!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Разбојник убил жена во Охрид


Охид, 21 февруари, 2017 - 12:05 (META) 

Засега непознато лице, синоќа усмрти жена во потесното централно подрачје на Охрид, на улица Галичица. Од СВР Охрид информираат дека се преземаат интензивни мерки за расчистување на кривичното дело разбојништво со последица смрт.

– СВР Охрид трага по сторител кој во текот на вчерашниот ден, во времето од 11 часот и 30 минути до 19 часот и 25 минути, влегол во станот на Спаса Б. (67) од Охрид, со опасно орудие, најверојатно нож, ја нападнал и ѝ задал повеќе смртоносни убодни рани во пределот на главата, вратот и по телото, а потоа извршил пребарување низ собите. По извршување на кривичното дело, сторителот ја заклучил влезната врата и незабележан го напуштил станот – велат од СВР Охрид.

На местото на настанот извршен е криминалистичко-технички увид предводен од јавен обвинител при Основното јавно обвинителство Охрид во содејство со полициски екипи од СВР Охрид.

По наредба на јавниот обвинител, денеска врз телото на починатата ќе биде извршена обдукција во Медицинскиот центар во Битола.

Случајот, како што информираат од обвинителството, го пријавила ќерката на починатата жена, која откако не можела да ја добие мајка си по телефон влегла во станот, во кој било телото на починатата.


Почина амбасадорот на Русија во Обединети нации


Њујорк, 20 февруари, 2017 - 19:26 (META) 

Амбасадорот на Русија во Обединети нации, Виталиј Чуркин, ненадејно почина денеска во Њујорк.
Заменик-амбасадорот Владимир Сафронков изјави дека на Чуркин му се слошило во канцеларијата во ОН, по што бил префрлен во болница, каде што починал. Причината за смртта сè уште не е позната.

„Министерството за надворешни работи на Русија со длабоко жалење соопштува дека во Њујорк ненадејно почина Виталиј Чуркин, истакнат руски дипломат, на возраст од 65 години, додека ја извршуваше својата работа. На семејството и на блиските им изразуваме искрено сочувство“, се вели во соопштението на министерството.

Чуркин беше амбасадор на Русија во ОН од 2006 година. Претходно амбасадорската функција ја извршуваше во Белгија од 1994 до 1998 година, а потоа во Канада од 1998 до 2003 година.

Амбасадорот течно говорел руски, монголски, француски и англиски јазик.


Старица почина од студ во пехчевско Црник


Пехчево, 9 јануари, 2017 - 17:43 (META) 

Поларната температура во Малешевијата ја зеде првата жртва. Ноќеска околу полноќ 80-годишна старица паднала во ходникот на семејната куќа, каде останала во текот на целата ноќ. Премрзната, со слаби знаци на живот, старицата изутрината ја нашол член на семејството. Веднаш дошла итна медицинска помош, чија екипа три часа се борела за животот на жената.

– Ги применивме сите мерки за реанимација, применивме електрошокови и соодветна терапија, но, за жал, пацинетката почина – изјави доктор Гоце Стојменовски, раководител на итната медицинска помош од Делчево.

Ова е втор случај на премрзнување на жител во беровско-делчевскиот крај. Пред измрзнување, на Бадник, бил пронајден паднат во дворот 57-годишен делчевец. За среќа, човекот бргу бил пронајден, по што му била пружена лекарска помош, што му го спасило животот.

Малешевијата изминатите денови ја зафати екстремно ниска температура. Деновиве беа измерени минус 28 Целзиусови степени, што е блиску до рекордните минус 31 степен од 1954 година.


Почина актерката Кери Фишер, принцезата Леа од „Војна на ѕвездите“


Лос Анџелес, 27 декември, 2016 - 22:24 (META) 

Шеесетгодишната актерката Кери Фишер, позната по својата улога на принцезата Леа во филмовите „Војна на ѕвездите“, денеска почина во болница, откако во петокот доживеа срцев удар.

Веста ја потврди портпаролот на семејството Фишер, Сајмон Халс, за магазинот „Пипл“, а во име на ќерката на Кери, Били Лурд.

„Цел свет ја сакаше и многу ќе недостига. Нејзината ќерка Били Лурд потврди дека нејзината сакана мајка починала утрово во 8.55 часот“, стои во соопштението.

На актерката во петокот ѝ се слошило за време на летот од Лондон кон Лос Анџелес, поради што патниците во авионот ѝ пружиле прва помош. Фишер веднаш била хоспитализирана откако авионот слетал.


Денеска ќе се одржи протест против загадувањето


Скопје, 5 декември, 2016 - 9:10 (META) 

Денеска, во 17 часот, пред бараките на администрацијата на Град Скопје, неколку еколошки организации ќе организираат протест на кој ќе го истакнат револтот од енормното загадување на воздухот.

Во најавата за протестот се вели дека според Светска банка, имаме најголемо аерозагадување од канцерогени ПМ-2,5 честички во Европа со годишен просек од 39,4 микрограми на еден кубен метар.

– Според Светска банка, во просек четворица Македонци дневно, односно 1.350 годишно умираат поради загадениот воздух. Според Институтот за јавно здравје, во 2015 година, секое второ дете имало респираторни здравствени проблеми. Според Светската здравствена организација, загадениот воздух има влијание врз репродуктивниот систем кај жените и носи ризици за дефекти при раѓање, смрт на новороденчиња, ризик од канцер. Кај возрасните граѓани (над 60 години), загадениот воздух предизвикува мозочни оштетувања и „тивок“ мозочен удар што може да предизвика вистински мозочен удар, деменција, депресија и други негативни здравствени ефекти – се вели во повикот за протест на социјалните мрежи.

Протестот го организираат еколошките граѓански иницијативи „Скопје смог аларм“, „Скопје бара чист воздух“, „Ајде Македонија“, „Сакаме Аеродром да дише“, „Но пасаран“ и „Во одбрана на Дебар-маало“.


Светските лидери изразуваат сочувство за смртта на Кастро


Хавана, 26 ноември, 2016 - 15:30 (META) 

Светските лидери жалат поради смртта на лидерот на кубанската револуција и поранешен претседател Фидел Кастро, кој почина синоќа по долго боледување.

Поранешниот претседател на Советскиот сојуз, Михаил Горбачов, истакна дека кубанскиот лидер бил доволно храбар да ѝ се спротивстави на Америка.

– Фидел направи сè да го демонтира колонијализмот и да воспостави соработка. Фидел се спротивстави на американската блокада и со неверојатен личен притисок ја зајакна својата држава и поплочи пат кон слободниот развој – изјави Горбачов.

Претседателот на Кина, Си Џинпинг, рече дека починатиот кубански лидер Фидел Кастро засекогаш ќе живее и дека кинескиот народ изгубил искрен пријател.

Со сочувство се јави и суверениот ирански лидер на Сајед ал Хаменеи.

– Многу разговарав со Кастро. Во неговата личност и карактер беше да верува и да се потпира на луѓето – наведе Хаменеи.

Претседателот на Мексико, Енрике Пења Нието, истакна дека Фидел бил пријател на Мексико.

– Тој беше промотор на односите базирани на почитување, дијалог и на солидарност – наведе Нието.

Премиерот на Индија, Нарендра Моди, истакна дека Фидел бил икона на 20 век и голем пријател на Индија.


Путин: Фидел беше искрен и верен пријател на Русија


Москва, 26 ноември, 2016 - 13:47 (META) 

Рускиот претседател Владимир Путин го пофали Фидел Кастро, лидерот на кубанската револуција кој почина синоќа на 91-годишна возраст.

Тој го нарече Кастро „симбол на еден период“ и „искрен и верен пријател на Русија“, соопшти Кремљ.

„Името на овој истакнат државник со право се смета за симбол на една ера во новата историја на светот“, напишал Путин во телеграмата до кубанскиот претседател и брат на Фидел, Раул Кастро.

Рускиот претседател изрази сочувство на народот и владата на Куба по смртта на лидерот на кубанската револуција.


Десетдневна жалост на Куба, погребот на Фидел Кастро на 4 декември


Хавана, 26 ноември, 2016 - 12:00 (META) 

Кубанските власти прогласија десетдневна жалост поради смртта на револуционерниот лидер Фидел Кастро. Неговата урна ќе биде погребана на 4 декември, во историскиот југоисточен град Сантијаго де Куба.

„Од 26 ноември до 4 декември ќе бидат запрени јавните активности и свечености, а националното знаме ќе биде спуштено на половина копје на јавните згради и на воените објекти“, соопштија кубанските власти.

Претседателот на Куба и помал брат на Фидел, Раул Кастро, рано утринава соопшти дека Фидел починал синоќа и дека неговото тело ќе биде кремирано во раните утрински часови.

Поранешниот кубански претседател и револуционерен лидер почина на 91-годишна возраст, по долгогодишно боледување.


Почина Фидел Кастро


Хавана, 26 ноември, 2016 - 10:19 (META) 

Кубанскиот лидер и револуционерна икона Фидел Кастро почина на 91 година од животот, објави кубанската државна телевизија. „Ел команданте“ ја изгуби битката со болеста.

Неговата смрт претставува крај на една ера и заминување на еден од најголемите, најпознатите и најконтроверзните светски лидери.

– Командантот на кубанската револуција почина ноќеска, во 22.29 часот – соопшти неговиот брат и претседател на Куба, Раул Кастро.

Во Куба ќе биде прогласена неколкудневна жалост.

Кастро, човекот кој го симна од власт диктаторскиот режим на Флугенсио Батиста и ја врати Куба на народот, бил обожаван во поголемиот дел на земјата која ја водеше 50 години, пред да му го препушти претседателското место на својот брат Раул во 2008 година поради неговата болест.

Но, другиот дел од жителите на Куба, како и поголемиот дел од западниот свет, на Кастро гледаа како на диктатор и лидер кој немилосрдно ја задушуваше секоја опозиција, го затвараше и убиваше сопствениот народ.

Кастро во 1953 година беше затворен поради спротивставување на Батиста, но по излегување од затворот, заедно со Че Гевара, го поведе народот на Куба во едно од најпознатите светски револуционерни движења и стигна на власт по повеќегодишна герилска борба.

Кастро влезе во конфликт со САД и во 1962 година беше централна фигура на случувањата кои донесоа страв од нуклеарна војна. Тој дозволи Советскиот сојуз да им одговори на Американците на ширењето на вооружување во Европа со поставување балистички ракети со нуклеарни боеви глави на Куба.

Кубанскиот претседател успеа за пет децении владеење да преживее неколку атентанти, како и безброј лажни вести за неговата смрт.

Информации за приватниот живот на Фидел Кастро се многу ретки, најмногу затоа што деталите не можеа да ја поминат строгата контрола на кубанските државни медиуми. Познато е дека Фидел имал два брака, и дека во првиот го добил синот Фиделито, а во другиот имал пет деца.


Трудницата најверојатно починала од токсичен шок, велат од штипската болница


Штип, 22 ноември, 2016 - 18:42 (META) 

Лекарите од Клиничката болница во Штип на денешната прес-конференција соопштија дека, најверојатно, причина за вчерашната смрт на 26-годишната трудница од Штип е токсичен шок.

Резултатите од обдукцијата треба да ја дадат вистинската причина за смртта на трудницата која вчера почина во деветтиот месец од бременоста.

Жената била примена на инфективното одделение вчера утрото, со тешки симптоми на труење и со висока температура. Претходно побарала помош од итната служба, но откако состојбата не ѝ се подобрила, се јавила кај својот матичен гинеколог. Тој веднаш ја упатил на инфективното одделение.

Состојбата, според лекарите, уште толку ѝ се влошила, па таа била препратена на гинеколошко-акушерското одделение. Во 12.30 часот бебето сè уште било живо и лекарите направиле царски рез. Меѓутоа, кога го извадиле од нејзината утроба, веќе било доцна.

– Екипа составена од повеќе лекари гинеколози и анестезиолози се обиделе да извршат реанимација, но нејзината состојба била тешка и не успеале да ги спасат ниту трудницата ниту бебето – изјави директорката на болницата, Елизабета Папарова.

Групата лекари на прес-конференцијата рекоа дека борбата за животот на младата жена и на нејзиното неродено дете, траела три часа.

Анестезиологот Ванчо Ѓорѓев изјави дека ги презеле сите мерки за да ги спасат двата животи и дека биле применети предвидените протоколи во вакви случаи.

Министерството за здравство најави формирање комисија за утврдување на околностите под кои настанала смртта на 26-годишната штипјанка.