!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

„Метаморфозис“ и „Мајкрософт“ нудат можности за донации на софтвер за граѓанските организации


Скопје, 15 мај, 2017 - 12:44 (META) 

Во Конгресниот центар на Скопски саем утре ќе се одржи „Ден на Мајкрософт“, посветен на граѓанскиот сектор, на тема „Технологијата во облак (cloud) го помага општеството“.

„Денот на Мајкрософт“ посветен на НВО-секторот, организиран од Фондацијата „Метаморфозис“ со поддршка на „Мајкрософт“, ќе им овозможи на претставниците на граѓанскиот сектор да научат повеќе за можностите да добијат софтверски донации и донација во вредност од 5.000 долари на „Microsoft Azure“ од програмата на „Мајкрософт“ за поддршка на граѓанскиот сектор, кој во Македонија и на Балканот се спроведува од страна на Фондацијата „Метаморфозис“, преку платформата „Теchsoup Balkans“.

Настанот ќе го отворат генералниот менаџер на „Мајкрософт Македонија“, Љупчо Георгиев, и Бардил Јашари, извршен директор на Фондацијата „Метаморфозис“.


Германија почнува со тестирање на софтвер за препознавање на говорот на мигрантите


Берлин, 18 март, 2017 - 11:39 (META) 

Германските власти почнуваат со тестирање на нов софтвер за препознавање на говор, со кој може да се одреди од која земја доаѓаат мигрантите кои немаат документи, јавуваат светските агенции, повикувајќи се на соопштение на властите во Берлин.

Од заводот за бегалци и мигранти на Германија соопштиле дека новиот автоматизиран систем треба да почне да работи во рок од две недели, но, дека нема да подготвен за официјална употреба уште најмалку една година.

Целта на софтверот е да ги открие мигрантите кои зборуваат на арапски јазик и доаѓаат од Сирија, а немаат документи тоа да го докажат и на тој начин да ги зголеми нивните шанси за добивање на азил во Германија.

Лингвистите, како што пренесуваат агенциите, се скептични околу ефикасноста на новиот систем и наведуваат дека е невозможно софтверот да биде целосно прецизен, бидејќи јазикот и говорот постојано се менуваат.

Новиот софтвер треба да се користи во рамките на технологијата за утврдување на индентитет, кој е веќе во употреба, соопштиле германските власти.


Граѓанскиот сектор може да набави софтверски решенија преку платформата „Теchsoup Balkans“


Скопје, 20 ноември, 2016 - 15:00 (META) 

Претставници на граѓанскиот сектор може да набават софтверски решенија преку платформата „Теchsoup Balkans“ која ја спроведува Фондацијата за интернет и општество„Метаморфозис“ која е партнерска организација на програмата за софтверски донации надлежна за Македонија, Косово и Албанија.

За непрофитните организации да добијат софтверска донација преку оваа платформа прво мора да се регистрираат преку линкот https://www.techsoupbalkans.org/mk/user/register.

Откако ќе се заврши регистрацијата, потребно е да се пополни и регистрацијата за непрофитна организација преку линкот  https://www.techsoupbalkans.org/mk/civicrm/profile/create?reset=1.

Повеќе за начинот на кој може да се набават софтверските решенија може да се прочита на линкот „Како да ја добиете вашата софтверска донација преку платформата TechSoup Balkans?“


Дроновите во Македонија го чекаат новото Собрание за да летаат по правилник


Скопје, 14 ноември, 2016 - 15:45 (META) 

Агенцијата за цивилно воздухопловство подготви правилник за регулирање на управувањето со беспилотни летала, односно дронови, и истиот е доставен до Министерството за транспорт и врски, информираше генералниот директор на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Горан Јандреоски, на работилницата за авијација на „ТАВ Македонија“ во Струга.

– Правилникот не може да биде донесен бидејќи Собранието е распуштено. Треба да почекаме за да се запазат законските процедури и регулативата да стапи на сила – изјави Јандреоски.

Тој вели дека до Агенцијата стигнувале многу поплаки во однос на користењето дронови и додаде дека последни два такви случаи се забележани со паѓање на дрон во близина на Собранието, а еден летал и врз зградата на „Македонски телеком“, па требало присилно да го отстранат.

– Дроновите кои се од познати производители, во нивниот софтвер имаат одреден вид запис каде можат да летаат. Така, ако се обидете да ги летате врз стратешки објекти, не можат да полетаат. Тестиравме такви дронови во близина на арената „Филип Втори“ и претседателската резиденција на Водно. И навистина, дроновите не се активираа, што не е случај со дроновите од кинеско производство – додаде Јандреоски.

Тој истакна дека во Македонија ќе се користи искуството од Сингапур за тоа како во таа земја е развиен моделот на летање беспилотни летала.

– Според тој модел, дроновите, независно чие производство се, се регистрираат и потоа корисникот ја информира Контролата на летање за тоа кои се неговите фреквенции. Со добра програма за инвестирање, може да се направи и мал надзорен центар за летање дронови – изјави Јандреоски.

Во моментов постои уредба за услови под кои летало без екипаж може да лета во македонскиот воздушен простор, што Владата ја донесе на почетокот на минатата година.

Со оваа уредба пропишана е далечината на која дроновите може да летаа во висина и во ширина, како и тоа дека не смеат да бидат во близина на државни институиции, помала од 500 метри.


Николовски: Во Платежната агенција недостига софтвер од 778.000 евра


Скопје, 4 август, 2016 - 14:03 (META) 

Ревизорскиот извештај открива дека софтвер од 778.000 евра, за потребите на Платежната агенција, не е сметководствено евидентиран! Ова значи дека на повидок е нов скандал со одлевање стотици илјади евра народни пари за софтвери во Министерството за земјоделство и во Агенцијата за земјоделство и рурален развој, обвини денеска на прес-конференција Љупчо Николовски од СДСМ.

– Граѓаните слушнаа од ревизорскиот извештај дека биле вршени исплати на лица за кои нема решенија за субвенции или, обратно, токму поради неусогласеност на двата сектора во Агенцијата задолжени за тоа. И двата сектора имаат софтверски апликации, но нема интегрираност на податоците! А и покрај тоа што постои софтвер за контрола на терен по исплатите, според ревизорот, тој не функционира. Постои уште еден софтвер, во Министерството за земјоделство, преку кој треба да се дефинира пазарната цена на земјоделските производи, но и тој софтвер не функционира! Исто така, постои софтвер за следење на наплатата за закуп на земјиште, но според ревизорот, не се евидентирани голем дел од склучените договори за земјоделско земјиште – рече Николовски.

Тој додаде дека одговорност ќе има за сите злоупотреби на штета на граѓаните.


„Фолксваген“ на Американците ќе им исплати 14,7 милијарди долари отштета


Вашингтон, 28 јуни, 2016 - 11:24 (META) 

Германската компанија „Фолксваген“ постигна договор за исплата на 14,7 милијарди долари отштета на сопствениците на автомобили во САД, бидејќи призна дека користела софтвер за лажирање на контролата на издувните гасови.

„Фолксваген“ се согласил да ги поправи или да ги откупи автомобилите во кои е вграден спорниот софтвер и на секој сопственик да му исплати до 10.000 долари.

Договорот предвидува и уплата на 2,7 милијради долари во фондовите за заштита на животната средина и уште две милијарди за истражување на зелена технологија.


Малку жени работат во секторот за ИТ-услуги во Македонија


Скопје, 22 март, 2016 - 11:15 (META) 

Врз основа на претходни истражувања од 2015 година, вo Македонија на развој на софтвер и во секторот ИТ-услуги има помалку жени (27 отсто), а и помалку вработени жени на раководни места (12 отсто) во споредба со мажите, и покрај поголемиот број на академски образувани жени.

– Работењето на жени како професионалци во ИТ-индустријата, која е глобално најбрзорастечката индустрија, истовремено со најсилна флуктуација на кадри, е аспект на кој треба да му се придаде приоритетна важност – се вели во истражувањето на ниво на Европската Унија, кое воедно укажува на економска оправданост на внесувањето на родовата перспектива во работењето на компаниите.


Фондот за здравство воведе нов софтвер


Скопје, 3 ноември, 2015 - 13:40 (META) 

Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија воведе нов електронски софтвер за унапредување и за олеснување на административните работи во здравствените институции.

Директорот на Фондот, Сашо Стефаноски, денеска на прес-конференција рече дека во изминатиот период работеле на електронски систем кој ќе значи замена на досегашното класично административно работење на здравствените установи со ФЗОМ и преминување на комплетно електронско работење.


Компанија за софтверски услуги ќе отвори центар за истражување


Скопје, 12 август, 2015 - 14:56 (META) 

Ирскиот провајдер на софтверски решенија за глобалниот финансиски пазар „Баракуда Еф-Икс“ (Barracuda FX) ќе отвори центар за истражување и развој во Македонија. Компанијата ќе инвестира еден милион евра и ќе вработи околу 80 лица.

– Се работи за центар за истражување кој не е типичен и досега нема таков во Македонија. Целта е, од она што сега го има компанијата како главен производ за тргување на светските пазари, да се развијат производи во Македонија за другите сегменти во финансиското работење – истакна вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски по средбата со менаџерскиот тим на компанијата.

Компанијата „Баракуда Еф-Икс“ (Baracuda FX )e лоцирана во Даблин, но има и претставништво во Лондон. Испорачува софтверски услуги за познати светски банки и финансиски институции.


„Глобал војсес“: И српските служби биле заинтересирани за шпионскиот софтвер на „Хакинг тим“!?


Белград, 11 август, 2015 - 15:38 (META) 

Дел од мејловите и од досиејата на контроверзната италијанска софтверска компанија „Хакинг тим“ со седиште во Милано, кои „Викиликс“ ги објави на почетокот на јули оваа година, откриваат дека најмалку една српска безбедносна служба се распрашувала и преговарала за купување софтвер за следење комуникации од компанијата во 2012 година, пишува „Глобал војсес“, повикувајќи се на извештај на српска невладина организација, објaвен минатиот месец.

Како што пренесува „Глобал војсес“, исто така имало докази дека една или повеќе мејл-адреси од српското министерство за одбрана се јавуваат во материјалите што ги објави „Викиликс“, како пробни корисници на шпионскиот софтвер на италијанската компанија.

Станува збор за софтверот познат како „римоут контрол систем“ или скратено РКС (RCS). Според извештајот на невладината организација, најчести клиенти на „Хакинг тим“ се влади од повеќе земји во светот и безбедносни служби.

Како што пишуваше „Мета“, во дел од електронската коресподенцијата на контроверзната италијанска компанија „Хакинг тим“, има и службени мејл-адреси што гласат на македонското министерство за внатрешни работи, moi.gov.mk.

Од МВР тогаш не одговорија дали во министерството има вработен чиј е-мејл е на листата на контакти на претставници на државни институици од повеќе земји, што си ги разменуваат двајца вработени во „Хакинг тим“. Министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, исто така не сакаше да ги коментира мејловите објавени од „Викиликс“ и тврдеше дека МВР нема купено софтвер од „Хакинг тим“.

Во друга мејл-коресподенција, извесен Александар Чоковски, вработен во фирма во Скопје, преставувајќи се како фирма-набавувач на опрема за следење за македонската влада, договара набавка на систем за следење за потребите на Царинската управа.

Набргу по текстот што го објави „Мета“, Чоковски преку својот твитер-профил демантираше дека набавувал опрема за царината и дека целата комуникација со „Хакинг тим“ била мамка за да дојде до демо-верзијата на „РЦС Галилео“. И Царинската управа демантираше дека набавува опрема за следење на комукациите, додавајќи дека набавка на таква опрема не била предвидена за наредните три години.