!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Во Кривичниот суд нови рочишта за насилството во Центар и за „Тотал“


Скопје, 7 декември, 2017 - 9:47 (META) 

Во Кривичниот суд денеска ќе се одржат рочишта за два предмети на Специјалното јавно обвинителство, за случајот со насилството пред Општина Центар во 2013 година, познат како „Шамари“, како и за предметот „Тотал“.

Дванаесет лица се обвинети за поттикнување насилството во Општина Центар за време на протестите од јуни 2013 година. Меѓу обвинетите се и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова.

На денешното рочиште ќе сведочи поранешниот градоначалник на Општина Центар, Андреј Жерновски.

На претходните рочишта за насилството во Центар, вината за настаните пред општина Центар во јуни 2013 година, ја признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петтообвинетиот Јордан Ристевски.

Апелацискиот суд претходно ја прифати жалбата на СЈО и дозволи „бомбите“ да се користат како доказен материјал.

Во случајот „Тотал“, новинарот Драган Павловиќ – Латас се товари дека во периодот од 2008 до 2015 година извршил даночно затајување преку неговите фирми „Тотал маркетинг“ ДООЕЛ Скопје, „Медиамакс“ и „Тотал медиа центар“ ДООЕЛ Скопје. Судијката го одложи претходното рочиште бидејќи не беа одредени законски застапници за фирмите „Тотал маркетинг“ и „Медиамакс“.


Бурна политичка недела: Хан во Влада, Заев и Груевски на суд, СЈО со истечен рок


Скопје, 22 јуни, 2017 - 11:09 (META) 

Следната недела, од почеток до крај, ќе биде со набиена агенда од настани, кои се од интерес на јавноста, а нивниот исход ќе покаже како процесите важни за земјава ќе се одвиваат во иднина.

Последната недела од јуни, пред официјалниот почеток на летните одмори, ќе биде судбинска за понатамошните „реформски“ активности на Владата и пресудна за понатамошното функционирање на Специјалното јавно обвинителство.

На агендата за следната недела се:

  • 26 јуни – Иако е неработен ден, поради верскиот празник Рамазан-бајрам, в понеделник во земјава доаѓа еврокомесарот за проширување и добрососедска политика, Јоханес Хан, и ќе учествува на владината седница. Засега од Владата, иако беше најавено, не кажуваат дали седницата ќе биде отворена за јавноста и дали ќе се пренесува во живо на јавниот сервис МРТВ. Како што изјави оваа недела вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, на еврокомесарот Хан ќе му биде предложен нацрт-план со мерките, активностите и со временските рамки за реформските приоритети.
  • 27 јуни – Закажано е рочиште за случајот „Поткуп“. Зоран Заев, првпат како премиер, треба да се појави на судскиот процес во кој тој е обвинет дека како градоначалник на Струмица, од бизнисменот Иван Николов побарал поткуп од 163.924 евра, односно по 2 евра за еден квадратен метар градежно земјиште во Струмица. Првото рочиште за случајот „Поткуп“ беше закажано на 25 јануари минатата година, а оттогаш имаше речиси десетина одложувања.
  • 28 јуни – Закажно е рочиште за насилствата пред Општина Центар од јуни 2013 година. Обвинението за случајот го поднесе Специјалното јавно обвинителство, а обвинети во т.н. случај „Шамари“, се лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, поранешниот министер за транспрот и врски, Миле Јанакиески, пратеничката Даниела Рангелова и уште десетина други лица. Груевски в среда првпат треба да дојде во суд како лидер на опозициска партија.
  • 29 јуни – Врховниот суд ја закажа јавната седница на која треба да бидат разгледани и да се одлучува по жалбите на шестемина осудени на доживотни затворски казни во случајот „Монструм“, односно за петкратното убиство кај Смиљковско Езеро. Седницата, како што соопшти судот, ќе биде јавна, а ќе се одржи во големата сала на Врховниот суд.
  • 30 јуни – Истекува рокот на Специјалното јавно обвинителство за поднесување обвиненија за истрагите што ги отвори, а кои произлегуваат и се поврзани со прислушуваните разговори. Дел од медиумите пренесоа дека СЈО деновиве ќе поднесе обвиненија за десетина случаи. Специјалното јавно обвинителство изминатите две недели испрати покани до високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ осомничени во нивните случи, но само дел се појавија на распит. На распит за случајот „Талир“ не се појави лидерот на партијата, Груевски, а оние што дојдоа (Миле Јанакиески, Иво Котевски, Даниела Рангелова, Сашо Мијалков) побараа увид во доказите и дополнително време. Според Законот за кривична постапка, СЈО е должно да ги испраша осомничените пред да ги заврши истражните постапки и да поднесе обвиненија.