!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Иванов упати сочувство до кралицата Елизабета Втора и го осуди нападот во Лондон


Скопје, 4 јуни, 2017 - 17:31 (META) 

Претседателот на државата, Ѓорге Иванов, денеска упати сочувство до британската кралица Елизабета Втора по повод терористичкиот напад во Лондон, во кој загинаа седум лица, а 48 беа повредени.

„Со шок и со огорченост ја примив веста за терористичкиот напад во Лондон, во кој животот го загубија голем број невини лица и каде има голем број повредени. Во овие мигови на длабока тага, дозволете ми во име на граѓаните на Република Македонија, да изразам искрено сочувство и да Ве охрабрам во истрајноста и во решителноста во борбата со насилството и со злосторничките акти, без разлика од каде и од што се мотивирани. Сакам да Ве уверам дека Република Македонија најостро осудува секакви терористички напади, кои шират страв и од кои никој и никаде не е безбеден, и силно го поддржува Обединетото Кралство во решителната борба против тероризмот, како услов на патот кон мирот, стабилноста и напредокот. Ваше Величество, нашите мисли и молитви се со Вас и со семејствата на жртвите“, стои во телеграмата од претседател Иванов.

Телеграма со сочуство до премиерката на Велика Британија, Тереза Меј, упати и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

„Би сакал да изразам најдлабоко сочувство до Вас, до семејствата на настраданите и до мирољубивиот народ на Англија. Нашите мисли и молитви се со Вас. Овој срамен чин кој се случи вчера ги вознемири и потресе македонските граѓани. Овој срамен чин вчера беше директен и брутален напад врз општеството и човечките вредности. Сите ние заедно сме исправени пред предизвикот наречен тероризам. Република Македонија и граѓаните одлучно се решени, заедно со цивилизираниот и демократскиот свет, да дејствуваат во борбата против тероризмот. Таа борба против тероризмот никогаш нема да запре, а ние никогаш не смееме да се откажеме“, стои во телеграмата од Груевски.


Заев до Меј: Македонија решително стои до Британија против насилството и тероризмот


Скопје, 4 јуни, 2017 - 15:05 (META) 

Премиерот на Македонија, Зоран Заев, денеска испрати телеграма со сочувство дo премиерката на Велика Британија, Тереза Меј, по синоќешниот терористички напад во Лондон, во кој животите ги загубија седум лица, а 48 се повредени.

„Во име на граѓаните на Република Македонија, на Владата на Република Македонија и во мое лично име изразувам длабоко сочувство до семејствата на загинатите во ужасниот напад во Лондон, до Владата на Велика Британија и до граѓаните на Британија. Најостро го осудуваме овој кукавички напад врз невини жители на Лондон, на Лондонскиот мост и во околните ресторани, меѓу кои има и посетители на Лондон“, се наведува во телеграмата.

Секој акт на загрозување човечки животи, каде и да се случи, се нагласува во телеграмата, е загрозување на слободата и на спокојот на целото човештво.

„Се солидаризираме со граѓаните на Велика Британија и цврсто и решително застануваме на страната на Британија. Потребно е да се дејствува мудро и внимателно во интерес на мирот во Велика Британија и во светот. Уверени сме дека истрагата ќе ги расветли докрај мотивите за нападот и нарачателите, а инволвираните ќе се соочат со правдата. Република Македонија е подготвена да помогне и да дејствува обединето со демократскиот цивилизиран свет во справувањето со сите облици на насилство и тероризам. Нашите мисли и молитви се со граѓаните на Велика Британија“, напиша премиерот Заев во телеграмата до британската премиерка Меј.


Заев испрати телеграма со сочувство до семејството на Идризи и до ДУИ


Скопје, 6 мај, 2017 - 16:00 (META) 

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во свое и во име на СДСМ, испрати телеграма со сочувство до семејството на застреланиот градоначалник на Општина Боговиње, Хазби Идризи, како и до неговите колеги во Општината и во партијата ДУИ.

„Изразувам искрено и длабоко сочувство за смртта на Хазби Идризи, до семејството, пријателите, колегите на градоначалникот на Општина Боговиње. Никој нема право да одземе човечки живот од какви и да е причини. Очекувам истрагата брзо и ефикасно да се заврши во интерес на правдата и на вистината“, се вели во телеграмата на Заев.


Четири лица загинаа во пад на грчки воен хеликоптер кај Лариса


Атина, 19 април, 2017 - 13:25 (META) 

Четири воени лица загинаа, a една жена е тешко повредена во воен хеликоптер кој денеска се урна во област близу грчкиот град Лариса. Хеликоптерот летал од Лариса кон Кожани, кога се изгубил од радарот нешто пред 8 часот, во близина на областа Еласонас.

Центарот за справување со кризи почнал потрага по хеликоптерот еден час подоцна. Грчките спасувачки екипи ги нашле остатоците од хеликоптерот, четворицата загинати воени лица и една жена офицер со тешки телесни повреди, која веднаш е префрлена во воената болница во Солун.

Според информациите од Генерал-штабот на грчката армија, хеликоптерот извршувал планиран лет за контрола на северната граница на Грција, односно границата со Македонија и со Албанија, за проверка на безбедноста во пограничните региони. Овие летови, според весникот „Етнос“, редовно ги одржувале три лица од екипажот на хеликоптерот.

Во тек е истрагата за утврдување на причините за падот на хеликоптерот. Информациите од армијата се дека леталото било проверено и целосно исправно.

Пораки за сочуство до семејствата на загинатите испратија грчкиот претседател, Прокопис Павлопулос, премиерот Алексис Ципрас и лидерите на сите големи грчки политички партии, а министерот за одбрана, Панос Каменос, прогласи тридневна жалост во армијата.


Почина поранешниот грчки претседател Стефанопулос


Атина, 21 ноември, 2016 - 9:30 (META) 

На 90-годишна возраст, почина поранешниот грчки претседател Костис Стефанопулос. Стефанопулос беше хоспитализиран во четвртокот со пневмонија и почина вчера, доцна вечерта, во една од атинските болници.

Стефанопулос беше претседател на Грција од 1995 до 2005 година, со два мандати и со голема поддршка и од Нова демократија и од ПАСОК.

Имаше долга политичка кариера која почна уште во 1964 година, кога првпат беше избран за пратеник во грчкото собрание. Активен член на десничарската Нова демократија, тој беше дел и од првата грчка влада на Константинос Караманлис по падот на воената хунта во Грција.

Поранешниот грчки претседател неколку години се одвои од матичната партија и формираше свое движење, кое конечно во 1990 година повторно се припои кон Нова демократија и даде поддршка на партијата за да ѝ овозможи да освои мнозинство во грчкиот парламент.

Стефанопулос беше избран за претседател со широка поддршка од грчкиот парламент најпрво во 1995 година, а потоа и повторно во 2000 година. Сè уште важи за еден од најпопуларните грчки политичари, а пред пет години излезе со став дека на Грција ѝ е неопходна влада на широка партиска коалиција за да излезе од политичкиот хаос и за подобро да се справи со финансиската криза.

Пораки за сочувство за смртта на Стефанопулос испратија премиерот Алексис Ципрас, претседателот Прокопис Павлопулос и голем број политичари од грчката влада и од матичната партија на поранешниот грчки претседател, Нова демократија.


Почина канадскиот пејач, поет и уметник Леонард Коен


Монтреал, 11 ноември, 2016 - 10:15 (META) 

Вчера, на 82-годишна возраст, почина канадскиот пејач, текстописец и поет Леонард Коен. Веста за неговата смрт е објавена на официјалниот фејсбук-профил на музичарот, но не се наведени детали околу причините за смртта.

„Со длабока тага соопштуваме дека почина легендарниот поет, текстописец и уметник Леонард Коен“, стои во соопштението.

Канадскиот премиер Џастин Трудо му оддаде почит на пејачот, кој беше еден од највлијателните музичари и текстописци, кој со својот впечатлив баритон раскажуваше приказни за љубов, смрт, омраза, војна и за мир.

„Со длабока тага ја примив веста за смртта на легендарниот Леонард Коен. Тој ќе остане запаметен по своите груби вокали, карактеристичниот хумор и прогонувачките лирики кои ги направија негови песни омилени за многу генерации“, изјавил Трудо, пренесува „Би-би-си“.

Коен се појави во 1960-тите години, заедно со други музчки легенди, меѓу кои и годинешниот добитник на Нобеловата награда за литература, Боб Дилан, и неговиот сонародник Џони Мичел.

Во петдецениската кариера Коен објави 14 студиски албуми, од кои последниот, насловен „Сакавте помрачно“ (You Want It Darker), минатиот месец.

Во 2008 година канадскиот музичар беше примен во „Рокенрол холот на славните“.


Путин испрати телеграма со сочувство до Ердоган по повод терористичкиот напад


Москва, 21 август, 2016 - 14:23 (META) 

Рускиот претседател Владимир Путин испрати телеграма со сочувство до турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган по повод терористичкиот напад во градот Газиантеп, каде што загинаа најмалку 50 лица, соопшти денеска Кремљ.

„Злосторството за време на прослава, не шокираше со своите суровост и цинизам,“ пишувало во телеграмата на рускиот претседател.

Во неа, Путин исто така напишал дека „оваа трагедија е уште еден доказ дека е неопходно да се обединат силите на меѓународно ниво во борбата против тероризмот.“

Тој ја потврдил подготвеноста за силна анти-терористичка соработка со турските партнери како резултат на неодамнешниот постигнат договор.

Рускиот претседател изразил сочувство и дал поддршка за роднините и пријателите на жртвите, а посакал побрзо заздравување на повредените.

 


Кубанската поетеса Морехон испрати порака со сочувство до настраданите во поплавите


Струга, 12 август, 2016 - 13:04 (META) 

Кубанската поетеса, Ненси Морехон, добитничка на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата во 2006 година, испрати порака со сочувство до настраданите во поплавите што го погодија Скопје и околината.

Пораката, Морехон ја упати преку Струшките вечери на поезијата.

„Драги пријатели, додека слушав вести, чув за природните катастрофи во Македонија, посебно во вашиот главен град Скопје, од каде сè уште в срце носам спомени. За време на моите две посети, посебно во 2006 година кога ми беше доделен „Златниот венец“, таму оставив дел од моите најубави чувства. Би сакала да ви кажам дека најискрено сум многу загрижена за тамошната ситуација. За жал, во моментов ги немам имињата и адресите на моите пријатели кои никогаш нема да ги заборавам. Преку вашата институција би сакала да ја споделам со поетската заедница во Македонија мојата грижа и грижата на многу други кубански поети. Искрено, Нанси Морехон“, стои во пораката од кубанската поетеса.


Папата изрази сочувство за жртвите од поплавата


Ватикан, 10 август, 2016 - 12:51 (META) 

Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи соопшти дека Папата Франциск преку државниот секретар кардинал Пјетро Паролин испрати телеграма со сочувство до скопскиот бискуп Киро Стојанов за жртвите од поплавата во Скопје и околината.

„Информирани за драматичното невреме што го погоди градот и околните населени места, предизвикувајќи длабока болка на целата заедница во земјата. Папата моли да ги пренесете до тешко погодените семејства на починатите, неговите изрази на длабоко сочувство, искажувајќи ја својата духовна блискост со ожалостените. Неговата светост се моли за сите оние кои ги загубија своите животи и повикува на небесна утеха за оние кои пострадаа од последиците на невремето и до сите го испраќа свој апостолски благослов“, стои во телеграмата.


Холандија изрази сочувство за жртвите од поплавите


Амстердам, 10 август, 2016 - 11:14 (META) 

Холандскиот mинистер за надворешни работи, Берт Кундерс вчера му прати писмо со сочувство на шефот на македонската дипломатија Никола Попоски по повод разорните поплави во и околу Скопје и Тетово.

„Во име на Холандија, би сакал да го искажам своето искрено сочувство до владата и народот на Република Македонија. Нашите мисли се со оние кои загубија роднини и пријатели, со повредените и со оние кои ги загубија домовите“ – вели Кундерс во писмото.

Шефот на холандската дипломатија исто така им посака на граѓаните на Македонија сила и храброст во справувањето со последиците на оваа трагедија.