Посебен режим на сообраќај во центар попладнево


Скопје, 17 мај, 2018 - 12:33 (META) 

Поради посетата на британската премиерка Тереза Меј, попладнево во центарот на Скопје ќе има посебен режим на сообраќај.

За време на официјалната церемонија што ќе се одржи пред зградата на Владата околу 15.10 часот, сообраќајот на булеварот Илинден ќе биде целосно затворен и пренасочен по околните сообраќајници.

Потоа за сообраќај околу 17 часот ќе биде целосно затворена и улицата„11 Октомври“ на потегот пред Собранието, односно делницата од „Палома Бјанка“ до Црвен крст, а сообраќајот ќе биде пренасочен по околните сообраќајници.


Посебен сообраќаен режим за „Пресвета Богородица“ на Матка


Скопје, 26 август, 2017 - 12:53 (META) 

По повод верскиот празник „Успение на Пресвета Богородица“, чие што духовно чествување, според најавата на МПЦ-ОА ќе се одржи во село Долна Матка, во манастирот „Пресвета Богородица“, СВР Скопје во текот на утрешниот и задутрешниот ден ќе воведе посебен сообраќаен режим во реонот кон манастирскиот комплекс.

Сообраќајниот режим се однесува за периодот од 16,00 часот до 20,00 часот и тоа на локалниот пат село Сарај –ХЕЦ „Матка“ кон манастирскиот комплекс.


Дебармаалци попладнево ќе протестираат за безбедни улици


Скопје, 21 август, 2017 - 11:19 (META) 

Граѓанската иницијатива „Во одбрана на Дебар Маало“ денеска во 18 часот на протест пред Министерството за култура ќе ги повикаат Општина Центар и Град Скопје да ги применат постоечките закони за да ги заштитат пешаците од, како што велат „опасноста предизвикана од тротоари окупирани од возила и кафеани, опасно неорганизиран сообраќај и неконтролирано градење“.

Протестот кој се одржува под слоганите „Вратете ни ги тротоарите“ и „Здравјето пред профитот“, ќе се одвива од 18 до 19.30 часот, на улицата Антоние Грубишиќ, на потегот од ОУ „Коле Неделковски“ до Министерство за култура.

Минатата недела, кај ОУ Коле Неделковски загина постара жена која одеше по коловозот на улицата Антоние Грубишиќ.

„Тротоарите се постојано зафатени со возила, а комбето што ја усмрти се движеше во рикверц затоа што нема простор и затоа што дотур се прави во најфреквентните часови и во текот на цел ден. Брзината, иако формално ограничена, никој не ја санкционира, бучавата ги надминува сите дозволени граници, градежните активности продолжуваат и покрај тоа што граѓаните го оспорија предложениот Детален урбанистички план. Иако градоначалникот на Центар и Општината се обврзани со закон да одговорат на анкетните ливчиња за ДУП-от, градоначалникот Андреј Жерновски и Општината го прекршија законот и сѐ уште одбиваат да одговорат на над 400 анкетни забелешки од граѓаните“, велат од граѓанската иницијатива, потсетувајќи дека повеќе од две години предупредуваат на опасноста и бара од градоначалниците на Центар Андреј Жерновски и Скопје Коце Трајановски.


Во Охрид летово ќе биде забрането движење за туристички автобуси во центарот


Охрид, 15 мај, 2017 - 17:05 (META) 

Во текот на летната сезона, во централното подрачје на Охрид ќе биде забранет влезот на туристичките автобуси, било договорено на денешната средба на претставници на СВР Охрид, општинскиот сектор за локален економски развој, сообраќајни инспектори и на туристичките агенции.

Како што соопшти СВР Охрид, туристичките автобуси не ќе смеат да влегуваат во централното градско подрачје, а на дел од улицата Партизанска, на потегот од студентскиот дом „Кузман Шапкарев“ до „Комерцијална банка“, ќе биде одредено паркиралиште за  привремено запирање на туристичките автобуси. Тоа паркиралиште ќе биде исклучиво за кратко застанување на туристичките автобуси и за симнување на туристите.

Дозволена рута за туристичките автобуси се булеварот Туристичка и улиците Димитар Влахов, Кузман Јосифоски Питу и Партизанска, односно 15. Корпус, Питу Гули и Јане Сандански.

Дозволени места за паркирање за туристичките автобуси, по договор со Јавното претпријатие „Биљјанини извори“, останува просторот кај Градскиот полигон, на булеварот АСНОМ и во непосредна близина на Јавното претпријатие „Водовод“ кај „Биљјанини извори“.


Министерството за животна средина со предлог-мерки за намалување на загадувањето


Скопје, 25 јануари, 2017 - 18:28 (META) 

Воведување сообраќаен режим пар-непар за возилата и намалено користење на службените возила за 50 прценти од страна на државните и на јавните институции предложува Министерството за животна средина и просторно планирање до Владата, за да се намали загадувањето на воздухот.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање информираат дека ресорниот министер, Башким Амети, денеска се сретнал со претставници на граѓанските здруженија и дискутирале за актуелните проблеми со загадениот воздух и за предлог-мерките за намалување на загадувањето.

– Целта на оваа средба беше преку неформален дијалог со претставниците на невладините организации кои се занимаваат со оваа проблематика да се разгледаат и да се продискутираат конкретни, применливи мерки кои во краток временски период ќе дадат видливи резултати во намалување на загадувањето на воздухот – се вели во соопштението од Министерството за животна средина и просторно планирање.


Воведен посебен сообраќаен режим во местата погодени од невремето


Скопје, 10 август, 2016 - 16:31 (META) 

Полицијата воведе посебен сообраќаен режим на сообраќајниците во регионот на Скопје, кој е најмногу погоден од невремето, за да се обезбеди непречена работа на механизацијата за санирање на штетите и непречен дотур на храна, вода и лекови на жителите на населените места зафатени од поплавите.

„Воспоставен е посебен режим на сообраќај со кој се предвидува граѓаните од село Арачиново кои се упатуваат кон Градот Скопје да не поминуваат низ Сингелиќ туку да ја користат скопската обиколница, а и граѓаните од село Црешево и село Стајковци кои се упатуваат кон Скопје исто така да ја користат скопската обиколница. Апелираме до граѓаните на селата Арачиново, Стајковци и Црешево да ја почитуваат сообраќајната сигнализација како и наредбите од полициските службеници кои ќе траат до надминување на кризната состојба“, стои во соопштението од МВР.


Посебен сообраќаен режим за празникот Духовден


Скопје, 15 јуни, 2016 - 12:13 (META) 

Поради верскиот празник Духовден, в сабота сообраќајот кон гробиштата Бутел во Скопје ќе биде под посебен сообраќаен режим, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи.

Како што информираат оттаму, сообраќајот кај гробиштата Бутел, почнувајќи од 7 часот па сè додека има потреба, ќе биде пренасочен од улицата Александар Урдарески, покрај пазарот во Бутел, лево по локалниот пат за селото Мирковци и лево по улицата Боца Иванова, до паркиралиштето пред гробиштата. За излез возилата треба да се движат по улицата Боца Иванова до кружниот тек.

„Во другите денови, 17 јуни (петок) и 19 јуни (недела), кај гробиштата Бутел, Ѓорче Петров и Камник од страна на сообраќајната полиција при СВР Скопје ќе бидат преземени сите соодветни мерки за нормално одвивање на сообраќајот“, стои во соопштението на МВР.


Посебен сообраќаен режим поради протестот во 18 часот


Скопје, 15 март, 2016 - 16:56 (META) 

Поради денешниот граѓански протест во организација на Здружението на граѓани „Ајде“, кој е најавен за 18 часот пред Владата, дел од сообраќајниците во центарот на градот ќе имаат посебен сообраќаен режим, информираат од МВР.

„Во периодот од 18 часот за сообраќај ќе бидат затворени булевар Илинден пред Владата на РМ, булевар ВМРО, улицата Васил Главинов, лево по улицата Димитрије Чуповски, потоа улицата 11 Октомври (пред Собранието на РМ), улицата Филип Втори Македонски (преку мостот кај „Холидеј ин“), односно сообраќајниците по кои е најавено движењето на учесниците во протестот. Овој сообраќаен режим ќе биде на сила до завршувањето на протестот, односно сè додека постои потреба од сообраќајна регулација“, се вели во соопштението од МВР.