!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Битолски средношколци со неписмени соопштенија се повикуваат на протести


Битола, 20 март, 2017 - 13:56 (META) 

„Бојкотираме за да учиме на македонски јазик, не бојкотираме за партија!“ Вака гласи повикот на социјалните мрежи со кои средношколци од повеќе училишта во Битола ги организираат своите соученици да ја прекинат наставата и да излезат на протести.

Притоа, се повикуваат претседателите на класовите да прават списоци и да бележат кој сè излегол на протестите. Протестот кој беше најавен за денеска во 11.30 часот, ги вознемири дел од родителите на ученици во гимназијата „Јосип Броз Тито“, особено зашто ученици од други училишта дошле да ги повикаат на протест гимназијалците, со зурли и со тапани, скандирајќи „Македонија“ и читајќи соопштение „како треба да се сака татковината“.

– Децата ни јавуваат дека други ученици со зурли и со тапани се во училишниот двор и ги повикуваат на протести. Само оваа гимназија досега не ја има прекинато наставата и не го има поддржано бојкот, освен поединци – вели еден од родителите.

Во техничкото училиште, пак, ученик од втора година читал соопштение по училниците зошто треба да се излезе на протестите. Ученикот пред професорите што не го дозволувале ваквиот чин, се правдал дека за сè знае директорот. Директорот, меѓутоа, не одговара на нашите телефонски повици и пораки.

Ученици од повеќе средни училишта денеска, сепак, излегоа на протест.


ВМРО-ДПМНЕ: Доаѓаат локални избори, разбирлив е стравот на СДСМ


Скопје, 9 март, 2017 - 11:14 (META) 

„Соберете храброст и соочете се со македонскиот народ. Извадете ја платформата и срамниот договор на виделина. Нека гласа народот. Наше е да го послушаме“, велат во редовното утринско соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата нагласуваат дека е неприфатливо „виткањето кичма“ со државните и национални интереси.

„Доаѓаат локални избори. Разбирлив е стравот што го има СДСМ. Знаат дека платформата од Тирана е катастрофална за Македонија. Затоа кријат што договориле. Сепак, судот на народот е последен. Платформата беше наметната по изборите и граѓаните имаат право да се изјаснат. Доколку СДСМ нема храброст да се соочи со граѓаните, го повикуваме јавно да се откаже од платформата и од реализација на нејзините елементи, по што ќе ја добие поддршката од ВМРО-ДПМНЕ, иако лагите на Зоран Заев беа поразени на изборите“, велат од партијата.

Според ВМРО-ДПМНЕ, трагедијата е во тоа што „не само сегашната туку и сите идни генерации ќе плаќаат за криминалот на Зоран Заев и на криминогеното раководство на СДСМ“.


Беса: ДУИ не е достојна да свика средба на албанските партии


Скопје, 20 февруари, 2017 - 14:52 (META) 

Бучавата што се прави за заедничката тркалезна маса на албанските парламентарни партии е за некои албански партии во Македонија да придобијат политички поени во пресрет на локалните избори, велат од Движењето Беса.

Ставот на Беса е дека не прифаќа состанок кој е инициран од претседателот на ДУИ во Скопје.

„Тие што беа главни виновници што на Беса ѝ беа одземени два пратеника за да ѝ се дадат на ВМРО-ДПМНЕ, немаат веќе легитимитет да ги застапуваат Албанците, ниту се достојни да свикаат средба на албанските политички партии во Македонија. Нивниот лидер може да биде поглавар на некоја партија или алијанса, но за нас тој е главниот виновник за актуелната состојба на Албанците во Македонија. Поради оваа причина, ваквите иницијативи, наводно во име на албанските интереси, но злоупотребувајќи ја тркалезната маса, за нас се со лоши намери и за цел ја имаат само рехабилитацијата на тие што 15 години екстремно го уништија интересот на Албанците во Македонија. На тој што му се потребни јавни средби со Беса, за да може како Пилат да си ги измие рацете од кривичните дела, не можеме да му го дозволиме тоа задоволство“, велат од Беса.

Според партијата, состаноците кои се одржуваат во име на платформата, повеќе личат на разговори за коалиција на ДУИ и на Алијанса на Албанците. Од партијата додаваат дека сè уште ја поддржуваат платформата и дека нејзините пратеници ќе гласаат по нејзините точки кога ќе дојдат на дневен ред во Собранието.


ВМРО-ДПМНЕ: Шилегов молчи како успеал за две години да купи три нови станови


Скопје, 19 февруари, 2017 - 10:57 (META) 

Аболираниот криминалец Зоран Заев и злосторничкото здружение во раководството на партијата го претворија СДСМ во промотор и заштитник на се што е незаконско и криминално, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.

„Партискиот портпарол Петре Шилегов иако обично е гласен, се уште молчи како успеал за две години да купи три нови станови. Тој се уште не одговори дали сам на себе си изнајмува станови и си наплаќа кирии од сопственото адвокатско друштво? Шилегов молчи и за прашањето дали сам на себе си наплаќа месечен надоместок за консултантски услуги од сопственото адвокатско друштво? И конечно дали сите овие малверзации препознатливи за криминалното раководство на СДСМ се начинот по кој милионерот Шилегов успеал да заработи 200.000 евра за две години? Се укажува на тоа дека Шилегов ја продолжува шемата на Радмила Шекеринска која е позната по тоа што сама на себе си издава станови за месечен надомест од цели 5.000 евра“, велат од партијата.

Според ВМРО-ДПМНЕ, единствената преокупација на челниците на СДСМ е смислување начини како да се изигруваат и прекршуваат законите. Од партијата додаваат дека граѓаните на 11 декември јасно го осудиле на пораз СДСМ и неговите криминални и деструктивни сценарија.


ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ и Сорос го приватизираа и уништија невладиниот сектор


Скопје, 16 февруари, 2017 - 9:57 (META) 

СДСМ и Сорос 20 години го приватизира и уништува НВО секторот, како да го добиле на тендер во Струмица, велат од ВМРО-ДПМНЕ преку писмено соопштение.

„Фондација „Отворено општество Македонија“, Младинскиот образовен форум, Фондацијата „Метаморфозис“, Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија, ЏЕФ Македонија и останатите десетици невладини кои потпишаа договор со СДСМ се само маша на аболицираниот криминалец Зоран Заев преку која коалицијата СДСМ и Сорос го уништува невладиниот сектор 20 години. Овие квази-граѓански организации палеа и уништуваа за време на платеничката револуција лажејќи дека се борат за правда, а беа предводени од аболицираниот Зоран Заев“, се вели во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека ваквото, како што велат, грубо силување на невладиниот сектор од страна на СДСМ и Сорос е најдобар показател зошто во Македонија е неопходен и итен процесот на десоросоизација.


Руска амбасада: Опасно е да се наметнуваат решенија покрај волјата на народот


Скопје, 6 февруари, 2017 - 20:44 (META) 

Руската Федерација континуирано ја подржува безбедноста и стабилноста на Република Македонија како независна, суверена и територијално интегрална држава, се вели во соопштението на Амбасадата на Руската Федерација во Македонија.

Во соопштението се истакнува дека амбасадата е убедена дека излез од тешката внатрешно-политичка криза што ја зафати Република Македонија може да биде најден исклучиво во рамките на постоечкото уставно поле, врз основа на општопризнаените норми на демократското општество.

„Сите обиди да за замешување во овој процес однадвор, да се наметнат вакви или онакви решенија покрај волјата на народот на Македонија, се многу опасни и мора да бидат отфрлени од страна на светската заедница. Принципите на суверената еднаквост на државите, а немешање во внатрешните работи на други земји се од универзален карактер и нивното непочитување претставува грубо кршeње на меѓународно право. Ги сметаме за контрапродуктивни шпекулации на одделни политичари кои бараат причини на внатрешнополитичката криза во Македонија во ривалитет меѓу големите сили. Таквите констатации се слични со неодговорните тврдења на извесните милитантни политичари кои пред извесно време Република Македонија ја ставија ’на линија на огнот меѓу Вашингтон и Москва’“, се додава во соопштението.

Од руската амбасада ги осудуваат „обидите на надворешни сили да го злоупотребуваат факторот на комплицираните меѓуетнички односи за сопствени конјунктурни цели“ и сметаат тие се многу опасни за државата, дека им нанесуваат голема штета на темелните интереси на Република Македонија, како и на интересите на соработката и на стабилноста во регионот.


СДСМ: Пораките што доаѓаат од САД и од ЕУ ја покажуваат одговорноста на политичарите


Скопје, 3 февруари, 2017 - 12:44 (META) 

СДСМ преку писмено соопштение им изрази благодарност на САД и на ЕУ, бидејќи, како што велат од партијата, продолжуваат да ги поддржуваат стратешките интереси на Република Македонија.

„Јасно изразената поддршка од САД на демократските процеси во Македонија и на евроатланските интеграции на земјата е од огромно значење за граѓаните на Република Македонија и за просперитетна иднина на државата. Демократските реформи, владеењето на правото, целосното имплементирање на Договорот од Пржино, интеграцијата во НАТО и во ЕУ, што Стејт департментот ги посочи како важни за нашата држава, се волја и на мнозинството граѓани на Македонија, јасно изразена на парламентарните избори во земјава“, се вели во соопштението од СДСМ.

Според СДСМ, пораките што доаѓаат од САД и од Европската Унија покажуваат со колкава одговорност се соочуваат политичките субјекти во Македонија во период кога се носат клучните одлуки за иднината на државата и за форматот и за приоритетите на идната влада.


ВМРО-ДПМНЕ: Општините раководени од СДСМ се едни од најзагадените


Скопје, 13 јануари, 2017 - 15:59 (META) 

Токму општините раководени од СДСМ, Куманово и Струмица, се едни од најзагадените општини во земјата и оттаму стигнуваат информации за зголемен број граѓани кои се жалат на квалитетот на воздухот и влијанието врз нивното здравје, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на Пеце Мирчески од СДСМ.

„Тие зборуваат за гасификацијата, а забораваат да кажат дека токму овие два града, за кои се запенија од зборување дека наводно ги гасифицирале, се едни од градовите со највисоко ниво на загаденост. Овој факт целосно го поразува концептот на аболираниот Заев и на СДСМ и нивните нереални ветувања кои во континуитет ги даваат. Тоа само покажува дека во овие градови не е направено ниту „г“ од гасификација на домаќинствата и сè е само виртуелно и фиктивно за партиски фирми на СДСМ да се богатат“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата додаваат дека работат на решавање на проблемот со квалитетот на воздухот, а дека не даваат само нереални и од ракав истресени предлози и проекти.


СДСМ: Иванов со незаконските помилувања застана во заштита на криминалот


Скопје, 29 декември, 2016 - 13:55 (META) 

Нападите на Ѓорѓе Иванов кон мнозинството граѓани кои избраа промени, кон Специјалното јавно обвинителство, кон ЕУ, НАТО и целата меѓународна заедница, е продолжение на политиките на конфликт на неговиот ментор Никола Груевски, се вели во реакцијата на СДСМ по повод традиционалното новогодишно обраќање на претседателот Ѓорге Иванов.

Во соопштението на СДСМ се додава дека Иванов е составен дел од проблемот што десет години ја влече Македонија назад.

– Со неуставните и незаконски помилувања, тој застана во заштита на криминалот, против интересите на народот и доцна е да се правда, за сè ќе има одговорност. Граѓаните препознаа дека овие несериозни политичари, Груевски и Иванов, ги загрозија државните и националните интереси и сакаат изолација  на Македонија за спас на криминалците. Затоа излегоа масовно на изборите и во огромно мнозинство порачаа дека сакаат нова одговорна влада, институции на граѓаните и живот – се додава во соопштението на СДСМ.


ВМРО-ДПМНЕ: Ние сме победници и ќе формираме влада


Скопје, 25 декември, 2016 - 22:09 (META) 

„За ВМРО-ДПМНЕ изборите завршија на 11 декември, ние сме победници и ќе формираме влада“, информираше партијата вечерва во кратко соопштение по завршувањето на прегласувањето во општина Теарце на избирачкото место 2011.

„Денеска и ние, како и целата јавност, дознавме дека и покрај сите напори, теарчани го спречиле обидот за постизборен инженеринг. Им честитаме за тоа. Како победници на изборите, остануваме посветени на идните чекори околу формирање нова влада. Воедно остануваме на нашите ставови искажани во изјавата од 11 декември кога беа сумирани изборните резултати“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.