Антикорупциска: Комисија која од борец стана творец на корупција (визуелизација)


Скопје, 3 декември, 2018 - 9:27 (META) 

Државната комисија за спречување на корупцијата беше формирана во 2002 година како клучно тело во спречување и справување со коруптивното однесување на носителите на функции и злоупотреби на јавните пари.

Првиот состав на новото тело го оправда ентузијазмот и надежите – покрена неколку капитални случаи и единствениот антикорупциски предмет со судска разрешница – „Бачило“.

Но, веќе по парламентарните избори во 2006 година и со новиот, втор состав на Антикорупциската нејзиниот учинок, заедно со надежта, почна да бледнее, за главното „куче-чувар“ од корупцијата многу брзо да ги истапи забите, а на крај и да ги изгуби овците.

Иронично, во последниот свој состав, Антикорупциската беше распуштена поради – корупција.

Еве што и како работела комисијата, кој раководел со неа и колку сработила во овие 16 години:


Објавен оглас за членови на ДИК чиј мандат ќе трае шест месеци


Скопје, 5 јуни, 2018 - 9:41 (META) 

Оглас за нови членови на Државната изборна комисија (ДИК) за следните шест месеци е објавен денеска во весниците, откако Собранието во петокот донесе одлука за распишување на оглас за избор на нови членови на ДИК. Ова ќе биде привремен состав на Комисијата, бидејќи до есен се очекува да биде изготвено новото изборно законодавство, со кое ќе биде опфатен и составот на ДИК.

Огласот за претседател, заменик-претседател и петмина членови на Комисијата трае осум дена од денот на објавување во „Службен“ весник“.  По завршувањето на огласот собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата треба да подготви предлог листа.

Претседателот на Собранието ги известува партиите што освоиле најмногу гласови на последните избори во рок од три дена од денот на приемот на известувањето да му достават предлог за членови на ДИК.

Претседателот на привремениот состав и двајца членови на ДИК ќе треба да го делегира опозицијата, а партиите на власт да предложат потпретседател и тројца членови.

Членовите на ДИК ќе ги избира Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Лицето кое ќе биде избрано за член на ДИК треба да е државјанин на Република Македонија со постојано место на живеење во земјата, да има завршено високо образование со најмалку осум години работно искуство и да не е член на орган на политичка партија.

На избраните претседател, потпретседател и членови на Комисијата од денот на изборот работниот однос ќе им мирува.

Засега нема информации кој ќе биде во составот на ова привремено изборно тело. Партиите се уште не ги соопштуваат можните кандидати кои би ги поддржале, ниту, пак, има информација, каква ќе биде поделбата на местата кај владејачките партии на Албанците ДУИ, Беса и ДПА.

За ваквото решение за шестмесечен привремен состав на ДИК беа согласни сите парламентарни партии и измените на Изборниот законик, во делот на ДИК беа донесени едногласно.


Брнабиќ му го достави предлогот за новата влада на српскиот парламент


Белград, 27 јуни, 2017 - 11:17 (META) 

Во српскиот парламент стасал предлогот на мандатарката Ана Брнабиќ за составот на новата српска влада, која ќе има четворица потпретседатели и 18 ресори, јави Радиотелевизија на Србија (РТС).

Седницата на српското собрание на која Брнабиќ ќе го претстави својот предлог е закажана за утре во 10 часот. Според РТС, новата влада би можела да биде избрана веќе в четврток, во законскиот рок.

Во новата влада на првиот премиер на Србија деклариран како хомосексуалец, ќе има три нови имиња, а од досегашните министри двајца ќе ги сменат ресорите.

На Барнабиќ, ако биде изгласан составот, најдиректни помошници ќе ѝ бидат потпретседателот на владата, Ивица Дачиќ, кој и понатаму ќе го води секторот надворешни работи. Истото ќе се се случи со Небојша Стефановиќ, кој покрај потпретседател на српската влада ќе го задржи ресорот внатрешни работи, а потпретседатели ќе бидат и Расим Љајиќ и Зорана Михајловиќ.


Милошоски: Мандатарите секогаш давале по 12 дена за дебата за владата и за министрите


Скопје, 29 мај, 2017 - 19:27 (META) 

„Да се закаже седница за само еден ден, во најмала рака е срамен и недемократски чин кон јавноста и кон Собранието. Тоа покажува дека Зоран Заев се плаши од подетални анализи на нивниот леток што го нарекува програма. Но, се плаши и од подетални анализи што ќе покажат каков е кадровскиот потенцијал на новите предложени министри за владата, која тој ја нарекува реформска“, порача Антонијо Милошоски  на прес-конференција во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ попладнево.

Тој кажа оти ВМРО-ДПМНЕ смета дека мора да се остави повеќе време за пратениците и за јавноста да добијат подобар увид во составот на владата, плановите за работа на идната влада и главните проекти и смета дека со брзањето Заев нешто сака да скрие.

– Начинот на кој Заев се обидува да го скрати времето за анализа на програмата што ја нуди и на кадровскиот состав на идната влада е крајно недемократски чин. СДС зборуваше за демократија и за јавна дебата, а на пратениците, на стручната јавност и на граѓаните им го ускратува правото на потребно време за анализа и за дебата на главните проектни и главните кадровски политики на новата влада. На пратениците што не се дел од собраниското мнозинство не им се остава ниту минимум време за квалитетна подготовка на дискусија за или против новиот состав и новата програма на новата влада. Затоа со овој чин во вода паѓаат најавите за транспарентност и за отчетност на СДС и на коалиционите партнери од новото собраниско мнозинство. СДС одлучи да го понижи и да го деградира Собранието и само како лицемерство денеска можеме да ги слушнеме претходните лажни ветувања на СДС дека Собранието го гледаат како коректив на власта, која треба да биде конструктивен критичар на нејзиното однесување – рече Милошоски.

Членот на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник, посочи дека владите и мандатарите и во 2002, 2006, 2008, 2011 и во 2014 година секогаш давале минимум 12 дена простор и време за јавна дебата за разгледување и за анализа на владините програми и на предложените кандидати за министри.


Џафери: Следната недела ќе има нова влада


Скопје, 28 мај, 2017 - 19:03 (META) 

Следната недела Македонија ќе има нова влада. Во кабинетот ќе учествуваат претставници на СДСМ на Зоран Заев и партии од албанското малцинство, како дел од парламентарното мнозинство, вели претседателот на Собранието, Талат Џафери во изјава за новинската агенција „Франс прес“.

-Очекувам за ден – два да ја добијам програмата на овој кабинет и потоа да свикам седница на парламентот за следната недела – вели Џафери за АФП.

Претседателот на Собранието смета новата влада ќе мора да побара широка парламентарна поддршка за промени, за да го направи албанскиот службен јазик – клучно барање на малцинските партии.

-Не е доволно само да имаш просто мнозинство, бидејќи уставните реформи бараат поддршка од две третини од пратениците – истакнува Џафери.

Претседателот на парламентот, додаде дека сака да се води истрага за насилството во Собранието од 27 април кога беа повредени неколку пратеници, а дека потребна е и политичката одговорност.


Заев задутре на конгресот на СДСМ ќе биде единствен кандидат за претседател


Скопје, 25 мај, 2017 - 10:48 (META) 

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев по вчерашната вечера во Брисел со Федерика Могерини и со премиерите од земјите од Западен Балкан задутре на конгресот на партијата го очекува реизбор за претседател на СДСМ. Заев е единствениот кандидат за претседател на партијата што ќе се избира на задутрешниот, 22. редовен конгрес, кој ќе се одржи во хотелот „Александар Палас“, известија од СДСМ за „Мета“.

Со оглед на тоа дека конгресот треба да се одржи еден ден откако Заев најверојатно ќе го достави предлогот за новата влада во Собрание, очекувано е за предлогот да се изјасни Централниот одбор на партијата пред тој да биде доставен во Собрание на разгледување. Според изворот од СДСМ можно е седница на Централниот одбор да се одржи и деновиве пред конграсот.

На конгресот ќе се избира и нов состав на ЦО на партијата, оти мандатот на сегашниот истекува во јуни.

Конкурсите за нов претседател и за членови на Централниот одбор беше распишан на почетокот на месецов и во нив се бараше тоа да се направи по принципот на „самокандидирање“.


Ахмети замина од СДСМ без да даде изјава – најави соопштение


Скопје, 19 мај, 2017 - 15:12 (META) 

Повеќе од два часа траеше денешната средба помеѓу лидерот на СДСМ и мандатар, Зоран Заев, и претседателот на ДУИ, Али Ахмети, во седиштето на СДСМ, која е во рамките на преговорите помеѓу партиите за составување нова влада.

Ахмети во седиштето на СДСМ пристигна околу 12.30 часот, а го напушти околу 14.45 часот. Лидерот на ДУИ и на заминување не даде изјава за медиумите и само кратко најави дека партијата ќе објави соопштение за текот на денешните преговори за составот на владата.

По средбата со Ахмети, треба да следуваат и преговори со претставници на другите партии од новоформираното парламентарно мнозинство, односно со Алијансата за Албанците и со Беса.

Се очекува преговорите да течат и во текот на викендот.


Иванов: Ако можеле да се амнестираат воени злосторници, зошто не и луѓе заведени од толпа


Скопје, 17 мај, 2017 - 20:34 (META) 

„Ако имаат доблест новите пратеници во новиот состав на Собранието, ако сакаат да влијаат на смирување на општеството и да покажат акт на добра волја и на помирување, нека го направат тоа што беше направено по конфликтот во 2001 година. Тогаш знаеме дека Собранието амнестираше воени злосторници. Ако можеле воени злосторници да се амнестираат, зошто да не им се помогне на луѓе кои ги завела толпа или луѓе кои учествувале во нешто што е повеќе израз на емоции“, рече претседателот Ѓорге Иванов во интервјуто во емисијата „Само вистина“ на телевизија „Канал 5“.

Во однос на доделувањето на мандатот, Иванов изјави дека е чекор кон надминување на длабоката политичка криза која трае повеќе од две години.

„Со денешниот ден, создаваме преседан за идните мандатари да не бидат уценувани, да не бидат условувани, да не бидат под притисок за прашања за кои не може да се разговара, а тоа се унитарноста и независноста на државата, територијалниот интегритет и суверенитет. Ниеден акт не може да ја доведе државата во подредена состојба и зависност од друга држава. Тоа се состои во денешната изјава на господинот Зоран Заев. Тоа ќе биде позитивен случај за сите идни мандатари, да не бидат доведени во позиција некој друг да ги уценува“, рече претседателот Иванов, меѓу другото, во интервјуто.


Џафери: Ќе закажам седница за влада кога Заев ќе достави програма и состав на владата


Скопје, 17 мај, 2017 - 14:39 (META) 

Седница за избор на влада ќе закажам откако мандатарот Зоран Заев до Собранието ќе достави предлог-програма и предлог-состав на новата влада, изјави претседателот на Собранието, Талат Џафери, откако даде исказ во Основното јавно обвинителство по повод насилните инциденти во Собранието на 27 април.

– Во моментот кога ќе добијам материјал, ќе закажам седница. Паралелно ќе одат две седници: за избор на влада и за локални избори. Ме радува фактот што господинот Иванов го исполни тоа што го очекував. Со тоа во крајна инстанца придонесува да не се создава лоша практика во парламентарниот живот во Македонија, во смисла на индивидуално одлучување или по нечија волја – изјави Џафери.

Тој верува дека додека Иванов е надвор од државата, во следните денови, „со ладна глава ќе размисли за тоа колку тој со своите постапка и одлуки придонел за состојбата во земјата“.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали има комуникација со пратениците од ВМРО-ДПМНМЕ, Џафери рече дека комуникација има и оти не ги урнал сите мостови пред себе.

Инаку, претседателот Иванов денеска испратил писмено известување до Собранието дека го определува претседателот на СДСМ, Зоран Заев, за мандатар за составување Влада во Република Македонија.


Заев: Новата влада ќе гради граѓанска, унитарна и европска Македонија


Скопје, 17 мај, 2017 - 13:10 (META) 

„Мандатот го добив и очекувам многу наскоро да ја составам новата влада. Како мандатар и иден премиер, се обврзувам дека новата влада ќе гради граѓанска, унитарна и европска Македонија. Сите сили ќе ги насочиме кон тоа да изградиме праведна и правна држава“, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во изјава откако го доби мандатот за составување на новата влада од претседателот на државата Ѓорге Иванов.

– Убава симболика имаме денеска. 17 мај пред две години ја испрати пораката од граѓанска Македонија дека независно од политичките, етничките и од какви било други определби и припадности, граѓаните се подготвени заедно да работат на демократските вредности. Имавме надеж и верба дека гласот на обединета, шарена Македонија е гласот на единствена Македонија и денеска ја имаме потврдата за тоа. Демократија не се создава преку ноќ, таа е процес на кој макотрпно се работи. Ве повикувам сите да работиме заедно зашто сме потребни во овој процес, нашата иднина е во прашање. Ќе работам со целото срце, верувајќи во сплотеноста и затоа испраќам порака да ги оставиме разликите, изолацијата, омразата, нетрпението, деструктивните политики што ни ги уништија животите. Новата влада ќе биде влада на сите граѓани. Заедно ќе создадеме правна и правична држава на слободни граѓани – рече Заев.

Тој додаде дека преговорите за составување на новата влада со ДУИ, Алијансата на Албанците и со Беса ќе почнат веднаш и дека ќе се потрудат и за помалку од 10 дена да се формира новата влада.

Заев како одговор на новинарско прашање рече дека не постои проблем и пред новата влада да се изгласа во Собранието, да се променат законите за локалните избори за тие да се одржат на 15 октомври.