!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Во шест скопски општини отстрaнети 2.754 кубни метри смет


Скопје, 8 декември, 2017 - 10:43 (META) 

Екипите на јавните градски претрпијатија досега ги исчистија улиците и јавните површини во општините Аеродром, Бутел, Гази Баба, Кисела Вода, Центар, Чаир и во Шуто Оризари и оттаму отстранија 2.754 кубни метри смет, информираат од Град Скопје.

Последниве два дена акцијата се спроведува во Општината Карпош, а во текот на наредните денови работите ќе се преселат во општините Ѓорче Петров и Сарај.

„Целта на оваа голема акција е чистење и миење на улиците од прашината што со години се таложи и претставува една од краткорочните мерки за намалување на загадувањето во градот. Екипите на јавните градски претпријатија, засилени со дополнително ангажираните работници, деновиве ги метеа и ги миеја градските улици и булевари, ги расчистуваа јавните површини од отпадоци, ги отстрануваа дивите депонии, ги чистеа шахтите, сливниците и канализациската мрежа, ги кастреа гранките на дрвјата и го чистеа зеленилото“, се вели во соопштението на Град Скопје.

Со оваа голема акција за чистење, опфатени се сите 10 општини во Скопје. Акцијата се очекува да трае околу 20 дена. По завршувањето на чистењето на улиците, работните активности ќе продолжат на кејот на реката Вардар.

За оваа акција Град Скопје ангажираше неколку стотини невработени лица, кои се повикани во соработка со Министерството за труд и социјална политика и со Агенцијата за вработување.


Илјадници тони отпад се истураат и се депонираат на нова локација во Тетово


Тетово, 17 март, 2017 - 15:08 (META) 

Големи количества отпад деновиве се истурени над надвозникот на влезот од Тетово. Оваа локација сега Јавното комунално претпријатие Тетово ја користи за претовар на сметот, откако жители од тетовската населба Деребој блокираа дел од дивата депонија и кажаа дека нема да дозволат на оваа локација да се претовара и да се истура ѓубре. Сега планините од отпад се поблиску до домовите на тетовци, кои остро реагираа на ваквата нова состојба.

– Ова е катастрофа! Не можевме прозорец да отвориме од дивата депонија, а сега ѓубрето полека почна да ни влегува и во домовите. Не ни останува ништо друго освен да се отселиме од градов – изјави жител на Тетово.

Од Јавното комунално претпријатие Тетово велат дека се преземаат мерки и дека најдоцна од наредниот месец тетовскиот отпад ќе почне да се претовара по сите стандарди надвор од градот. Според претпријатието, пред да се транспортира сметот во скопската депонија Дрисла, ќе се истура и ќе се претовара во специјални контејнери.

Вакви ветувања се дадени повеќепати, но на терен проблемот со комуналниот смет сè уште не е решен.


Тетовското кале и неговата околина заборавени од градските власти


Тетово, 4 март, 2017 - 13:38 (META) 

Ридот Балтепе, Тетовското кале и пределот кој води кон ова излетничко-рекреативно место, речиси две децении ултрамаратонецот Адем Селмани ги користи како места каде ги одржува своите тренинзи. На почетокот од својата спортска кариера тренирал и во градот, но сега вели дека во Тетово нема места за одмор и за рекреација, па овие предели се единствените што спортистите можат да ги искориристат за одржување тренинзи.

– Цел град е узурпиран. Во Тетово има само бетон, асфалт и згради, затоа овие предели се единствените каде тренираме – вели Селмани.

Тој додава дека во последно време и овие предели се уништуваат од несовесни граѓани, а институциите не преземаат никакви мерки. Смета дека властите треба повеќе да поработат на заштита на калето, каде може да се изградат и неколку спортски терени.

– Тука се фрла смет и долж патот кој води кон калето се градат големи зданија, сега и овој слободен простор кој ни остана, сакаат да го задушат. Мора институциите да преземат соодветни мерки и да ги казнат тие што го загадуваат и го узурпираат овој простор – апелира Селмани.

Селмани во моментов се подготвува за јубилејниoт 30. Белградски маратон, кој треба да се одржи следниот месец.


Тетовци ја оградуваат дивата депонија, нема да дозволат да се истура смет


Тетово, 28 февруари, 2017 - 16:19 (META) 

Револтирани жители од тетовската населба Деребој, од утре нема да дозволат тетовскиот отпад да се претовара на влезот од градот, на локацијата која е претворена во дива депонија. Утринава почнаа да ја оградуваат локацијата и најавија дека од утре нема да ги пропуштаат камионите на Јавното комунално претпријатие Тетово, на ова место да го истура и да го претовара сметот.

– Дивата депонија е на само неколку метри од нашите домови. Од Општина Тетово неколкупати ни ветиле дека ќе го тргнат сметот од ова место и повеќе нема да го носат, но ниту едно ветување не е исполнето. Секој ден се разболуваме од дивата депонија, од каде се шири непријатна миризба и чад кога повремено се пали. Затоа се решивме на ваков чекор и ќе ја оградиме оваа локација со железна ограда, за да ги заштитиме нашите деца од разни заразни болести – изјави Ибраим Љока, жител на тетовската населба Деребој.

Од Јавното комунално претпријатие Тетово велат дека ќе се обидат да најдат заеднички јазик со жителите од Деребој. Во меѓувреме се преземаат мерки од март годинава, тетовскиот отпад да почне да се претовара по сите стандарди надвор од градот.

– Ние од наредниот месец или на почетокот на март, ќе го претовараме тетовскиот отпад надвор од градот. Сметот пред да се транспортира во скопската депонија Дрисла, ќе се истура и ќе се претовара во специјални контејнери и сметот на земја повеќе нема да се истура – изјави директорот на Јавното комунално претпријатие Тетово, Џелал Цека.

Тој додаде дека се работи на трајно решение на проблемот со тетовскиот отпад. Според него, се планира изградба на претоварна станица, каде исто така и ќе се рециклира сметот.
Вакви ветувања се дадени повеќепати и од сегашните и од претходните градски власти, но деценискиот проблем со тетовскиот отпад сè уште не се реши.


Граѓаните од поплавените подрачја нема да плаќаат за вода и за смет до октомври


Скопје, 24 август, 2016 - 13:29 (META) 

Градот Скопје ќе издвои 150 милиони денари или околу 2,5 милиони евра за реконструкција и за санација на улиците што беа оштетени од поплавите во неколку населени места во Гази Баба, било одлучено на денешната седница на Советот на Град Скопје.

– Втората одлука е ослободување на корисниците од плаќање надомест за извршена услуга собирање и транспортирање на комунален отпад. Со оваа одлука целиот собран и транспортиран отпад што се собра и се транспортира како дел од акцијата на расчистувањето на населените места, нема да биде наплатен, поточно граѓаните се ослободени од таа обврска – изјави координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје, Слободанка Трајковска.

Третата одлука што била донесена на седницата било ослободување од плаќање на надоместот за користење на услугите на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, на корисниците од погодените подрачја со поплавата за август, септември и за октомври.


Тетовскиот отпад повторно се носи во Русино


Тетово, 22 август, 2016 - 16:10 (META) 

Блокадата за тетовскиот смет кон депонијата Русино е отстранета. Од саботата навечер камионите на Јавното комунално претпријатие „Тетово“ го носат сметот во Русино бидејќи жителите на гостиварските села постигнаа договор со Центарот за Полошки плански регион за исполнување на минимум услови за носење и за депонирање на смет во депонијата во Русино.

– Договорот за носење и за депонирање смет кој беше направен во вторникот, а предвидуваше да се носи сметот во 1 часот по полноќ и да се исчисти патот до Русино, првично не беше испочитуван. Но, во петокот повторно се сретнавме со жителите од гостиварските села и тие во саботата ја тргнаа блокадата кон Русино, затоа што договорот веќе почнува да се спроведува – изјави Назиф Јашари, раководител на комунална хигиена при ЈКП „Тетово“.

Поради блокадата, но и отежнатото носење на тетовскиот отпад до депонијата Дрисла, изминативе две недели на претоварната станица за смет во Тетово секојдневно се трупаа стотици тони отпад.

Од ЈКП „Тетово“ се надеваат дека за неколку дена станицата за претовар на сметот ќе биде целосно исчистена.


Чести пожари на тетовската дива депонија


Тетово, 12 јули, 2016 - 16:10 (META) 

Територијалната противпожарна единица Тетово деновиве постојано интервенира во гасење пожари, кои често се појавуваат на дивата депонија што се наоѓа на влезот од градот. Пред два дена интервенирале пет пати во гасење пожар кај депонијата.

– Наша работа е да интервенираме во гасењето на пожарот, но има некој несовесен кој ја пали депонијата. Не можам да сфатам каква корист има од тоа – вели Ука Алити, командир на тетовската противпожарна единица.

Од полицијата информираат дека досега немаат официјална пријава за палење на депонијата ниту, пак, имаат информација кој би можел да го предизвикува пожарот на оваа локација.

На дивата депонија, која Јавното комунално претпријатие Тетово ја користи за претовар на сметот, последниве неколку месеци се наталожени поголеми количества отпад. Тетовските комуналци имаа мал застој во транспортот на отпадот откако жители од гостиварски села не дозволија да се носи ѓубрето во регионалната депонија Русино.

Сега сметот се транспортира во скопската депонија Дрисла, каде е посложена процедурата за депонирање.

Општинските власти сè уште го немаат исполнето ветувањето за дислокација на станицата, каде комуналното претпријатие го претовара сметот. Ветија дека за оваа намена ќе најдат место надвор од градот, но ветеното речиси една деценија не се исполнува.


Илјадници тони отпад наталожени во тетовската претоварна станица за смет


Тетово, 7 јули, 2016 - 16:02 (META) 

На претоварната станица за комунален смет на Јавното комунално претпријатие Тетово, деновиве се наталожени илјадници тони отпад. Здравствените експерти предупредуваат дека ваквата состојба е загрижувачка, со оглед дека отпадот се депонира на локација која се наоѓа на влезот од градот, загадувајќи ги воздухот и подземните води.

– Таму се создаваат канцерогени материи од прв ред, од типот на диоксините и фураните. Исто така, таму има индустриски објекти кои, според наши сознанија, имаат индивидуални водоснабдителни објекти, чешми со сопствени извори или бунар. Колку подолго е депониран отпадот на таа локација, толку е поголема опасноста од загадувањето на подземните води во тој реон – изјави дoктор Ратко Давидовски, специјалист по здравствена екологија и хигиена во Центарот за јавно здравје – Тетово.

Од Општина Тетово велат дека во наредните денови ќе се реши проблемот.

„Поради празниците, но и посложената процедурата за носење ѓубре во скопската депонија Дрисла, на претоварната станица се наталожи поголемо количество смет. Уверуваме дека во наредните денови сметот од претоварната станица ќе биде пренесен во Дрисла“, велат од Општина Тетово.

Проблемот со тетовскиот отпад настана пред околу два месеци, кога жители од гостиварските села со блокади не дозволија да се транспортира тетовскиот отпад до регионалната депонија Русино.


Тетово и Гостивар се гушат во смет поради блокада на патот до депонијата Русино


Гостивар, 23 мај, 2016 - 16:32 (META) 

Тетово и Гостивар се гушат во смет, откако жителите од гостиварските села четири дена го блокираат патот кој води до регионалната депонија Русино, каде повеќе општини од полошкиот регион го депонираа сметот.

Во Гостивар контејнерите се преполни со смет, а отпад се трупа и на тротоарите и улиците.

– Низ, цел град се шири непријатна миризба, срамота – вели еден гостиварец

И на претоварната станица во Тетово лоцирана на влезот од градот, поради блокадата кон депонијата Русино секојднево се таложат по стотици тони отпад.

Попладнево учесниците на блокадата по средбата со градоначалникот на Гостивар Невзат Бејта, дозволија само камионите од Комуналното претпријатие Гостивар да го транспортираат сметот до Русино. За другите комунални претпријатија од полошко блокадата за транспортот до Русино се уште ќе трае.

– Гостивар е наш град, за ѓубрето од Гостивар нема да важи забраната за транспорт, но за возврат очекуваме директна поддршка за решавање на овој проблем од гостиварскиот градоначалник – вели еден учесник на блокадата.

Жителите од гостиварсктие села со блокада на локалниот пат кој води до регионалната депонија Русино започнаа уште во петокот, изразувајќи го револтот, од како што рекоа, неодговорниот однос на полошките општини, кои го носат сметот на оваа локација. Според нив, депонијата работи без никакви стандарди, а патната делница која води до Русино е целосно уништена од камионите на комуналните претпријатија.

За решавање на проблемот, учесниците на блокадата истакнаа дека писмено ќе се обратат до Центарот за полошки плански региони и Министерството за животна средина, надлежни за управување со регионалната депонија Русино.


Жителите од Гостивар и околината го блокираа транспортот на смет


Тетово, 20 мај, 2016 - 18:14 (META) 

Жителите од Гостивар и околните села со блокада на локалниот пат кој води до регионалната депонија „Русино“, го изразија револтот од како што рекоа, неодговорниот однос на полошките општини, кои го носат сметот на оваа локација.

Според учесниците на протестот, депонијата работи без никакви стандарди, а патната делница која води до „Русино“ е целосно уништена од камионите на комуналните претпријатија, кои го транспортираат сметот до регионалната депонија лоцирана на само неколку километри од Гостивар.

– Бараме општините од полошко кои го носат сметот до „Русино“ да ја уредат депонијата, затоа што тие ја користат. Сега таму комуналните претпријатија на диво го фрлаат сметот, така се загадува нашата околина. Треба да се направи современа фабрика во „Русино“ за депонирање и рециклирање на сметот. И патот кон „Русино“ е целосно уништен. Камионите од комуналните претпријатија го уништија патот, а не ставија ниту грам асфалт – вели еден учесник на протестот.

Од Општина Гостивар велат дека за уредување на „Русино“ надлежен е Центарот за полошки плански регион, а во меѓувреме работат на алтернативен пат, кој ќе се користи за носење на сметот.

Од кабинетот на градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, која е претседателка на Центарот за полошки плански регион, во неколку наврати соопштија дека засега нема никакви активности околу уредување на регионалната депонија „Русино“.