!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

ВМРО-ДПМНЕ реагира за унапредување полицајци во Гевгелија и за автопатот Демир Капија – Смоквица


Скопје, 12 октомври, 2017 - 16:39 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ денеска на две прес-конференции го обвини владејачкиот СДСМ дека е во паника и за партиски интереси деградира и унапредува полицајци, како и дека намерно не го пуштил во употреба автопатот Демир Капија – Смоквица, иако бил готов.

– СДС ги губи изборите и во Гевгелија. Затоа Спасовски е во паника и носи решенија спротивни на закон за да ги задоволи партиските послушници. Со издавање „писмени наредби“ со важност од 30 дена во екот на предизборната кампања, на само четири дена дена до изборите, се унапредени и разрешени полициски службеници по неколку скалила од системот на кариера. Ова е беззаконие и за ваквите предизборни партиски комбинаторики ќе следи одговорност – рече Милан Стефаноски на прес-конференцијата во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

На друга прес-конференција Крсте Јовановски, пак, ја обвини Владата на СДСМ дека беспотребно ќе потрошела 850.000 евра преку нов анекс-договор за надзор, иако, како што рече тој, автопатот веќе бил готов.

– Значи, готов автопат, намерно го одолжуваат пуштањето во употреба поради изборите, а граѓаните тоа ќе го платат со 850.000 евра. Скандалозен анекс кој не се однесува на градежни работи, туку на надзор. Со ова, почитувани граѓани, се врши директна злоупотреба на вашите пари и се отвора сомнеж за тежок криминал кој СДС, Заев и Сугаревски свесно сакаат да го направат – обвини пратеникот Јовановски.


Автопатот Демир Капија – Смоквица ќе биде завршен до 28 февруари


Скопје, 10 октомври, 2017 - 20:47 (META) 

Владата денеска го усвои предлогот за потпишување анекс на договорот за изградба на автопатска делница Демир Капија – Смоквица, со кој се продолжува времетраењето на договорот за изградба до 28 февруари 2018 година.

Како што соопшти владината прес-служба, освен продолжувањето на рокот, анексот не предвидува дополнителни средства за градежните работи што треба да бидат изведени за завршување на автопатот.

Градежните зафати се однесуваат на дислокацијата на далноводот на МЕПСО и на изградбата на контролниот центар.

„Со продолжувањето на времетраењето на договорот за градежни работи до 28 февруари 2018 година, ќе се продолжи и времетраењето на договорот за надзор. Во согласност со првичните пресметки направени од надзорниот орган, за надзор на градежните работи се потребни околу 850.000 евра, средства кои се обезбедени во рамки на тековниот заем наменет за реализација на проектот. Со потпишување на анексот ќе се овозможи завршување и пуштање во сообраќај на новата автопатска делница Демир Капија – Смоквица, како дел од Паневропскиот коридор 10, најдоцна на почетокот на март 2018 година“, стои во соопштението.


„Актор“: Судските власти во Скопје, предметот со автопатот го ставија во архива во 2014 година


Атина, 10 јуни, 2017 - 12:23 (META) 

Грчката компанија „Актор“ нема сознание за постоење кривично гонење во врска со договорот за изградба на автопатот Демир Капија – Смоквица, соопштуваат од компанијата.

Оттаму велат дека по извршената ревизија судските власти во Скопје, предметот го ставиле во архива во 2014 година. Според нив, договорт за изградба на автопатот е потпишан врз основна на добиен меѓународен тендер.

Грчките медиуми „Прототема“ и „Катимерини“ пишуваа дека Европската агенција за борба против корупција (ОЛАФ) ја обвини оваа компанија за измама и за перење пари во износ од 50 милиони евра при изградба на автопатот Демир Капија – Смоквица.

Од „Актор“ негираат дека се переле пари при изградбата на автопатската делница и посочуваат дека немало никаква измама при одвивањето на градежните работи.

На прашање на „Мета“, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција пред две години изјави дека презема активности и прибира докази кои се неопходни за расветлување на случајот „Актор“.

„Со оглед на комплексноста на случајот, во надлежното обвинителство се преземаат дејства за прибирање докази, неопходни за утврдување на околностите на извршување на конкретниот кривично-правен настан“, одговорија на 24 март 2015 година од Обвинителство.


СДСМ: Додека беше премиер, Груевски изгради само седум километри автопат


Скопје, 26 август, 2016 - 18:41 (META) 

„Десет години Никола Груевски седеше во премиерската фотелја и успеа да изгради само седум километри автопат. Четири години досега се гради автопатот Демир Капија – Смоквица, за кој граѓаните денеска слушнаа дека ни овој септември нема да биде готов“, се вели во соопштението на СДСМ.

Во него, исто така, се додава дека Груевски е најдиректниот виновник за нерешените елементарни потреби на луѓето.

„Под власта на Груевски се случија и контроверзиите со исплати во кеш токму за изградбата на овој автопат, којшто изминатите години одзеде многу човечки животи,“ се вели во соопштението на СДСМ.