Судењето за „Шамарите во Центар“ не почна – обвинет заминал во Хрватска


Скопје, 1 јуни, 2018 - 12:48 (META) 

Во Основниот суд Скопје 1 денеска рочиштето за случајот „Насилство во Центар“ не почна, поради тоа што обвинетиот Александар Трајковски, вработен во општина Гази Баба заминал на службен пат во Хрватска, со потпис на градоначалникот Борис Георгиевски.

– Барам од судот да му испрати допис на градоначалникот и да го праша дали знаел дека денеска обвинетиот има покана за судско рочиште и зошто го пуштил да патува – побара специјалната обвинителка Фатиме Фетаи, која го води овој случај.

Следното рочиште ќе се одржи в среда. Денешното рочиште требаше да биде првото по речиси месец и половина.

Обвинети во овој случај се поранешниот премиер Никола Груевски, кој според обвинението, ги нарачал насилствата во Општина Центар во јуни 2013 година, потоа поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката Даниела Рангелова и уште девет лица.


Груевски: СЈО потврди дека „бомбите“ може да се монтираат, сечат и лепат


Скопје, 18 декември, 2017 - 13:10 (META) 

Судењата за „Траекторија“ и за насилствата пред Општина Центар од јуни 2013 се политички монтирани случаи заради остварување политичка цел, изјави денеска доскорешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер, Никола Груевски, откако во Основен суд Скопје 1 се одржаа кратки рочишта од двете судења.

Во врска со денешното рочиште за „Траекторија“, Груевски како „исклучително интересен и фрапантен момент“ го оцени делот од излагањето на обвинителката од Специјалното јавно обвинителство (СЈО), Лиле Стефанова, дека аудио снимките од прислушуваните разговори, односно „бомбите“ може да бидат манипулирани и контаминирани со уфрлање на делови, доколку и бидат дадени на одбраната.

Ова, како што рече Груевски, ги потврдува претходно искажаните ставови од него и од ВМРО-ДПМНЕ во врска со веродостојноста на „бомбите“.

– Обвинителството вели дека во разговорите можат да бидат уфрлани делови и на тој начин да бидат контамирани, а ова Обвинителство, како што знаеме, материјалите го доби од СДСМ и Зоран Заев, кои којзнае колку уфрлале и монтирале во нив – изјави Груевски пред судот.

Повикувајќи се на Законот за кривична постапка (ЗКП), доскорешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека остануваат на ставот дека бомбите не можат да се користат како доказ во судските постапки, но судот под притисок на актуелните власти донел спротивна одлука иако, како што рече, бил свесен за одредбите од ЗКП.

Тој повторно се осврна на набиената агенда на рочишта во врска со случаите од СЈО, потенцирајќи дека тоа не е случај во постапката што се води против премиерот Заев за случајот „Поткуп“, за која рече дека се одложува до бесконечост „се додека не заврши онака како што сакаат да заврши“.

За судењето за насилствата пред Општина Центар во 2013 година, Груевски порача дека и таму имало интересен момент, односно, иако не биле исполнети условите за судење, односно нема систем за снимање, СЈО инсистирало рочиштето да се одложи, ризикувајќи целиот случај да падне во некоја од понатамошните постапки.

 


И „Шамарите во општина Центар“ одложено – единствениот систем за снимање зафатен за друго судење


Скопје, 18 декември, 2017 - 12:23 (META) 

Судењето за случајот со насилствата во Општина Центар во 2013 година, попознат како „Шамарите во Општина Центар“ денеска се одложи кратко по почетокот на денешното рочиште, бидејќи единствениот систем за снимање во Основен суд Скопје 1 бил резервиран уште пред еден месец за судењето за обидот за убиство на тогашниот министер за здравство, Никола Тодоров.

Судијката Софија Лаличиќ го резервирала системот за рочиштето против дедото на 9-годишната Тамара Димовска од Велес, кој пукаше во Тодоров пред церемонијата на предавањето на министерската функција на новиот министер Арбен Таравари.

Откако почна рочиштето за „Шамарите во Општина Центар“, адвокатот Дончо Наков даде приговор дека не се исполнети условите за одржување на рочиштето, бидејќи нема услови за снимање на рочиштето, а нема услови ниту за стенографско водење на записник.

Судијката Татјана Михајлова потоа го одложи судењето за 27 овој месец.

Во овој случај, обвинети се поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ во заминување, Никола Груевски, и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, кои претходно во Кривичен суд присуствуваа на судењето за „Траекторија“, каде се исто така обвинети. Во случајот со насилствата во Општина Центар обвинета е и актуелната пратеничка и поранешна советничка во општина Центар, Даниела Рангелова.

Во првичното обвинение од СЈО беа опфатени вкупно 14 лица, по што Томислав Лазаревски и Јордан Ристевски, поранешни членови од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на општина Центар, ја признаа вината и добија условни осуди од 6 месеци затвор.


Груевски на судењето за „Шамари“ го снимаа две рачни камери без тон


Скопје, 7 декември, 2017 - 14:15 (META) 

Денешното рочиште за насилствата пред Општина Центар од јуни 2013, случај во јавноста познат како „Шамари“, во кој обвинети се Никола Груевски, Миле Јанакиески, Даниела Рангелова и уште десетина други лица, се снимаше со две рачни камери, откако вчера и денеска адвокатите на одбраната побараа и добија одложување на рочиштата за случаите „Траекторија“ и „Тотал“, бидејќи немаше услови за визуелно-тонско снимање на постапката.

Како што појасни судијката Татјана Михајлова, судењето се снима со две рачни камери, но само визуелно, не и тонски.

На ова реагираше адвокатот на Груевски, Димитар Дангов, кој рече дека штом се снима, не треба да се води записник и побара да се одложи главната расправа бидејќи претходните записници не биле потпишани од странките во постапката и поради тоа немаат правно дејство.

Михајлова го одби барањето на адвокатот и рече дека снимањето е овозможено со новиот Закон за кривична постапка од 2013 година, но условите се такви, а записниците се водат во строга форма.

– Судот располага со ваков вид опрема. Доколку ги видите претходните записници, јас имам кажано дека немало можност да се снимаат рочиштата –рече Михајлова.

На денешното рочиште сведочеше поранешниот градоначалник на општина Центар, Андреј Жерновски, кој рече дека во судницата препознал двајца од насилниците.

Еден од нив, како што рече, бил Димче Крстев, кому ќе му се суди во одвоена постапка бидејќи немаше адвокат и беше болен.

Жерновски рече дека за време на насилните протести пред Општината, Крстев наместо антихрист, го нарекол антифашист, што тогашниот градоначалник не го сфатил како навреда.

Тој ги опиша случувањата пред општинската барака, каде насилници фрлале разни предмети, ги пцуеле советниците од редовите на СДСМ, додека Жерновски бил повикуван од Даниела Рангелова, како тогашна советничка од ВМРО-ДПМНЕ, да излезе и да се соочи со демонстрантите.

Жерновски раскажа и за однесувањето на полицијата, која, иако била присутна, воопшто не реагирала.

Поранешниот градоначалник на општина Центар денеска одговараше само на прашања на обвинителите на СЈО, Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски, по што рочиштето беше прекинато бидејќи обвинетата Рангелова имала обврски.

На следното рочиште, кое е закажано за 18 декември, Жерновски ќе одговара на прашања на адвокатите на одбраната.


Ристевски за „Шамари“ – кој признава, добива шест месеци условна затворска казна


Скопје, 30 ноември, 2017 - 14:34 (META) 

Поранешниот советник во Општина Центар од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Јордан Ристевски, обвинет за насилствата пред Општината од јуни 2013 година, случај во јавноста познат како „Шамари“, денеска од Кривичниот суд во Скопје беше осуден на шестмесечна условна затворска казна, доколку во наредните две години не стори ново кривично дело.

Пресудата денеска ја соопшти судијката Татјана Михајлова, откако петтообвинетиот во „Шамари“, Ристевски, на вчерашното рочиште доброволно ја призна вината и рече оти се кае за стореното.

На барање на обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи, постапката против него беше раздвоена и судењето продолжи веднаш.

Минатата недела вина за учеството во насилствата пред Општина Центар во јуни 2013 година, призна и четвртообвинетиот Томислав Лазаров, и по раздвојувањето на постапката исто така доби шест месеци условна затворска казна.

Судењето за другите обвинети во случајот, меѓу кои се и поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, ексминистерот за транспрот и врски, Миле Јанакиески, пратеничката Даниела Рангелова и уште десетина лица, продолжува  на 7 декември.


Жешка судска недела за Груевски, Заев и за Талески


Скопје, 25 септември, 2017 - 11:39 (META) 

Скопскиот Кривичен суд за оваа недела на распоредот има набиена агенда на рочишта за случаите „Тврдина 2“, „Поткуп“, „Шамари“ и „Транспортер“, кои предизвикуваат голем интерес во јавноста, а од кои три се по обвиненија поднесени од Специјалното јавно обвинителство.

На обвинителната клупа треба да седнат лидерот на СДСМ и премиер, Зоран Заев, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер, Никола Груевски, и градоначалникот Битола во заминување, Владимир Талески.

Неделата со набиена судска агенда се совпаѓа со првата седмица од почетокот на кампањата за локалните избори. Поради ова не е исклучена можноста од повторно одложување на рочиштата за овие случаи за кои, и по повеќе од една година, никако да почне главната расправа.

Агендата на судските рочишта изгледа вака:

  • 26 септември (вторник) – Треба да продолжи рочиштето за случајот „Тврдина 2“, во кој првообвинет за уништувањето на документацијата од опремата за незаконското прислушување е поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујовски, кој е во бегство. Како ќе продолжи судењето најверојатно ќе се знае утре. Дел од правните експерти велат дека судот може да одлучи на Грујовски да му се суди во отсуство. Тој побегна откако Апелацискиот суд одлучи да го прифати барањето на СЈО да му биде одреден притвор, а Врховниот суд го потврди ваквото решение. Случајот го суди Лидија Петровска.
  • 27 септември (среда) – Треба да продолжи судењето за „Поткуп“, каде Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција го товари премиерот Зоран Заев дека од струмички бизнисмен барал поткуп од околу 200.000 евра за легализација на градежно земјиште. Заев во јуни оваа година, првпат се појави судот како премиер на државата, а на рочиштето тој и неговата одбрана бараа изземање на снимките од посебните истражни мерки за случајот, бидејќи веќе се објавени на „Јутјуб“. Случајот го суди Дијана Груевска-Илиевска.
  • 28 септември (четврток) – На обвинителната клупа треба повторно да седнат лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, пратеничката Даниела Рангелова и уште 11 лица обвинети за насилствата пред Општина Центар од јуни 2013 година. Инаку, Апелацискиот суд летово ја прифати жалбата на СЈО и донесе одлука прислушуваните разговори да можат да се користат како доказ на судењето за случајот кој во јавноста е познат како „Шамари“. Случајот го суди Татјана Михајлова.
  • 28 септември (четврток) – Треба да почне судењето за случајот „Транспортер“ на СЈО, во кој градоначалникот на Битола, Владимир Талески, и уште 21 лице се товарат за злоупотреби со тендерите за превозот на ученици во Битола, со кои го оштетиле буџетот на Општината за околу 300.000 евра. Инаку, против Талески и уште петмина други вработени во Општина Битола истрага под името „Транспортер 2“ води и Основното јавно обвинителство Битола, исто така, за злоупотреба на службената положба поврзана со избор на фирма за превоз на ученици за учебната 2015/2016 година. Овој случај ѝ е доделен на судијката Лидија Петровска.

ВМРО-ДПМНЕ: СЈО со клеветнички изјави сака да ја покрие својата непрофесионалност


Скопје, 28 јуни, 2017 - 14:29 (META) 

Очигледна е нервозата на Специјалното јавно обвинителство заради фактот што знаат дека не поседуваат никакви докази и затоа со лажни и клеветнички изјави се обидуваат да ја покријат својата пристрасност и непрофесионалност, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на изјавата на обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи, по денешното рочиште за случајот „Шамари“, кое се одложи.

„Неверојатно е што денеска, кога по интервенција на СJO се одложи рочиштето, токму тие напаѓаат и обвинуваат друг за истото. Доколку не беше интервенцијата на СJO, денеска рочиште ќе имаше и бргу ќе можеше да се види вистината, но и лагите и конструкциите на СJO, како и на измамникот Жерновски“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму велат дека СЈО и владејачката гарнитура во континуитет преку јавни изјави и заплашувања вршат притисок врз судот и додаваат дека иако се свесни дека врз членовите на ВМРО-ДПМНЕ се врши типична политичка хајка и прогон, лидерот на партијата, Никола Груевски, и другите уредно и редовно се појавуваат во суд, без да смислуваат изговори.


Фетаи: Судот и одбраната се координираат за одолжување на случајот „Шамари“


Скопје, 28 јуни, 2017 - 11:03 (META) 

Судијката Татјана Михајлова денеска го одложи рочиштето за случајот „Шамари“ бидејќи сите списи од предметот биле испратени во Апелацискиот суд, кој треба да одлучува по жалбите на Специјалното јавно обвинителство. Осомничени во случајот се поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, пратеничката Даниела Рангелова и уште 11 лица обвинети за насилствата пред Општина Центар од јуни 2013 година.

Специјалната обвинителка Фатиме Фетаим побара објаснување од судијката зошто во Апелацискиот суд биле испратени сите списи кога било доволно само да се испрати записникот од рочиштето на кое таа и Катица Јанева беа казнети по 2.000 евра.

Михајлова не даде објаснување и само констатираше дека не се исполнети условите за одржување рочиште и следното го закажа за 28 септември.

Фетаи за медиумите изјави дека очигледно постои координација меѓу судот и одбраната на обвинетите со единствена цел – да се одолговлекува почетокот на судскиот процес.

– На ова упатува околноста што денеска, кога сите списи за предметот се во Апелацискиот суд, во судница беа присутни сите обвинети, што не се случило долг период – рече Фетаи.

Инаку, ниту еден од обвинетите не сакаше да даде изјава за медиумите, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој е првообвинет, го напушти судот преку еден од споредните влезови.

На рочиштето присуствуваа и градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, како и советниците од Општината, кои присуствуваа во својство на оштетени и на сведоци.

Адвокатот Никола Додевски повеќе не е бранител на Груевски и на Јанакиески, кои на 22 јуни до судот доставиле известување дека отсега во случајот ќе ги застапуваат адвокатите Боро Тасевски, Сања Алексиќ и Петар Василев.


„Тврдина 2“ не се снимаше бидејќи единствената камера била на „Диво Насеље“


Скопје, 5 мај, 2017 - 14:46 (META) 

Денешното рочиште од судскиот процес за случајот „Тврдина 2“ не се снимаше, како што налага членот 374 од Законот за кривична постапка, бидејќи, како што објасни судијката Лидија Петровска, камерата била зафатена за снимање на судењето за случајот „Диво Насеље“, кое во исто време се одржуваше во големата сала на Врховниот суд.

– Видео-тонско снимање нема да се врши бидејќи камерата, која е една, се користи во предметот на организиран криминал во јавноста познат како „Диво Насеље“ – рече Петровска.

Инаку, во средата оваа недела, на рочиштето за насилствата пред Општина Центар од јуни 2013 година, односно т.н. случај „Шамари“, обвинителот на СЈО, Гаврил Бубевски, уште еднаш побара од судот на СЈО да му биде доставена аудио-визуелната снимка од првото рочиште. На ова судијката Татјана Михајлова рече дека судот нема опрема за аудио-визуелно снимање на рочиштата, а снимањето што сега судот го врши е за негови потреби.

Бубевски во врска со ова пред новинарите изјави дека снимањето во судот не е „домашно видео“ и дека законот за кривична постапка јасно пропишува кои рочишта треба да се снимаат.

„Тонскиот или визуелно-тонскиот запис од одржаната расправа е дел од судскиот предмет кој се води во автоматизираниот компјутерски систем за управување со судските предмети (АКМИС). Тонскиот или визуелно-тонскиот запис не смее да се објавува, емитува и користи за намени и за цели надвор од кривичната постапка. Странките и бранителот имаат право по одржувањето на главната расправа да добијат копија од тонската или визуелно-тонската снимка или во рок од три дена препис од стенографскиот записник, во печатена или електронска форма. Копија од снимката се доставува веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа“, стои во членот 374 од ЗКП.

Кон средината на декември минатата година, на социјалните мрежи протече фотографија од подготвителното рочиште за судењето за „Тврдина 2“. Фотографијата се претпоставуваше дека е направена од аголот во судницата каде се наоѓа судската камера со која се снимаат рочиштата.

Сепак, и покрај интресот на медиумите и на јавноста, остана енигма кога, како и од кого протекла фотографијата.


Груевски од безбедносни причини влегол во судот од службениот влез


Скопје, 3 мај, 2017 - 14:48 (META) 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на денешното рочиште за насилствата пред Општина Центар од јуни 2013 година, каде тој е првообвинет, во зградата на Основниот суд Скопје 1 влегол од службениот влез поради безбедносни причини.

„Во однос на влегувањето на дел од обвинетите од службениот влез на судот, заради присуство на денешната главна расправа, истото е спроведено по безбедносни проценки на нивното обезбедување кое од редовите на МВР“, стои во соопштението на Кривичниот суд за денешното рочиште.

Инаку, Груевски во судот пристигна со обезбедување и придружуван од портпаролот на Владата, Александар Ѓоргиев. Во судницата тој влезе со задоцнување, откако рочиштето веќе беше почнато, заедно со неговиот адвокат Никола Додевски.

Во врска со петмината обвинети што денеска не дојдоа на рочиштето, од судот информираат дека за еден од нив било утврдено дека вторпат не се појавува на рочиштата, иако бил уредно повикан, поради што судот издал наредба тој да биде присилно доведен на следната главна расправа, која е закажана за 28 јуни.