!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Судот на барање на СЈО ги замрзнал имотот и сметките на Кочан


Скопје, 10 мај, 2017 - 22:39 (META) 

Основен суд Скопје 1 на барање на Специјалното јавно обвинителство попладнево го замрзнал имотот на сопственикот на „Трансмет“, Сеад Кочан, јавува телевизија „Телма“.

Неофицијално, решението од судот опфаќало замрзнување на целиот движен и недвижен имот, како и на сметките на компаниите каде што тој има удели, меѓу кои телевизија „Нова“, градежната компанија „Трансмет“ и други.

За бизнисменот Сеад Кочан распишана е меѓународна и домашна потерница, бидејќи му е одреден притвор за случајот „Труст“.

СЈО ја отвори истрагата под име „Труст“, во која три физички лица и фирмите „Трансмет“ од Скопје, „Силекс“ од Кратово и „Вато“ од Студеничани се товарат дека со фалсификувана документација добиле тендер од ЕЛЕМ, вреден 17.235.772 евра.


Платежните картички најмногу се користат за повлекување пари од банкомат


Скопје, 31 март, 2017 - 14:07 (META) 

Анализите за користењето на платежните картички покажуваат дека и покрај нивната зголемена употреба во последниот период, навиките на домашните потрошувачи отстапуваат од навиките на корисниците во ЕУ,  се вели во новата публикација, Информацијата за движењата во платниот промет во 2016 година на Народна банка.

Платежните картички во Македонија сè уште најмногу се користат за повлекување готовина од банкоматите, за разлика од европските земји, каде што плаќањата во трговијата имаат високо учество.

„Потврда за ова се релативните показатели кои покажуваат учество на вредноста на трансакциите со платежни картички во личната потрошувачка од 32 проценти во старите земји членки на ЕУ и 19 проценти во земјите од ЦИЈЕ, во споредба со 11 проценти во Македонија“, се вели во анализата.

На слични констатации упатува и анализата на бројот на трансакциите.

„Бројот на трансакции со домашни платежни картички остварени во трговијата во Македонија изнесува 18 трансакции по жител, што е пониско за два и пол пати во споредба со земјите од ЦИЈЕ (45 трансакции по жител) и неколкукратно пониско во однос на старите земји членки на ЕУ (102 трансакции по жител)“, се додава во анализатра.

Од аспект на платежната функција, најголемо учество имаат дебитните картички, а според видот, најзастапени се контактните картички.

„Во последниот период се забележува  промоција на контактно-бесконтактните картички и на соодветна инфраструктура за нивно прифаќање, што е во согласност со светските трендови и со најновите техничко-технолошки решенија во доменот на плаќањата“, се заклучува во анализата.

Во 2016 година бројот на отворени трансакциски сметки забележа пораст од 1,2 проценти на годишна основа, при истовремено намалување на бројот на блокирани сметки за 2,1 отсто.

Пониското ниво на блокирани сметки во 2016 година произлегува од значителното намалување на блокираните сметки на правните лица (за 22,1 отсто), што е прво вакво придвижување во периодот по глобалната криза.

Кај физичките лица, блокираните сметки бележат пораст (5,8 проценти), но значително забавен во споредба со претходните две години, кога беа забележани двоцифрени стапки на пораст на блокираните сметки (35,4 проценти и 19,1 проценти во 2014 година и во 2015 година, соодветно).


ЕВН: Сметки за струја на албански јазик воведовме уште пред 5 години


Скопје, 11 февруари, 2017 - 14:52 (META) 

До корисничкиот „Енерго центар“ на ЕВН во Тетово вчера биле доставени барањата на здружението на албански електричари „Дрита“, кои, како што соопштуваат од компанијата, ќе ги разгледаат и ќе одговорат на оние кои се во нивна надлежност.

„Барањата ќе бидат разгледани од наша страна и соодветно постапено во деловите што се однесуваат на работата и надлежноста на ЕВН Македонија“, стои во соопштението од ЕВН во кое се нагласува дека за барањата кои се однесуваат на цената на електричната енергија, тарифи, тарифни ставки и сл., не се надлежни тие, туку регулаторните тела.

Од компанијата велат дека дел од барањата на здружението се однесувале на услуги кои ЕВН веќе ги имало имплементирано, како што се сметките на албански јазик.

„Граѓаните Албанци добиваат сметки на албански јазик и секој кој сака да ја добие сметката на албански јазик може да поднесе барање и ќе ја добие. Оваа опција ја имаме воведено уште пред 5 години и голем број корисници добиваат сметки на албански јазик“, велат од ЕВН и додаваат дека се една од ретките компании во земјава чиј „контакт центар функционира на три јазици, а и комуникацијата на интернет-страницата се одвива на македонски, албански и англиски јазик“.

Вчера попладне, околу илјада граѓани протестираа пред седиштето на ЕВН во Тетово, незадоволни од цената што ЕВН им ја наплатува за потрошена електрична енергија. Тие упатија повеќе барања до компанијата ЕВН, меѓу кои и да се либерализира пазарот на дистрибуција на струја.


СДСМ: Миноски да каже за што ги задолжувал граѓаните 40 милиони евра месечно


Скопје, 3 февруари, 2017 - 11:53 (META) 

Министерот за финансии во заминување, Кирил Миноски, ќе мора да одговори за што ги задолжил граѓаните 484 милиони евра само во 2016 година. Тоа значи дека секој месец лани, оваа власт во заминување ги задолжувала граѓаните и државата со нови 40 милиони евра, се вели во соопштението на СДСМ.

Од партијата додаваат дека со 40 милиони евра, за само еден месец ќе можеа да се изградат 133 градинки во Македонија.

– Ако власта во заминување на ВМРО-ДПМНЕ штедела за граѓаните, како што Груевски знаел да штедел на личните штедни книшки, за шест месеци и износот од 240 милиони евра ќе се изградеа најмалку три нови клинички центри во Македонија. Со целото задолжување од 484 милиони евра ќе беа изградени Чебрен и Галиште, со што Македонија немаше да биде зависна од најскапиот увоз на струја оваа зима, а граѓаните немаше да плаќаат високи сметки за струја – се додава во соопштението.


СДСМ: Со скапиот увоз на струја, граѓаните за два дена се оштетени за 300.000 евра


Скопје, 9 јануари, 2017 - 14:12 (META) 

СДСМ ја повикува власта во заминување да престане да крие информации од граѓаните за реалниот ризик, домаќинствата да останат без струја, се вели во соопштението на СДСМ.

– Реалноста е дека Македонија се соочува со недостиг од струја и како што вчера предупредивме, денеска е распишан тендер за нов интервентен увоз на струја. Како што објавивме вчера, на Божиќ бил распишан првиот тендер за итен увоз на струја за 7 и за 8 јануари. За претходните два дена набавена е струја по цена за 36 проценти повисока од увозната цена дозволена од Регулаторната комисија за енергетика. Со тоа граѓаните за два дена се оштетени 300.000 евра – се додава во соопштението на СДСМ.

Оттаму велат дека „да работеа блоковите на РЕК Битола, за чии поправки граѓаните платија стотици милиони евра, сега ќе имаа струја и немаше да бидат оштетени ни денар“.

– Вистината е дека да не е увозот од странство, домаќинствата ќе останат и без струја и без греење на овој поларен студ. Ако земјите од регионот, што сега ѝ даваат струја на Македонија, почнат политики на штедење струја поради студениот бран, граѓаните, семејства со деца, ќе останат без струја – се додава во соопштението на СДСМ.


АЕК решавала 918 приговори за висина на сметки и квалитет на услуги


Скопје, 2 јануари, 2017 - 11:04 (META) 

Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) од јануари до декември изминатата година решавала 918 спорови, кои генерално се однесувале на висината на сметките и на квалитетот на услугите.

Најмногу спорови, односно 20,2 проценти, се однесуваат за говор во мобилната телефонија, по што следат 18,1 процент за мобилен интернет, 6,4 процент за дигитална телевизија, 5,5 проценти за говор во роаминг, 5,3 проценти за кабелска телевизија, 4,6 проценти за телевизија преку интернет протокол.

Од вкупниот број спорови, 50,7 проценти или 448 барања за решавање спор се за услуги од „Оне Вип“, 41,7 процент или 369 барања за решавање спор на „Македонски телеком“, а 7,6 проценти за спорови со другите оператори.

Од споровите на корисниците со „Оне Вип“ целосно или делумно се усвоени 20,5 проценти, во тек на решавање се 10,7 проценти, толкав процент операторот постапил по барањето на корисникот, а отфрлени се 54,5 проценти. Од споровите, пак, со „Македонски телеком“, за 14,2 проценти се подготвени решенија за усвојување или делумно усвојување, во тек се 19,1 процент, а отфрлени се 47,8 проценти. За 13,4 проценти од приговорите постапката е запрена.


Сметките за парно греење ќе можат да се плаќаат електронски


Скопје, 22 ноември, 2016 - 12:40 (META) 

Компанијата „Балкан енерџи“ воведе можност за електронско плаќање на фактурите за топлинска енергија.

– Новата платформа „Бег ипеј“ (BegEPay) на потрошувачите им овозможува на брз и едноставен начин да ги проверат, според име и датум, сите неплатени сметки за топлинска енергија на нивните станови и деловни простории и да ги платат по електронски пат, без дополнителни трошоци. Преку новата услуга може да се платат сите доспеани сметки, односно фактури, освен тие што се предмет на тужба – известуваат од компанијата.

За да може потрошувачот да го користи системот за електронско плаќање на сметките, потребно е да се регистрира, односно да креира свој кориснички профил, следејќи го упатството поставено на веб-страницата www.beg-snabduvanje.com.mk.


Извршителите нема да наплаќаат од должниците без претходно да ги известат


Скопје, 20 ноември, 2016 - 14:42 (META) 

Извршителите нема да можат да повлекуваат пари од сметките на должниците без претходно да ги информираат, предвидуваат измените на Законот за извршување кои стапуваат на сила од 1 јанури 2017 година.

Со новите измени, должникот мора да биде информиран каде и колку должи, па потоа добива рок од три дена да го намири долгот и доколку не го направи тоа, тогаш му се блокира сметката.

Вкупниот изноз на наплата од извршување годинава изнесува повеќе од 76 милиони евра, два милиони евра помалку од лани.


Охрид и Струга oстанаа без вода поради неплатени сметки за струја


Охрид, 6 октомври, 2016 - 9:51 (META) 

Охрид и Струга синоќа останаа без вода зашто водоснабдувачкото претпријатие „Проаква“ не си ги платило сметите за електрична енергија. ЕВН го исклучи електричното напојување на главните пумпи од кои граѓаните се снабдуваат со вода.

Граѓаните бргу реагираа, нагласувајќи дека тие не се виновни за овој проблем и дека редовно и навреме ги намируваат сметките кон претпријатието „Проаква“ за потрошена вода.

Од „Проаква“ се обидоа да го забошотат проблемот, изјавувајќи дека ЕВН изведувала некакви работи, поради што дошло до прекин во водоснабдувањето.

Од ЕВН, пак, официјално соопштија дека струјата е исклучена поради неплатени долгови во износ од неколку милиони евра. Најавија судска разврска, но во интерес на граѓаните повторно го вклучија напојувањето.

Компанијата била принудена да ја исклучи „Проаква“ од електросистемот затоа што не бил постигнат договор за сервисирање на милионските долгови поради незаинтересираноста на другата страна за решавање на проблемот и за плаќање на електричната енергија.

За настанатиот проблем реагираа од опозицискиот СДСМ.

– Вечерва охриѓани и стружани го доживеаја најголемиот апсурд и срам, да живеат покрај вода, а да немаат вода за пиење, поради долгови на меѓуопштинското водоснабдително претпријатие „Проаква“. Единствен виновник за оваа катастрофална состојба е лошото, недомаќинско менаџирање на кадрите на ВМРО-ДПМНЕ. Токму сегашниот директор на „Проаква“, Томе Паскалоски, е човекот кој го заглави до гуша во долгови ова претпријатие, во претходното негово директорување. Згора на сè, пред околу една година Паскалоски си ја зголеми платата за 10.000 денари, на грбот на охриѓани и на стружани – велат во СДСМ.

Ова не е првпат граѓаните на Охрид да бидат колатерална штета на војната помеѓу двете страни. Во 2008 година, ЕВН од истите причини ја исклучи струјата во управната зграда на „Проаква“ и во главниот резервоар на водоснабдувачкиот систем кај „Билјанини извори“.


Парите од БЕГ одат на приватни сметки на ВМРО-ДПМНЕ во Кипар, обвини Левица


Скопје, 3 октомври, 2016 - 16:13 (META) 

Компанијата БЕГ е основана за да се испумпаат парите на граѓаните и да одат на приватни сметки на лицата од ВМРО-ДПМНЕ во Кипар, обвини денеска Владимир Куновски од политичката партија Левица.

Тој рече дека незаконските дејства на ВМРО-ДПМНЕ со БЕГ почнале уште во 2011 година.

„Сè почнува на 9 ноември 2011 година, на состанокот помеѓу Никола Груевски, Димитар Петров, директорот на Регулаторна комисија за енергетика и Хаџи-Мишев, директор на „Топлификација“. Целта била да се вратат сите исклучени потрошувачи. Лицето Н.Г. добива идеја и истата ја реализира во 2012 година, кога е одржан состанокот со Леонид Лебедев, сопственик на „Синтез груп“, руски бизнисмен на Кипар, и кога се формира БЕГ за 50.000 евра“, рече Куновски.

Од Левица велат дека голем криминал е направен во 2012 година, кога три лиценци се издадени на БЕГ, и тоа на 31 декември 2012 година, а во истиот ден се објавени во „Службен весник“, за да може веќе од 1 јануари 2013 година да издадат фактури.

„Имаме три месеци искористување на личните податоци на 40.000 граѓани бесправно, бидејќи БЕГ нема никаква правна и законска можност да ги користи нивните податоци“, додаде Куновски.