Хаки Азири рече дека притисок му вршел Љупчо Тодоровски – Радникот


Скопје, 23 мај, 2018 - 16:43 (META) 

Обвинетиот Хаки Азири во продолжението на судењето за „Монструм“, откако специјалната обвинителка Фатиме Фетаи на својот телефон му покажа фотографија од поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Љупчо Тодоровски – Радникот, рече дека тоа е инспекторот што му вршел притисок и му рекол дека сите судии и обвинители се нивни, па мора да застане зад изјавата што му била дадена да ја потпише.

– Радникот беше тој со повисок полициски чин кај кого ме однесоа во зградата во МВР, откако претходно бев држан во Кочани. Тој ми рече дека мора да ја потпишам веќе подготвената изјава за убиството и пред судот да го кажам тоа што го пишува на листот – рече Хаки Азири на денешното судење.

На прашањето од Фетаи, тој рече дека контактирал телефонски со бегалците Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, по кои се распишани меѓународни потерници.

На првото продолжение од денешното рочиште, Хаки Азири, кој првично бил загрозен сведок,  раскажа како на 1мај 2012 година бил брутално апсен, тепан, плашен, носен по полициски станици низ Македонија, но и во МВР, присилуван да признае дека помогнал тероризам, поради што и на крајот пред истражен судија дал изјава под притисок на инспектори од МВР.

Според обвинението тој со свое возило ги презел од „опел омегата“ прво и второобвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ веднаш по убиството. Биле со црни ракавици и фантомки, му кажале: „Направивме гомнарија, убивме човек“.


Во Кривичeн суд Скопје денеска судења за „Монструм“ и „Траекторија“.


Скопје, 23 мај, 2018 - 10:04 (META) 

Во Кривичниот суд во Скопје ќе се одржат рочишта за случаите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), „Монструм“ и „Траекторија“.

На рочиштето за „Монструм“ исказ  треба да дадатт двајца обвинети за петкратното убиство кај Смилковското езеро на 12 април 2012 година. На претходното рочиште повеќе од пет часа исказ даваа обвинетите Агим Исмаиловиќ и Фејзи Азири, кои се изјаснија дека не се виновни за монструозното убиство.

Овој случај е на повторно судење, кое почна на 16 мај, откако првичните пресуди против обвинетите беа укинати во декември минатата година од Врховниот суд, а сега обвинението го застапува СЈО.

Масакрот кај Смилковското Езеро се случи на 12 април 2012 година, на Велики четврток, пред големиот христијански празник Велигден, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.

Во Судот денеска ќе се одржи рочиште и за случајот „Траекторија“, кој се обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс-министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски. Тие се осомничени дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатските делници Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Тие според СЈО, нанеле штета на државниот буџет од најмалку 155.117.172 евра и за истиот износ на компанијата изведувач и овозможиле да се стекне со имотна корист.

Груевски денеска во истиот суд треба да ја чуе пресудата во случајот „Тенк“, за набавката на луксузниот блиндиран „мерцедес“ вреден речиси 600.000 евра.


Фетаи го прочита старото обвинение за „Монструм“ и ги расплака роднините на убиените


Скопје, 16 мај, 2018 - 12:23 (META) 

Со читање на старото обвинение за „Монструм“ почна повторениот судски процес за петкратното убиство кај Смилковскo Езеро.

Обвинителката Фатиме Фетаи рече дека за овој случај ќе бидат приложени нови докази.

Деталите од обвинението, меѓу кои е и начинот на кој биле убиени четирите момчиња и рибарот, ги расплакаа роднините на убиените, кои седат во последниот ред во големата судница во Кривичниот суд и го следат судењето.

По читањето на обвинението судот почна со распит на обвинетите.


Протест за случајот „Монструм“ пред Кривичен суд


Скопје, 26 април, 2018 - 15:19 (META) 

Стотина граѓани побараа правда за случајот „Монструм”, односно затворање на убијците на момчињата кај Смилковското Езеро, на денешниот протест пред Кривичниот суд во Скопје.

Со транспаренти „Колку субвенции земаа монструмите” и „Спиеш ли мирно, Заев?” демонстрантите побараа конечно да се разреши случајот „Монструм” и убијците на момчињата кај Смилковското Езеро да завршат в затвор.

Претходно родителите на убиените момчиња рекоа дека нема да присуствуваат на протестот и побараа смртта на нивните деца да не се злоупотребува.


СЈО го презеде случајот „Монструм“


Скопје, 21 март, 2018 - 13:08 (META) 

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева во одговорите на новинарски прашања на прес-конференцијата на која беа објавени три нови случаи, рече дека Специјалното јавно обвинителство воспоставило надлежност за предметот „Монструм“ за петкратното убиство кај Смилковско Езеро во 2012 година.

– Се надеваме дека за рочиштето во април ќе бидеме спремни за презентирање пред судот. Продолжува постапката во фазата во која се наоѓа предметот – рече Јанева.


Судењето за „Монструм“ почнува од почеток


Скопје, 12 февруари, 2018 - 9:05 (META) 

Во Основен суд Скопје 1 денеска почнува повторното судење за случајот „Монструм“ против обвинетите за петкратното убиство кај Смилковското Езеро во Скопје на 12 април 2012 година.
Шест лица беа осудени во „Монструм“ на казна доживотен затвор под обвинение за тероризам.

На 24 ноември Врховниот суд на Република Македонија ги уважи жалбите на одбраната за случајот „Монструм“ за петкратното убиство кај Смилковското Езеро. Првостепената и второстепената пресуда за предметот се укинати и се враќаат на повторно одлучување во Кривичниот суд.

За убиството  доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ и Езим и Хаки Азири и Самил Љута. По укинувањето на пресудите, Врховниот суд во декември лани ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. За судот сè уште недостапни се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ по кои се распишани меѓународни потерници.


Укинување на пресудите и ново судење за случајот „Монструм“, бара Обвинителството


Скопје, 3 октомври, 2017 - 16:55 (META) 

Јавната обвинителка Лилјана Спасоска на денешната јавна седница за случајот „Монструм“ во Врховниот суд побара укинување пресудите на Кривичниот и на Апелацискиот суд и враќање на предметот на повторно судење.

Врховниот суд на јавна седница денеска ги разгледуваше жалбите на шесттемина осудени за доживотните затворски казни што им ги одреди Основниот суд Скопје 1, а кои беа потврдени и од Апелацискиот суд во Скопје.

Барањето на Спасоска, која е и в.д. шеф на Јавното обвинителство, на местото на разрешениот Марко Зврлевски, е поради „неутврдена фактичка состојба“, но и поради евентуално постоење на прислушувани разговори, кои ги поседува Специјалното јавно обвинителство, и кои би можеле да го сменат текот на постапката, пренесува „Телевизија 24“.

Обвинителката пред судот, исто така, побарала да бидат уважени и жалбите на одбраната на осудените за петкратното убиство кај Смиљковско Езеро, кои и денеска пред Врховниот суд ги отфрлија обвинувањата дека се извршители на масакрот и повторно тврдеа дека се невини.

Според адвокатите на осудените, нема докази дека тие се сторители на петкратното убиство, а пресудите на Кривичниот и на Апелацискиот суд се пристрасни и неправични. Одбраната има забелешки и на сведочењето на заштитетниот сведок, кое, според адвокатите, е контрадикторно.

Тие посочија и дека, според судското вештачење, времето на смртта на жртвите не можело прецизно да се утврди, а сведоците не ги препознале обвинетите.

За петкратното убиство кај Смиљковското Езеро, на доживотен затвор се осудени Алил Демири, Африм и Аѓим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Самил Љута. Масакрот кај Смиљковското Езеро се случи на 12 април 2012 година, на Велики четврток, пред големиот христијански празник Велигден, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.


Врховниот суд повторно ја одложи јавната седница за „Монструм“


Скопје, 12 септември, 2017 - 13:04 (META) 

Врховниот суд денеска по четврти пат ја одложи јавната седница за случајот „Монструм“, бидејќи полицијата не можела да донесе едно од осудените лица од затвор.

Јавната седница, на која треба да бидат разгледувани и да се одлучува по жалбите на шесттемина осудени на доживотни затворски казни за петкратното убиство кај Смиљковско Езеро, овојпат е презакажана за 3 октомври.

Претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, рече дека следниот пат ќе бидат издадени наредби сите осудени во случајот да бидат донесени во судот.

Адвокатот Насер Рауифи, кој е бранител на дел од осудените, повторно истакна дека овој случај треба да го преземе Специјалното јавно обвинителство.

– Оправдувањето досега беше дека нема соработка меѓу Специјалното јавно обвинителство и Државното јавно обвинителство, меѓутоа таа пречка сега е отстранета, бидејќи е разрешен државниот јавен обвинител. Не знам која е пречката што СЈО не го презема случајот, бидејќи има надлежност да го преземе. Ние како одбрана сметаме дека само на тој начин можеме да дојдеме до вистината во овој предмет, кој очигледно е монтиран – изјави Рауфи.

Неговиот колега Сашо Дуковски, во тој контекст, се осврна на изјавата на застапникот на обвинението, Лилјана Спасоска, која е и актуелен в.д. шеф на државното јавно обвинителство, на местото на разрешениот Марко Зврлевски, која претходно побара одложување на јавната седница на неопределно време за да може Врховниот суд да ги обезбеди доказите кои СЈО ги има за случајот „Монструм“.

– Тоа е прилично ретка појава, тој што гони самиот да бара одложување на седницата на неопределно време за правилно утврдување на фактичката состојба, односно за обезбедување на тие докази, а времето ќе покаже каков ќе биде епилогот од тоа барање – рече Дуковски.


ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ некрофилски ги поврзува Смиљковско Езеро со работењето на МВР


Скопје, 13 јули, 2017 - 16:57 (META) 

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги обвини министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и СДСМ дека со денешниот брифинг во МВР, на кој беа презентирани фактури, сметки и податоци за трошењето на директорите на УБК и на БЈБ и на министрите во текот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, „се занимава со ланскиот снег“.

„СДС некрофилски се обидува да ги поврзе трагичната сообраќајна незгода во која животот го загуби Никола Младенов, грозоморното убиство кај Смиљковско Езеро и настаните во Диво Насеље со оперативното работење на службите и нивните контакти со странски гости, делегации и соработници. Манипулација од најнизок тип е обидот на СДС да ја излаже јавноста дека функцинерите во МВР се расфрлале. Пред две години, односно до доаѓањето на СДС на власт, МВР имаше соработка со бројни служби која даде исклучителни резултати признаени и на меѓународен план“, се вели во реакцијата.

Партијата му порача на Спасовски да не ја дефокусира јавноста, туку да се зафати со вистинските проблеми, притоа посочувајќи дека жителите на Љуботен очекуваат одговор кој ги вандализираше православните гробишта.


Врховниот суд денеска ќе одлучува по жалбите на осудените во „Монструм“


Скопје, 29 јуни, 2017 - 10:17 (META) 

Врховниот суд денеска на јавна седница треба да ги разгледа жалбите на шестемина осудени на доживотни затворски казни во случајот „Монструм“, односно за петкратното убиство кај Смиљковско Езеро.

Седницата, како што соопшти судот, ќе биде јавна, а ќе се одржи во големата сала на Врховниот суд.

Судот претходно двапати ја одложи оваа седница, која првин требаше да се одржи на 30 мај, па беше презакажана и повторно одложена на 9 јуни, бидејќи дел од адвокатите на обвинетите беа на боледување.

Судот на претходното рочиште прифати да ги побара и да ги земе предвид доказите на обвинителите од Специјалното јавно обвинителство, кои на прес-конференција истакнаа дека водат предистражна постапка за случајот „Монструм“.

Инаку, Врховниот суд овој предмет го стави на дневен ред 15 месеци откако одбраната на осудените поднесе жалба на пресудите на Кривичниот и на Апелацискиот суд Скопје, со кои шестемина обвинети беа осудени на доживотни затворски казни.