Пренатрупаните контејнери во Тетово се нефункционални и треба да се заменат


Тетово, 18 октомври, 2018 - 16:36 (META) 

Околу 80 отсто од контејнерите во Тетово немаат капаци и од нив се шири лоша миризба, а бидејќи не се чистат и не се одржуваат навремено се преполнуваат. Ситуацијата уште повеќе ја влошува фактот што отпадот што е фрлен во нив не е селектиран и затоа се преполнуваат со најразлични материјали, пишува „Порталб.мк“.

Во Тетово има 522 контејнери, додека само 120 од нив имаат капаци. Жителите се жалат дека поради недостигот на капаци се шири лоша миризба, додека одговорните тврдат дека капаците се изгорени во текот на зимскиот период.

– Поголемиот дел од контејнерите за отпадоци немаат капак и кога минувате покрај нив, се шири многу лоша миризба. Мислам дека ни треба повеќе работа за да имаме почист град – вели Венхар Исени, жител на Тетово.

Недостигот на капаци на контејнерите, исто така, предизвикува проблеми и при поставувањето на контејнерите. Властите велат дека граѓаните не дозволуваат поставување на контејнери за отпадоци во близина на нивните домовите, а пак граѓаните велат тоа се должи на не одржувањето и недостаток на капаци.

– Капаци недостигаат затоа што се изгорени, а дел од нив се украдени. Капаците на контејнерите ни прават проблеми при чистењето на отпадоци, бидејќи во четири случаи беа повредени работници при чистење со камиони – вели Џелал Цека од Општинското јавно претпријатие „Тетово“.


#Одговорност е градот да не изгледа како голема канта за отпадоци


Скопје, 2 ноември, 2016 - 10:01 (META) 

Недостигот од канти за отпадоци е голем проблем со кој се соочува скопската општина Чаир. Во нивно отсуство, ѓубрето смрди низ улиците на главниот град.

Граѓаните што живеат во овој реон ги обвинуваат Општината и претпријатието за комунална хигиена дека го занемаруваат проблемот, но, исто така, и неодговорните граѓани.

На главните улици воопшто нема канти за отпадоци, а и некои што биле поставени се оштетени или веќе и не постојат.

Исто така, нивното отсуство се забележува и на автобуските постојки во оваа општина, каде што тие што чекаат автобус ги фрлаат отпадоците на земја, создавајќи, на тој начин, една грда слика за градот и за општината.

– Ги поставија пред неколку години, но не знам што се случи со нив. Исчезнаа, ги запалија, ги украдоа… Не знаеме… Но, и граѓаните се невнимателни, бидејќи кога гледаат дека нема каде да го фрлат отпадокот, треба да го задржат кај себе додека не најдат каде да го фрлат – велат жителите.

Со овој проблем не се соочуваат само жителите на Скопје, туку и на другите градови во Македонија, особено тие од Тетово и од Куманово.


Жители на Кочанско: Се шири смрдеа од јамата со заболени говеда


Кочани, 30 јуни, 2016 - 16:49 (META) 

Одвај закопани трупови на говеда заболени од јазлеста кожа шират смрдеа, што е неподнослива во попладневните и во вечерните часови, реагираат жители на кочанските села Кучичино и Чифлик.

Жителите, кои имаат ниви близу локацијата каде се закопани заболените крави, тврдат дека кога подобро ќе се погледне во плитката дупка, можат да се видат и делови од телата на пцовисаните крави.

– Им се гледаат главата и роговите. Уште ’рчат кравите. Цело село ќе се затруе така, ќе поумре народот. Не можеш да пријдеш натаму. Смрди особено кога дувне ветерот. Разговарав со претседателот, рече ќе ги закопувале кај Спанчево… Тешко мириса, нормално, смрди кај нас. Божем ги закопуваа, ама пак мириса – велат жители на Кучичино.

Локацијата каде се закопуваат говедата се наоѓа во кругот на депонијата за комунален отпад на комуналното претпријатие „Облешево“, на тромеѓето на селата Кучичино, Теранци и Чифлик. Жителите на околните села се жалат дека смрдеата е поизразена како што се зголемува температурата.

Жителите сметаат дека дополнително проблем е што јамата каде се закопуваат угинатите животни е плитка и не се дезинфицира. Бараат од надлежните да ги дозакопа животните.

На ист проблем реагираат и сточари од карбинското село Радање. Јамата каде се закопуваат пцовисаните животни заболени од јазлеста кожа е во непосредна близина на местото каде поминуваат стадата. Според сточарите, говедата не се целосно закопани, што е закана за стоката што поминува покрај јамата.