Трамп планира да воведе царина на челикот и алуминиумот од земјите-членки на ЕУ


Вашингтон, 31 мај, 2018 - 11:22 (META) 

Администрацијата на американскиот претседател, Доналд Трамп планира да воведе царина на увозот на европски челик и алуминиум, бидејќи не се добиени отстапки од Европската унија, пренесуваат светските агенции.

Дополнителниот рок за воведување на царинска казна на челик и алуминиум истекува утре, бидејќи САД претходно ги продолжија преговорите со ЕУ за 30 дена.

Американскиот претседател во март најави дека САД ќе воведат царина од 25 отсто на увозот на челик и 10 отсто на увозниот алуминиум, но гарантираше дека ЕУ и другите американски сојузници ќе бидат изземени од тие мерки. Сепак, изземањето на ЕУ од тие мерки истекува утре.

ЕУ за возврат се закани со контра мерки, односно воведување на царина на американскиот челик, путер од кикиритки, сок од портокал и други производи, доколу се случи спротивното.

Одлуката на Трамп може да се промени ако двете страни постигнат договор во последен момент.


Сирија: Бунтовниците го замрзнаа учеството во разговорите за решавање на конфликтот


Дамаск, 3 јануари, 2017 - 10:40 (META) 

Сириските бунтовнички групи соопштија дека одлучиле да ги замрзнат разговорите за нивно учество во мировните преговори за Сирија, кои треба да се одржат во Казахстан, сè додека сириските сили и нивните советници не престанат да го кршат примирјето.

Бунтовничките групи, како што јавуваат светските агенции, во соопштението наведуваат дека територијалното напредување на војската и на милицијата, кои имаат поддршка од Иран, би довело до пропаѓање на договорот за прекин на огнот.

Во договорот за прекин на огнот посредуваат Русија и Турција, а Москва подготвува мировни разговори во главниот град на Казахстан, Астана.

„Режимот и неговите сојузници продолжуваат да пукаат и вршат големи и обемни кршења на договорот“, се наведува во соопштението потпишано од бунтовничките групи.


Германија усвои закон за шпионирање сојузници


Берлин, 21 октомври, 2016 - 16:01 (META) 

Пратениците во Германија усвоија закон кој ѝ овозможува на разузнавачката агенција БНД да шпионира институции на Европската Унија и на други земји-членки на асоцијацијата.

Ова е дел од пакетот закони што се однесуваат на мерките за унапредување на надзорните шпионски активности, јавуваат светските агенции.

Со законот е предвидено воспоставување комисија од независни судии, која ќе мора да биде известена кога БНД ќе ги шпионира сојузниците.

Предвидено е шефот на разузнавачката служба еднаш годишно да одговара на пратенички прашања.

Мерките се побарани откако поранешниот соработник на НСА, Едвард Сноуден, објави документи што укажуваат дека БНД ѝ помагала на американската НСА при шпионирање цели, како што се групацијата „Ербас“, францускиот претседател и Европската комисија.


Најмалку 4 лица загинаа, а 12 се ранети во експлозија во Јемен


Сана, 14 октомври, 2016 - 19:01 (META) 

Најмалку четири лица загинаа, а 12 се ранети при експлозија која се случила за време на погреб во јеменскиот град Марибу, источно од главниот град Сана.

Експлозијата се случила за време на оддавање на почест на починатиот Абдуралаб Шададиј, кој бил воен заповедник и бил убиен пред неколку дена во борбите против бунтовниците Хути.

Непријателствата во Јемен се зголемија по неуспешните мировни преговори на Обединетите нации во Кувајт во август минатата година. Борбите се концентрирани околу градот Сана, во делот на земјата кои го контролираат Хути.

Тензиите се зголемија по воздушниот напад на коалицијата на чело со Саудиска Арабија кој се случи на 8 октомври, со цел да ги потисне бунтовниците Хути и нивните сојузници, кои и понатаму ја имаат контролата во главниот град.

 


САД ја предупредија Русија дека ќе ги бранат своите сојузници


Штутгарт, 3 мај, 2016 - 14:58 (META) 

Американскиот министер за одбрана, Еш Картер, изјави дека НАТО ќе ги брани своите сојузници од „руска агресија“, но оти не сака од Русија да направи непријател.

Картер, за време на именувањето на новиот шеф на европската команда на НАТО, истакна дека „вратата на Северноатлантската алијанса ќе биде и понатаму отворена кон Русија“ кога станува збор за прашања што претставуваат глобални безбедносни предизвици, доколку Москва се откаже од „ѕвецкањето со оружје“.

– Кремљ треба да одлучи. Ние не бараме студена ниту, пак, жешка војна со Русија. Не сакаме од Русија да направиме свој непријател. Но, немојте да се залажувате, ќе ги браниме своите сојузници, меѓународниот поредок кој се темели на прописи и позитивната иднина што тој ни ја обезбедува – рече Картер.

Во Штутгарт денеска на функцијата врховен командант на силите на НАТО за Европа е назначен Кертис Скапароти, досегашен командант на американските сили во Јужна Кореја.

 


Хамза бин Ладен: Нападнете ги САД и сојузниците


Кабул, 15 август, 2015 - 10:38 (META) 

Терористичката организација Ал Каеда објави аудио снимка со закана која на САД и сојузниците им ја упатува синот на Осама бин Ладен, Хамза бин Ладен.

Како што пренесуваат светските медиуми, се верува дека тоа е прв доказ дека наследникот на убиениот терористички лидер, станал член на организацијатата која ја командувал неговиот татко.

Во пораката која е споделена на социјалните мрежи, Хамза бин Ладен бара од следбениците на својот татко да ги нападнат Соединетите Американски Држави и нивните сојузници.

Според неговите зборови, приврзаниците на Ал Каеда од Авганистан, Ирак и Палестина треба да тргнат во света војна против Вашингтон, Лондон, Париз и Тел Авив.

Синот на Бин Ладен прв и единствен пат се појавил во јавност во 2001 година, кога телевизијата „Ал Џезеира“ објавила снимка од талибанците во Авганистан меѓу кои, како што се верува, се појавува и тогаш десетгодишниот Хамза.

За него постојат многу малку информации, но се верува дека е роден во 1991 година.

Осама бин Ладен е убиен во 2011 година во Пакистан, а од тогаш лидерската улога во Ал Каеда ја преземал Ајман-ал-Завахири.