Јанева: Укажувачи беа и обвинетите во „Пуч“ кои го открија криминалното владеење на една власт


Скопје, 24 март, 2017 - 16:19 (META) 

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) во континуитет укажува на потребата од имплементација на препораките на Венецијанската комисија во однос на Законот за заштита на приватноста и на Законот за заштита на укажувачите (whistleblowers), заради проблемите со кои се соочува СЈО, а кои произлегуваат од недоследностите во наведените законски решенија. Ова денеска го изјави специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, која имаше обраќање на конферецијата насловена „Ден на слободен говор“ што се одржа во Скопје, а по повод Меѓународниот ден на укажувачите.

Јанева во обраќањето рече дека укажувачи биле и обвинетите во случајот „Пуч“, кои преку своите прес-конференции објавија коруптивно и криминално владеење на една власт.

– Граѓаните сè поретко се решаваат да укажат на коруптивно работење и на криминал, поради стравот што го имаат од последиците од таквата активност. Затоа ние треба да ги поттикнеме, да ги охрабриме, да пријавуваат такво однесување. Но, проблем е и довербата во институциите, дека и покрај ризикот од укажувањето, институциите ќе постапат по законите. СЈО не отстапува и нема да се откаже од истражувањето на криминалот и на корупцијата како институција која е одговорна за својата задача. Не смее да се замолчи и да се затворат очите, потребно е истражување на секој криминал, а граѓаните се свесни дека тоа е нешто од заеднички интерес во кој тие се клучниот дел. Свиркачи беа и обвинетите во случајот „Пуч“, кои преку своите прес-конференции објавија коруптивно и криминално 10-годишно владеење на една власт – рече обвинителката Катица Јанева во своето излагање, пренесува „Плусинфо“.

Инаку, меѓу обвинетите во случајот „Пуч“, беа лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и поранешниот директор на Упрвата за безбедост и контраразузнавање (УБК), Зоран Верушевски. СЈО кон средината на јануари го повлече обвинението за „Пуч“ бидејќи „фактичката состојба прикажана во обвинителниот акт е во спротивност со доказите со кои располага Специјалното јавно обвинителство“.


Јанева: Уште ќе разговараме со Советот на јавни обвинители, ништо не е конечно


Скопје, 20 февруари, 2017 - 17:06 (META) 

Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, и петмина обвинители од нејзиниот тим на денешната средба со членовите на Советот на јавни обвинители, дискутирале по барањето на Советот за давање увид во списите од документацијата од предметот „Пуч“. Тие, како што соопштија од Советот, се договориле ваквите средби да продолжат по потреба и во иднина.

Јанева по завршувањето на состанокот, кој траеше два часа, изјави дека на него не било разговарано само за предметот „Пуч“ туку и за повеќе прашања.

– Беше работна средба и мислам дека ќе има и други работни средби. Разговаравме за тековни работи, за проблемите со кои се соочува СЈО. Разговаравме за многу прашања – рече Јанева.

Прашана дали ќе му ги даде на Советот материјалите за „Пуч“, специјалната јавна обвинителка рече дека „уште ќе се разговара, зашто уште ништо не е конечно“ и повтори дека ќе има уште средби.

Јанева и претседателот на Советот на јавни обвинители, Петар Аневски, минатата недела имаа кратка средба, на која беше договорен форматот на денешната средба и беа најавени разговори околу динамиката на предавање на материјалите од „Пуч“.

СЈО на 18 јануари годинава соопшти дека се откажува и го повлекува обвинението за случајот „Пуч“, во кој меѓу обвинетите беа лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Зоран Верушевски, бидејќи фактичката состојба прикажана во обвинителниот акт била во спротивност со доказите со кои располага СЈО, како и со наодите во истражните постапки „Таргет“ и „Тврдина“.

По десетина дена, Советот на јавни обвинители до СЈО и до Кривичниот суд во Скопје испрати барање да му ги достават списите од „Пуч“, „заради разјаснување и согледување на дејствата преземени од Јанева“.

Предметот „Пуч“ СЈО го презеде од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во декември 2015 година.


Јанева пред Советот на јавни обвинители ќе го образложува повлекувањето на „Пуч“


Скопје, 14 февруари, 2017 - 11:26 (META) 

Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева денеска во 12 часот во Советот на јавни обвинители ќе одговара на прашањата на Советот за одлуката на СЈО да го повлече обвинението за предметот „Пуч“.

Претседателот на Советот на јавни обвинители, Петар Аневски за „Телевизија 24“ потврдил дека Јанева е повикана да ги образложи причините зошто СЈО се откажа од обвинението за „Пуч“.

Специјалното јавно обвинителство обвинението за случајот „Пуч“ го повлече на 18 јануари, а две недели подоцна Советот на јавни обвинители ги побара списите од предметот, во кој обвинети беа лидерот на СДСМ, Зоран Заев и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Зоран Верушевски.

Од СЈО за „Мета“ тогаш потврдија дека ќе одговори на барањето на Советот на јавни обвинители и во најкраток можен рок ќе ги достави списите и документацијата од предметот „Пуч“.


СЈО се претвори во филијала на СДСМ, велат од ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 4 февруари, 2017 - 10:19 (META) 

За повеќе од една година, Катица Јанева потроши околу 4 милиони евра, а не направи ниту еден чекор со кој ќе ја увери јавноста во својата професионалност, објективност и непристрасност, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

„Напротив, СЈО се претвори во филијала на СДСМ. Покажуваше интерес и иницијатива само кога требаше да се спасуваат од одговорност, криминалци како аболираниот Заев или да се реализираат партиско-политичките нарачани и фабрикувани случаи“, се вели во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека Јанева во СЈО си го вработила сопствениот внук, но и голем број роднини на другите колеги од обвинителството.

„Јанева ги вработи послушниците на Заев, а им плаќаше огромни суми пари на самопрогласените експерти и вештаци кои зборуваат како што аболираниот Заев мисли, односно како што тој ќе им дозволи да кажат. Катица Јанева се откажа од случајот „Пуч“ и со тоа целосно се стави на страна на криминалот. Катица Јанева покажа дека се гордее кога е препознаена како приврзок на аболираниот криминалец Зоран Заев. Сега Јанева, по примерот на својот ментор, фрустрациите од некомпетентоста и немањето докази во фабрикуваните случаи ги лекува со политички напади врз судот и судиите“, велат од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека Јанева е срам за правната бранша и за правосудниот систем во Македонија.


Јанкулоска: Никој не е недопирлив, па ни НВО финансирани од Сорос


Скопје, 30 јануари, 2017 - 11:08 (META) 

„Никој не е недопирлив, па ни невладините организации финансирани од Сорос… Потребно е да има еднакви правила и ред и во функционирањето на невладиниот сектор, а институциите мора да бидат оставени непречено да постапуваат и да си ја работат сопствената работа“, вели во интервју за „Дневник“ поранешната министерка за внатрешни работи и висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Јанкулоска.

„Граѓанското општество и функционирањето на невладиниот сектор е од клучно значење за развојот и за функционирањето на една демократија. НВО во едно општество и тоа како, може да бидат коректив на институциите и да наметнува теми кои се од значење за граѓаните. Сепак, општественото значење што го имаат невладините организации не може да биде параван за деструкција и за насилно менување на демократски избрана власт. За жал, кај нас токму тоа се случи. Мрежата на НВО финансирани од Сорос безмалку се претвори во монопол, со својата финансиска доминација истиснувајќи ги од сцената невладините организации кои имаат ставови поинакви од нивните. Ваквото деструктивно дејствување наместо коректив на институциите, ги претвори во деструктивен елемент во општеството. Но, светот се менува, а нашето општество созрева“, вели Јанкулоска во интервјуто.

Таа во него зборува и за повлекувањето на обвинението за случајот „Пуч“, и во тој контекст вели дека „целокупното дејствување на Катица Јанева, поддржано и од некои дипломатски претставници во земјава, во изминатава година беше насочено кон создавање алиби за Зоран Заев, Зоран Верушевски и за нивните инспиратори, односно чадорот“.

Во врска со случајот „Тенк“ на СЈО, таа категорично негира дека учестувала во набавката на блиндираниот „мерцедес“ од 600.000 евра и вели дека службите во МВР задолжени за јавни набавки професионално си ја завршиле работата.


ВМРО-ДПМНЕ: Новите истраги на СЈО се уште една нарачка на Заев и на СДСМ


Скопје, 24 јануари, 2017 - 16:11 (META) 

Денешното отворање на новите истраги е уште една партиска нарачка и продолжување на непрофесионалното, политичко постапување на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ по повод соопштението на СЈО.

– Ова е уште еден дефокус на Катица Јанева од срамната одлука за повлекување од предметот „Пуч“. Катица Јанева го загуби професионалниот кредибилитет во замена за улогата на политички инструмент на Зоран Заев – изјави денеска на прес-конференција, Спиро Ристовски, член на ВМРО-ДПМНЕ и заменик-министер за образование и наука во оставка, кој поголемо внимание ѝ посвети на одлуката на СЈО за откажување од обвинението за случајот „Пуч“, отколку на двете нови истраги.

Тој рече дека Јанева „шести ден се крие и не коментира ништо околу срамната и скандалозна одлука да се повлече од предметот „Пуч“ и директно да се стави во заштита на аболираниот Зоран Заев“.

– Единствената причина поради која Катица Јанева ја донесе одлуката за повлекување од предметот „Пуч“ е да ги заштити обвинетите за криминал, но и нарачателите. Единствената причина поради која Катица Јанева се повлекува од предметот „Пуч“ е за да го покрие „чадорот“ и неговите истурени играчи, верувајќи во неговата бескрајна моќ да ја заштити и неа и нив во иднина.
 Зоран Заев повторно беше фатен во криминал, а Катица Јанева, наместо да го гони, се стави во негова заштита.
 Наместо да одговори на овие прашања, Катица Јанева само потврдува дека сите нејзини досегашни активности се насочени во заштита на криминалот на Зоран Заев и политичко оцрнување на ВМРО-ДПМНЕ – рече Ристовски.


Ѓорчев: Јанева да не помисли да украде, да уништи или да сокрие ни еден доказ од „Пуч“


Скопје, 21 јануари, 2017 - 16:35 (META) 

Зоран Заев, благодарение на Бранко Црвенковски и на Катица Јанева, е единствениот политичар и во Европа и во светот кој е двапати аболиран, изјави денеска членот на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Ѓорчев, во врска со одлуката на Специјалното јавно обвинителство да се откаже од обвинението за случајот „Пуч“.

– Катица Јанева знаеше дека има премногу докази што ја потврдуваат вината на Заев и на Верушевски. Затоа Катица Јанева одлучи да му помогне на својот штитеник и да го спаси од одговорност. Доколку и Заев и Верушевски и Јанева беа убедени дека злосторничкото здружение одговорно за „Пуч“ е невино, ќе оставеа тоа да се докаже во судска постапка. Вака, СЈО наместо да го гони криминалот, одлучи да се стави во негова одбрана – рече Ѓорчев.

Тој повторно нагласи дека со ваквата одлука СЈО целосно се делегитимирало и покажало дека работи „непрофесионално, партизирано и политизирано“.

– ВМРО-ДПМНЕ апелира Катица Јанева и другите послушници на Заев да не помислат да украдат, да уништат или да сокријат макар и еден доказ од предметот „Пуч“. Ќе има правда и ќе има мир кога криминалци како аболираниот Заев ќе одговараат пред надлежните судови. СЈО само ја поништи основната причина поради која беше формирано, а тоа беше расчистување на скандалот со незаконски прибавените и монтирани телефонски разговори – рече Ѓорчев.


ВМРО-ДПМНЕ: Ќе има правда и мир кога Заев ќе одговара на суд, а Јанева нема да го спасува


Скопје, 20 јануари, 2017 - 9:46 (META) 

„Ќе има правда и ќе има мир кога криминалци како Зоран Заев ќе одговараат пред судовите и кога нема да постојат разни Катици и специјални јавни обвинителства за да ги спасуваат“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ во врска со вчерашната седница на извршниот комитет на на партијата, на која била разгледувана и анализирана одлуката на Специјалното јавно обвинителство за откажување и за повлекување на обвинението за случајот „Пуч“.

На седницата на извршниот комитет, стои во соопштението, било оценето дека станува збор за срамна одлука на СЈО, која е „преседан“ во правосудната практика.

„Експертската јавност не памети во правната практика во Република Македонија, некој јавен обвинител да се откаже од застапување на обвинението во оваа фаза на постапката, кога обвинителниот акт е правосилен и потврден од совет на судии. Политичката одлука на Катица Јанева е најдобра потврда дека Зоран Заев и Зоран Верушевски се фатени во криминал и дека органите на истрагата го поткрепиле случајот со цврсти и несоборливи докази. Во спротивност, немаше да постои причина Катица Јанева вторпат да го спасува Зоран Заев од кривична одговорност. Катица Јанева само потврди дека е инструмент на СДСМ/Сорос“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Извршниот комитет на партијата, на седницата синоќа, расправал и за актуелната политичка ситуација и за преговорите за формирање влада.

„Извршниот комитет ја разгледа и актуелната дневно-политичка состојба во контекст на преговорите за формирање влада и ја реафирмираше поддршката за претседателот Никола Груевски да продолжи со активностите во таа насока бидејќи волјата на граѓаните е императив“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.


СДСМ: Груевски и неговите соработници се единствените на кои им пречи СЈО


Скопје, 19 јануари, 2017 - 15:36 (META) 

Никола Груевски и неговите соработници се единствените на кои им пречи Специјалното јавно обвинителство, кое е формирано и со неговиот потпис и со гласовите на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, стои во реакцијата на СДСМ на денешната прес-конференција на Антонио Милошоски, член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, а во врска со вчерашната одлука на СЈО за повлекување на обвинението за случајот „Пуч“.

Од СДСМ велат дека со вчерашната одлука на СЈО, да се откаже од обвинителен акт против претседателот на СДСМ, Зоран Заев, пропаднал обидот на Груевски да монтира политички случај „со надеж дека ќе се извлече од скандалот со нелегалното прислушување, за кое сите патишта водат до него и до неговиот братучед Сашо Мијалков (поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, н.з.)“.

„Да се биде против вистината и правдата, да се брани криминал и да се лаже на голем верски празник, како што тоа го направи денеска Антонио Милошоски, покажува дека раководството на оваа партија не само што е вовлечено во незаконски активности, туку нема никакво допир со христијанските вредности“, се вели во реакцијата на СДСМ.


Милошоски: Со одлуката на Јанева за аболиција на Заев нема причина за постоење на СЈО


Скопје, 19 јануари, 2017 - 14:44 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ денеска повторно реагира на одлуката на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), објавена вчера, за повлекување на обвинението за случајот „Пуч“. Членот на извршниот комитет на партијата, Антонио Милошоски, на прес-конференција истакна дека СЈО нема никаков „професионален ниту институционален легитимитет“ и дека е „само политички инструмент и продолжена рака“ на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

– Јавноста знае дека Заев е виновен за обидот за „Пуч“ и за организирање на едно злосторничко, шпионско здружение заедно со Зоран Верушевски. Ова злосторничко здружение незаконски следело комуникации и потоа ги фабрикувало и ги монтирало материјалите добиени од тоа незаконско прислушување, само за да му помогне на Заев да урне една легално избрана власт и да дојде на власт без поддршка од граѓаните. Зоран Заев и Верушевски се до гуша во криминал и тоа документиран и докажан криминал и затоа беше неопходно Катица Јанева да ги аболира и да ги спасува од судска и од кривична одговорност – рече Милошоски.

Според Милошоски, СЈО цела година од преземањето на случајот „Пуч“ ја лажело и ја манипулирало јавноста дека постапува по предметот и дека наводно работи независно и непристрасно.

– Првата и основна причина за формирањето и за постоењето на СЈО беше да се расчисти криминалот на Заев и на Верушевски кои, според признанието на вработениот во Управата за безбедност и контраразузнавање што доби судска пресуда, ја злоупотребиле опремата за незаконско следење на комуникациите. Со ова одлука на Катица Јанева за аболиција на господинот Заев, престанува и главната причина за постоењето на СЈО. Затоа сметаме дека јавноста треба да биде свесна дека СЈО веќе стана беспредметна институција – рече Милошоски.

Првично на одлуката на СЈО, во име на ВМРО-ДПМНЕ, вчера на прес-конференција реагираше актуелниот пратеник на партијата и поранешен претседател на Собранието, Трајко Вељаноски.