!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

СДС да престане со манипулации и лаги за стечајците, велат од ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 18 август, 2017 - 11:17 (META) 

Крајно лицемерно е СДС да зборува за социјална заштита и грижа за функционирањето на социјалните работници, кога додека беа на власт, со прст не мрднаа за подобрување на системот на социјална заштита, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на СДСМ за стечајните работници.

Во него се додава дека „СДС остави на улица 200.000 работници и стави клуч на 684 фабрики оставајќи без никаква егзистенција стотици илјади деца.“

„СДС е гробар на македонската економија. Десетици години и требаа на државата да излезе од провалијата во која што ја втурнаа. Врз грбот на граѓаните се прекршија сите приватизации додека олигарсите на СДС го зголемуваа своето богатство“, се додава во соопштението.


Кај Царовска стигнале само две забелешки за стратегијата за бегалците


Скопје, 8 август, 2017 - 15:10 (META) 

Само две забелешки стигнале во Министерството за труд и социјална политика денеска, на последниот ден кога организациите или граѓаните може да даваат предлози или забелешки за нацрт-стратегијата за интеграција на бегалци и на странци 2017-2027 година и за предложениот национален акциски план за интеграција на бегалци 2017-2027 година.

До вчера немаше стигнато ниту една реакција, иако уште пред 18 дена, кога Министерството ги објави нацрт-стратегијата и акцискиот нацрт-план, објави и специјален формулар на кој може да се запишат забелешките или предлозите.

Како што информираа за „Мета“ од Министерството, едната реакција е на назначениот формулар, а е со прецизни и конструктивни предлози. Таа е на Центарот за истражување и креираање политики. Втората реакција, пак, била писмо од градоначалникот на општина Гази Баба, во која тој изнел критики за предлог-стратегијата.

Реакцијата е минимална, иако во медиумите и во јавноста, особено на социјалните мрежи интензивно се критикуваа двата документи, како намера земјата „да се наполни со мигранти и да им се обезбедат живеалишта, работни места и државјанства“.

Министерството за труд и социјална политика вчера се огласи со реакција против, како што рекоа, лажните вести и порача дека нема да се градат кампови за бегалци, нема да им се даваат државјанства и дека Македонија е држава која е транзитна станица на бегалците. Нагласи дека документот нема обврзувачко дејство.

Акцискиот план предвидува, почнувајќи од годинава да се зголеми обемот на социјални станови достапни за сместување за бегалците и да се бараат алтернативни модели. Меѓу другото, се предвидува годинава да се идентификуваат и да се обезбедат парцели на државно земјиште на располагање за инвестирање во социјални станови, при што се очекува „барем 100 единици – локации да станат достапни“.

Според нацрт-стратегијата и акцискиот нацрт-план, за бегалците треба да се обезбедат домови, образование, вработување, интеграција и стекнување државјанство.


Стратегијата на Царовска за интеграција на бегалците била само „необврзувачки патоказ“


Скопје, 22 јули, 2017 - 9:09 (META) 

Министерството за труд и социјална политика на својата веб-страница објави нацрт-верзија на нова стратегија за интеграција на бегалци и на странци и национален акциски предлог-план за период од 10 години, односно за периодот од 2017 година до 2027 година и истовремено посочи дека почнува јавна дебата за мерките предвидени во двата документа, која ќе трае до 8 август годинава. Коментарите се испраќаат на пополнет формулар, кој може да се преземе од веб-страницата на Министерството.

Во некои медиуми и на на социјалните мрежи предлог-мерките беа жестоко критикувани и одеа во насока дека се планира „исламизација на државата“ и дека тоа се прави „по наредба на меѓународната заедница“.

Министерството за труд и социјална политика се огласи со соопштение, во кое го осудува „тенденциозното ширење страв во јавноста од бегалците“, појаснувајќи дека и „документите како новата стратегија за интеграција на бегалци и на странци, се само еден патоказ без никакви обврзувачки акти кон кое било министерство или институција“.

Според Министерството, коментарите и предлозите од јавноста ќе бидат внесени во нацрт-стратегијата и во акцискиот нацрт-план, а по финализирањето на документот ќе бидат доставени до меѓуресорското тело на Владата.

Акцискиот план предвидува, почнувајќи од годинава да се зголеми обемот на социјални станови достапни за сместување за бегалците и да се бараат алтернативни модели. Меѓу другото, се предвидува, годинава да се идентификуваат и да се обезбедат парцели на државно земјиште на располагање за инвестирање во социјални станови при што се очекува „барем 100 единици – локации да станат достапни“.

Почнувајќи од 2018 година, според нацртот на акцискиот план, треба да се идентификуваат пилот-општини за учество во проекти за изградба на објекти и за поврзување на донатори и на градоначалници, како и „да се спроведат обуки за општинските службеници за зајакнување на знаење од областа на социјално домување, обезбедување соодветната заштита и за локалното население и за потребите на интеграција на бегалците“.

Акцент се става на избирање средини каде што ќе има „помали можности за понатамошна сегрегација“, се вели на 21. страница од нацрт-стратегијата.

Како што стои во нацрт-стратегијата (7. страница од пдф-документот) стратегијата предвидува интеграција во земјава на лицата кои, во согласност со Законот за азил и за привремена заштита, имаат признаен статус на бегалец, се под супсидијарна заштита, се баратели на азил, како корисници на мерки за рана интеграција, или се странци со регулиран престој во Република Македонија (со претходно одобрение од страна на надлежни органи).

Интеграцијата, според нацрт-стратегијата и акцискиот нацрт-план, би значела обезбедување домови, образование, вработување и стекнување државјанство.

Подолу во нацрт-стратегијата, која е на 49 страници, се назначува дека интеграцијата мора да почне што е можно порано.

Притоа, во документот се вели дека процесот на интеграција би се одвивал на доброволна основа, со право на пристап до социјална и здравствена заштита, со самиот статус, кое нема да биде поврзано со интеграцијата.

„Исто така, одлуката за локална интеграција е на доброволна основа и ја донесуваат бегалците што сакаат да останат во земјата, а општеството домаќин треба да го олесни тој процес, додека правата за пристап до услугите од социјална и здравствена заштита се стекнуваат со самиот статус и не зависат од какви било одлуки поврзани со интеграцијата. Тука, земјата домаќин мора да обезбеди спроведување на своите законски обврски врз основа на доделен статус и независно од формалната регистрација за интеграција“, се вели во текстот.


ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ ги пропушти шансите да ја унапреди социјалната грижа


Скопје, 14 мај, 2017 - 17:04 (META) 

СДСМ имаше неколку шанси да реализира проекти за граѓаните од областа на социјалата, вклучително и кога Фросина Ременски беше министер за труд и социјала, но, за жал, тие само водеа гола политика и не спроведоа ниту еден проект, порача ВМРО-ДПМНЕ во реакција на денешната прес-конференција на  Мила Царовска, претседателка на комисијата за труд и социјална политика на СДСМ.

„Ваквите ветувања што паушално ги расфрла СДС се редовна практика за политичка партија која не реализирала ниту еден проект во своето владеење. Очигледно е дека водат политика на лажно душегрижништво на маката на граѓаните. СДС е партија која народот ја памети единствено по уништувањето на македонската економија за сметка на личниот интерес на нивната врхушка“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.


Царовска: Новата влада на СДСМ ќе воведе семеен социјален работник


Скопје, 14 мај, 2017 - 15:11 (META) 

Новата влада на СДСМ планира да го измени Законот за социјална заштита и да воведе семеен социјален работник, кој ќе помага на сите граѓани кои имаат одреден проблем што не можат самостојно да го решат, како различни партнерски односи, конфликти и комуникација со деца, развојни проблеми кај децата, недоразбирања со семејствата и заедницата, порача денеска Мила Царовска, претседателка на комисијата за труд и социјална политика на СДСМ.

– Ова значи стручни лица, социјални работници да бидат на терен блиску до граѓаните, да работат на интервенција, превенција, советување, упатување и заедничко решавање на социјалните проблеми. Во прва фаза ова значи вработување на 60 нови социјални работници,  кои теренски ќе бидат ангажирани преку центрите за социјална работа. Уште во следните три месеци во 2017 година ќе се обезбедат околу 4,5 милиони денари за оваа мерка. Македонија е социјална држава и затоа е многу важно ваков тип грижа да се обезбеди за сите граѓани – рече Царовска.

Таа најави и нови измени, кои би се случиле доколку анализи покажат дека се неопходни и правилни.

– Семејниот социјален работник е само еден сегмент што треба да се направи како измена и дополнување на Законот за социјална заштита. Нашата крајна цел е нов закон за социјална заштита, што ќе нуди нови, современи форми, кои даваат ефикасна социјална заштита во оваа држава. Но, тоа го предвидуваме во следна фаза, поради тоа што се потребни анализи и проценки кои ќе се направат преку Министерството за труд и социјална политика. Ќе треба да се направи тестирање на најосетливите мерки на заштита на граѓаните, за да може, она што ќе го понудиме навистина да дава ефект и навистина да превенира социјални ризици кај граѓаните. Дури потоа ќе го донесеме тој нов закон за кој зборуваме – рече Царовска.


Грција побарала заем од Светската банка


Атина, 3 март, 2017 - 11:09 (META) 

Грција побарала заем од Светската банка, пренесува американскиот интернет-магазин „Политико“. Сумата засега не е јавно позната, а како што пишува „Политико“, извор од банката изјавил дека грчката влада побарала финансиска помош за да се справи со проблеми како долгогодишната невработеност и потребата за економски развој и социјална заштита.

Според „Политико“ и грчкиот весник „Катимерини“, грчката влада официјално не го потврдува барањето за заем, но преку последниот устен договор на состанокот на еврогрупата, на крајот на февруари наводно посочиле дека планираат да побараат заем од 3 милијарди евра за финансирање на програма за отворање 100.000 нови работни места.


Македонски и руски експерти почнаа преговори за договор за социјална сигурност


Скопје, 25 октомври, 2016 - 15:40 (META) 

Македонски и руски експерти, минатата недела, во Москва, го одржале првиот круг преговори за склучување договор меѓу двете земји за социјална сигурност, соопшти денеска Министерството за труд и социјална политика.

На преговорите, кои се одржале од 18 до 20 октомври, двете страни размениле информации за правните прописи во областа на пензиското и на здравственото осигурување, права при невработеност, повреда при работа, професионална болест, како и права при бременост, раѓање и мајчинство на Република Македонија и на Руската Федерација. За време на преговорите се разгледувале одредби од нацрт-текстот на договорот за соработка во областа на социјалната сигурност предложен од руска страна, појаснуваат од Министерството за труд и социјална политика.

Двете делегации се договориле вториот круг од преговорите да се одржи во март следната година, во Скопје.