!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Четири луѓе вчера биле пријавени за исчезнати


Скопје, 10 август, 2017 - 15:31 (META) 

Во текот на вчерашниот ден, во полиција четири лица биле прогласени за исчезнати. Како што се дознава од полицискиот билтен, исчезнатите се од скопското село Црешево, Тетово, кавадаречкото село Сопот и од Скопје.

Б.П. (73) од скопското село Црешево во полициската станица Гази Баба вчера пријавил дека во петокот од дома излегол неговиот 35-годишен син С.П. и оттогаш не се вратил.

Во полициската станица во Тетово, С.Р. (74) од Тетово пријавил дека во четвртокот од дома излегла неговата сопруга М.Р. (50) и се упатила на пазарот во Тетово, но оттогаш не се вратила и не била достапна на мобилниот телефон.

К.Н. (38) од тиквешкото село Сопот во полициската станица во Кавадарци пријавил дека завчера неговиот брат С.Н.(36) излегол од дома и рекол дека со автобус ќе оди во Кавадарци, но не се вратил.

Последниот случај на исчезнување е во Скопје, а се трага по 28-годишната Р.А. Како што во полициската станица Чаир кажал нејзиниот 50-годишен татко, таа излегла од дома завчера претпладне и не се вратила.

МВР информира дека по сите исчезнати се трага.


Беса бара СЈО до петок да ги отвори случаите „Сопот“ и „Монструм“


Скопје, 28 јуни, 2017 - 19:08 (META) 

Партијата Беса попладнево побара од Специјалното јавно обвинителство да ги отвори случаите „Сопот“ и „Монструм“ до петок бидејќи потоа мандатот што тимот на Катица Јанева го има за поднесување обвиненија ќе истече.

„Без разлика на одлуките на Советот на јавни обвинители за „Сопот“, ние цениме дека СЈО има доволно материјали за само да го иницира случајот, да не дозволува на двојството ВМРО-ДУИ да продолжат да играат со животите на луѓето инволвирани во овие случаи“, велат од Беса.

Од партијата додаваат дека ако СЈО в петок не ги процесира случаите, тоа ќе се оцени како „манипулација и предавство на тие што страдаат со доживотен затвор само поради политизираната правда во Македонија“.

„Беса нема да дозволи животот на Албанците да зависи од политичките пазарења и нема да се откажеме сè додека не се расветлат целосно овие случаи. Ако не се решат овие два случаи, државата ќе ја носи одговорноста заедно со СЈО“, велат од партијата.


Беса: Владата на Заев што побргу да обезбеди праведни судски одлуки


Скопје, 6 јуни, 2017 - 13:55 (META) 

Со барање да се обработат, како што велат, монтираните случаи против Албанците, „Монструм“ и „Сопот“, како и со барање владата на Зоран Заев „што побргу да овозможи праведни судски одлуки и еднаш засекогаш да престане функционирањето на правдата со двојни стандарди“, се огласи денеска Движењето Беса.

Движењето вели дека и по формирањето на новата влада „за жал, има сигнали за двојни стандарди“.

– Кога го велиме ова, ги имаме предвид затворениците во два многу чувствителни судски случаи, „Монструм“ и „Сопот“, кои исто така се предмет на истрага на Специјалното јавно обвинителство, бидејќи овие случаи се спомнуваат и во прислушуваните објавени разговори од страна на сегашниот премиер на Македонија, Зоран Заев. И покрај тоа што јавно се изјавувало и има докази дека Албанците кои се жртви на овие монтирани процеси се неправедно осудени, правдата во нивниот случај задоцнува – порача партиската портпаролка Њомза Имери-Исмаили.
Таа нагласи дека расчистувањето на двата случаја било едно од предизборните ветувања на Зоран Заев кон албанските гласачи.

– Меѓутоа, и покрај овие изјави, сите бевме сведоци дека првото барање на премиерот Зоран Заев кон Специјалното јавно обвинителство не беше да се процесираат монтираните случаи „Монструм“ и „Сопот“, туку верификација на минатото на министрите од редовите на ДУИ, а дел од нив беа и дел од владините кабинети што ги монтираа овие политички случаи. И, додека Специјалното јавно обвинителство беше многу ефикасно и им беа доволни само 24 часа за верификација на минатото на министрите на ДУИ, бараме и очекуваме со иста итност да се процесираат и монтираните случаи „Монструм“ и „Сопот“, за кои има цврсти докази што ја потврдуваат невиноста на Албанците кои неправедно се држат во затвор. Движењето Беса бара од владата на Зоран Заев што побргу да овозможи праведни судски одлуки и еднаш засекогаш да престане функционирањето на правдата со двојни стандарди – рече Њомза Имери-Исмаили.


СЈО подготвено да го работи и „Сопот“, има сознанија за сторителите


Скопје, 22 мај, 2017 - 14:05 (META) 

Службени лица на МВР што постапувале во истрагата за случајот „Сопот“ примениле тортура врз сведокот Рамадан Бајрами, утврдило Специјалното јавно обвинителство истражувајќи ги наводите од јавно објавениот разговор и сепак води предистражна постапка за овој случај од пред 14 години. Специјалната обвинителка Фатиме Фетаи, зборувајќи за овој случај на денешната прес-конференција нагласи дека покрај застареноста на случајот со тортурата, доказите и фактите што произлегле од истрагата на СЈО имаат директни импликации врз постапката што се води во Основниот суд – Скопје 1.

– Дојдовме до сознание дека исказот на сведокот за „Сопот“, Рамадан Бајрами, за што повторно се води постапка, е изнуден и е производ на употребена сила и закани по личниот интегритет на сведокот од страна на службени лица на МВР, кои ги примениле при испитувањето. Службените лица од МВР сториле кривично дело тортура. Таквите факти ги потврдија и сведокот и дел од службените лица испитани во предистражната постапка. Вештакот оцени дека како последица на тортурата кај сведокот се предизвикани привремени последици врз неговото психичко здравје. Поради тоа што се привремени, а не трајни, кривичното дело тортура останува во својот основен облик останува и според законот е застарено во 2008 година. Но и  покрај застареноста на гонењето, овие докази и фактите што произлегоа од истрагата имаат директни импликации врз постапката што се води во Основниот суд – Скопје 1 – рече Фетаи.

– Доколку предметот биде даден во наша надлежност, ќе ги доставиме нашите сознанија до судот и ќе доставиме обвинителен акт, а ако не ни ги достави, ќе подготвиме извештај за сите овие докази и факти. Во тек е и предистражна постапка за откривање на сторителите – рече Фетаи.

Подоцна, одговарајќи на новинарско прашање, нејзината колешка Ленче Ристоска, кажа дека имаа одредени сознанија за можни сторители за овој случај, но бидејќи постапката е уште во предистражна фаза, јавноста ќе биде известена дури кога ќе се соберат доволно докази.

„Сопот“ е судски случај во кој селани од кумановското село Сопот беа обвинети за тероризам, односно поставување мина на пат на која нагази џип на НАТО со полски војници и наши државјани. Загинаа двајца војници и еден македонски граѓанин. За ова дело беа осудени 11 лица на затворски казни.

Според тврдењето на главниот сведок тогаш, изјавата со која ги посочува селаните од Сопот како извршители на делото била дадена под полициска присила и тортура. Рамадан Бајрами и тогаш сведочеше дека обвинетите се невини.

Судењето потоа беше вратено на почеток и сега случајот е пак во Основен суд Скопје 1.


Аневски: Јанева не е овластена за „Сопот“ зашто се случил пред 2008 година


Скопје, 26 ноември, 2016 - 11:28 (META) 

Случајот „Сопот“, кој го бара Специјалното јавно обвинителство, датира пред 2008 година, што значи СЈО не е овластено за него, вели претседателот на Советот на јавни обвинители, Петар Аневски, во чија надлежност е предметот „Сопот“, за телевизија „Алсат“.

„Ние сме одговорни за оценување на законските потези што ќе ги преземе Специјалното обвинителство. Кај нас е предметот, на следната седница ќе биде разгледан. Настанот се случил пред 13 години и Јанева не е овластена за настаните што се случиле пред 2008 година. Ние побаравме дополнителни информации од Специјалното обвинителство, но речиси еден месец не сме ги добиле информациите кои сме ги побарале“, велат од Советот на јавни обвинители.

Од СЈО велат дека независно од периодот кога се случил настанот, СЈО има право и надлежност да ги истражува случаите.

„Специјалното обвинителство има надлежност да ги слуша незаконските прислушувања за периодот од 2008 до 2015 година. Сè што произлегува како кривично дело од тие снимки, СЈО има право и надлежност да го истражува, независно од времето во кое се случило кривичното дело“, велат од СЈО.

Специјалното јавно обвинителство соопшти дека на 4 ноември од ОЈО за гонење организиран криминал и корупција го побарале предметот за случајот „Сопот“ за да одлучат дали овој предмет спаѓа во нивна надлежност, имајќи предвид „јавно објавен разговор од незаконски следените комуникации во врска со случајот“.

Станува збор за судски процес во врска со подметнатата експлозивна направа во близина на кумановското село Сопот, од која во 2003 година загинаа двајца припадници од контингентот на НАТО и еден македонски државјанин, за што подоцна беа осудени 11 лица, етнички Албанци.

Во еден од прислушуваните разговори што минатата година ги објави опозицијата, односно во „25. бомба“, поранешната министерка за внатрешни работи и ексдиректорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Гордана Јанкулоска и Сашо Мијалков, разговараат за случајот „Сопот“ и за тоа каква пресуда треба да биде донесена против обвинетите.


Јанева: Снимките ги доведуваат во прашање сите избори од 2011 година досега


Скопје, 21 септември, 2016 - 17:42 (META) 

Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, одговарајќи на прашања на пратениците од Комисијата за политички систем и за односи меѓу заедниците, се заблагодари за поддршката од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, но рече дека дозвола за нови јавни обвинители, СЈО добива од Советот на јавни обвинители, а не од пратениците на Собранието.

Таа рече и дека толку малку материјали досега се преслушани, затоа што СЈО работело во лоши услови.

– Исто така, би требало да ви кажам и дека три месеци воопшто не можевме да постапуваме по ниту еден предмет поради несаканите аболиции од претседателот. Добро се сеќавам на неговата изјава, иако сакам да ја заборавам. Тој рече дека сè што ние ќе направиме ќе биде помилувано. Оттука доаѓа малиот број случаи на СЈО. Исто така, би требало да ви кажам дека барам повеќе време затоа што предистражните постапки траат долго. Одговорите што ги чекаме од институциите не стигнуваат навреме – одговори Јанева.

Специјалната обвинителка, исто така, кажа дека двете обвинителки, за кои СЈО одлучило дека не му се потребни како кадар, воопшто не учествувале во случајот „Транспортер“. Јанева додаде дека најдобра соработка има со Министерството за правда, а полоша со Советот на јавни обвинители, Јавното обвинителство и со судовите.

Таа рече дека случаите „Сопот“, „Монструм“ и другите, споменати од пратеникот Рафиз Алити од ДУИ, не можат воопшто да ги добијат на увид, а не да побараат надлежност.

– Околу легитимноста на Собранието, би сакала да кажам дека според прислушуваните разговори, има сериозни индиции според кои доведени се во прашање изборите од 2011 година досега – рече Јанева.

На прашањето на пратеничката Даниела Рангелова од ВМРО-ДПМНЕ, дали СЈО ќе биде ударна тупаница на СДСМ на овие избори, специјалната обвинителка рече дека не сака да разговара на дневно-политички прашања.

Неколку пратеници од владејачката партија ѝ порачаа на Јанева дека ако Собранието не е легитимно, тогаш не постои ниту СЈО, кое својот легтимитет го добило токму од законодавниот дом.

Пратеникот Илија Димовски рече дека ако Јанева не верува дека Собранието има легитимитет, таа треба да се повлече и да си даде оставка, а СЈО да ги врати парите што ги одобри токму ова Собрание.

– Немам намера да се повлечам, ниту да дадам оставка. Јас не се плашам од никој – рече Јанева.

Седницата на собраниската комисија, на која се расправа за вториот шестмесечен извештај на СЈО, сè уште е во тек.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не ја оставаат Јанева да зборува, туку постојано ѝ упаѓаат во збор.


Министерот за правда, Јашари, бара од Јанева да ги расветли случаите „Монструм“ и „Сопот“


Скопје, 5 ноември, 2015 - 19:59 (META) 

Министерот за правда, Аднан Јашари, ја повика специјалната обвинителка, Катица Јанева, како приоритетни да ги земе случаите „Монструм“ и „Сопот“ и побара од неа да ги истражи и да ги расветли докрај, објави телевизијата „Алсат М“.

„Случаите кои се познати во Република Македонија и кои имаат етнички карактер, како „Сопот“, „Монструм“ и други, се случаи кои поради својата цел и, на некој начин, поради нивното влијание во јавноста, треба што побргу да се решат за да се избегне мислењето што постои во јавноста дека се монтирани или не се монтирани, дека имала влијание политиката во нивното решавање или немала влијание. Специјалната обвинителка, во принцип, врз основа на информациите што ќе ги има, е обврзана да иницира процедура и докрај да ги истера овие случаи“, стои во изјавата на министерот за правда што ја пренесува „Алсат М“.


Јанкулоска: Во 2003 година СДСМ беше на власт, можеби Заев има повеќе информации за „Сопот“


Скопје, 24 април, 2015 - 16:53 (META) 

„Судска разврска за „Сопот“ имаше во 2003 година, а тогаш на власт беше СДСМ. Можеби нив треба да ги прашате за овој случај“, изјави денеска министерката Гордана Јанкулоска, одговарајќи на новинарско прашање на дебатата што се одржа во Град Скопје.

„Колку што се сеќавам, овој случај има судска завршница во 2003 година, па оттука мислам дека поупатно е прашањето да го поставите до оние кои имале надлежност да постапуваат. Во 2003 година, ако не се лажам, на власт беше СДСМ, МВР беше раководено од министер од редовите на СДСМ и премиерот беше од редовите на СДСМ, па можеби Зоран Заев има повеќе информации за тоа како одела процедурата. Предметот има своја судска завршница пред повеќе од десет години. За волја на вистината, јас лично, за време на случувањата, бев надвор од Македонија одреден период и навистина не можам да дадам коментар на нешто што се случило пред повеќе од десет години и во кое јас немам апсолутно никакво учество“, изјави Јанкулоска.


„Беса“ бара ослободување на затворените во „Сопот“


Скопје, 24 април, 2015 - 11:40 (META) 

Движењето „Беса“ е згрозено и загрижено поради вчерашното објавување на разговорите меѓу министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, и директорот на УБК, Сашо Мијалков.

„Во дијалогот за случајот „Сопот“, јасно се гледа зошто тие што се осудени на повеќе од десет години, скапуваат во македонските затвори. Покрај расистичкото етикетирање како „Шиптари“, таа експлицитно вели дека затворениците за „Сопот“ не се во затвор затоа што тие се виновни за кривично дело, туку само затоа што така се договориле двајцата државни функционери што го контролираат судството. И уште полошо е тоа што тие се невини, но остануваат во затвор поради политичкото пазарење на коалиционите партнери. Оваа информација е многу загрижувачка и вознемирувачка за секој нормален човек во земјава, но и за сите странски набљудувачи, затоа што е дозволено едно такво тешко прекршување на човековите права“, стои во реакцијата.

„Беса“ најостро реагира, истакнувајќи дека човековото достоинство во Македонија нема вредност, не постои правда и оти животот на Албанците во оваа земја зависи само од политичкото пазарење. Во соопштението, исто така, се наведува дека ваквите разговори го покреваат и сомневањето за другите процеси кои се водени против Албанците, како, на пример, случајот „Монструм“, во кој шест Албанци беа осудени на доживотен затвор.

„Судејќи според овие информации, тоа значи дека и вистината за овие млади Албанци ќе излезе на виделина откако ќе скапуваат неколку години во затвор, но тогаш ќе биде предоцна“, реагира „Беса“.

Движењето ја повикува меѓународната заедница итно да помогне и да се создаде независна комисија за обвинителството и за судството, која ќе ги разгледа и другите случаи, а обвинетите за случајот „Сопот“ ќе се прогласат за невини, ќе се ослободат и ќе се обесштетат.