Со 62 гласа против, Собранието не изгласа недоверба на Владата


Скопје, 12 април, 2018 - 9:44 (META) 

По целодневната дебата исполнета со жестоки обвинувања на двете спротивставени страни, Собранието вчера не изгласа недоверба на Владата, на четвртото гласање од овој тип во самостојна Македонија.

Со 62 гласа „против“, 40 „за“ и Мерал Узеири Ферати од ДПА и Реџеп Мемеди од Беса кои беа воздржани, по десет часа расправа, на половина час пред истекот на рокот, пред полноќ, Владата ја доби довербата да продолжи со својот мандат.

Во долгата расправа пратениците од опозицијата обвинуваа за назадување во сите сфери, партиски диктат во државната управа, како и за криминал, додека нивните колеги од владејачката коалиција порачуваа дека резултатите на оваа Влада се одлични, со оглед на фактот дека владее 10 месеци, а морала да се справува со низа катастрофални штети што претходната власт ги нанела во многу сфери во државата.

Последен од пратениците говореше поранешниот премиер и поранешен претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој го обвини премиерот Зоран Заев дека е посветен исклучиво на прашањето за промена на името, дека се занимава со маргинални прашања, наместо со конкретни иницијативи и побара од него да се повлече од политиката „пред да направи поголема штета“.

Одговарајќи му, Заев, кој говореше последен на собраниската седница, ја повтори програмата на неговата Влада, го потенцираше катастрофалната состојба која ја затекнале во институциите кога ја превземале власта и му порача на својот опонент Груевски дека завршило неговото време.

– Никола Груевски, ти си минато, Македонија чекори напред, Македонија расчисти со тебе, ти си дел од темното минато. Затекнавме општа катастрофална состојба, ограбена држава. Наследивме тотален колапс, блокирани институции. Се соочуваме со коруптивни договори, кои не можат да бидат прекинати поради тоа што ќе нанесат штета врз буџетот. За да се создадат услови за темелна промена, неопходна е вклученост на сите политички фактори. Системот мора да се регенрира во самите институции. Без исклучок, чекориме кон тоа да ги оствариме стратешките интереси на граѓаните и државата, тоа е ЕУ и НАТО. Оваа можност беше прифатена од опозицијата -, истакна премиерот Заев во своето обраќање.

Барањето за гласање на доверба на Владата беше поднесено во неделата, со потписи на 41 пратеник од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.


Во Собрание пратенички прашања – повторно без ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 29 март, 2018 - 9:32 (META) 

Собранието денеска ќе ја одржи 39. седница на која на дневен ред се пратеничките прашања.

Меѓутоа, и на овие пратенички прашања нема да се појави опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која подолго време не учествува во работата на Собранието поради апсењата и притворите на пратеници за насилствата на 27 април минатата година.

Овие седници одржуваат секој последен четврток во месецот.


И по седум дена, Законот за јазиците е во лимбо, ги чека „варијантите“ на Џафери


Скопје, 22 март, 2018 - 11:16 (META) 

По седум дена откако во Собранието на Република Македонија беше изгласан Законот за употреба на јазиците, а претседателот Ѓорге Иванов, одби да го потпише Указот за неговото стапување на сила сè уште е нејасно што и како понатаму.

Ваква ситуација не е предвидена со Уставот, кој, иако вели дека претседателот по второто усвојување во Парламентот го потпишува законот, не кажува што ако тој тоа не го стори.

Според објаснувањето на законодавниот процес на веб-страницата на Собранието, во нормални услови законот веќе требаше да биде објавен во Службен весник, односно во рок од 7 дена од изгласувањето.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, на прашањето како понатаму, лаконски и загадочно изјави дека „има варијанти“.

Некои експерти сметаат доколку не го потпише указот, Иванов ќе се соочи со кривична одговорност, а Јавниот обвинител ќе треба да го процесуира случајот по службен должност.

Според универзитетскиот професор Темелко Ристовски, одбивањето на Иванов е навлегување во дел од законодавната надлежност, со што се создава двојство, односно судир на надлежности.

Во меѓувреме, претседателот на Собранието Талат Џафери нагласи дека претседателот е должен да го потпише законот, оти бил изгласан во легална процедура.

Беше пласирана идејата ако Иванов подолго време одбива да го одобри законот за тој да може да биде објавен во Службен весник на Република Македонија и да стапи на сила, Џафери ќе може да го потпише законот како втор по ранг – по претседателот на државата.

Но, за тоа сепак се испречуваат уставните одредби, кои не предвидуваат можност претседателот на Собранието да ги преземе ингеренциите на претседателот на државата, кога вториот ја врши функцијата. Така, додека тогашниот претседател на Собранието, Тито Петковски, во 1990-тите го потпишува Указот на законот за знамињата на националностите, додека тогашниот претседател на државата е на службен пат, Уставниот суд на 18 ноември 1998 година го поништува тој чекор бидејќи на  претседателот на Републиката не му престанала функцијата, ниту бил спречен да ја врши. Притоа се повикале на  членот 82 од Уставот каде што е дефинирано кога собранискиот спикер ја врши и функцијата претседател на државата – во случај на смрт, оставка, трајна спреченост или престанок на мандатот на Претседателот по сила на Уставот до избор на нов шеф на државата. Втората можност е да настапиле услови за престанок на функцијата, што го утврдува Уставниот суд по службена должност, а третата ситуација е во случај на спреченост на претседателот на Републиката да ја врши функцијата.


Веб-страницата на Собранието со целосно функционална верзија на албански јазик


Скопје, 19 март, 2018 - 17:11 (META) 

Неколку дена откако беше изгласан Законот за употреба на јазиците, веб-страницата на Собранието има и целосно функционална албанска верзија, како и верзии на англиски и на француски, пишува „Порталб“.

Иако и претходно имаше албанска верзија на собраниската веб-страница, многу од содржините од македонската верзија ги немаше и на албански.

Веб-страницата на претседателот на државата Ѓорге Иванов е со македонска и англиска верзија.

На прашањето од „Порталб“, од Владата неофицијално одговориле дека се очекува наскоро и на нивната веб-страница да профункционира верзијата на албански.


Пратениците попладнево релаксирани, Џафери им се заблагодари за трпението – и спасението


Скопје, 30 јануари, 2018 - 19:46 (META) 

Со зборовите „За продолжението дополнително ќе бидете известени, благодарам за трпението – и спасението“, претседателот на Собранието на Република Македонија вечерва ја заврши 32-та седница, на која поради немање кворум во попладневното продолжение само еден закон со гласање беше пратен на комисиска расправа. Во салата не беа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.

Сите други предлог-закони и одлуки поминаа без расправа, оти речиси никој не се пријавуваше за збор. Во салата имаше многу малку пратеници, па немаше услови да се врши гласање.

Поради тоа Џафери рече дека гласање за точките ќе има на продолжението на седницата, за која првично зборуваше дека ќе се одржи в четврток, за потоа на самиот крај да се поправи и да каже дека поради други обврски на пратениците в четврток, накнадно ќе го закаже продолжението на 32-та седница.

Расправа од говорницата имаше само Томислав Тунтев, координатор на пратеничката група на СДСМ, кој зборуваше за предлог-законите за намалување на парите што ќе се исплаќаат за патни трошоци на пратениците, односно предлог законите за измена на Законот за плати  и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија и на Законот за пратеници. Притоа, Тунтев и Џафери навлегоа во долга расправа  за издржаноста на некои решенија и за надлежностите на собранискиот спикер.


Столтенберг: Вратата е отворена, но преминувањето на прагот бара работа


Скопје, 18 јануари, 2018 - 13:26 (META) 

Вратата на НАТО е отворена за нови членови, но преминувањето на прагот бара сериозна работа, порача Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во обраќањето пред пратениците, државниот врв и првите луѓе на повеќе институции на седница на Собранието на Република Македонија. Во него тој посебно се осврна и ги пофали ратификацијата на Договорот за добрососедство со Бугарија и изгласувањето на Законот за јазиците.

Столтенберг порача дека членките на северноатланската алијанса може едногласно да поканат која било европска земја да стане членка, но за тоа да се случи има уште работа што треба да се заврши. Сепак, како што рече, пред седиштето на НАТО има место за уште знамиња.

– Договорот од Вашингтон нагласува дека членките може преку едногласен договор да поканат која било европска земја да се приклучи на Алијансата, доколку таа земја е во состојба да  ги следи обрските на договорот и придонесува во северноатлантската сфера. Под тие услови Црна Гора стана 29. членка на НАТО минатата година, со еднаков глас во нашите дискусии и еднакви права и одговорности како сите други земји – членки. Гледањето како црногорското знаме се издига за првпат пред седиштето на НАТО беше горд момент за мене. Но, има сè уште место за уште знамиња пред седиштето на НАТО – рече Столтенберг.

Сепак, рече тој, едно е да се биде амбициозен, а друго е реалната ситуација и мора да се реши прашањето за името на, како што рече, „вашата земја“. Тој инаку не го употреби зборот Македонија ниту еднаш во говорот што траеше дваесетина минути.

– Сакам да успеете, НАТО сака да успеете, но иако е добро да се биде амбициозен, важно е да се биде и реален. Има уште работа што треба да се сработи. Тоа значи – решавање на прашањето за името на вашата земја. Ова е прашање што му тежи на овој регион и на оваа земја предолго време. Оттука, ја поздравувам покажаната волја на оваа влада да се разреши ова прашање. Вчерашната средба на преговорачите во Њујорк беше уште еден важен чекор. Охрабрен од неодамнешниот напредок, ја користам оваа шанса да ве поттикнам да се приближите напред – порача Генералниот секретар на НАТО.

Подеднакво важно е да се подобрат односите со сите соседи, рече тој.

– Исто така добро е да покажете добри односи со соседите. Членките на НАТО се одушевени поради развојот на односите со Бугарија, и јас честитам за ратификацијата на Договорот за добрососедство со Бугарија, но мора да работите да ги подобрите односите со останатите во регионот – рече Столтенберг.

Генералниот секретар на НАТО ги спомена и насилствата од 27 април минатата година и рече дека настаните во Собранието го шокирале и него и сите членки на НАТО.

– Сепак бевме импресионирани од тоа што го видовме од тој ден понатаму, за напредокот што сите го сторивте за формирање нова отворена поинклузивна политичка култура, во калење на новиот национален дух, гледање напред и истрајност. Пред девет месеци се приближивте кон работ на една карпа. Но, од тогаш една држава од потенцијална нестабилност се претворивте во држава на реални можности – рече Столтенберг.

Тој посебно значење даде на диверзитетот и на донесувањето на законот за јазиците.

–  Како поранешен пратеник и премиер на Норвешка разбирам многу од предизвиците со кои продолжувате да се соочувате. Долгата политичка кариера ме научи колку е поинклузивно едно општество, толку е поуспешно. Диверзитетот е сила, не слабост. Таму каде што има диверзитет придружен од добро управување има успех – порача Генералниот секретар на НАТО.

Во говорот тој оддаде признание на македонската одбрана за придонесот на мисијата на НАТО во Авганистан, но рече дека и во тој сектор се потребни реформи, а како посебно важно го посочи зголемувањето на буџетот за одбраната до ниво од 2 отсто од БДП.


Рама: Без нас албанскиот немаше да биде официјален јазик во Македонија


Тирана, 14 јануари, 2018 - 21:58 (META) 

Премиерот на Албанија, Еди Рама усвојувањето на Законот за употреба на јазиците во Република Македонија го оцени како голем настан, кој што пред неколку години не можел ни да се замисли. За време на конференцијата на Младинскиот форум на неговата Социјалистичка партија, тој изјави дека за изгласувањето на овој закон заслужна е неговата Влада, која имала сериозен пристап кон односите со Македонија, јави ТВ 21.

-Пред неколку дена, во македонското Собрание помина законот кој не можеше ни да се замисли пред некое време. Јас ви велам дека сите вие треба да бидете горди, треба да бидат горди сите тие што гласаа, ја поддржаа и веруваа во оваа партија, бидејќи без неа денеска немаше да постои официјален албански јазик во Македонија – изјави Рама, изразувајќи надеж дека Албанија нема да биде сама во европското семејството, туку заедно со другите земји од Балканот, како што рече, каде што најмногу живеат Албанци.


Дејан Бошковски разрешен од Регулаторна комисија за енергетика


Скопје, 25 декември, 2017 - 16:39 (META) 

Собранието, со 62 гласа „за“, го разреши поранешниот генерален директор на АД ЕЛЕМ, Дејан Бошковски, од Регулаторната комисија за енергетика.

Според Владата, при именувањето, Бошковски не го исполнил условот најмалку една година пред назначувањето за член на регулаторното тело да не бил член на надзорен или на управен одбор или на одбор на директори во друштво кое врши регулирана енергетска дејност.

Бошковски беше поставен за член во октомври минатата година.

Собранието го именуваше Панче Орцев за член на Комисијата на местото на Елена Маркова – Велинова, на која и заврши мандатот.


Во Собрание комисии ќе расправаат за неколку закони


Скопје, 21 декември, 2017 - 9:53 (META) 

Вкупно четири комисии во Собранието денеска ќе расправаат за повеќе предлог-закони, меѓу кои и законот за урбано зеленило, предложен своевремено, меѓу другите пратеници, и од Петре Шилегов, кој сега е градски татко на Скопје.

Ќе се дискутира и за Годишниот извештај на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување во 2016 година, како и за Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување и за Предлог – закон за изменување на Законот за работните односи, поднесен од 11.868 избирачи, кој се однесува на продолжување на породилното отсуство.

Ќе се дискутира и за предлог-закон за изменување на Законот за електронските комуникации, како и за предлог-законот за култура и тој за културното наследство.


Предлог-законот за јазиците денеска на второ читање во две комисии


Скопје, 14 декември, 2017 - 10:35 (META) 

Во две собраниски комисии денеска ќе се дискутира за Предлог-законот за употреба на јазиците, во второ читање.

Од 13 часот, за предлог-законот ќе се расправа во Комисијата за европски прашања, во второто продолжение на 6-тата седница на оваа комисија, а од 16 часот е предвидено тој да се најде на 31-та седница на Законодавно-правната комисија.