Седум милиони луѓе годишно умираат поради изложеност на загаден воздух


Женева, 2 мај, 2018 - 12:47 (META) 

Приближно седум милиони луѓе секоја година умираат како последица на изложеност на загаден воздух, објави Светската здравствена организација.

Само загадениот воздух предизвикал 4,2 милиони смртни случаи во 2016 година, додека загадувањето на воздухот од несоодветни горива и технологии предизвикало 3,8 милиони смртни случаи во истиот период, наведува СЗО.

Бројките се на исто ниво со бројот на смртни случаи регистрирани во претходна студија објавена пред две години.

Според студијата на СЗО, нивото на загадување на воздухот останува опасно високо во многу делови од светот. Новите податоци покажаа дека девет од 10 луѓе дишат високо загаден воздух.

Повеќе од 90 проценти од смртните случаи поврзани со загадувањето на воздухот се јавуваат во земјите со низок и среден приход, главно во Азија и Африка, по што следат земјите со ниски и средни приходи од регионот Источна Медитеран, Европа и Америка.


Министерство за здравство преку комитет ќе се бори против смртноста на новороденчињата


Скопје, 20 април, 2018 - 8:57 (META) 

Во Министерството за здравство вчера се одржала конститутивна седница на новиот состав на Комитетот за безбедно мајчинство, информираат од институцијата. Нов претседател на комитетот е доц. д-р Ана Данева Маркова од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство.

Една од првите задачи на овој комитет ќе биде изготвување на анализа на актуелната ситуација во оваа област и подготовка на акционен план. Ова тело, кое го советува министерот за здравство, ќе треба да даде препораки и предлог – мерките за унапредување на здравјето на мајките и децата, со посебен фокус на намалување на новороденечка смртност.

Членови на комитетот се лица со медицинска експертиза и долгогодишно искуство во областа на гинекологијата, акушерството, неонатологијата, педијатријата и сродни дисциплини, а целта е да се обезбеди сеопфатен пристап кон решавање на проблемите и координација на предложените активности и мерки.


По смртност на новороденчиња, Македонија втора во Европа


Њујорк, 20 февруари, 2018 - 10:48 (META) 

Во Македонија едно од 120 новороденчиња починува во периодот до 28 денови од раѓањето, а со тоа земјата е на 105-то место од 184 земји, соопшти УНИЦЕФ.

Македонија е втора по смртност во Европа, по Молдавија, која е на 77 место. Со тоа, земјава котира полошо и од сите соседни земји со исклучок на Косово, кое не е рангирано на новата листа на УНИЦЕФ.  Така, наспроти 1 смртен случај на 120 раѓања во Македонија, во Албанија соодносот е 1 на 161 новороденче, во Бугарија едно на 263, во Србија едно на 270, а во Грција едно на 435 новороденчиња.

Според УНИЦЕФ, иако смртноста на новороденчињата во другите земји од Западен Балкан е во опаѓање, во Македонија таа отскоро е зголемена.

Според листата на светската организација, најлоша е состојбата со смртноста на новороденчињата во Пакистан, каде умира едно на 22 новороденчиња, а најдобро пласирана е Јапонија на 184-т0 место, со само еден смртен случај од 1.111 новороденчиња.

„Стапката на смртност кај новороденчињата е одраз не само на ефикасноста на здравствениот систем, туку и на развиеноста, сиромаштијата и социјалната благосостојба, стапките на заболувања и квалитетот на животната средина во земјите“, вели УНИЦЕФ, кој денеска ја започна светската кампања „За секое дете, ЖИВОТ“.

„Во нашиов контекст, тоа значи обезбедување соодветна пренатална грижа, прегледи и посети за сите бремени жени низ целата земја – особено за руралните жени, кои честопати се најоддалечени од здравствените служби. Затоа треба да се обезбеди пристап и брз трансфер во одделенијата за неонатална интензивна нега во случај на компликации. Во земјава има одлични здравствени работници – но, лекарите и медицинските сестри се добри само колку што е добар системот во кој работат. Не само што треба да постојат меѓународно акредитирани протоколи и упатства засновани на податоци кои ги има во повеќето европски здравствени системи, туку и стручните лица треба да имаат капацитет да ги применуваат“, се вели во препораките.


При крај е Стратегија за намалување на смртноста кај новороденчињата, рече Филипче


Охрид, 20 јануари, 2018 - 15:36 (META) 

Министерот за здравство, Венко Филипче денеска имаше работна средба со раководителите на здравствените институции во Охрид. Целта на посетата, рече тој, е да се запознае со работата на здравствените установи, преку разговор со нивните менаџерски тимови за проблемите во работењето и начините за нивно надминување.

– Во болницата „Свети Еразмо“ разговаравме за текот на реконструкцијата на објектот, како ќе продолжат градежните активности, како и за потребата на установата од соодветен кадар, едукација и доедукација, зголемување на квалитетот на услугите што се нудат и воведување нови – рече Филипче.

Најави дека градежните активности за реконструкција и изградба на објектот ќе продолжат, како и во насока на изнаоѓање најдобри можности тоа да се спроведе без да се попречува тековното работење на установата.

Филипче не кажа дали ќе се реализираат плановите што ги најави претходната раководна гарнитура во Министерството за префрлање на Заводот за кардиоваскуларни заболувања „Свети Стефан“ во рамки на комплексот „Свети Еразмо“.

Што се однесува на проблемот со високата смртност на новороденчиња регистриран минатата година, Филипче истакна дека во тек се интензиви разговори со лекарите во педијатриската служба, во службите за интензивна нега на клиниките за педијатрија и гинекологија така што, рече, во одмината фаза е изготвувањето на Стратегија за намалување на смртноста кај новороденчињата.

– Вклучени се и странски организации под капата на Обединетите нации кои нудат експертиза, а се формира и рамка за тренинг на кадарот за надминување на проблемот, како и планови за структурни промени во рамки на интензивната нега на гинеколошката клиника, во делот каде се лоцирани проблеми – рече министерот за здравство.

Најави и рамка за решавање на проблемот со набавката на инсулин, преку обезбедување поголеми количества и на тој начин елиминација на ризик од дефицит.


СЗО: 11 отсто од лековите во земјите во развој се фалсификувани


Копенхаген, 29 ноември, 2017 - 10:01 (META) 

Светската здравствена организација соопшти дека околу 11 отсто од лековите во земјите во развој се фалсификувани.

Како што наведуваат од СЗО, таквите лекови веројатно се причина за смрт на десетина илјади деца од болести како што се маларија и воспаление на белите дробови.

Ова е прв обид СЗО да направи проценка и да го разгледа овој проблем, јавуваат светските агенции.

Експертите разгледале 100 студии за повеќе од 48.000 лекови. Речиси 65 отсто од фалсификуваните лекови се медикаменти за лечење маларија и бактериски инфекции.

Научниците кои ги ангажирала СЗО од Универзитетот во Единбург проценуваат дека меѓу 72.000 и 169.000 деца починале од воспаление на белите дробови затоа што примале лажни лекови.


ВМРО-ДПМНЕ: На директорката на Санитарен инспекторат најважна ѝ е фризурата


Скопје, 10 октомври, 2017 - 16:41 (META) 

На директорката Ирина Сотирова-Бухова очигледно, според снимките во медиумите, најважно ѝ беше како ѝ стои фризурата која неколкупати ја поправаше во текот на кратката и празна изјава, порача ВМРО-ДПМНЕ во реакција на денешната прес-конференција на директорката на Државниот санитарен инспекторат, Сотирова-Бухова, и на директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, Викторија Јовановска.

Опозициската партија вели дека наодите на инспекторатот укажуваат дека нејзините реакции и прес-конференции пред самата клиника и привлекувањето на вниманието на јавноста како аларм и притисок на надлежните било оправдано и корисно.

„Санитарниот инспекторат потврди дека ВМРО-ДПМНЕ не се трудела да привлече партиски поени со неточни вести, со манипулации или со лажни вести, туку одговорно, како опозиција, ја одиграла улогата на коректив на власта. Прв лош сигнал е што по смртта на 30-тина новороденчиња нема реална одговорност за никого, освен само дисциплинска одговорност за едно лице, што е недозволиво и е прикривање на катастрофалното работење на раководството на клиниката кое предизвика смрт на 30-тина новороденчиња“, се вели во реакцијата од партијата.

Инаку, на денешната прес-конференција, директорката на Клиниката за гинекологија обелодени дека од почетокот на годинава до крајот на септември на клиниката починале 127 бебиња.

По денешната прес-конференција на двете директорки, реагираше и СДСМ, кој порача дека состојбата на Клиниката за гинекологија и акушерство „ја докажува долгогодишната негрижа на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и на Никола Тодоров за здравјето и за интересите на граѓаните  во изминатите 11 години“.

„Недостигот од инкубатори, медицински сестри, лекари и од анестезиолози, лошиот систем за терморегулација и за вентилација, покривот што прокиснува, дотраените стерилизатори и појавата на влага во ГАК, се директна последица на долгогодишното криминално и расипничко владеење на Груевски и на Тодоров, кои поради криминални интереси ги запоставија здравјето и интересите на граѓаните“, стои во реакцијата на СДСМ.


Гинекологија има премалку кадар и лоши услови за ризичните новороденчиња


Скопје, 10 октомври, 2017 - 13:26 (META) 

Покрив што протекува и влага сè до подрумот, валкана постелнина, недостиг од медицински кадар на сите нивоа, преголем број згрижени бебиња, зграда во која вентилацијата и системот за регулирање на температурата во просториите не функционираат или одвај функционираат уште од нејзиното пуштање во употреба, немање протечна вода, како и стари инкубатори и голема смртност од 127 новороденчиња од почетокот на 2017 година сè до крајот на септември, се горливите проблеми на Клиниката за гинекологија и акушерство при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, што пред новинарите денеска ги презентираа директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Ирина Сотирова-Бухова, и директорката на клиниката, Викторија Јовановска.

Вонредниот надзор што инспекторатот го спровел по информацијата за смртта на четири новороденчиња во една ноќ во втората половина на септември, но и по барање на директорката Јовановска, утврдил дека на одделот за интензивна и постинтензивна нега, каде што починале четирите новороденчиња, има премалку кадар, а наместо 25 бебиња, колку што е капацитетот, во моментот кога инспекторите влегле, имало дури 49 бебиња, односно по две бебиња во еден инкубатор.

– Клиниката има недостиг од медицински сестри – акушерки, инструментарки, има недостиг на кадар во цитолошката лабораторија, има недостиг на систем за добра вентилација, не функционира системот за терморегулација на просториите, почнувајќи од неонатологија, па во сите други простории – рече Бухова, презентирајќи дел од наодите на инспекторите.

Таа рече и дека била утврдена многу лоша состојба на постелнината и на креветите, немало протечна вода во натариумот, не функционирале стерилизаторите за топлење на пелените, а стерилизаторот за шишенца, според инспекторите, бил стар и дотрајан.

Директорката на клиниката, Викторија Јовановска, ги потврди овие наводи, нагласувајќи дека тоа се проблеми со кои клиниката се соочува години наназад. Јовановска, истакнувајќи дека на Клиниката за гинекологија и акушерство работи веќе 20 години, истакна дека состојбите, освен на одделението каде се згрижуваат ризичните новороденчиња, сепак не се премногу алармантни. На тоа одделение, пак, во секоја од двете смени, за ризичните бебиња се грижат по четири медицински сестри и двајца лекари.

Посочувајќи дека поради изборниот период Клиниката за гинекологија е ограничена во средувањето на состојбите, директорката на клиниката истакна дека по изборите ќе се преземат итни мерки за средување на состојбите, од кои како битна ја и истакна мерката за солидно плаќање на трудот на вработените.

– Замислете, сега сестри за дежурство добиваат по 150 денари, а секоја од нив треба да се грижи за педесетина бебиња. Тоа мора да престане – рече Јовановска.

Како што беше истакнато на денешната прес-конференција во Министерство за здравство, од 300 вработени на клиниката, 60 се сестри, а 86 лекари.

Таа посочи дека за проблемот со системот за вентилација ќе треба да се направи многу, бидејќи зградата е згрешена уште при изградбата, а за другите технички проблеми ќе се преземаат мерки во наредниот период. Јовановска истакна и дека по изборите ќе се почне со разговори за прием на нов кадар, пред сè специјалисти, па ако треба и од странство. Сепак, истакна дека екипирањето на клиниката не е брз процес, оти и ако земат еден специјалист – педијатар, треба најмалку една година да го оспособат за работа со бебиња со висок ризик. Директорката на Клиниката рече и дека итно ќе мора да вработуваат нови медицински сестри.

Таа посочи дека има и влошени односи меѓу лекарите во одделот за интензивна поради плаќањето по учинок, односно како што рече, некои биле фаворизирани од претходните раководни гарнитури.

Според Јовановска, по веста за умирањето на четири новороденчиња во една ноќ се јавиле многу заинтересирани да донираат, но и за тоа ќе треба да се почека да завршат локалните избори, за да може да пристигнуваат донациите.


Таравари: Ако гостиварци не ми веруваат, се враќам на лекарската професија


Скопје, 10 септември, 2017 - 10:59 (META) 

Министерот за здравство во заминување, Арбен Таравари, во неделното интервју на „Радио Слободна Европа“ зборува за проблемите во ресорот што ги затекна и со кои се справуваше, како и за својата кандидатура за градоначалник на Гостивар.

– Сега е моментот да видам колку тежам и вредам во мојот град. Ако тие ми веруваат и ми дадат гласови, ќе знам дека вредам во политиката. Ако не ми дадат гласови и мислат дека не треба да продолжам во политиката, јас си имам златен занает – вели министерот за здравство во заминување.

Арбен Таравари, кој важи за истакнат стручњак во својата професија, верува дека во Министерството за здравство ќе има континуитет по него.

– Точно е дека нема да стигнам да ги видам првите резултати од тримесечното работење на директорите, меѓутоа јас мислам дека во Министерството ќе има континуитет и за тоа гарантирам, и во здравствените политики и во идеите што јас ги почнав во првите 100 дена, така што, кој било да е мој наследник, јас се надевам дека тој ќе продолжи по истиот пат, ќе се трасираат и ќе се очекуваат истите резултати што јас ги почнав во првите 100 дена, така што граѓаните нема да почувствуваат дека има некаква промена, само личноста ќе биде друга – вели Таравари.

Запрашан за смртните случаи во текот на неговото министерување, вклучително и за мртвороденчињата, Таравари вели дека комисијата формирана уште пред неговиот мандат, а потоа преоформена во нов состав, треба да даде решенија, односно препораки.

– Пред јас да дојдам за министер, имаше комисија која требаше да ги разгледува овие случаи и да направи одреден акциски план, меѓутоа, за жал, таа комисија не се имаше сретнато речиси две години. Сега направивме нова комисија која ќе се занимава само со смртта на доенчиња. Комисијата ќе даде одреден акциски план, кој Министерството ќе треба да го спроведе, сè со цел до 2021 година да имаме како предизвик да ја намалиме смртта на доенчињата до 20 отсто. Не само Министерството, туку и повеќе невладини организации во Македонија ни стојат на располагање за ова, бидејќи еден од индикаторите кој кажува колку е добра и стабилна здравствената политика во една држава е смртноста на доенчињата. Комисијата веќе е назначена, тие што поскоро треба да дадат одредени чекори и мерки што треба да ги преземеме ние како администрација за да ја достигнеме таа цел, да ја намалиме смртта на доенчињата за 20 отсто за четири години – вели министерот за здравство во неделното интервју за „Радио Слободна Европа“.


СЗО: Загаденоста секоја година убива 540 деца во Македонија, а 1,7 милиони во светот


Скопје, 6 март, 2017 - 11:22 (META) 

Загадената животната средина убива 1,7 милиони деца на возраст под пет години, покажува извештајот на Светската здравствена организација (СЗО).

Во Македонија на 100.000 жители, 27 деца на возраст под пет години починале како резултат на загадената околина.

Пресметано на вкупниот број жители на земјава (околу 2 милиони), тоа значи дека кај нас годишно 540 деца под пет години го губат животот поради за загадувањето.

Во извештајот на СЗО се додава дека повеќе од еден во четири смртни случаи кај деца на возраст под пет години се припишува на загадените вода и воздух и на лошите санитарни услови. Најчестите причини за смрт кај децата се дијареа, маларија и пневмонија.

Според СЗО, секоја година 570.000 деца на возраст под пет години умираат од респираторни инфекции поврзани со загадувањето на воздухот.

Секоја година 361.000 деца умираат  од дијареа, поради лошата хигиена и ограничен пристап до безбедна вода за пиење.

„Загадената животна средина е смртоносна, особено за децата. Нивниот развој на органите и имуниот систем, како и помалиот волумен на дишните патишта, ги прави особено ранливи на валканите воздухот и водата“, изјави генералниот директор на СЗО, Маргарет Чан.


Шест проценти од сите смртни случаи се последица на загадениот воздух


Скопје, 22 декември, 2016 - 16:34 (META) 

Шест отсто од сите смртни случаи се директна последица на загадувањето на воздухот, а жртвите најчесто се од Скопје и од градските средини. Доколку надлежните преземат акција, веќе од идната година би се спасиле многу животи. Ова е заклучокот од научната конференција за аерозагадувањето одржана денеска во организација на еколошкото здружение „Екосвест“.

– Што ќе се добие ако падне загадувањето на ниво на нормите? Ќе се добие продолжување на животот на населението во Македонија во просек за четири години. Или, во животи, проценките се дека 700 до 800 луѓеби се спасиле годишно. Доколку почнеме со синхронизирани акции, веќе идната година би имале подобрување и би спасиле животи. А доколку не правиме ништо, таа бројка, дури и да биде иста, ќе биде пораз на сите нас – вели Драган Ѓорѓев од Институтот за јавно здравје.

Според Ѓорѓев, 1.200 лица односно 6 отсто од смртните случаи годишно се директна последица на загадувањето на воздухот, а аерозагадувањето учествува со околу 25 проценти како причина за срцев инфаркт и за мозочен удар.

Трајче Стафилов од Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет истакна дека во воздухот има опасни хемиски супстанци во текот на целата година, а дека тоа е најизразено во Скопје.

– Цврстите честички кои се добиваат од согорување на фосилни горива претставуваат активен јаглен и се извонредни апсорбенти на секакви супстанци. Тие ги задржуваат сите токсични супстанци внатре во себе и кога ние тие честички ги вдишуваме, ги внесуваме во желудникот или белите дробови и од таму се екстрахираат во крвта, која ги пренесува во другите органи и имаат токсично дејство. Оттаму произлегуваат здравствените ефекти. Ние покрај цврсти честички, внесуваме и многу отрови со нив – вели Стафилов.

Експертите велат дека Македонија е на петтото место со најголема стапка на смртност во Европа од аерозагадувањето, но дека ситуацијата може да се промени само со примена на долгорочни и на краткорочни мерки кои ќе мораат сериозно да се почитуваат.

Директорката на „Екосвест“, Ана Чоловиќ-Лешоска, вели дека се потребни радикални мерки, како прекин на сообраќајот, скратување на работното време на индустриските капацитети или контрола на градежната индустрија, кои институциите ги избегнуваат. Според неа, ниту една институција досега не преземала радикални мерки затоа што тоа се непопуларни мерки.