиум.


Заев би го вратил Таравари на министерската функција ако не стане градоначалник


Скопје, 15 септември, 2017 - 20:51 (META) 

Премиерот Зоран Заев е подготвен да го врати Арбен Таравари за министер за здравство ако тој изгуби во градоначалничката трка, без оглед што самиот си поднесе оставка. Гостувајќи во емисијата „Топ-тема“, Заев рече дека не е проблем Таравари да се врати ако загуби на изборите, оти демократијата подразбира право за битка за гласовите на граѓаните.

Тој нагласи дека, пред сè, локалните избори се битка на личности.

– Во овој човек гледам квалитетен министер. Оставете ги луѓето слободно да ги донесуваат одлуките. Мојата демократска поставеност како шеф на оваа влада има граници. Да не преминеме во диктаторство. Не би сакал да се откажам од квалитетен човек ако изгуби – порача Заев.

 


Списоци за линч кружат по социјалните мрежи по вчерашните протести пред ДИК


Скопје, 16 декември, 2016 - 11:25 (META) 

Синоќа за време на протестите на поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ пред Државната изборна комисија, која одлучуваше по приговорите на партиите за изборите, на социјалните мрежи се појавија списоци со имиња и презимиња и со адреси на дел од активстите на „Шарена револуција“ и со повик до приврзаници на ВМРО-ДПМНЕ да „се посетат“ посочените личности.

На „Твитер“ се ширеше список со адресите на кандидатите за пратеници на СДСМ од граѓанскиот сектор, Павле Богоевски и Ивана Туфегџиќ, и а на него беше и активистот на „Шарена револуција“ Демијан Хаџи-Ангелковски.

Дел од корисниците на социјалните мрежи повикуваа на линч или да се посетат овие активисти и да се обојат со боја нивните фасади.

Освен што со објавувањето на личните податоци се прекршува правото на приватност, повиците на линч се сериозен говор на омраза, кој е казнив со закон.

Членот 394-г од Кривичниот законик гласи:

Ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем.

(1) Тој што преку компјутерски систем во јавноста шири расистички и ксенофобичен пишан материјал, слика или друга репрезентација на идеја или теорија која помага, промовира или поттикнува омраза, дискриминација или насилство, против кое било лице или група, врз основа на пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување, други видови уверувања, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална или телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба или на која било друга основа предвидена со закон или со ратификуван меѓународен договор, ќе се казни со затвор од една до пет години.

(2) Со казната од ставот (1) на овој член ќе се казни и тој што делото ќе го стори преку други средства за јавно информирање.

(3) Тој што делото од ставовите (1) и (2) на овој член го врши со злоупотреба на положбата или на овластувањето или ако поради тие дела дошло до безредие и до насилства спрема луѓе или до имотна штета од големи размери, ќе се казни со затвор од една до десет години.


Тетовци пријавиле уцени на социјалните мрежи


Тетово, 28 ноември, 2016 - 13:18 (META) 

Дваесет и шестгодишен тетовец во тетовската полиција пријавил дека бил уценуван од непознато лице со кое комуницирал преку една од социјалните мрежи, при што разговарале на англиски јазик и користеле камери.

Непознатото, наводно женско лице, откако целосно се соблекло пред камера, побарало и од него да се соблече пред неговата камера, а набргу потоа му рекло дека видеоснимката од него ќе ја објави на „Јутјуб“ доколку не му исплати 500 американски долари. Откако дваесет и шестгодишникот не се согласил со тоа, со образложение дека во моментот нема толку пари, за кусо време видеоснимката веќе била поставена на „Јутјуб“.

Полицијата презема мерки и активности за расветлување на пријавениот случај и за откривање на уценувачот.

Во друг случај, според полициските податоци, во изминативе два дена на мобилниот телефон на дваесет и двегодишна девојка од гостиварското село Добридол, засега непознато лице ѝ испратило четриесетина СМС-пораки со недолична и со навредлива содржина и ѝ побарало да му плати 2.000 евра. Во спротивно, непознатото лице ѝ се заканило дека ќе објави нејзина фотографија со контроверзна содржина која, како што кажала девојката, била монтирана.

Според полициските податоци, социјалните мрежи сè повеќе се злоупотребуваат од многумина во Полошкиот Регион, со поставување најразлични контроверзни, навредливи текстови и пораки или со објавување компромитирачки фотографии. Најчести корисници на овие мрежи се млади, но и повозрасни, кои на овој начин комуницираат со други лица, неретко и со такви кои воопшто не ги познаваат.

Секторот за внатрешни работи Тетово повторно потсетува и укажува дека злоупотребувањето на лични податоци претставува кривично дело, за кое е предвидена парична и затворска казна до една година. Доколку злоупотребувањето го извршило службено лице при вршење служба, ќе се соочи со затворска казна од три месеци до три години.