!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Габриел: Ердоган бара непријател за да ја прикаже Турција понижена, а Западот – арогантен


Берлин, 18 март, 2017 - 13:18 (META) 

Шефот на германската дипломатија, Зигмар Габриел, денеска им порача на турските функционери дека Германија ќе им забрани да учествуваат на собири за поддршка на турскиот референдум на нејзина територија.

„Тој што ја преминува границата во однесувањето не смее да мисли дека може да ги шири своите ставови и кај нас“, вели Габриел за германскиот неделеник „Шпигел“.

Тој вели дека нема само Турција право да биде почитувана, туку дека истото право го има и Германија, додавајќи дека постојат и ограничувања, одредени од германските закони.

Тензиите помеѓу Турција и неколку европски земји почнаа пред неколку недели, откако Германија, во која живеат голем број Турци, забрани три собири за промоција на референдумот во Турција за јакнење на власта на претседателот на земјата, Реџеп Таип Ердоган.

Турскиот претседател оттогаш изразува незадоволство и упатува тешки вербални обвинувања на сметка на европските земји, а за Германија изјави дека продолжува со „нацистичката практика“.

Габриел вели дека Германија нема намера да одговори на турските провокации, бидејќи тоа би било во интерес на Ердоган.

„Нему му е потребен непријател за време на кампањата, за да ја прикаже Турција како понижена земја, а Западот како арогантен“, вели министерот за надворешни работи на Германија.

Референдумот за воведување на претседателски систем во Турција, со кој се зголемуваат овластувањата на Ердоган, е закажан за 16 април оваа година.


Од штабовите, членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ излегуваат на улица


Скопје, 24 февруари, 2017 - 20:45 (META) 

Откако централното раководство на ВМРО-ДПМНЕ ги повика општинските комитети да одржат итни состаноци, пред голем број општински штабови на ВМРО-ДПМНЕ низ земјава се собираат членови и симпатизери.

– Тргаме во офанзива, нападната ни е татковината, Македонија треба да се брани. Следува бурен период, пролет со многу енергија и борба за ВМРО и Македонија. Ќе победиме – порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.


Граѓаните се собраа на плоштадите во Скопје за поддршка на полицијата


Скопје, 12 мај, 2015 - 20:09 (META) 

Неколку стотини граѓани, придружувани од градоначалниците на Град Скопје, Коце Трајановски, и на општина Гази Баба, Тони Трајковски, денеска се собраа на плоштадот Филип Втори во Гази Баба за да им дадат поддршка на полицајците.

На симболичниот собир, граѓаните со едноминутно молчење им одадоа почит на полицајците што загинаа во Куманово.

Насобраните од плоштадот се упатија кон полициската станица во општината, каде со предавање на македонското знаме, им дадоа поддршка и признание на полицајците за досегашните и за идните акции.

– Тука сме собрани за да им дадеме симболична поддршка на полицијата, особено на семејствата на тие што загинаа во Куманово, нежалејќи ги животите да ја одбранат државата од нејзините непријатели. Ако треба и цел македонски народ ќе се крене за да го сочуваме ова парче земја – рече Воислав Тодоровски, доброволец во конфликтот од 2001 година.

Неколку стотини граѓани, исто така, се собраа и пред полициската станица Пролет, за да им одадат почит на загинатите полицајци.

По краткиот собир и по едноминутно молчење, насобраните мирно и тивко се разотидоа.

Видно беше полициското обезбедување, кое за кратко не дозволи сообраќај на улиците околу полициската станица.

Слични протести се одржуваат уште во 23 града во Македонија, каде граѓаните се собираат на плоштадите, а потоа се упатуваат кон полициските станици.

Собирите во Скопје минаа мирно и без инциденти.