Зголемени контроли во Тетово поради сообраќајниот хаос


Тетово, 8 ноември, 2018 - 15:15 (META) 

Погрешно паркираните возила во Тетово се секојдневие, особено во централното градско подрачје. Од полициската станица за безбедност во патниот сообраќај во Тетово, во изминатиот период активно работат на подобрување на ваквата состојба.

Велат дека контролните активности се засилени, а погрешно паркираните возила се дислоцираат и санкционираат. Тие упатија апел и до сите оние кои возат со прекумерна брзина, која е најчестата причина за сообраќајни несреќи во Полошко.

– Оваа наша должност ја реализираме со засилено темпо, се со цел а се ослободат пешачките патеки и безбедноста на граѓаните да биде зголемена. Исто така, упатуваме апел за прилагодување на брзината на возење, особено во централното градско подрачје. Обезбедени сме со најсовремени радари преку кои се детектираат возачите кои возат со брзина над дозволената – истакна командирот Зоранчо Талев.

Во октомври годинава, на подрачјето на Тетово, регистрирани се вкупно 65 сообраќајни несреќи, во кои немало човечки жртви. Несреќите завршиле со тешки и лесни повреди на патниците, и со причинета материјална штета.


Заев: Уште размислуваме дали новиот Клинички центар да се гради во Бардовци


Скопје, 31 јануари, 2018 - 13:32 (META) 

Сè уште немаме донесено одлука, и чекаме во наредните денови сите надлежни институции да ги достават побараните информации, па ќе решиме дали новиот Клинички центар во Скопје ќе се гради на сегашната локација или пак во Бардовци или во Индустриската зона Визбегово, рече премиерот Зоран Заев одговарајќи на пратеничкото прашање на Павле Богоевски, дали изборот на изведувачот, италијанската компанија ИНСО, е законски и дали дала соодветна банкарска гаранција.

Заев појасни дека почетокот на изградбата на новиот објект, кој ќе биде само дел од Клиничкиот центар во сегашниот круг, би можела да почне во јуни или јули годинава, ако Владата донесе одлука комплексот да се гради на сегашното место. Но ако се донесе одлука да гради целосно нов Клинички центар во Бардовци или Визбегово, камен темелник би се ставил за пет години и целио комплекс би чинел 450 до 500 милиони евра, наспроти 85 милиони евра колку што би се потрошиле за новата градба на сегашната локација.

Договорот за изградба на комплексот што ќе ги вдоми Интерните клиники, а ќе биде поврзана со Хируршки клиники и со Гинекологија, беше потпишан во 19 мај лани, меѓу тогашниот министер за здравство, Никола Тодоров и италијанско-македонски конзорциум составен од фирмите „Инсо системи“ од Италија, „Гранит“ и „Бетон“ од Скопје.

Премиерот Заев рече дека почетокот на изградбата бил блокиран со неизибрање надзор од страна на владата на СДСМ, оти сакале да се уверат дека сите постапки на меѓународниот тендер се в ред. Рече дека сè се покажало законски.

Проблемот со градење на новиот комплекс на сегашната локација е што ќе продолжи и ќе се зголеми сообраќајниот хаос и околу комплексот и во него, појасни Заев, додавајќи дека сепак се планирани две катни гаражи – едната под Клиниката за белодробни болести, а другата од кај МВР, во која би имало 2.200 паркинг места.

Премиерот рече дека ако се изгради нов клинички центар во северниот дел на Скопје, тоа би овозможило растоварување на сообраќајот и полесен пристап на пациентите од другите градови, но исто така сегашната локација би можела да се пренамени во градежна зона, од што државата би добила пари од комуналии. Но во тој случај ќе треба да се платат и 5,5 милиони евра казна поради раскинувањето на договорот за кредитот од 85 милиони евра од Банката на Советот на Европа, која не сака да го пренамени кредитот.


Градоначалничките кандидати за Тетово ветуваат решавање на сите проблеми


Тетово, 3 октомври, 2017 - 13:20 (META) 

Ветувајќи целосна транспарентност и посветеност на доброто на граѓаните, кандидадите Албанци за градоначалници на општина Тетово во вчерашната дебата на дебатниот карван „Живот во Македонија“ (#Debatpernime), кој го организираат „Порталб“, „Калѕо“ и телевизијата „Арт“, порачаа дека ако го освојат мандатот, конечно ќе прекине легализирањето дивоградби, урбаниот и сообраќајниот хаос и дека ќе го надминат проблемот со водоснабдувањето.

Теута Арифи, досегашен градоначалник на Тетово и градоначалнички кандидати на ДУИ, Аднан Незири, кандидат на Алијанса за Албанците, Бардил Даути од ДПА и Биљал Касами од Беса, во дебатата водена од новинарката Јета Џара, зборуваа и за своите идеи за решавање на проблемот со отпадот во Полог, извести „Порталб“.

Речиси сите се за поголемо рециклирање на отпадот и за градење модерна фабрика за отпад.

Денеска дебатниот карван „Живот во Македонија“ е во Струга. Дебатата може да се следи во живо на „Порталб“, со почеток во 18 часот, како и на телевизијата „Арт“ и на „Калѕо“.


Дебармаалци порачаа дека тротоарите се за пешаци, а не паркинг-простор за заработка


Скопје, 21 август, 2017 - 20:49 (META) 

Жителите на Дебар Маало попладнево излегоа на протест, на кој ги повикаа Општината Центар, Градот Скопје, МВР и полицијата да преземат мерки за да ги заштитат пешаците, а особено децата од опасносностите кои демнат од тротоарите окупирани со возила, од неорганизираниот сообраќај и од неконтролираното градење.

Протестот, организиран од граѓанската иницијатива „Во одбрана на Дебар Маало“, се одржа пред зградата на Министерството за култура, во близина на Основното училиште „Коле Неделковски“, каде минатата недела загина жена која беше прегазена од комби кое вршеше дотур на производи.

Граѓаните со транспаренти на кои пишуваше „Здравјето пред профитот“ и „Вратете ни ги тротоарите“ ги повикаа надлежените наместо да си ја префрлаат одговорноста едни на други, да почнат да работата и да соработуваат за решавање на проблемот во интерес на граѓаните, пред се на децата.

Јана Белчева во името на граѓанската иницијатува истакна дека работите наместо да се решаваат се влошуваат, а најстрашно од сè тоа што од тротоарите, наменети за пешаците, се заработува, бидејќи на нив се означени места за паркирање на возила, што се наплаќа.

– Повеќе од две години се обидуваме да дојдеме до некое решение кај инситутцииуте, но, за жал оттаму немаше никаква реакција. Го повикуваме градоначалниците Општина Центар, на Град Скопје, инспекциските служби, МВР и собраќајна полиција да почнат да соработуваат за да се решаваат проблемите, а не да си ја префрлаат одговорноста во ситуација кога се одговорни пред законот – рече Белчева.