!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Тони Јакимовски обвинет во „Тврдина“ разрешен од позицијата директор на СЕЛЕК


Букурешт, 19 септември, 2017 - 12:05 (META) 

Тони Јакимовски, поранешен шеф на кабинет на ексдиректорот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, и обвинет во случајот „Тврдина“ на СЈО, денеска бил разрешен од позицијата директор на СЕЛЕК – организација за борба против организираниот криминал во Југоисточна Европа, со седиште во Букурешт.

Јакимовски бил разрешен на барање на македонското министерство за внатрешни работи. На тајното гласање, како што јавува „Телевизија 24“, повикувајќи се на извори од МВР, за разрешување на директорот гласале сите 11 члена на Советот на СЕЛЕК.

Инаку, Јакимовски е обвинет во случајот на СЈО за уништување на опремата од нелегалното следење на комуникациите, заедно со поранешниот шеф на петтата управа, Горан Грујовски, кој месец и половина е во бегство. Во рамките на постапката, судот на Јакимовски му ги одзеде обичниот и дипломатскиот пасош.

Тој беше назначен за директор на СЕЛЕК минатата година, на предлог на тогашниот министер за внатрешни работи, Митко Чавков.


Врховен суд: Прво да образложат, па после ќе добијат увид во списите за Грујовски и за Бошковски


Скопје, 13 септември, 2017 - 15:59 (META) 

Прво Советот за утврдување на факти писмено да го образложи барањето за пристап до списите од предметите „Таргет“ и „Тврдина“, а потоа Врховниот суд ќе определи време и простор, соопштиле од судот за државната новинска агенција МИА.

Реакцијата на судот следи откако Советот денеска обвини дека на членовите на комисијата која истражува дали судиите кои одлучувале по барањата за притвори на Горан Грујовски и на Никола Бошковски денеска не им било дозволено да влезат во Врховниот суд, по наредба на претседателот на судот Јово Вангеловски.

– Во време на одржување на јавна седница по повод жалба против пресуда за доживотен затвор, ниту безбедносно ниту технички е можно извршување на активности на Советот – рекле од Врховен суд, додавајќи дека Советот навремено писмено бил известен и дека на неговите претставници ќе им биде определен термин за прием во судот во согласност со прописите.

Од Врховниот суд навеле дека целокупната писмена кореспонденција помеѓу Врховниот суд и Советот за утврдување на факти е доверлива и дека изнесувањето содржини од писмената кореспонденција со ознака „доверливо“ од страна на Советот претставува кривично дело.


Вангеловски не ѝ дозволил на комисијата за Грујовски и за Бошковски да влезе во Врховен


Скопје, 13 септември, 2017 - 13:33 (META) 

На Комисијата која истражува дали судиите од Кривичниот, Апелацискиот и од Врховниот суд, кои одлучувале по барањата за притвори, ја прекршиле постапката и им овозможиле на Горан Грујовски и на Никола Бошковски да побегнат од државата, денеска не ѝ било дозволено да влезе во Врховниот суд и да изврши увид во списите од предметите „Таргет“ и „Тврдина“.

Како што соопштија од Советот за утврдување на факти, кој ја формираше комисијата, минатата недела го информирале Врховниот суд дека денеска ќе вршат увид во документите, но кога пристигнале во судот, судската полиција не ги пуштила да влезат внатре.

Според Советот, припадниците на судската полиција им кажале на членовите на комисијата дека не ги пуштаат внатре зашто таква наредба добиле од претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски.

„На барање на членовите на Комисијата да им се објасни кој не го дозволува нивниот пристап во судот и извршување на потребното службено дејство – увид во списте на предметите, судската полиција усно објасни дека претседателот на Врховниот суд им наредил да не ја пуштаат Комисијата во судот. Потоа претседателот на Врховниот суд по телефон го повика претседателот на Комисијата и му предочи дека претходно упатил писмо до Советот за факти во кое го известил дека не дозволува да се врши увид во бараните списи, сè додека на судот не му биде доставена основа поради која Комисијата го бара увидот, а потоа тој ќе оценел дали ќе дозволи увид, ќе определел термин и простор каде да биде извршено таквото дејство, со закана дека со ваквиот начин на комуницирање ќе поднесуваме последици“, стои во соопштението од Советот за утврдување на факти.

Оттаму велат дека ваквото однесување Вангеловски претставува спречување на членовите на комисијата во вршењето на нивните овластувања, согласно членот 42 од законот за Советот за утврдување на факти, поради што, како што велат од Советот, ќе поведат кривична постапка против Вангеловски пред надлежен јавен обвинител.

Од Советот напоменуваат дека ова не е првпат Вангеловски и судиите во Врховниот суд да прават опструкции кога биле повикувани од Советот да дадат изјави или да овозможат пристап до информации кои ги има Врховниот суд.

„И денешното однесување на претседателот на Врховниот суд претставува повторување на нивното претходно однесување, односно и понатаму тече опструкцијата“, велат од Советот.


Мијалков даде збор дека редовно ќе се јавува во суд


Скопје, 17 јули, 2017 - 15:50 (META) 

Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, денеска пред тричлениот совет на Апелацискиот суд Скопје изјави дека нема зошто да бега од државата, бидејќи е убеден во својата невиност и оти верува дека во понатамошната постапка и судот ќе го увиди тоа, пренесува „Нова ТВ“.

Апелацискиот суд денеска ги разгледува жалбите на Специјалното јавно обвинителство и на обвинетите во случаите „Таргет“ и „Тврдина“. Првообвинет во случаите, кои се споени во едно обвинение, е Мијалков, за кого СЈО бара да му биде одреден притвор. Ваквото барање претходно беше одбиено од Кривичниот совет на Основниот суд Скопј 1, поради што СЈО поднесе жалба до второстепениот суд.

– Досега само двапати не сум се јавил на покана и тоа затоа што бев во странство и немаше билети за да се вратам порано. Одговорно се јавувам на секој нивни повик. Така било досега, а од денеска можам да кажам дека мој збор е дека секогаш и на секој повик од судот ќе се јавувам уредно и ќе бидам присутен – рекол Мијалков.

Обвинителката на СЈО, Ленче Ростовска, образложила дека како основа на барањето за притвор против Мијалков се зема само опасност од бегство бидејќи против него се води скратена постапка. Таа во прилог ги доставила анкетните листови на Мијалков од Дражвната комисија за спречување на корупција и документи од Трговскиот регистар во Чешка, во кои стои дека тој е сопственик на имот и на фирми во Чешка, алудирајќи на можноста за бегство.

Љупчо Шврговски, кој му е адвокат на Мијалков, побарал да не се земе предвид жалбата на СЈО за определување мерка притвор затоа што Мијалков, ако сакал, досега можел да избега и да не се врати во државата. Тој додал дека Мијалков уредно се јавувал на поканите на СЈО.

Мијалков, пред завшувањето на седницата, изјавил оти верува во „објективноста и професоналноста на судот и дека ќе донесе вистинска одлука“.

Денеска тричлениот совет на Апелацискиот суд ги разгледуваше жалбите на СЈО и на одбраната на другите обвинети во „Таргет“ и во „Тврдина“, меѓу кои е и поранешниот директор на петтата управа Горан Грујовски, кој денеска не се појави во судот.


Мијалков остана без пасош, одлуките за притворите во „Титаник“ – утре


Скопје, 2 јули, 2017 - 11:32 (META) 

Кривичните совети на Основниот суд Скопје 1 го отфрлија како неосновано и барањето на Специјалното јавно обвинителство за одредување мерка притвор за поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, кој е првообвинет во случаите „Трагет“ и „Тврдина“, што СЈО ги спои во едно обвинение.

Бараната мерка притвор, како што соопшти денеска Кривичниот суд, е замената со мерки за претпазливост, односно на Мијалков му е одземен пасошот и наложено му е еднаш неделно да се јавува во судот.

Судот ги одбил барањата за притвор и за другите четворица обвинети во случаите „Таргет“ и „Тврдина“, меѓу кои е и поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујовски. И ним им се одземени пасошите и имаат обврска еднаш неделно да се јавуваат во судот.

Досега судот ги одби сите барања за притвор на СЈО, кое најави дека ќе поднесе жалби до Апелацискиот суд Скопје на одлуките на кривичните совети.

Рокот за поднесување на жалбите е три дена од донесувањето на одлуките.

Во врска со одлуките за случајот „Титаник“, каде СЈО бара да им бидат одредени притвори на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер, Никола Груевски, поранешниот шеф на неговиот кабинет, Мартин Протогер, поранешните министри за внатрешни работи и за транспорт и врски, Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, како и на поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски, како што може да се заклучи од соопштението на судот, тие се донесени, но ќе бидат соопштени утре.

„Откако одлуките ќе бидат писмено изработени и доставени до странките, јавноста ќе биде известена во текот на утрешниот ден“, стои во соопштението.


СЈО во УБК проверува дали и по „бомбите“ незаконски се прислушувало


Скопје, 20 октомври, 2016 - 14:06 (META) 

Специјалното јавно обвинителство вчера и денеска се обидува да провери и да утврди дали системите за прислушување, кои се активни во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), и понатаму се злоупотребуваат, односно се користат за незаконско следење на комуникациите.

Двата судски налози со кои СЈО влезе во УБК се однесуваат на документацијата и на книгата со евиденции за судски налози за спроведување посебни истражни мерки (ПИМ) и за увид во новиот систем за следење комуникации, инсталиран и ставен во употреба во март минатата година.

Системите од нелегалното прислушување од кое произлегоа „бомбите“ на опозицијата се веќе уништени и СЈО за ова веќе ја води истражната постапка „Тврдина“.

– Станува збор за нов систем, кој е во употреба во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) официјално од март 2015 година. Со оглед дека нашиот мандант се протега подолго од тоа, ние мораме да го покриеме и тој период, што го подразбира новиот систем за следење на комуникации. Во врска со тоа што системите претходно се уништетни, не можеме ништо. Сега гледаме дали во периодот што преостанува се настанати злоупотреби или не се настанати злоупотреби на тој систем што е во употреба. Како што кажав, станува збор за предистражна постапка за која овие податоци ни се неопходни – изјави денеска обвинителката на СЈО, Ленче Ристоска.

Обвинителите на СЈО, на чело со специјалната обвинителка, Катица Јанева, кои веќе 24 часа се во УБК, се интересираат за следењето на комуникациите од март до 31 декември 2015 година и дали тие следења се покриени со судски налози или, пак, во тој период имало незаконски прислушувања.


СЈО: На Јанкулоска и кажавме дека има право на увид во доказите и ќе и ги дадеме неделава


Скопје, 17 август, 2016 - 15:47 (META) 

На поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, од обвинителите на Специјалното јавно обвинителство и било предочено дека има право на увид во доказите против неа, пред да даде исказ, велат за „Мета“ од СЈО.

Јанкулоска се повикала на ова право, по што распитот, кој требаше да се одржи денеска, е одложен, а увидот во доказите е закажан за оваа недела.

– Увидот во доказите е право на странките во постапката и ние тоа им го предочуваме на лицата кои се повикуваат да дадат исказ. На осомничената и беше предочено дека има право на увид и таа го знаеше тоа и го потпиша записникот. Увидот во доказите е договорено да започне оваа недела – ни изјавија од СЈО.

Јанкулоска денеска по излегувањето од СЈО, каде беше повикана на распит, изјави дека таа и нејзиниот адвокатски тим побарале одложување на распитот бидејќи, како што рече, не биле исполнети минималните услови и „процесно-правни стандарди“. Како што појасни, таа побарала да и бидат дадени на увид доказите и документите врз основа на кои е осомничена за да знае за што точно се товари.

Таа рече дека повикувањата на лица што сега ги прави СЈО се избрзани и се во функција на предвремените избори, а во корист на опозициската СДСМ.


Кривичниот совет ја одби жалбата на СЈО и за другите осомничени во „Тврдина“


Скопје, 4 август, 2016 - 15:13 (META) 

Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 ја одбил жалбата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и го потврдил решението на судијата на претходна постапка да не им одреди мерки на претпазливост на тројца од осомничените во случајот „Тврдина“.

„Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1, постапувајќи по жалба на Обвинителството за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите (СЈО) изјавена против решенијата на судија на претходна постапка за лицата Т.Ј., Н.Б. и В.С., опфатени со предметот на СЈО во јавноста познат како „Тврдина“, донесе одлука со која жалбата на обвинителството се одбива како неоснована, а решенијата на судија на претходна постапка со кои се одби предлогот за определување мерки за претпазливост за сите три лица, се потврдуваат“, стои во соопштението од судот.

Претходно, Кривичниот совет ја одби и жалбата на СЈО против одлуката на судијката Александра Поп-Стефанија да не ѝ одреди мерки на претпазливост на поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, исто така осомничена во случајот „Тврдина“.

Првоосомничен во случајот е поранешниот началник на петтата управа на МВР, Горан Грујовски, кому судот само му го одзеде пасошот, иако СЈО бараше да му биде одреден притвор.

Петтемина осомничени се товарат дека минатата година ја уништиле опремата од нелегалното прислушување, вредна 10 милиони евра.


Нема мерки на претпазливост за Јанкулоска, Кривичниот совет ја одби жалбата на СЈО


Скопје, 27 јули, 2016 - 16:32 (META) 

Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 ја одбил жалбата на Специјалното јавно обвинителство и ја потврдил одлуката на судијката Александра Поп-Стефанија да не ѝ одреди мерки на претпазливост на поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, која е една од осомничените во случајот „Тврдина“.

СЈО бараше од судот на Јанкулоска да ѝ биде одземен пасошот, да ѝ се определи забрана за напуштање на живеалиштето и обврска повремено да се јавува пред надлежен орган.

„Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при Основен суд Скопје 1 – Скопје, постапувајќи по жалбата на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО) против решението на судија на претходна постапка од 18 јули 2016 г. со кое беше одбиен предлогот на СЈО за определување мерки за претпазливост против Г.Ј. опфатена во предметот на СЈО во јавноста познат како „Тврдина“, донесе решение со кое жалбата на СЈО се одбива како неоснована, а решението на судија на претходна постапка се потврдува“, стои во соопштението на судот.

Инаку, Специјалното обвинителство бараше изземање на судијката Поп-Стефанија токму во случајот со Јанкулоска бидејќи поранешната министерка се води како вработена во владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, а вработен во разгранокот на владејачката партија во Неготино е и сопругот на Поп-Стефанија.

Кривичниот суд го одби барањето за изземање, а ниту Апелацискиот суд потоа не ја прифати жалбата на СЈО во врска со одлуката на првостепениот суд.

Осомничените во „Тврдина“, меѓу кои првоосомничен е поранешниот директор на петтата управа на МВР, Горан Грујовски, се товарат дека минатата година ја уништиле опремата од нелегалното прислушување, вредна 10 милиони евра.


Поп-Стефанија го одби барањето на СЈО и не ѝ го одзеде пасошот на Јанкулоска


Скопје, 20 јули, 2016 - 16:37 (META) 

Судијката Александра Поп-Стефанија го одби барањето на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и не ѝ одреди мерки на претпазливост на поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, која е една од осомничените во случајот „Тврдина“.

СЈО бараше од судот на Јанкулоска да ѝ биде одземен пасошот, да ѝ се определи забрана за напуштање на живеалиштето и обврска повремено да се јавува пред надлежен орган.

„Судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1, постапувајќи по предлог на Обвинителството за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите (СЈО), за определување мерки за претпазливост против Г.Ј. опфатена во предметот на СЈО во јавноста познат како „Тврдина“, која претходно беше сослушана во врска со предлогот, донесе решение со кое предлогот на обвинителството го одби како неоснован“, стои во соопштението од Кривичниот суд.

Судијката Поп-Стефанија оценила дека во случајот не постои основа за определување на предложените мерки на претпазливост бидејќи не постоеле околности „кои упатуваат на реална опасност од бегство на осомничената“.

„При одлучувањето судијата на претходна постапка го имаше предвид и однесувањето на осомничената во текот на постапката, фактот дека соработува со судот и уредно се јавува на поканите, што не упатува на заклучок дека кај осомничената постои опасност од бегство. Во конкретниот случај не постои ниту едно конкретно дејство што упатува на постоење опасност од бегство на осомничената, особено имајќи предвид дека конкретниот предмет е поодамна јавно презентиран и претходно се водела постапка против осомничената подолг временски период, истата била запознаена за кои кривични дела и инкриминирани дејства е осомничена, па доколку имала намера да бега, тоа би го сторила досега“, стои во решението на судијката.

Другите тројца осомничени во случајот, за кои СЈО исто така побара мерки на претпазливост, не беа сослушани бидејќи судијката го прекинат распитот откако СЈО побара нејзино изземање од случајот, па дополнително ќе бидат повикани од судот.

Специјалното обвинителство бараше изземање на судијката токму во случајот со Јанкулоска бидејќи поранешната министерка се води како вработена во владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, а вработен во разгранокот на владејачката партија во Неготино е и сопругот на Поп-Стефанија.

Кривичниот суд го одби барањето за изземање, а ниту Апелацискиот суд потоа не ја прифати жалбата на СЈО во врска со одлуката на првостепениот суд.

Осомничените во „Тврдина“ се товарат дека минатата година ја уништиле опремата од нелегалното прислушување, вредна 10 милиони евра.