Полицијата открила 15 мигранти во близина на Гевгелија


Гевгелија, 3 февруари, 2018 - 12:44 (META) 

Патрола од Полициска станица за Граничен премин и граничен надзор Богородица открила 15 мигранти кај селото Милетково, гевгелиско, информираат од МВР.

Мигрантите биле откриени во товарно моторно возило „фиат-дукато“ со бугарски национални ознаки управувано од М.Д.(28) од Струмица.

„Од страна на полициските службеници бил извршен  преглед на возилото при што се пронајдени 15 мигранти, од кои осум сириски, пет пакистански и двајца ирачки државјани, кои биле приведени. За настанот бил известен Јавен обвинител. М.Д. бил лишен од слобода и предаден во Полициска станица Гевгелија, а мигрантите се задржани во Полициската станица за Граничен премин и граничен надзор Богородица, за понатамошна постапка“, се вели во билтенот на МВР.


Обвинителство: Приведени 24 лица поради незаконско доделување земјиште и субвенции


Скопје, 5 октомври, 2017 - 12:32 (META) 

Вкупно 24 лица од  Скопје, Тетово, Гевгелија и од Валандово се приведени денеска во акција на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција спроведена со МВР. Приведените се осомничени за злоупотреба на службена положба и овластување во врска со доделување државно земјиште и субвенции, соопшти Јавното обвинителство на Република Македонија.

Надлежен јавен обвинител донел наредба за спроведување истражна постапка против 24 лица, од кои 15 службени лица се вработени во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и во подрачните единици на ова министерство, а другите осомничени се физички лица и одговорни лица во правни лица во приватна сопственост. Се товарат за штета од 220.000 евра нанесена на вуџетот на Република Македонија.

Според обвинителството, во периодот од 2011 година до 2016 година осомничените службени лица ги пречекориле своите службени овластувања при склучување и раскинување договори за закуп на земјоделско земјиште, а во тоа биле помогнати од другите осомничени. Во исто време, одобрувале исплата на субвенции со кои овозможиле корист на повеќе правни и физички лица на штета на државниот буџет.

Надлежниот јавен обвинител до судијата за претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 поднел предлог за притвор за седуммина од приведените.


МВР поднесе кривична пријава за градоначалникот на Ново Село


Струмица, 26 септември, 2017 - 14:57 (META) 

Пријава за злоупотреба на службената положба против градоначалникот на општина Ново Село, Блажо Велков, поднесе СВР Струмица. Како што соопштија од полицијата, првиот човек на Општината се товари за одобрување службеници во општината да користат службени возила без патен налог за превезување пропаганден материјал за изборите.

СВР Струмица соопшти дека пријавата се темели на член 353, став 1 од Кривичниот законик  на Република Македонија.

Според пријавата, вчера во 19 часот, на магистралниот пат Струмица – Радовиш, патрола на сообраќајната полиција сопрела „фолксваген голф“ со струмички таблички, сопственост на Општина Ново Село, управувано од А.К. од Ново Село, службеник во општинната, а со него во автомобилот биле уште двајца ввработени во општинската администрација, односно В.К. и Е.П.

Според полицијата, возачот не поседувал патен налог за управување на автомобилот, во кој имало изборен пропаганден материјал, преземен од печатница во Кочани, а бил за кандидати за градоначалник на општините Ново Село, Босилово и Василево од една политичка партија.
За настанот бил известен јавен обвинител, пред кого биле изведени пријавените службеници во Општина Ново Село, кои претходно биле приведени.


Нов бран на откази во Турција – со декрет отпуштени стотици службеници


Анкара, 25 август, 2017 - 11:12 (META) 

Во Турција се отпуштени повеќе стотини државни службеници и зголемена е надлежноста на претседателот Реџеп Таип Ердоган над националната разузнавачка агенција МИТ, покажуваат двата декрети кои денеска се објавени во рамки на вонредната состојба која е воведена во земјата по неуспешниот минатогодишен воен удар.

Турција отпушти или суспендира повеќе од 150.000 функционери за време на чистките кои се спроведени во земјата после неуспешниот пуч, додека во затвор се испратени околу 50.000 лица, меѓу кои војници, полицајци и државни службеници.

Како што се прецизира во најновите декрети, кои ги објави турскиот„Службен весник“, отпуштени се повеќе од 900 државни службеници од различни министерства, јавни институции и војската.

Според еден од декретите, ќе биде потребна дозвола од претседателот за да се спроведе истрага над шефот на националната разузнавачка агенција МИТ или за да може тој да сведочи.

Правните промени ќе отворат пат за истрага за пратениците за наводни злосторства извршени пред или откако биле избрани на таа функција.


СДСМ бара одговорност за учесниците во инцидентот со Димитриевски


Скопје, 6 април, 2017 - 12:53 (META) 

„Насилството врз легитимно избрани претставници од граѓаните е израз на немоќ на засегнатите од демократските промени што носат правда за сите во Македонија. Најостро го осудуваме физичкиот напад врз пратеникот Максим Димитриевски од, како што се информира, неколкумина полициски службеници, облечени во цивилна облека“, се вели во соопштението на СДСМ.

Од партијата бараат од институциите веднаш да постапат и да има одговорност за нарачателите и за извршителите на инцидентот.

„Говорот на омраза и запаливата реторика на Никола Груевски за непостоечки теми поттикнува и разгорува нетрпение заради нарушување на спокојот на граѓаните, а за заштита на лични криминални интереси. Ги повикуваме граѓаните, како и досега, да не подлегнуваат на провокациите на режимот во заминување“, велат од СДСМ.


Раководителот во Кривичен суд, Стаменковски, тврди дека не ја нападнал портпаролката


Скопје, 16 ноември, 2016 - 20:35 (META) 

Раководителот во секторот за човечки ресурси во Основниот суд Скопје 1, Горан Стаменковски, за кој вчера судот соопшти дека вербално и физички ја нападнал портпаролката, испрати демант до медиумите.

„Во мојата канцеларијата беше судијата Славјанка Јанковска и привилегираната портпаролка Паула. Вознемирен од сè што се случуваше тој ден, со повисок тон побарав од Паула да се потргне од местото каде што седеше, за да можам да си ги земам работите. Со неа, а ни со судијата Јанковска не разговарам подолго време, па ме збуни нејзината реакција, бидејќи ми се обрати дрско и провокативно. Јас сето тоа го игнорирав и си излегов од канцеларијата“, вели тој во демантот.

Во писмото до медиумите, исто така, се вели дека Стаменковски и неколку службаници потпишале укажување на претседателот Владимир Панчевски во врска со воспоставената норма за работа и незаконското распоредување на службениците.

„Претседателот на судот почна да ги повикува сите што го потпишаа укажувањето и да им се заканува дека уште ќе им ја зголемел нормата и оти ќе ги прател во одделот за прекршоци. Тоа резултираше со емотивни реакции на службениците, кои од неговиот кабинет излегуваа расплакани, вознемирени и револтирани“, наведува тој во дописот во медиумите.


Милион службеници во Кина казнети поради корупција


Пекинг, 24 октомври, 2016 - 17:31 (META) 

Кина казни повеќе од еден милион службеници поради корупција во последните три години, соопшти кинеската влада.

Уште 409 лица, за кои се наведува дека биле во бегство, уапсени се за време на овие години во странство.

Овие податоци се објавени во пресрет на почетокот на шестиот пленум на Комунистичката партија на Кина.

На состанок во ексклузивен хотел, далеку од очите на јавноста, ќе се соберат 400 највисоки функционални партии кои во наредните четири дена ќе разговараат за промена во начинот на управување со партијата, со акцент на прашањето на „партиската дисциплина“.


Балканските антикорупционери ќе разменуваат податоци за имотот на функционерите


Софија, 21 октомври, 2016 - 15:35 (META) 

Mеѓународна нацрт-спогодба за размена на податоци и за верификација на имотот на јавните функционери, беше поддржана во Софија, на состанок на антикорупционери, претставници на влади и на антикорупциски тела од Југоисточна Европа, меѓу кои и од Македонија.

Станува збор за документ што ќе им овозможи на властите и на антикорупциските тела од земјите од регионот, но и пошироко, да добијат и да верифицираат податоци за некое лице – јавен службеник или функционер, односно да извршат проверка дали тоа лице поседува имот или средства во друга земја од регионот кои не се пријавени во матичната земја.

– Голем број корумпирани јавни службенци своето вистинско богатство го трошат во странство, бидејќи им е полесно да го скријат – изјави Раду Котики, експерт за реформа на јавната управа и за борба против корупција во Регионалнот совет за соработка, меѓувладино тело на Процесот за соработка во Југоисточна Европа.

Тој додаде дека телата што се занимаваат со судир на интереси и со корупција можат да пристапат само до домашните бази на податоци или до странските ако се од отворен тип, па затоа „на овој состанок е направен значен напредок бидејќи учесниците се договорија околу нацртот на спогодба за регионален правен инструмент“.

На дводневниот состанокот, кој беше во организација на Регионалната антикорупциска иницијатива и на Регионалниот совет за соработка, а со поддршка и на Австриската агенција за развој, присустуваа високи претставници од земјите-членки на Процесот за соработка во ЈИЕ, меѓу кои и од Министерството за правда на Македонија и од Државната комисија за спречување на корупцијата.


Брисел непотребно потрошил 5,5 милијарди евра, откриле ревизорите


Брисел, 13 октомври, 2016 - 12:58 (META) 

Европската Унија непотребно потрошила 5,5 милијарди евра, предупреди денеска Европскиот суд на ревизори, додавајќи дека Брисел мора да ја поврати довербата на европските граѓани кои беа погодени од Брексит и од други кризи.

Средствата непотребно биле потрошени на преплатени трошоци за службеници на ЕУ и за развој на компјутерски сервиси во облак.

Другиот пример се однесува на малите и на средни претпријатија во Чешка, Италија и во Полска. Имено, како што наведуваат европските резвизори, средства наменети за овие компании, завршиле на погрешни места.

Во извештајот за 2015 година, претседателот на Европскиот суд на ревизори, Клаус Хејнер Лене, изјави дека Европејците ја изгубиле довербата во институциите на ЕУ поради економските проблеми, мигрантската криза и Брексит.

Во извештајот се наведува дека т. н стапка на грешка паднала на 3,8 проценти од буџетот на ЕУ од 145,2 милијареди евра минатата година, но и понатаму го надминува прифатливото ниво од 2,2 проценти.

Сепак, извештајот забележува и подобрување во однос на 2014 година, кога овие расходи на Унијата изнесувале 6,3 милијарди евра.

Во извештајот се вели дека податоците не изразуваат мерки на неефикасност во трошењето или пак „фрлање“ пари, туку се проценка за тоа колку пари не требало да бидат исплатени поради неусогласеност со прописите на ЕУ.


Спасовски: До сега се сменети 11 началници во МВР, можно е да се сменат уште четворица


Скопје, 8 октомври, 2016 - 15:17 (META) 

Досега во Министерството за внатрешни работи се сменети 11 началници, а останува можност за промена уште на четворица, одговори денеска министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски на новинарско прашање за последните кадровски смени во МВР, на промоцијата на полициски службеници во Идризово.

Спасовски информираше дека добил информација оти четири до пет лица на битни позиции во МВР биле во исто време на боледување.

– Инаку, тоа не се позициите кои сакав да ги сменам. Ако е заради тоа боледувањето, мислам дека е злоупотреба и треба да се вратат на работа – изјави министерот Спасовски.