!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Сослушана сопругата на Нетанјаху поради трошење јавни пари за приватни цели


Тел Авив, 3 август, 2017 - 16:18 (META) 

Израелската полицијата два часа ја испитувала сопругата на премиерот Бенјамин Нетанјаху поради сомнеж дека користела јавни пари за приватни трошоци.

Како што пренесува израелското јавно радио, таа е испитана вчера во седиштето на Националната единица за разоткривање проневери во Тел Авив, поради обвинението дека користела јавни пари за лични трошоци за водење на домаќинството во официјалните и во приватните резиденции.

Како и во претходните кругови од испитувањето на премиерот и на неговата сопруга, полицијата не издала никакво соопштение за сослушувањето на Сара Нетанјаху.


Уште едно лице починало од пукањето во Бутел, причините за инцидентот и понатаму непознати


Скопје, 2 јули, 2017 - 16:54 (META) 

Скопската полиција сè уште ги истражува причините и работи на расчистување на случајот во кој 84-годишниот П.Т., жител на населбата Бутел, вчера во својот дом пукаше во сопругата, нивната ќерка и во внукот, а потоа се самоуби.

Триесет и двегодишниот внук, од сериозноста на повредата, почина на самото место, а како што соопшти денеска полицијата, утрово во Клиничкиот центар во Скопје починала и сопругата на П.Т. Нивната ќерка, која, исто така, беше хоспитализирана во Ургетниот центар, и понатаму се наоѓа во животна опасност.

Како што информираат од МВР, вчера околу 12.40 часот од засега неутврдени причини, П.Т. со својот пиштол „берета“, кој го поседувал со дозвола, првин испукал еден куршум кон својата 78-годишна сопруга и ја погодил во грлото, а потоа пукал во нивната 58-годишна ќерка, која ја погодил во главата.

„Неговиот внук Т.С. (32), откако влегол во ходникот од куќата, од страна на П.Т. бил погоден во пределот на главата при што поради тежината на огнострелната повреда починал на самото место. Потоа П.Т. со пиштолот си пукал во главата и се самоубил“, стои во информацијата на полицијата за случајот.

По наредба на јавен обвинител телата на починатите се пренесени во Институтот за судска медицина, за обдукција.


Осумдесет и четиригодишен скопјанец ги застрелал сопругата, ќерката и внукот


Скопје, 1 јули, 2017 - 15:03 (META) 

Осумдесет и четиригодишен скопјанец попладнево, околу 13 часот, пукал во својот дом и ги застрелал сопругата, нивната ќерка и внукот, а потоа се самоубил, јавува „Телма“.

Полицијата го потврдила инцидентот, кој се случил на улицата Хо Ши Мин, во општина Бутел. Застреланиот внук, кој бил на 32-годишна возраст, според првичните информации, им подлегнал на повредите на самото место, а сопругата на скопјанецот и нивната 58-годишна ќерка во критична состојба биле префрлени во Ургентниот центар.

Во тек е увидот на надлежните служби на местото на убиството.


Сопругот осомничен за убиството на битолчанката


Битола, 14 март, 2017 - 12:58 (META) 

Полицијата поднесе кривична пријава за вчерашното убиство на битолчанката Е.М.Д., за кое е осомничен нејзиниот сопруг. Според Јавното обвинителство, осомничениот ја убил сопругата удирајќи ја со дрвено сукало по главата.

Основното јавно обвинителство Битола до надлежниот суд доставило предлог на осомничниот да му биде одредена мерка притвор.

„Предлог е доставен поради основан сомнеж дека осомничениот на 13 март 2017 година, поради претходно нарушени меѓусебни односи, во дневната соба од заедничкиот дом, вршејќи семејно насилство, ја лишил од живот оштетената – неговата сопруга Е.М.Д. од Битола. Осомничениот со дрвено сукало ја удирал по главата оштетената, нанесувајќи ѝ повеќе повреди, од што таа починала“, стои во соопштението на Јавното обвинителство.

Оттаму додаваат дека постапката по кривичната пријава е во тек.


Уапсена сопругата на напаѓачот од Орландо кој уби 50 лица во ЛГБТ-клуб


Сан Франциско, 16 јануари, 2017 - 20:19 (META) 

Американските власти ја уапсија сопругата на Омар Матин, кој во јуни минатата година во напад на ЛГБТ-клуб во Орландо уби 50 лица.

Матин тогаш беше убиен во престрелка со полицијата.

Неговата сопруга Нур Салман, била уапсена во нејзината куќа во предградие во Сан Франциско. Таа се соочува со обвинувања за попречување на правдата и за давање материјална поддршка на странска терористичка организација.

Сопругата на Матин се очекува пред судот да се појави утре.

За масакрот во Орландо при кој загинаа 50 лица, а ранети беа 53 одговорноста ја презеде Исламска држава.

Нападот преставува најмасовното убиство направено со огнено оружје во историјата на САД.


Притворен скопјанец осомничен за обид за убиство на сопругата


Скопје, 4 април, 2016 - 14:47 (META) 

Секторот за внатрешни работи Скопје поднел кривична пријава против 48-годишен скопјанец, осомничен дека во саботата (2 април) брутално ја претепал сопругата, нанесувајќи ѝ тешки телесни повреди на главата и по телото, соопшти МВР.

Против Т.П. е поднесена пријава со која се товари за обид за убиство при семејно насилство, а судија на претходна постапка му одредил мерка притвор од 30 дена.

Како што информираат од МВР, осомничениот и сопругата воделе бракоразводна парница и повеќе месеци не живееле заедно. Тој во петокот заминал кај сопругата, која заедно со својата седумгодишна ќерка живеела во стан по наем, а следното утро кога требало да си замине, насила ја внел жената во својот автомобил и ја однел на Скопска Црна Гора каде физички ја малтретирал.

„Во тој момент, пријавениот ја убедувал да појде со него за да разговараат, но кога истата го одбила, тој со употреба на сила ја внел во неговото возило и се упатил кон Скопска Црна Гора. Додека возел, со тупаници ја удирал по главата и по телото, заканувајќи ѝ се дека ќе ја убие. Неговата сопруга го молела да престане и да го сопре возилото, а двапати се обидела да избега од возилото. Пријавениот успеал да ја фати при првиот обид, по што продолжил со физичкото малтретирање. При вториот обид да побегне од возилото, во близина на автобуската станица во село Побожје, ѝ помогнал случаен минувач, кој заедно со неговата сопруга ѝ пружил прва помош“, стои во соопштението на МВР за случајот.

Осомничениот побегнал од местото, а неговата сопруга со возило на итната медицинска помош, во бесознание, била пренесена во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, каде ѝ биле констатирани тешки телесни повреди, поради што била задржана на понатамошно лекување.

Кратко време по настанот, екипа на полициската единица „Алфа“ го пронашла и го уапсила скојанецот, а по извршеното алкотестирање, кај него биле констатирани 1,95 промили алкохол во крвта.

На осомничениот, како што информираат од МВР, досега четирипати му биле поднесувани кривични пријави за имотни деликти, а во периодот од 2008 до 2011 година против него биле поднесени и четири прекршочни пријави за загрозување на безбедноста во сообраќајот со управување возило под дејство на алкохол и прекршочна пријава за нарушен јавен ред и мир со малтретирање на друг во стан.


Маж со мајката и со сестрата ја малтретирал сопругата


Тетово, 17 март, 2016 - 12:49 (META) 

Триесет и петгодишен жител од тетовското село Пирок заедно со своите мајка и сестра, физички ја малтретирал својата една година помлада сопруга. Семејното насилство во полиција го пријавил родителот на жртвата, вчеравечер, околу 23 часот.

Според пријавеното, по бурната вербална расправија, сопругот и другите две лица физички ја нападнале жртвата, ја удирале по главата и по телото, ја влечеле за коса и ја навредувале. Kога таа тргнала пеш да замине кај родителите, сопругот ја стигнал, насилно ја внесол во возилото и заедно продолжиле да ја малтретираат.

Во меѓувреме, пристигнал нејзиниот родител и ја однел во нивниот дом. Случајот веднаш е пријавен во Полициската станица во Камењане.

Половина час по полноќ, тројцата инволвирани во пријавеното семејно насилство се лишени од слобода и се работи на целосно расчистување на случајот.

Според Секторот за внатрешни работи Тетово, минатата година биле регистрирани 60 случаи на семејно насилство. Најчести жртви биле поранешни и невенчани сопруги.

Како причини за семејно насилство, биле наведени финансиски тешкотии, психички растројства и меѓугенерациски недоразбирања.


Сопругата на битолскиот градоначалник лани се подновила со стан


Битола, 11 јануари, 2016 - 12:05 (META) 

Семејството на битолскиот градоначалник, Владимир Талески, минатата година се подновило со стан во вредност од 65.000 евра.

Според податоците на Државна комисија за спречување корупција, во анкетниот лист за имотната состојба на избрани и за именувани функционери, Талески напишал дека минатата година неговата сопруга стекнала стан врз основа на купопродажен договор.

За разлика од двата стана, за кои во анкетниот лист на Талески стои дека се негов личен имот и со квадратура од 70, односно 52 квадратни метри, за станот на неговата сопруга не пишува детали за тоа со колкав простор располага.

Во 2013 година градоначалникот Талески тужеше советник во Општина Битола и медиум кои пишуваа за неговата имотна состојба, но спорот го загуби пред скопските судови.


Турски државјанин исчезнал во Македонија, случајот го пријавила сопругата од Истанбул


Скопје, 11 декември, 2015 - 13:10 (META) 

Вчера, околу 15.30 часот, Ј.Д. од Истанбул, Турција, во полициската станица Бит-пазар пријавила дека не може да стапи во контакт со својот сопруг, кој бил Македонија поради работа.

Според полицијата, Ј.Д. пријавила дека со нејзиниот сопруг А.Д. (38), последен пат се слушнала телефонски на 4 декември. Од тој ден, телефонскиот број преку кој контактирала со него бил исклучен, како и телефонскиот број на неговиот пријател И.Л.

Од полицијата велат дека преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.


Иванов со сопругата во посета на Ватикан


Скопје, 30 октомври, 2015 - 9:41 (META) 

Од денеска претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, придружуван од сопругата, Маја Иванова, ќе престојува во посета на Државата Ватикан и на Италијанската Република.

Претседателот Иванов, в сабота ќе има аудиенција кај поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, и ќе оствари средба со државниот секретар на Светиот престол, кардиналот Пјетро Паролин.

Во рамки на посетата на Ватикан, сопругата на претседателот на Република Македонија, Маја Иванова, ќе ја посети детската болница „Бамбино Џезу“, која остварува соработка со Клиниката за детски болести од Скопје.

При посетата на Италијанската Република, претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, ќе оствари средба со претседателот на Италијанската Република, Серџо Матарела.