!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Вангеловски побарал од Прибе во реформите активно да бидат вклучени и судиите


Скопје, 27 јуни, 2017 - 16:27 (META) 

Актуелната состојба во судството и препораките од извештајот на експертската група на Европската комисија од 2015 година биле во фокусот на средбата меѓу претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, и експертот на Европската Унија, Рајнхрад Прибе.

На средбата, како што соопштија од судот, Вангеловски истакнал дека реформите во судскиот систем треба да се спроведат со активно учество на судиите, заради подобрување на состојбите на владеењето на правото во Македонија.

Вангеловски и Прибе на средбата договориле разговорите да продолжат во текот на следниот месец.

Водачот на експертскиот тим на Европската комисија, кој треба да ѝ помогне на Владата во процесот на спроведување на реформските приоритети во текот на неговата еднодневна посета на земјава, денеска имаше средби со министри во Владата (шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, и вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи) и со опозацијата, односно со членот на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров.

Прибе на средбата со Димитров и со Османи ја нагласил неопходноста од засилен ангажман и од мобилизација на релевантните институции во земјата за спроведување на препораките од извештајот и на реформските приоритети.

Како што соопштија од Делегацијата на Европската Унија во Скопје, Прибе и неговиот тим експерти повторно ќе бидат во „работна посета“ на Македонија од 17 до 21 јули.


Хелсиншки: Бегалците во кампот „Табановце“ дневно добиваат половина литар вода за пиење


Гевгелија/Куманово, 14 јуни, 2017 - 14:57 (META) 

Состојбата со бегалците во прифатно-транзитните кампови „Винојуг“ и „Табановце“ во текот на минатиот месец останала непроменета и во овие кампови вкупниот број на бегалци изнесувал 29 лица, се наведува во последниот месечен извештај на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Од Хелсиншки информираат дека бројот на бегалци во кампот „Винојуг“ кај Гевгелија е мал, а намалена е и фреквенцијата на движење на бегалци кои се фатени по илегални патишта надвор од кампот.

„Бројот на бегалци во кампот константно изнесува девет лица, меѓу кои со потекло од Авганистан, Ирак и од Сирија. Неколку од бегалците имаат почнато постапки за семејно обединување. Кујната која функционираше во кампот е официјално затворена. Должноста за делење храна е преземена од Црвениот крст. Инфраструктурни промени во кампот не се забележани. Хигиената е на задоволително ниво“, стои во извештајот.

Оттаму додаваат дека продолжува практиката на нелегално „депортирање“ на бегалци кои се фатени по илегални патишта низ Македонија назад во Грција. Во текот на мај 2017 година, вкупно 24 бегалци со потекло од различни земји, во шест одделни случаи биле фатени од полицијата по илегални патишта и „депортирани“ во Грција.

Состојбата во кампот „Табановце“ на северната граница, според извештајот на Хелсиншкиот комитет е полоша, особено во однос на условите за престој на бегалците, кои се вкупно 20 лица.

„Во текот на мај е забележано значително влошување на квалитетот на храната. Поплаките на бегалците се дека храната е недоволна и со лош квалитет. Истовремено, воспоставено е и ограничување на пристапот до вода за пиење, односно бегалците имаат право да добијат едно шише вода од половина литар на ден. Лошиот квалитет и недостигот од храна не се променети и покрај почнувањето на рамазанските пости“, стои во извештајот на Хелсиншкиот комитет, кој апелира да се подобри квалитетот на храна, која ќе ги задоволи сите нутриционистички стандарди, како и да се обезбеди пристап до неограничено количество вода.


Вклученоста на Ромите во образовниот процес е значително подобрена, велат невладините организации


Тетово, 16 март, 2017 - 13:55 (META) 

Состојбата на Ромите и нивното вклучување во образованието етапно се подобрува, како резултат на проектите што ги спроведуваат невладините организации, сметат учесниците на тркалесната маса „Подобрување на состојбата на Ромите во образовните процеси“.

Од невладината „Сонце“ велат дека бројката на Роми што се запишуваат во основно и во средно образование е многу зголемена. Ваквиот став го делат и други невладини организации што учествуваа на денешната тркалезна маса.

– Децата подолго престојуваат во училиште и мошне е подобрена состојбата со завршување и на основно и на средно образование. Со големи напори на невладиниот сектор и на државните институции, сметаме дека од сите сектори каде може да се дејствува во образованието е најмногу постигнато и ние работиме да се зајакнат капацитетите на семејствата и да го поддржуваат образованието кај своите деца – рече Елена Мишиќ, од фондацијата „Чекор по чекор – Македонија“.

На тркалезната маса учествуваа и претставници на невладини организации од Косово, кои нагласија дека Ромите не се прифатени во нивното општество. Најчесто, како што посочија, тие се дискриминирани во процесите на вработување и на образование.

Оттаму се надеваат дека со нивните активности и преку националната стратегија за подобрување на статусот на Ромите, дискриминацијата кон оваа заедница ќе се намали.


Бојко Ноев: Македонија итно да побара превентивна и стабилизирачка мисија на ЕУ


Софија, 9 март, 2017 - 16:16 (META) 

Македонија треба итно да побара превентивна и стабилизирачка мисија на Европската Унија во земјата, вели поранешниот министер за одбрана и амбасадор на Бугарија во НАТО, Белгија и Луксембург, Бојко Ноев, во интервју за бугарската новинска агенција „Фокус“.

Писмото на претседателот Ѓорге Иванов до Европскиот совет, САД, НАТО и до Турција, Ноев го оценува како „своевиден СОС-сигнал испратен до меѓународната заедница дека бродот во Скопје тоне“.

„Тоа е драматично признание дека земјата е на работ на целосно безвластие. Политичката криза, која ја набљудуваме веќе подолго време, ескалира до состојба во која Република Македонија практично го губи својот суверенитет“, вели Ноев.

На прашањето дали причините за ваквата состојба се надворешни, како што тврди Иванов во писмото, Ноев вели дека причините во најголем дел се внатрешни и не се едноставни.

„Кажано со два збора, досегашната владејачка елита ја впрегна целата своја енергија на државата и на општеството во изградба на едно измислено и лажно минато, наместо во градење на иднината на своите граѓани. Владејачката елита остави сè да потоне поради комплексот на инфериорност, геополитичката кусогледост, провинцијализмот и личната алчност. Тоа ја ослабна и дополнително ја подели земјата и денес ги гледаме резултатите. Се разбира, има и надворешни причини, кои сепак се второстепени. Ако си силен внатре, однадвор не можат да те уплашат – вели Ноев, кој беше министер за одбрана на Бугарија за време на конфликтот во Македонија во 2001 година.

Тој заклучува дека Македонија нема повеќе иднина на унитарна држава, додавајќи дека кантонизацијата веќе почнала практично да се спроведува и прашањето е дали конечната разделба ќе се оствари по мирен или по насилен пат.

Интересот на Бугарија, вели Ноев, е во Македонија да нема недостиг на државност, да нема војни и насилство, кои, како што нагласува, ќе се рефлектираат и на неговата земја – физички и емоционално.

„За Бугарија ситуацијата во Македонија има две димензии. На прво место, ние сме историски и емоционално оптоварен сосед. Како народот таму сака да живее, како сака да си ја уредува државата е негова работа. Интересот на Бугарија е таму да нема војни и насилство, кои што неизбежно ќе се рефлектираат врз нас, и физички и емоционално. Да не забораваме дека таму живеат десетици илјади Бугари, кон кои Бугарија има должности како кон нејзини граѓани, со бугарски пасоши. Втората димензија е не помалку важна. Тоа е нашата заедничка должност и одговорност за заштита на интересите на ЕУ како целина, како земја членка. Како членка ние имаме должност и одговорност да не дозволиме, да спречиме или, ако е неопходно, да гасиме кризи кои би ги засегнале интересите на целата Унија“, смета Ноев.


Се зголемуваат заштедите на населението и депозитите, оцени Народна банка


Скопје, 15 февруари, 2017 - 15:59 (META) 

Вчера се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народна банка, на која беа разгледани состојбите и показателите за домашната економија, движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари.

Од Народна банка соопштуваат дека има сигнали за стабилизација во економијата и тоа го гледаат преку штедењето на населението и склоноста за располагање со девизи.

Kаматната стапка на благајничките записи се намали за дополнителни 0,25 процентни поени и таа сега изнесува 3,25 проценти.

– Првичните јануарски податоци упатуваат на понатамошен раст на штедењето на населението во банкарскиот систем, со што тие се зголемуваат осум месеци последователно. На девизниот пазар, по високиот износ на откуп во изминатите шест месеци, во јануари позицијата на НБРМ беше неутрална. Девизните резерви и понатаму остануваат на адекватно ниво. Солидната динамика на зголемување на депозитите на годишна основа продолжи и во текот на јануари – се вели во соопштението на Народна банка.


Во прекин сообраќајот на обиколницата на Битола, се вози низ градот


Скопје, 25 јануари, 2017 - 10:23 (META) 

Сообраќајот на патниот правец А3, Прилеп – Битола – Ресен, преку обиколницата кај Битола, е во прекин поради свлечиште и сообраќајот се пренасочува преку градот Битола, извести претпладнево службата за помош и информации на АМСМ.

Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. На повисоките места во западниот и во југозападниот дел од земјава некаде има остатоци од кашест снег по интервенција на дежурните екипи на „Македонија пат“. Врнежи од снег со слаб интензитет се бележат во Битола, Железнец и на планинските премини Буково и Ѓавато. Намалена видливост поради појава на магла од 150 до 200 метри има на патниот правец Гостивар – планински премин Стража и до 70 метри на планинскиот премин Плетвар.

Во клисурите и во засеците можна е појава на помали одрони, особено на патните правци: Кочани – МакедонскаКаменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен – Буково.

Патниот правец Скопје – Македонски Брод преку националниот парк Јасен е непрооден.

Од 15 ноември на сила стапи законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15 март.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На македонската страна на граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од земјава. АМСМ препорачува исклучително внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација.


Намалена видливост кон Катланово и кон Тетово поради магла


Скопје, 24 јануари, 2017 - 9:35 (META) 

Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по на места влажни коловози, информираат од Автомото-сојузот на Македонија.

Појава на магла со видливост од 50 до 100 метри има на патните правци Велес – Катланово и кон Тетово.

Во клисурите и во засеците можна е појава на помали одрони, особено на патните правци: Кочани – Македонска Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен – Буково.


Патот од Македонски Брод кон село Здуње сè уште непрооден


Скопје, 15 јануари, 2017 - 10:37 (META) 

Патниот правец Македонски Брод – село Здуње, на кој гравитираат 11 села, сè уште е непрооден за секаков вид сообраќај, соопштуваат од Автомото-сојузот на Македонија.

Сообраќајот на државните патишта се одвива тековно во зимски услови по претежно влажни коловози, на места со остатоци од снег на коловозот по интервенција на екипите на „Македонија пат“.

Во клисурите и во засеците можна е појава на помали одрони, особено на патните правци: Кочани – Македонска Каменица – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – Стража, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Катланово – Велес, Крушево – Демир Хисар и Ресен – Буково.


Костовска: Има 15.800 лица заболени од грип, но бројката сигурно е поголема


Скопје, 6 јануари, 2017 - 16:41 (META) 

Вкупно 15.800 лица заболени од грип побарале помош во здравствените установи заклучно со минатиот петок, информираше на прес-конференција државниот советник во Министерството за здравство, Јованка Костовска.

– Од податоците што ги имаме во Институтот за јавно здравје, до минатата недела се пријавиле околу 9.500 заболени од грип. Сигурно оваа бројка е многу поголема бидејќи има и такви кои не биле на лекар и се лекувале дома. Или, до минатиот петок, вкупно имаме 15.800 заболени, но оваа бројка деновиве сигурно е зголемена. Од Клиниката за инфективни болести информираат дека нема тешки случаи со последици од грипот ниту, пак, во другите инфективни одделенија во државата – изјави Костовска.

Комисијата за заразни болести донела дополнителни мерки за подобро следење на состојбата, за да се спречи ширење на грипот меѓу населението.

– Една од тие мерки е комплетна забрана за посета во болниците каде што има сместено пациенти, за спречување на ширење на грипот. Исто така, испратен е допис до сите болници и здравствени установи да преземат мерки за да има доволно здравствен кадар за преглед на пациенти, доволно лекови, санитетски материјали и сместувачки капацитети – додаде Костовска.


Улиците во Стајковци под вода, но засега нема вода во подрумите и во куќите


Скопје, 8 ноември, 2016 - 13:52 (META) 

Улиците во скопско Стајковци се полни со вода, но опасност од поплава барем засега нема, велат жителите од ова село.

Тие додаваат дека состојбата со водата низ улиците не е алармантна, но ако дождот продолжи и понатаму засилено да врне, стравуваат да не се случи истото како летото, кога во силното невреме голем број од домовите беа уништени, а имаше и жртви.

Жителите на Стајковци објавија фотографии од поплавените улици и на социјалните мрежи, каде пишуваат дека веќе се обратиле во Центарот за управување со кризи.

Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) за денеска предупредија на внимателно движење покрај водотеците и суводолиците. Оттаму велат дека обилните врнежи и истекувањата на водите можат да предизвикаат појава на свлечишта и на одрони.