Oпштините побрзо ќе ги услужуваат граѓаните со софтверот за градежно земјиште


Скопје, 13 март, 2018 - 12:42 (META) 

Министерството за транспорт и врски го предаде на Заедницата на единиците на локалните самоуправи (ЗЕЛС) софтверскиот систем „е-Градежно земјиште“ кој треба да го користат општините во Македонија.

Оваа софтверска програма има за цел да им овозможи на граѓаните да ја спроведат целата постапка по поднесени барања за отуѓување, за давање на долготраен и краткотраен закуп, за давање на право на трајно користење, за пренесување на право на сопственост и засновање на право на стварна службеност на градежно земјиште во сопственост на државата.

Премиерот Зоран Заев рече дека, пренесувањето на надележостите од централна кон локалните власти, ќе создаде услови за уште поодговорно работење на општините во интерес на граѓаните.

– Со пренесувањето на софтверот за управување со градежното земјиште, општините ќе бидат многу помоќни, ќе бидат многу посилни, пофлексибилни, попосветени, да им излезат во пресрет на барањата на граѓаните или на компаниите. Ова, треба да значи охрабрување за сите инвеститори во Македонија, дека постапките кои ќе ги водат како први чекори за идни градби ќе бидат решени на локално ниво – рече премиерот Зоран Заев.

Тој додаде дека овој сервис кој е во рацете на општините е уште еден чекор од децентрализацијата, односно од пренесувањето на правата и обврските од централната на локалната власт.

Со програмата „е-Градежно земјиште“, во период од неколку месеци се очекува да има забрзување на сите постапки и да се воспостави висок степен на прецизност и дисциплина во однос на роковите.


Србија пред тешка одлука за сопственоста на телекомот во Косово


Белград, 5 октомври, 2016 - 19:31 (META) 

Србија до недела треба да се изјасни за тоа дали ќе се согласи со предлогот за примената на договорот за телекомуникациите со Приштина, со које се предвидува Белград да се откаже од сопственоста над имотот на телекомот во Косово.

Српскиот премиер Александар Вучиќ денеска изјави дека станува збор за тешка одлука, која може да има големи политички последици.

„Многу е тешко да се донесе позитивна одлука во врска со ова прашање, но исто така многу е тешко да се донесе и негативна одлука бидејќи може да има големи политички последици“, вели Вучиќ.

Белград и Приштина договорот за телекомуникациите го потпишаа минатата година во рамките на Бриселскиот дијалог, но сега спор има околу толкувањето на примената на поедини точки, особено тие што се однесуваат на сопственоста на имотот на телекомот.

Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Марко Џуриќ денеска изјави дека сегашниот предлог за примена на договорот за телекомуникациите е целосно неприфатлив. Тој оцени дека пред Белград е „поставен тежок и сериозен ултиматум“, бидејќи се бара да се откаже од сопственоста на телекомот на Србија во Косово.

Вучиќ, пак, посочи дека не би сакал да зборува за ултиматум, објаснувајќи дека станува збор за тешка одлука бидејќи Србија стравува оти спорните точки, кои се однесуваат на сопственоста, подоцна би можеле да се применат на другиот српски имот на Косово, односно „Газивода“, „Валач“ и „Трепча“.

Тој додаде дека Србија не може да очекува продолжување на процесот на евроинтеграција доколку го одбие договорот.

„Доколку не го прифатиме, се соочуваме со тешки последици за Србија и за нас, кои ги носиме таквите одлуки… Секако дека е тешко, ако одбиеме нема да ни ги отворат преговорите“, рече Вучиќ.


Во Црна Гора една третина од странските компании се со руска сопственост


Подгорица, 15 август, 2016 - 12:22 (META) 

Во Црна Гора минатата година имало 4.190 активни странски компании, соопшти црногорскиот завод за статистика Монстат.

Најголем дел од странските сопственици биле со потекло од Русија 32 проценти, Србија 18,7 проценти и Босна и Херцеговина 4,9 проценти.

Најголем дел од странските компании се наоѓаат во Подгорица, Будва и Бар и се занимаваат со трговија на големо и мало, градежништво, научни и технички дејности и работа со недвижнини.


„Алфа банка “ станува „Силк роуд банка“


Скопје, 10 мај, 2016 - 13:35 (META) 

„Алфа банка“ соопшти дека целиот нејзин акционерски капитал вчера бил купен од „Силк роуд капитал“ и ќе се преименува во „Силк роуд банка“.

Како што велат оттаму, компанијата е во сопственост на приватен инвеститор од Швајцарија, чија главна дејност е инвестирање во финансискиот сектор во регионот и тоа, според соопштението на банката, успешно го прави во последниве 12 години, вклучувајќи и една претходна инвестиција во локална банка.

Според известувањето од Народна банка, се работи за инвеститор со висок кредибилитет со триесетгодишно искуство во финансискиот сектор во Швајцарија и во Централна и во Југоисточна Европа.

Фондот бил лиценциран како малцински акционер во банки во Хрватска, Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора и во Македонија.