!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Бектеши и Пломп разговарале за економската соработка помеѓу Македонија и Холандија


Скопје, 31 јули, 2017 - 14:51 (META) 

Министерот за економија, Крешник Бектеши, денеска се сретнал со холандскиот амбасадор, Ваутер Пломп, при што разговарале за туризмот, земјоделството и за инвестициите во обновливи извори на енергија.

Бектеши изјавил дека земјоделството и инвестициите во обновливи извори на енергија се две гранки на економијата, многу важни за нашата земја, па размената на искуства со Холандија би била од огромна помош.

Холандскиот амбасадор потврдил дека Македонија останува посакувана туристичка дестинација за Холанѓаните и изрази интерес за развивање на долгорочен план за Охридскиот Регион, со оглед на фактот што бројот на холандските туристи е зголемен, а тоа налага потреба и за зголемување на бројот сместувачките капацитети.


Иницијатива за бесплатно сместување за обожавателите што ќе дојдат за Суперкупот


Скопје, 25 јули, 2017 - 10:26 (META) 

Поради огромниот пораст на цените за сместување во хотелите во Скопје и кај некои станоиздавачи поради претстојниот Суперкуп на УЕФА, неколку млади луѓе почнаа акција да го обелат образот на Скопје пред фудбалските обожаватели. Со нивниот проект „Суперкуп Скопје“ SuperCupSkopje, членовите на заедницата WeTalkIT ги поврзуваат фудбалските обожаватели на кои им треба сместување со луѓе од Македонија кои имаат желба да им понудат бесплатен престој.

Целта на овој проект е што поголем број граѓани да бидат домаќини на еден или двајца гости во својот дом, за да им овозможат место за преноќување на обожавателите кои ќе дојдат да го следат натпреварот помеѓу „Реал Мадрид“ и „Манчестер јунајтед“.

За да му овозможите сместување на некој од обожавателите, сè што треба да направите е да се логирате на специјалната веб-страница и да наведете каков тип сместување може да понудите. Гостите заинтересирани за сместувањето преку е-маил директно ги контактираат оние тие што објавиле сместување, а домаќинот потоа самиот одлучува кој гостин или гости сака бесплатно да ги прими во својот дом.


Измени во законот за сместувачки капацитети


Охрид, 13 октомври, 2016 - 12:16 (META) 

Предлогот за измени и за дополнувања на законските решенија за сместувачките капацитети, предизвикаа интерес и внимание меѓу охридските хотелиери и издавачите на соби.

Со новите решенија, капацитетите на физички лица што издаваат соби или апартмани треба да имаат најмногу пет соби во еден објект, а доколку располагаат со повеќе од пет соби, мора да се регистрираат како правни лица и да се категоризираат соодветно.

Овие лица побараа јавна расправа за разгледување на можноста и давање предлози и сугестии во врска со предложената измена.

На тоа се одзва секторот за туризам и локален економски развој на Општина Охрид, кој денеска засегнатите страни и надлежните институци ги собра во големата сала во Општината, на организирана јавна расправа во врска со предлозите за измени и за дополнувања на законските решенија за сместувачките капацитети.


ДОМ нуди хостелско сместување за мајки со бебиња од поплавените подрачја


Скопје, 10 август, 2016 - 16:28 (META) 

ДОМ нуди интервентна помош за најранливите категории – мајки со бебиња и деца до три години.

„За првите 20 лица што ќе се јават на телефонскиот број 076 311-601 ќе биде обезбеден престој во хостел со оброци за следните 10 дена. Ова е брза интервенција за дел од оние што немаат услови за живеење во нивните домови уништени од поплавите. Тие се соочени со зарази, воспаление на белите дробови и други болести, зашто деноноќно престојуваат во влажни простории, во близина на загинати животни во распаѓање, без вода и струја“, велат од партијата.

Од ДОМ препорачуваат, институциите да организираат итна евакуација на населението во суви и чисти простори.

„На располагање стојат студентските и средношколските домови, кои во овој период се празни. Таму може полесно да се организираат и кујни, како и посети од лекари и социјални работници. За тоа време многу поедноставно ќе се расчистат поплавените куќи и ќе се санира штетата“, велат од ДОМ.


Охрид го живее шпицот на главната туристичка сезона


Охрид, 31 јули, 2016 - 12:05 (META) 

Викендов Охрид го живее шпицот на главната туристичка сезона. Традиционално, Охрид доживува кулминација на туристичкото и културно-забавно пулсирање, за илинденскиот викенд.

Со оглед на фактот што 2 Август годинава е во работен ден, во вторник, на гостите им преостана да го искористат овој викенд.

Петокот вечерта и саботата наутро, во Охрид се влегуваше со илјадници автомобили, пред сè, од Скопје, Битола, Кичево и од Прилеп, но и од подалечните места од земјава, секако и од странство.
Дека Охрид е преполн со гости, може да се заклучи од преполнетите паркиралишта, густиот сообраќај, полните кафулиња, ресторани и шеталишта, и, секако, од преполнетите плажи.

Сместувачките капацитети се максимално искористени, како во хотелите, така и во приватното сместување каде нема слободни кревети во потесното градско подрачје.

Кулминација доживува и богатото охридско културно лето, со концертите на фестивалот „Охридско лето“, но и со мноштвото други забавни настани на кои настапуваат светски познати музички имиња, што, исто така, влијае да се зголеми бројот на туристи во градот.


ОН: Бегалците во „Винојуг“ и во Табановце живеат како во притвор и во мизерни услови


Скопје, 20 април, 2016 - 16:47 (META) 

Околу 1.000 мигранти и бегалци, кои се сместени во транзитните центри „Винојуг“ и на Табановце, како и во центарот за азил во Скопје, од кои половината се деца, живеат во многу лоши и примитивни услови, со неквалитетна храна и со ограничена слобода на движење, велат агенциите на Обединетите нации.

„Агенциите на Обединетите нации се сериозно загрижени поради условите во кои живеат овие лица. Двата главни центри за сместување се проектирани, изградени и опремени исклучиво како транзитни центри, со можност за згрижување на минувачки посетители најмногу до 24 часа. Тие не се центри за престој. Лицата што престојуваат во речиси празниот камп „Винојуг“ ги користат креветите на кат во контејнерите, но во Табановце има недостиг од кревети и мнозинството луѓе што престојуваат таму спијат на клупи, на подот во колективните засолништа или надвор во шатори. Немаат приватност. Често снемува струја. Греењето, кога надвор студи, и ладењето, кога надвор е топло, се несоодветни. Санитарните услови се примитивни. Слободата на движење е ограничена, што ги принудува луѓето да живеат во услови слични на притвор. Повеќето од луѓето во Табановце живеат во вакви услови повеќе од два месеца. Владата, агенциите на Обединетите нации и невладините организации направија големи напори за да ги приспособат центрите на новите потреби, но тие се сè уште несоодветни за подолг престој“, стои во соопштението на агенциите на ОН.

Условите во центарот во Визбегово за барателите на азил, се додава во соопштението, се исто така незадоволителни, мигрантите добиваат неквалитетна храна и во недоволни количества, хигиената е на ниско ниво, нема топла вода, нема реквизити и можности за рекреација и пристапот до информации е несоодветен.

Агенциите на ОН бараат од Владата да преземе итни мерки за подобрување на состојбата со сместувањето на мигрантите и на бегалците.

„Ваквите тешки услови дополнително го зголемуваат и онака високиот ризик од сексуално и од родово насилство, особено каде што неизвесноста, наметнатата неактивност и материјалните ускратувања доведуваат до фрустрација. На жените и на девојчињата кои се соочуваат со ризик од експлоатација и од трговија со луѓе, треба да им се обезбеди дополнителна заштита. Агенциите на Обединетите нации бараат од Владата да преземе итни мерки за да ја подобри оваа ситуација, а конкретно на бегалците и на мигрантите да им понуди сместување кое е соодветно за подолгорочен престој. Агенциите на Обединетите нации се подготвени да обезбедат и техничка и финансиска поддршка за наоѓање решенија што ќе понудат поголемо почитување на човечкото достоинство и дополнителна заштита за големиот број ранливи лица“, се вели во соопштението.

Во транзитниот центар во Табановце, според ОН, во моментов се сместени 770 лица, а околу 138 престојуваат во центарот „Винојуг“, кај Гевгелија. Дополнително, 61 лице има во центарот за баратели на азил во Визбегово, каде што чекаат одлуки за поднесените барања за азил, а 12 ранливи поединци се сместени во куќа за згрижување во Скопје.


Музалас: Со затворањето на Идомени, ќе се изгуби контрола на бегалците кои преминуваат во ЕУ


Атина, 11 февруари, 2016 - 10:14 (META) 

Грција треба да биде подготвена за затворање на границите, изјави грчкиот министер за миграциска политика, Јанис Музалас, во интервју за телевизијата „Мега“, истакнувајќи дека ваквиот чекор ќе биде еднострана активност од други држави, а не заеднички договорена на европско ниво.

Музалас посочи дека владата реално се подготвува за ваков чекор. Тој проценува дека затворањето на границите ќе заглави десетици илјади бегалци и мигранти во Грција. Можно е, според него, во државата да останат околу 50.000 мигранти, ситуација која ќе биде тешка, но сепак со која владата ќе мора да се справи.

„Грешат тие што поставуваат огради бидејќи затворајќи ја границата кај Идомени, го губиме единствениот начин да се контролира протекот на бегалци кон Европа“, истакна Музалас.

Оценките во Грција се дека затворањето на границата ќе дојде како казна за Грција поради задоцнетото исполнување на обврските за прифатни центри за бегалците и подобро функционирање на контролните пунктови за регистрација на сите што влегуваат во Грција. Премиерот Алексис Ципрас најави дека до 18 февруари прифатните центри ќе бидат подготвени за да ги сместат бегалците што доаѓаат во Грција.

Според информациите од министерството за одбрана, на центрите се работи забрзано и дел од нив веќе се готови. Центарот на Лезбос ќе има капацитет за сместување 800 луѓе и за регистрација на 4.000 лица. Засега е 50 отсто фунцкионален, а инфраструктурата на проектот е завршена за 75 отсто. Центарот на островот Хиос ќе може да смести 1.000 бегалци, а завршен е 80 отсто од објектот и капацитетите. До 1.000 луѓе ќе може да се сместат и на Самос, а околу 800 на Лерос, но објектите таму сè уште се градат.

Најпроблематичен е центарот на островот Кос, каде жителите не дозволуваат градење на центар за мигранти и ја блокираат работата на армијата.


Градоначалниците од Атина реагираат на носењето на мигрантите од Идомени


Атина, 11 декември, 2015 - 10:05 (META) 

Расчистувањето на Идомени и пренесувањето на голема група мигранти од грчко-македонската граница во Атина, создаде нови главоболки за грчката влада и за министерот за внатрешни работи и за миграција, Јанис Музалас.

Четворица градоначалници од јужните предградија на Атина, каде привремено се сместени мигрантите, реагираат против оваа одлука и бараат да не се дозволи нивните населби да станат ново Идомени. Поконкретно, градоначалниците на општините Алимос, Глифада, Елинико и Палео Фалиро, сите покрај брегот на Егејско Море кој лете е омилена дестинација за сончање на голем број атињани и туристи, бараат од Музалас да се откаже од идејата неколкуте спортски сали и стариот аеродром „Елинико“ да станат ново прибежиште и камп за мигрантите.

Работите за Музалас ги отежнува и неговото отворено признание дека немаат конкретен план што да прават со економските мигранти од Пакистан, Авганистан, Бангладеш, кои од Идомени се вратени во Атина поради немањето дозвола да преминат во Македонија, а потоа и кон Западна Европа.

Градоначалниците во писмо до Музалас коментираат дека се загрижени од одлуката мигрантите да се сместат на оваа локација, особено поради лошиот степен на организација и немањето добра подготовка од страна на владата за справување со овој случај. Коментираат дека иако им било ветено уште во октомври дека ќе се затвори стариот аеродром за мигранти и оние кои се сместени таму ќе бидат префрлени во друг простор, тоа ветување не е остварено.

„Нема да дозволиме просторот на стариот аеродром да се трансформира во магацин на загубени души бидејќи не исполнува услови за сместување луѓе. Нема да дозволиме стариот аеродром да стане место за живеење на економските мигранти кои не добиваат право на влез во Скопје и во Европа, наместо за сириски бегалци“, велат градоначалниците во писмото до грчкиот министер.

Од Музалас се бара објаснување кој ќе ја гарантира безбедноста на општините, како ќе се внимава на заштита на јавното здравје во момент кога се згрижуваат илјадници луѓе во простор што не исполнува услови за сместување и за живеење, кој ќе плати за издржување на мигрантите и како ќе се евидентираат мигрантите и како точно ќе се разделат бегалците од другите.

Досега во Атина од Идомени се префрлени околу 2.300 мигранти кои немаат дозвола да преминат од Грција во Македонија, а паралелно во грчката престолнина пристигнуваат постојано нови бегалци од грчките острови.

За ситуацијата реагираше и атинскиот градоначалник, Јоргос Каминис, кој се сретна и со грчкиот претседател, Прокопис Павлопулос. Каминис остро ја критикуваше идејата Атина да се преплави од бегалци и од мигранти без можност сите да ги згрижи и да им помогне.

„Нема да прифатам да се повторат феномените од 2012 и од 2014 година кога луѓе без основни услови за живот талкаа и ја преплавија Атина, предизвикувајќи проблеми во функционирањето на градот“, посочи Каминис по средбата со Павлопулос.

М.П.


Шведска очекува повеќе од 150.000 бегалци до крајот на годината


Стокхолм, 9 октомври, 2015 - 19:29 (META) 

Шведскиот премиер, Стефан Лофвен, денеска соопштил дека бројот на бегалци што ќе побараат азил во оваа скандинавска земја до крајот на годината би можел да изнесува повеќе од 150.000 луѓе, јавуваат светските медиуми.

Тој посочил дека во изминатите седум дена во земјата пристигнале околу 9.000 бегалци и дека „ако работите продолжат да се одвиваат со ист интензитет, повеќе од 150.000 луѓе ќе пристигнат во земјата до крајот на годината“.

Шведска е една од земјите-членки на Европската унија што прими најголем број бегалци, гледано пропорционално со нејзината популација, која брои околу 9,8 милиони жители.

Лофвен соопштил дека земјата се соочува со проблеми при сместувањето на бегалците, бидејќи бројот на расположливи капацитети се намалува, поради што владата побарала од националното тело за миграција да постави шатори доколку тоа биде потребно.


Финскиот премиер ја нуди својата куќа за сместување на бегалците


Хелсинки, 5 септември, 2015 - 16:01 (META) 

Премиерот на Финска, Јуха Сипила, изјавил дека ќе им ја понуди на бегалците својата куќа за сместување, пренесува хрватската државна телевизија ХРТ. Сипила соопштил дека станува збор за негова куќа во Кемпеле, на северот на Финска, која малку ја користи и во која ќе бидат сместени барателите на азил од почетокот на следната година.

„Сите треба да се погледнеме во огледало и да се прашаме како можеме да помогнеме“, ја цитира ХРТ изјавата што премиерот ја дал за финската телевизија ЈЛЕ.

Сипила, кој со својот гест сакал да даде личен пример и да покаже дека е потребно да се преземе одговорност, ги повикал и верските и хумантираните организации во земјата да помогнат со сместувањето на бегалците.

Инаку, финската Влада, како што пренесува ХРТ, вчера ги удвоила процените за бројот на баратели на азил што ги очекува оваа година, на 30.000 лица.