Борисов и Захариева ги откажаа средбите со Иванов


Софија, 14 јуни, 2018 - 11:05 (META) 

Бугарскиот премиер Бојко Борисов одбил да се сретне со македонскиот претседател Ѓорге Иванов во закажаниот термин утре претпладне, а средбата ја откажала и бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, со образложение дека бугарската влада не сака да биде вмешана во внатрешнополитичките дебати во Скопје, јави бугарската агенција „Фокус Њус“.

Потегот следи откако вчера претпладне Иванов по само две минути ја напушти средбата со македонскиот премиер Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров, на која му беше доставен текстот на Договорот со Грција, а потоа попладнето договорот го нарече штетен и рече дека нема да го потпише.

„Не сакаме да се вмешуваме во внатрешните работи на соседната држава. Нашата позиција е принципиелна и е јасна, како и позицијата на целата меѓународна заедница. Јасна е и позицијата на претседателот на Република Македонија. Бугарската влада не гледа смисла во то да биде искористена во внатрешнополитичките дебати во Скопје. Клучна за идниот развој на нашата соседна држава е интеграцијата во ЕУ и НАТО и таа не смее да се става под прашање“, гласи изјавата на Борисов што „Фокус Њус“ ја добил од бугарската влада.

Иванов и бугарскиот претседател Румен Радев во моментов имаат тет-а-тет средба, по што ќе одржат прес-конференција.

Инаку, вицепремиерката Захариева кратко пред пристигањето на македонскиот претседател во Софија го информирала Радев по телефон дека се откажани средбите што таа и премиерот требаше да ги имаат со Иванов.


Захариева: Се надеваме дека името Северна Македонија не носи територијални претензии


Софија, 13 јуни, 2018 - 16:58 (META) 

Се потпираме на гаранциите дека со името Република Северна Македонија нема територијални претензии, кои што ги дава Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, порача денеска бугарската министерка за надворешни работи и вицепремиерка, Екатерина Захариева.

Давајќи изјава за новинарите пред почетокот на денешната седница на Комисијата за надворешна политика на бугарскиот парламент, Захариева го поздрави чекорот на Македонија и Грција за постигнување спогодба по долги години спор.

– Потсетувам дека Бугарија прва ја призна Република Македонија под нејзиното име. Ние сметаме дека има гаранции, какви што има во Договорот, дека тоа на ниеден начин нема да води до територијални или идентитетски претензии. Во нашиот Договор за пријателство, добрососедство и соработка има доволно такви гаранции – изјави Захариева пред новинарите во Софија, порачувајќи дека сепак треба да се почека да се види целосниот текст на спогодбата.


Во Атина не се сигурни: Μακεδονία του Ίλιντεν или Δημοκρατία της Ίλιντεν Μακεδονίας


Атина, 18 мај, 2018 - 12:36 (META) 

Грчките медиуми ги преземаат информациите од македонските портали околу новиот предлог за името.

Во грчка транскрипција и превод, првичните верзии се „Македониа ту Илинден“ (Μακεδονία του Ίλιντεν – Илинденска Македонија) или „Димократиа тис Илинден Македониас“ (Δημοκρατία της Ίλιντεν Μακεδονίας – Република Илинденска Македонија).

Информациите се главно околу историјатот на терминот и засега нема коментари колку тоа се вклопува во грчките црвени линии или дали е прифатливо за грчката страна.

Извори од владата само повторуваат дека „Ерга омнес и уставни промени се неопходни за да има договор“, како и дека премиерот Алексис Ципрас утре и в недела ќе ги информираа политичките партиии и претседателот на државата за резултатите од средбите во Софија.


Ципрас: На чекор сме до договор, не чека тешка работа


Софија, 17 мај, 2018 - 16:36 (META) 

Синоќа, во малку поопуштена атмосфера, по вечерата и речиси до утринските часови имавме многу суштински разговори и постигнавме суштински напредок. Требаше само да преспиеме и денеска да го потврдиме тоа што сме го договарале. Не чека тешка работа. Сè уште не сме во позиција да зборуваме за договор, но ќе се сретнеме пак на почетокот на следниот месец и ќе се обидеме да постигнеме договор пред Самитот на 28 јуни – рече на прес-конференцијата во Софија грчкиот премиер Алексис Ципрас, по разговорите со неговиот макeдонски колега Зоран Заев.

Ципрас изјави дека имал три тет-а-тет средби: со францускиот претседател Емануел Макрон, со германската канцеларка Ангела Меркел и со Заев.

На прашањето, дали е оптимист дека ќе има конечен договор пред Самитот во јуни, Ципрас вели дека на чекор се до договор, но дека преговорите не се лесни, но и дека договорот, ако се постигне, ќе го издржи тестот на времето и ќе ги почитува чувствата на двата народа.

Ципрас потврди дека во оваа ситуација „клучна е позицијата на опозицијата и во двете земји“ и дека грчкиот став останува дека се неопходни „промени нa Уставот на соседот“.

– Нашата позиција е иста, бараме решенија за сите клучни точки без да ги поминеме црвените линии. Не е лесно прашањето, но има варијанти. Нема да ви дадам поединости. Грчката страна го нема притисокот на времето, но сепак, до крајот на јуни и нам ни треба разврска. Ако е позитивна  – добро, ако не, одиме понатаму. Остануваме добри соседи – рече Ципрас.

Тој потврди дека во следните денови, особено во Македонија, ќе има процес на информирање за постигнатото, како и дека Преспа, заради симболиката, е една од варијантите каде би се потпишал евентуалниот договор.

Сепак, за Грција една од големите вести од Самитот е исходот од средбите на Ципрас со Маркел и Макрон. Грчкиот премиер е оптимист дека тие ќе помогнат во решавање на проблемот со долгот на земјата.


Заев се сретна со Ципрас, Макрон зборува за реформи, а потоа приклучување кон ЕУ


Софија, 17 мај, 2018 - 11:53 (META) 

Во Софија, пред почетокот на самитот на ЕУ и земјите од Западен Балкан, во Националниот дворец на културата, се сретнаа премиерите на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас.

Според тоа што го објавија од македонската влада, а и од објавите на официјалната Фејсбук-страница на Заев, на денешната средба се разговара за спорот за името.

„Македонија и Грција го зајакнуваат пријателството. Со премиерот Ципрас веруваме дека можеме да најдеме решение кое го штити достоинството на граѓаните во двете држави“, напиша Заев, повторувајќи го и слоганот „Посветени на решенија, за иста Европа се бориме“.

Францускиот претседател Емануел Макрон, пристигнувајќи на самитот порача дека Франција го поддржува приближувањето на балканските земји кон ЕУ, но првин мора да се спроведат реформите.

– Го поддржувам балканското движење кон Европа и нивното пристапување како идни членки на ЕУ. Сепак, мислам дека треба да бидеме многу претпазливи и цврсти со процесот на проширување. Ние мора да им помогнеме на земјите што се реформираат и се движат кон Европа, тоа наш стратешки избор – рече Макрон, посочувајќи дека ЕУ не треба да брза да се прошири пред земјите-кандидати да ги спроведат реформите.

Во официјалниот дел од програмата, премиерот Зоран Заев денеска беше пречекан од страна на премиерот на бугарската влада Бојко Борисов, по што учествуваше во сесијата на отворањето на Самитот на ЕУ за Западен Балкан, со кој претседава претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, во име на ЕУ, заедно со претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер.

Заев ќе учествува во работната пленарна сесија на тема „Поврзување“ (Connectivity), а за време на работниот ручек на шефовите на владите и на држави, со највисоките претставници на телата на Европската Унија, е планирано да има свое обраќање на тема „Заедничко справување со заканите“.

Предвидени се средби на Заев со германската канцеларка Ангела Меркел, како и премиерите на Холандија, Марк Руте, на Австрија, Себастијан Курц и на Шведска, Стефан Лофвен.

Лидерите на земјите учеснички на Самитот на ЕУ за Западен Балкан се очекува да ја усвојат Софиската декларацијата за Западен Балкан на ЕУ, како и Софиската агенда на приоритети, која содржи конкретни проекти кои ќе бидат поддржани од ЕУ за да се исполнат зацртаните цели од декларацијата насочени кон зајакнување на владеењето на правото и демократските институции во земјите на Западен Балкан, борбата против организираниот криминал, доброто владеење и почитувањето на правата на малцинските заедници, како и на зајакнување на економските врски меѓу земјите од регионот, и на регионот со ЕУ.

 


Заев: Не е можен исчекор во спорот за името до четврток


Скопје, 14 мај, 2018 - 17:02 (META) 

Премиерот Зоран Заев денеска порача оти пред четврток, кога во Софија ќе се најде со грчкиот колега Алексис Ципрас, не е можно да се постигне исчекор во процесот за решавање на спорот за името.

– Се појавуваат информации дека е готово, сега на 17-ти сè ќе се реши… Не е така. Јас би сакал некаде пред Самитот на Советот на Европа, а потоа и Европскиот Совет, тоа е 25, 26, па 28 и 29 јуни, тогаш се носат одлуките за добивање датум за преговори или не. Дотогаш да имаме некое решение, па дури треба да знаеме сите дека и да има приближување на она што е останато, во Грција и Македонија мора да направиме внатрешен процес на консултации – рече Заев.

Тој нагласува дека средбата со грчкиот премиер сепак не е кулминација на досегашниот преговарачки процес, оти најсуштинските прашања се сè уште на маса и оти на средбата во Софија треба да се направи рекапитулар на веќе сработеното и да се дадат насоки на министрите Никола Димитров и Никос Коѕиас, кои го водат преговарачкиот процес.


МАНУ на заедничко чествување со БАН на Свети Кирил и Методиј во Софија


Скопје, 8 мај, 2018 - 12:31 (META) 

Делегација на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), предводена од претседателот Таки Фити, в четвток и петок ќе престојува во Софија во посета на Бугарската академија на науките (БАН).

Двете академии ќе организираат заедничко чествување на празникот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј.

Притоа, в четврток во Институтот за економски истражувања на БАН, ќе бидат претставени два научноистражувачки проекта реализирани од страна на МАНУ и БАН.

Едниот проект, објавен на македонски и на бугарски јазик, ги третира прашањата поврзани со последиците од европската должничка криза врз интеграциските процеси на двете земји. Другиот проект е кофинансиран од ИПА-програмата на ЕУ и се однесува на градење капацитет за иновативност и конкурентност на претпријатија од Северниот плански регион на Македонија и од Ќустендилската област на Бугарија. Овој проект е објавен на англиски, на македонски и на бугарски јазик.

Во попладневните часови в четврток, еминентниот бугарски писател, академик Антон Дончев ќе го претстави преводот на бугарски јазик на романот „Балканвавилонци“ од академик Луан Старова.

Информациите за посетата се појавија во голем број бугарски медиуми, што зборува за голем интерес во бугарската јавноста за соработката со Македонија, по потпишувањето на Договорот за добрососедство меѓу двете земји.


Во Софија забранети градби повисоки од 75 метри


Софија, 29 март, 2018 - 11:36 (META) 

Бугарскиот парламент вчера ги прифати конечните промени во Законот за градење и урбанизам на Софија, со кои се ограничува височината на новите градби во Софија на 75 метри, а во центарот на најмногу 50 метри.

Законот беше на иницијатива на софиската градоначалничка Софија Фандкова, и според него, во центарот на главниот град на Бугарија максималната височина ќе изнесува 50 метри, со исклучок на новиот деловен центар. На територијата омеѓена од обиколницата, јужната градежна граница на Софија и булеварот „Цар Борис Трети“ на 15 метри, а на остатокот на територијата на Софија на 15 метри.

Пратениците изгласаа и минимум 50 отсто од површината на детските градинки да биде зелена површина, во училиштата 20 отсто, на универзитетите 30 отсто.


Борисов: Бугарската граница е најдобро чуван Шенген


Софија, 12 јануари, 2018 - 15:38 (META) 

Ако има подобра Шенгенска граница од нашата во Европа, самиот јас ќе кажам дека не сакам Бугарија да влезе во Шенген, порача денеска бугарскиот премиер Бојко Борисов на конференција за медиумите во Софија денеска, по општата седница на Колегиумот на европските комесари и на бугарската влада, која се одржа еден ден по церемонијата почетокот на бугарското претседателство со ЕУ.

Повторувајќи дека Бугарија најдобро ја чува европската граница, Борисов рече дека во тоа ќе го увери и холандскиот премиер Марк Руте, кој на 6 и 7 февруари ќе биде во посета на Бугарија. Борисов ќе го носи Руте за самиот да се увери како Бугарија ги чува надворешните граници.

На церемонијата за почетокот на бугарското претседателствување со Советот на ЕУ, претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер вчера рече дека Бугарија ги исполнува сите услови да се приклучи во Шенгенскиот договор за заедничките граници и покрај тоа што некои членки на ЕУ го блокираат тоа.


Туск во Софија на бугарски ги воспеа и им го направи ќеифот на Бугарите


Софија, 12 јануари, 2018 - 14:25 (META) 

Добро е што еден од приоритетите на бугарското претседателство е иднината на Западниот Балкан, порача вчера на бугарски јазик претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, говорејќи на церемонијата за бугарското претседавање со Советот на ЕУ, која се одржа во театарот „Иван Вазов“ во Софија, јавуваат бугарските медиуми.

Говорот го одушеви и Џејмс Крисп, дописникот на лондонски „Телеграф“ од Брисел, кој на „Твитер“ порача дека Туск „убивал“ во својот говор на бугарски, цитирајќи го споменувањето на Спартак, „Игра на тронови“ и Христо Стоичков.

Обраќајќи се на бугарски, Туск нагласи дека Бугарија е „најстарата држава во Европа“, која никогаш не загубила воено знаме во битка, а Бугарите се потомци на познатиот роб-востаник од Тракија, Спартак.  

Говорот што ги одушеви Бугарите, Туск го почна со цитат на првата строфа од познатата поема „Отечество љубезно“ од Иван Вазов.

– Како Полјак, многу добро сфаќам колку многу работа, смелост и решителност ви требало вам, Бугарите, да ги постигнете овие европски успеси за вашата татковина. Никој не ви дал ништо дарум, вие самите на прво место сте творците на овој историски пресврт, на овие понови убавини – рече Туск, споменувајќи го и познатиот актер Захари Бахаров, кој се прослави со својата улога во култниот серијал „Игра на тронови“, а потоа и познатиот фудбалер Христо Стоичков, а на крајот го пофали и бугарскиот премиер Бојко Борисов, за кого рече и дека „би можел да преплаши не само еден тракиски војник“.