!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Почина истакнатиот архитект Славко Брезоски


Скопје, 8 март, 2017 - 16:25 (META) 

На 95-годишна возраст, вчера починал архитектот проф. д-р Славко Брезоски, еден од најзначајните автори на поствоената македонска архитектура, кој во последниот период беше во фокусот на јавноста поради противењето на изменувањето на изгледот на Стоковна куќа на плоштадот Македонија, која е изградена по негов проект.

Славко Брезоски припаѓа на првата генерација македонски архитекти школувани во Белград и во Загреб (заедно со Пота, Жупан, Пецовски, Ќосевски, Маленкова, Галиќ и Шеќерински).

Роден е во Галичник во 1922 година, а дипломирал на Архитектонскиот факултет при Техничката висока школа во Белград во 1950 година, под менторство на професорот Милан Злоковиќ. Работел како професор на Архитектонскиот факултет во Скопје во периодот од 1969 до 1987 година, на Катедрата за проектирање општествени згради.

Творејќи во знакот на модерната, архитектот Славко Брезоски е автор на голем број значајни градби, меѓу кои се Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје, Стоковната куќа и Комунална банка во Скопје, Работнички дом (Дом на синдикати) во Скопје, амбасадата на СФРЈ во Бразилија, хотел „Славија“ на Попова Шапка, хотел „Неда“ во Галичник, спомен-дом на Шамарица во Хрватска и многу други.

Добитник е на први награди на повеќе домашни и меѓународни архитектонски конкурси. Носител е на наградите „11 Октомври“ на Република Македонија, „13 Ноември“  на  Град  Скопје,  наградата  за животно дело и за особени достигувања од областа на архитектурата и на градителството „Андреја Дамјанов“, признание за исклучителен придонес во развојот на инженерската струка во Република Македонија од Комора на овластени архитекти и овластени инженери на Република Македонија.

Комеморативната седница ќе се одржи на Архитектонскиот факултет во Скопје в петок, 10 март, со почеток во 11 часот, а погребот е закажан за 11.30 часот в сабота, на градските гробишта во Бутел.


Традиционално бадникување пред Соборниот храм во Скопје


Скопје, 6 јануари, 2017 - 14:07 (META) 

Православните христијански верници во Македонија денеска го слават Бадник, ден пред големиот празник Рождество Христово -­ Божиќ, а пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје денеска, по 25. пат, се одржа традиционалниот народен собир по повод големиот христијански празник

Кум на годинешното одбележување на Бадник во Скопје е Радко Манов, извршниот директор на претпријатието ГАМА, додека здравичар е Љубиша Николиќ, фудбалер, тон-мајстор во пензија, водител и режисер кој целиот работен век го поминал во Македонското радио.

На традиционалното делење на бадниковите гранчиња на платото пред Соборниот храм присуствуваше и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, кој му го предаде бадникарскиот ќуп на новиот кум Манов.

– Би сакал да го честитам Бадник на сите православни христијани, им посакувам оваа година да имаат многу здравје, бериќет, успех на секое поле и овие празнични денови да ги поминат во духовен мир заедно со своите најблиски. Исто така, сакам на сите граѓани на Скопје без разлика на нивната вероисповед, да им посакам здравје, среќа, мир и меѓусебно разбирање и почитување во новата 2017 година – рече Трајановски.

Со пригодна беседа пред скопјани денеска се обрати и архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан, кој ја благослови погачата што беше поделена меѓу верниците.

По завршувањето на средбата, делегација на одборот за прослава замина за Злокуќани во домот за стари лица, каде на лицата што се таму згрижени им додели пригодни подароци за Бадник. Народниот собир е во организација на Граѓанското здружение „Одбор за традиционална прослава на Бадник во Скопје“, а е поддржан од Градот Скопје.