Ципрас: Првиот договор со новото име на соседот да биде за брза пруга со Грција и Србија


Белград, 21 декември, 2018 - 16:11 (META) 

Грчкиот премиер Алексис Ципрас од Белград, каде е на официјална посета и средба со српскиот државен врв, твитна дека со претседателот на Србија, Александар Вучиќ разговарале за тространа соработка со Македонија во полињата на транспортот, енергетиката, трговијата, како и за полициска соработка.

Меѓу другото, тој најави и изградба на брза железница меѓу Атина и Будимпешта.

Тој потоа на заедничката прес-конференција со Вучиќ, по втората средба на Грчко-српскиот совет за соработка на високо ниво, порача дека Грција ќе продолжи да биде витален помагач на Балканот.

– Преземаме дипломатски иницијативи за да ги претвориме симпатиите на двата народи (грчкиот и српскиот) во дела. Мора да дадеме позитивна перспектива и да се запрашаме дали политиката на интертност може да создадат перспективи. Напротив, мултидимензионалната надворешна политика може да донесе перспектива. За нас Балканот е економски витален, а Грција е витална за останатите балкански земји. Јас верувам во визијата за интербалканска соработка и се радувам на можност за отклучување на големиот потенцијал на нашиот регион. По ратификацијата на Договорот од Преспа од парламентите на двете земји (Грција и Македонија), ќе продолжиме со тристрана соработка за да ги унапредиме Пиреја, Солун, Белград, како транзитни центри и потоа ќе пристапиме кон пакт за економска соработка меѓу Грција и Србија – рече Ципрас.

Тој посочи дека со Преспанскиот договор, Македонија наместо ѕид, ќе стане  мост меѓу двете земји.

Најави и железничка пруга за големи брзини што ќе ги зближи трите земји.

– Грција е земја што игра најстабилизирачка улога вво регионот. Таа го докажува тоа со Преспанскиот договор по повеќе од 30 години конфликт со нашата соседна земја, нашата,  на Грција и Србија заедничка сосетка и нема да биде претерување да се каже дека имаше една земја што беше како еден сив појас меѓу нас. Сега немаме ѕид меѓу двете земји, туку мост. Преспанскиот договор ќе помогне на Грција и Србија да се приближат повеќе и да ја доразвиваат економската соработка, преку инвестиции и планови што ќе ја засилат меѓусебната поврзаност и ќе овозможат граѓаните и стоките да патуваат побрзо. Нашата цел е првиот меѓународен договор што нашата соседна земја ќе го потпише со новото име да биде меѓу Грција, Србија и Северна Македонија за брза железничка пруга што ќе ги спојува Атина, Солун, Скопје, Белград, а потоа и до Будимпешта, што ќе ги приближи дополнителнно Грција и Србија и ќе има крајно поволни последици за трговијата, туризмот, но и за стабилноста на Балканот – рече Ципрас.


Италијанските компании заинтересирани за учество во развојни капитални проекти


Скопје, 3 декември, 2018 - 13:48 (META) 

Искуствата, технологиите и знаењата на италијанските компании во фазите на проектирање, изведба и надзор на градежните проекти кои се планира да се реализираат во Македонија се добродојдени, порача вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на отворањето на бизнис-форумот кој го организира канцеларијата на италијанската Агенција за трговија во Скопје.

На бизнис-форумот присуствуваа претставници од 15 италијански компании, со меѓународно искуство во реализација на проекти од патна и железничка инфраструктура, енергетски како и проекти за заштита на животната средина.

Вицепремиерот ги информираше присутните за тековните и планирани инфраструктурни проекти, при што потенцираше дека заинтересираните италијански компании треба да ги следат јавните повици за реализација на проектите, нивното присуство ќе доведе до дополнителен квалитет и конкурентност во самите постапки.

Амбасадорот на Италија во Македонија Карло Ромео нагласи дека ова е втор бизнис-форум кој се организира во Македонија само во 2018 година, со што се докажува големиот интерес на италијанските компании за учество во развојни проекти во транспортот, енергетиката и животната средина. Тој нагласи дека претставниците на компаниите кои се присутни претставуваат здруженија кои работат во 90 земји и годишно реализираат приходи од околу 14 милијарди евра.

Италија е шести трговски партнер на Македонија, трговската размена помеѓу двете земји во првите девет месеци од 2018 година, во однос на истиот период лани, бележи раст од над 14,2 проценти, со вкупен обем од 448 милиони евра, а голем придонес за зголемување на економската соработка има порастот на извоз на производи од 11,7 проценти.

Бизнис форумот е во организација на Италијанската Агенција за трговија (ICE), во соработка со Италијанското здружение на приватни градежни компании (ANCE) и Италијанското здружение за инжинерство и градежништво (OICE).


Делегација на Стопанска комора утре на бизнис-форум во Атина


Скопје, 29 ноември, 2018 - 15:29 (META) 

Делегација на Стопанската комора на Македонија, утре ќе учествува на еднодневен бизнис-форум во Атина и на билатерални средби помеѓу македонски и грчки стопанственици, информираат од таму.

Настанот, Комората го организира во соработка со Атинската трговско-индустриска комора, во насока на интензивирање и зголемување на економската соработка помеѓу двете држави.

Во делегацијата ќе учествуваат компании-членки на Комората од повеќе различни сектори градежништвото, металната индустрија, прехранбената индустрија и трговијата.

„На бизнис-форумот компаниите ќе имаат можност да ги презентираат своите интереси за соработка и можности за инвестирање, во насока на зајакнување на деловните односи меѓу двете земји, а по завршувањето на официјалниот дел, компаниите ќе можат да остварат и директни средби со компании од соодветните дејности“, се вели во соопштението.

Во првите девет месеци, вкупната трговска размена со Грција изнесува 748,1 милиони долари, и е со пораст од 24,9 проценти во однос на истиот период лани. При тоа, остварен е извоз во вредност од 171,4 милиони долари, со пораст од 9,8 проценти споредено со лани, додека увозот изнесува 576,7 милиони долари, со пораст од 30,2 проценти.

Грција е втор трговски партнер на Македонија.


Азески: ЦЕФТА договорот е мртов, соседите наместо да соработуваат се случува катастрофа


Скопје, 28 ноември, 2018 - 16:08 (META) 

ЦЕФТА договорот е мртов, тоа само треба да се констатира, рече денеска претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азески по средбата со раководството на ВМРО-ДПМНЕ, на која се размениле мислења околу економските прашања од значење за бизнисот.

– Загрижува ЦЕФТА договорот кој паѓа. Секој ден имаме кршење на неговите одредби. Ако претставуваше предворје на ЕУ, преку кое се подготвуваме да влеземе на 28-члениот пазар, не успеавме да го поминеме тестот на шестчлен пазар на Балканот. Осум отсто бележиме пад во разменета изминатиот период, тоа е доволен индикатор дека тој договор е мртов. Тоа треба само да се констатира. Регионот сам и испраќа сигнал на Европската унија дека не е за таму каде што тргнал. Ова што се случува сега со Косово, Србија и Босна и Херцеговина е катастрофа. Наместо да ја интензивираме размената со соседите, остваруваме суфицит со земји како Германија – рече Азески одговарајќи на новинарски прашања.

Тој додаде дека кажал се со податокот дека, размената идната година со Германија ќе достигне над четири милијарди, а со првиот наш сосед имаме 300 милиони евра размена.

Во однос на економијата, Азески потенцираше дека Македонија мора да се стреми кон уште поголема соработка и размена со соседите и да гради сериозен пристап кога се во прашање индустријата, извозот и образованието на кадарот, согласно потребите на пазарот.

Фокусот идната година, според него треба да се стави и врз општините кои, како што истакна, имаат многу ниска инвестициска активност, но и врз малата искористеност на капиталните инвестиции, како и на општата потрошувачка која е многу слаба.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски напомена дека неговата партија секогаш била и ќе остане партнер на стопанските комори во Македонија.

– Економијата оди надоле, граѓаните се се посиромашни и понезадоволни. Голем дел се одлучуваат да ја напуштат државата трајно или привремено. Власта го напушти и пристапот на привлекување странски инвестиции – рече Мицкоски.

Ова е втора средба на Мицкоски со Азески годинава, по првата одржана на 1 март.


Анѓушев место Заев на работниот појадок кај Курц со премиерите од Западен Балкан


Виена, 19 ноември, 2018 - 13:19 (META) 

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, денеска присуствуваше на работниот појадок кој го организираше канцеларот на Австрија, Себастијан Курц за премиерите од Западен Балкан.

Анѓушев присуствуваше на појадокот наместо премиерот Зоран Заев откако тој го откажа неговото учество поради внатрешните политички случувања во земјата.

Од Владата информираат дека главна тема била регионалната соработка која има важна улога во процесот на интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија, начините за нејзино унапредување преку процеси на дигитализација, поврзување и економската соработка.

По завршувањето на официјалниот дел од работниот појадок се одржа заедничка прес-конференција на којашто се обратија канцеларот на Австрија, Себастијан Курц, еврокомесарот за соседска политика и проширување, Јоханес Хан, еврокомесарката за дигитална економија и општество, Марија Габриел, премиерите од Западен Балкан и вицепремиерот Кочо Анѓушев.

Канцеларот Курц изрази голема поддршка за земјите од Западен Балкан за процесот на ЕУ интеграција посочувајќи ја регионалната соработка како клучен сегмент кој ќе го забрза зачленувањето на земјите од Западен Балкан во ЕУ и еден од приоритетите на австриското претседавање со Европската Унија.

Тој ја посочи важноста од продолжување на иницијативата за формирање на регионална економска област како прв чекор во понатамошното интегрирање во единствениот европски пазар.

Вицепремиерот Анѓушев потенцираше дека подобар животен стандард за граѓаните може да се обезбеди само преку подобрување на економијата, што подразбира обезбедување државна финансиска помош, владеење на правото и законите, како и стабилност во земјата.

-Стабилна држава, особено за мала земја како Македонија, значи интеграција во подобар безбедносен и европски систем. Токму поради оваа причина, нашата земја ќе биде посветена на овој процес, ќе ги вложиме нашите најдобри напори за да ја завршиме нашата домашна задача, но и за да обезбедиме подобар живот за нашите граѓани. Да покажеме повеќе капацитет за регионална соработка, меѓу нашите држави, особено ако сакаме да имаме подобра соработка во Европската Унија во иднина – рече Анѓушев.


Ќе се унапредува соработката со Косово, во борбата против корупцијата и тероризмот


Скопје, 7 ноември, 2018 - 17:03 (META) 

Националните координатори за гранично управување на Македонија и на Косово, Владимир Пивоваров и Иса Џемајлај, денеска во Владата потпишаа Меморандум за соработка меѓу Координативните центри за гранично управување на двете земји.

На овој начин ќе се обзбеди побрз проток на патници и стоки и зголемена соработка во борбата против корупцијата и против тероризмот.

– Со брзата размена на информациите, се надеваме дека во иднина ќе ги надминеме досегашните проблеми, пред сè во побрзиот проток на патници и стоки, со што на граѓаните, а особено на бизнис заедницата од Македонија и од Косово ќе им се овозможи поголем промет, односно поголем профит – изјави Пивоваров.

Џемајлај рече дека потпишувањето на овој Меморандум е резултат на исклучително добрата билатерална соработка помеѓу двете земји.

– Со Меморандумот ќе ја унапредиме соработката меѓу Македонија и Косово особено во областа на борбата со меѓународниот криминал, што ќе биде од помош за граѓаните на двете земји- подвлече Џемајлај.


Економската соработка со БиХ ќе се продлабочува преку деловен клуб


Скопје, 31 октомври, 2018 - 13:24 (META) 

Во присуство на претставници на повеќе компании од двете земји, во Едукативниот центар „М6“ беше формиран македонско – босанско-херцеговски деловен клуб.

Целите на Клубот се интензивирање и продлабочување на економската соработка меѓу двете земји, преку подобрување и олеснување на условите за деловна соработка помеѓу компаниите од двете држави.

Функционирањето на Клубот треба да овозможи поуспешен настап на компаниите на пазарот на другата земја, заеднички бизнис-проекти и промовирање на бизнис поволностите на пазарите на Македонија и Босна и Херцеговина, како и на инвестициските поволности на двете земји.

За претседател на македонско – босанско-херцеговскиот деловен клуб беше избран генералниот директор на ВВ „Тиквеш“, Радош Вукичевиќ.

– Здружувањето и редовното состанување на стопанствениците на двете земји е од особена важност во поглед на унапредување на билатералните односи и поголемо вмрежување во регионот. Потенцијалот за соработка е навистина голем, особено оној меѓу различните сектори и секоја компанија може активно да придонесува во развојот и интензивирањето на овие врски- истакна Вукиќевиќ.

За потпретседател беше избран Митко Кржовски, управител на компанијата „Енерџи деливери систем“ (Energy Delivery Solutions – EDS), а беа формирани и Управен и Надзорен одбор на клубот.

На формирањето на деловниот клуб присуствуваше и актуелната амбасадорка на Босна и Херцеговина во Македонија, Лепа Бабиќ.

– Придонесот од страна на компаниите е навистина значаен, а формирањето на овој македонско – босанско-херцеговски деловен клуб треба да претставува платформа за понатамошен развој и раст и нешто што ќе го олесни настапот на компаниите на пазарите и ќе им помогне во надминувањето на бариерите кои стојат на патот за остварување повисоко ниво на соработка. Очекувам со ангажманот на компаниите од двете земји работата на овој клуб сѐ повеќе да се зголемува во иднина и да дава конкретни резултати – изјави Бабиќ.

Основачи на македонско – босанско-херцеговскиот деловен клуб се повеќе компании од двете земји, кои меѓудругото најавија и интензивирање на работата за зголемување на заедничкиот настап на трети пазари.


Македонија и Албанија потпишаа договор за соработка во гасификацијата


Тирана, 21 септември, 2018 - 12:01 (META) 

Македонски енергетски ресурси АД Скопје и АЛБГАЗ од Тирана потпишаа Меморандумот за разбирање за воспоставување и развивање на деловна соработка за развој на преносните мрежи на природен гас во двете земји.

На потпишувањето на меморандумот присуствуваа министерот за економија Крешник Бектеши и албанскиот министер за енергетика Дамјан Ѓикнури.

– Денешниот Меморандум е чекор напред за развој на билатерално стратешко партнерство во секторот за природен гас, како продолжение на веќе потпишаниот Меморандум за соработка во областа на енергетиката, меѓу Министерството за економија на Македонија и Министерството за енергетика на Албанија – истакна Бектеши.

Тој потсети дека и двете земји, како потписнички и на Договорот за основање на ЕЗ, покрај усогласување на националните законодавства со европското,  се стремат да ги постигнат трите утврдени цели на енергетската политика на Унијата, а тоа се безбедноста, одржливоста и конкурентноста, притоа обезбедувајќи слободно движење на енергијата, без технички или регулаторни бариери.

– Радува фактот што изградбата на проектот ТАП на албанска територија е во завршна фаза. Соработката во областа на природниот гас, верификувана денеска од страна на првите луѓе на МЕР и АЛБГАЗ, Бајрам Реџепи и Арбр Аврами, како стратешко партнерство меѓу двете компании, ќе овозможи обезбедување на сигурност и диверзификација на снабдувањето со природен гас. Со ова ќе биде промовирана гасификацијата, испораката на дополнителни количини на природен гас помеѓу двете земји, но и поттикнување на инфраструктурните инвестиции во енергетскиот сектор, како и исполнување на обврските што произлегуваат од Регионалната иницијатива за централно и југоисточно европско поврзување со гас – рече Бектеши по потпишувањето.

Според Бектеши, Македонија и Албанија како две соседни земји кои сакаат да се интегрираат во европските структури, имајќи го предвид Берлинскиот процес, се повеќе од заинтересирани во најкус можен рок да се конкретизираат започнатите проекти, што ќе придонесе до уште  позајакната енергетска и економска соработка, имајќи предвид дека само со добра регионална интеграција ќе се обезбеди побрза интеграција во европското семејство.


Џафери – Тачи: Договорот помеѓу Белград и Приштина нема да ги загрози соседите


Скопје, 12 септември, 2018 - 15:16 (META) 

Во рамките на еднодневната официјална посета на Македонија, претседателот на Република Косово, Хашим Тачи, се сретна и со претседателот на Собранието, Талат Џафери.

„На средбата, претседателот Тачи рече дека Косово, како непосреден сосед, чувствува потреба да изрази поддршка за Македонија. Притоа, тој истакна дека Косово го почитува територијалниот интегритет на Македонија и силно го поддржува нејзиното членство во НАТО. Што се однесува на разговорите помеѓу Приштина и Белград, Тачи рече дека евентуалниот договор меѓу нив, воопшто нема да ги загрози соседните земји и дека целиот процес ќе биде во координација со Вашингтон и ЕУ“, соопштува прес-службата на Собранието.

Претседателот Џафери истакнал дека постои огромен интерес за соработка меѓу институциите на двете пријателски и соседни држави, и за интензивирање на контактите и позитивната комуникација на официјалните лица во полза на унапредување на добрата меѓусебна соработка и размена на искуства во сите полиња од политичкиот и општествениот живот.

Џафери рече дека ги поддржува напорите за постигнување на конечен договор меѓу Република Косово и Република Србија.


Катич: ЕУ смета дека Владата на Македонија води добра политика


Скопје, 29 август, 2018 - 13:13 (META) 

Словенија ја потврдува поддршката за евроатланската интеграција на Македонија и заедно со државите членки на НАТО се надева дека Македонија успешно ќе го помине тој пат, а граѓаните ќе го направат вистинскиот избор на референдумот во септември и наскоро ќе седнете на истата маса како полноправна членка на НАТО, порача министерката за одбрана на Република Словенија, Андреја Катич, која престојува во официјална посета на Република Македонија.

Таа нагласува дека македонската влада спроведува вистински политики.

– Словенија го поздравува договорот со Република Грција. Се разбира дека требало попуштање и од двете страна, но јазикот ќе остане и натаму македонски, националноста македонска и се надевам дека македонските граѓани на референдумот ќе го направат вистинскиот избор. Сите членки на ЕУ сметаат дека македонската Влада добро ги спроведува активности кон нејзиното идно членство во Алијасната. Референдумот е институт на демократскиот поредок и овозможува изразување на волјата на народот. Затоа е уште поважно граѓаните на Македонија да учествуваат на него и да ја изразат нивната волја – изјави министерката Катич на заедничката прес-конференција со нејзината македонска колешка Радмила Шекеринска.

Шекеринска потенцира дека Македонија треба да го следи примерот на Словенија и да ја примени нејзината формула за успех, која, според министерката е вистинскиот пат за земјата и дека граѓаните треба на референдум да потврдат дека сакаат таква иднина.

– Македонија и Словенија по независноста избраа ист пат, но за жал со различна брзина. Словенија беше државата која прва стана членка на НАТО и прва се приклучи на ЕУ. И не случајно е што Словенија ги има највисоките и просечни и минимални плати во регионот и најдобрите стандарди во делот на областите што се важни за граѓаните. Примерот со Словенија е најдобар показател за формулата за успех и за нас. Македонија знае дека тоа е вистинскиот пат и убедени сме дека на 30 септември граѓаните на референдум ќе потврдат дека посакуваат таква иднина за себе, за своите семејства, за своите деца – истакна Шекеринска.

Двете министерки денеска потпишаа Меморандум за соработка со кој се унапредува и соработката во одбраната меѓу двете земји.