Јанеска – Саркањац: Програмскиот совет на МРТ не коментира политички изјави


Скопје, 15 февруари, 2018 - 14:32 (META) 

Претседателот на Програмскиот совет на МРТ, Смилка Јанеска – Саркањац, не сакаше да ја коментира вчерашната изјава на портпаролот на Владата на РМ, Миле Бошњаковски, кој рече дека новиот избор на старо-новиот директор на МРТ, Марјан Цветковски е „одлука на Програмскиот совет на МРТ кој сè уште функционира во стариот состав, а граѓаните добро знаат кој членува во тој стар состав, на кој начин работеше и под чии влијанија и како е направен овој избор“.

Во врска со изјавата на Бошњаковски, таа рече дека Советот не коментира политички изјави.

– Функцијата на Програмскиот совет е да ги штити интересите на јавноста во поглед на програмските содржини кои ги емитува МРТ и да се грижи за остварување на интересите, целите и надлежностите на МРТ. Програмскиот совет работи во согласност со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Статутот на МРТ и Деловникот за работа, и не коментира политички изјави – вели Јанеска – Саркањац.

Сличен одговор претходно ни даде и директорот Цветковски.

Владиниот портпарол вчера порача дека „веднаш по усвојувањето на новиот Закон за аудио аудиовизуелни услуги ќе се овозможи професионално непартиски нови раководни позиции и во Македонската радио телевизија и во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги (ААВМУ)“.


МРТ планира да добие 13,37 милиони евра и да побара нови 3 милиони за новите канали


Скопје, 25 јануари, 2018 - 14:22 (META) 

Македонска радиотелевизија (МРТ) испрати план до Владата за почнување со работа на телевизиски канал што 24 часа ќе емитува програма на албански јазик и уште еден канал што ќе емитува на другите јазици на националностите. Еден месец откако тоа ќе биде одобрено, МРТ е подготвена да ги стартува програмите, рече Смилка Јанеска – Саркањац, претседател на Програмскиот совет на МРТ, која пред собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија денеска го образложи финансискиот план на МРТ за 2018 година.

Таа објасни дека за да профункционираат новите два канала ќе бидат потребни уште 1,8 милиони евра „за еднократни трошоци“ и 1,2 милиони евра годишно за функционирање на каналите. По 50-тина минути работа на оваа точка и дискусија, комисијата едногласно донесе одлука финансискиот план на јавната радиодифузна куќа да достави до Собранието на усвојување.

Според планот подготвен уште во октомври минатата година, МРТ очекува годинава да располага со 822,5 милиони денари (13,37 милиони евра).

– Тоа е за речиси 32 отсто помалку отколку во 2017, па и во 2016 – рече Јанеска – Саркањац.

Парите што МРТ ќе ги добие од буџетот на Република Македонија се 700 милиони денари (11,38 милиони евра), односно 85,1 отсто од вкупно планираните приходи на куќата.

Во другите ставки на приход, МРТ планирала и пари од задоцнети плаќања на радодифузната такса. Освен од буџетот, МРТ планира и приход од 10 милиони денари (162.550 евра) од Министерството за информатичко општество и администрација, за производство и емитување играна и документарна програма, а испланирани се и 32 милиони денари (520.150 евра) приход од Министерството за култура за поддршка на домашната музичка продукција.

На прашање од претседателот на комисијата, Диме Велковски, зошто се планирани тие пари кога Министерството за култура се изјасни дека ќе се ревидира одлуката за субвенционирање на домашната музика, Јаневска – Саркањац појасни дека тоа е се уште законска обврска на МРТ и кога ќе се измени законот, ставката ќе биде тргната.

МРТ за плати и други трошоци на вработените во 2018 година ќе потроши 391,05 милиони денари (6,35 милиони евра). На прашање од пратеникот од ДУИ, Реџаил Исмаили, зошто се планирани само 10 милиони денари (162.550 евра) за инвестиции во опрема, односно како се мисли да се реализира планираното воведување 24-часовен телевизиски канал на албански јазик и 24-часовен канал на јазиците на другите националностите со толку, претседателката на Програмскиот совет на МРТ, Јанеска – Саркањац објасни дека куќата има поднесено план до Владата.

– Побаравме и одобрение за нови 90 вработувања – рече Јанеска – Саркањац.

Во однос на забелешките од извештаите на Прибе, претседателката на Програмскиот совет на МРТ појасни дека се планира соработка со новинарски и граѓански организации за подигање на професионалноста на вработените и на градење вистински јавен сервис.

Таа појасни и дека не биле откупени правата за европското првенство во ракомет во Хрватска поради недостиг на пари, а за Зимските олимписки игри во Јужна Кореја, кои почнуваат на 9 февруари, претседателката на Програмскиот совет рече дека ќе се преговара за откуп на правата.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.


Програмскиот совет на МРТ доби нов претседател


Скопје, 5 јануари, 2018 - 16:42 (META) 

Програмскиот совет на Македонската Радиотелевизија (МРТ) избра нов претседател. На последната седница пред новогодишните празници Советот ја разрешил досегашната претседателка Снежана Клинчарова, а на нејзино место ја избрал Смилка Јанеска – Саркањац, извести Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ).

Професорката на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) Јанеска-Саркањац е член на Советот предложена од интер-универзитетската конференција.

По изборот на Саркањац, досегашната претседателка Клинчарова во знак на револт усмено најавила оставка од членството во Програмскиот совет.

На истата седница е разрешен и досегашниот заменик-претседател на Советот Агим Лека, а на негово место е избран членот на Советот предложен од ЗНМ, главниот и одговорен уредник на дневниот весник Коха, Ведат Мемедалиу.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.