!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Три нови случаи на заболени со мали сипаници


Скопје, 20 октомври, 2017 - 13:41 (META) 

Во текот на изминатата недела, од 14 до 20 октомври, регистрирани се три нови случаи на мали сипаници, со што вкупниот број на заболени е 17 лица, информираат од Институтот за јавно здравје.

Од вкупниот број на заболени, 10 лица живеат во населбата Маџари – Кванташка депонија, две лица се од Чаир, а по едно лице е регистрирано во село Сопиште, населба Шуто Оризари и во село Кондово. Едно од пријавените заболени деца е државјанин на Косово. Едно лице од новопријавените во последната недела е со место на живеење во Прилеп, на привремена работа во Скопје.

Од заболените, два случаи се на возраст под една година, кога не подлежат на задолжителна вакцинација против мали сипаници. Седум заболени се на возраст од една до четири години, а три се над 30-годишна возраст.

Симптомите на првиот пријавен случај од мали сипаници се јавиле на 15 септември. На 25 септември, Центарот за јавно здравје Скопје пријави епидемија на мали сипаници на територијата на општина Гази Баба – Кванташка депонија.

Од 17 регистрирани случаи, 16 се лабораториски потврдени, а еден е клинички и епидемиолошки поврзан случај. Само кај два случаи биле регистрирани компликации во вид на пневмонија.


ОЈО во Битола, Скопје и во Кочани водат истраги за шест случаи поврзани со изборите


Скопје, 16 октомври, 2017 - 15:25 (META) 

Основните јавни обвинителства во Битола, Кочани и во Скопје почнале предистражни постапки за шест случаи за извршени кривични дела поврзани со изборниот процес.

Како што соопштија денеска од Јавното обвинителство, еден од случаите е во Основното јавно обвинителство Битола, два се во ОЈО Кочани и три во ОЈО Скопје.

„Делата за кои се водат постапките се однесуваат на поткуп при избори и гласање од член 162 од Кривичниот законик, злоупотреба на избирачко право од член 161 од КЗ и на изборна измама од член 165 од Кривичниот законик“, стои во соопштението на Јавното обвинителство.

Основните јавни обвинителства работат и на други седум настани, за кои добиле известувања од Министерството за внатрешни работи или пријави од граѓани и други надлежни институции, за кои постои сомнеж дека се со елементи на извршени кривични дела.

– Во текот на изборниот ден, во Основните јавни обвинителства , како и во Комисијата за следење на изборни нерегуларности и преку електронската адреса izbori@jorm.gov.mk пристигнати се бројни известувања. Во голем дел од пристигнатите известувања не се утврдени елементи на сторени кривични дела за кои гонењето се презема по службена должност и кои се предвидени во глава 16 од Кривичниот законик. За другите известувања, јавните обвинители преземаат дејства во предистражна постапка за да се утврди постоење на кривичното дело и кој е сторителот – изјави претседателот на привремената Комисија за следење на евентуални изборни нерегуларности, јавниот обвинител Џељаљ Бајрами.


„Цивил“: Продолжуваат притисоците врз гласачите, пријавени повеќе од 170 случаи


Скопје, 9 декември, 2016 - 9:46 (META) 

Во периодот од 5 до 8 декември, граѓанската организација „Цивил“ примила повеќе од 600 повици од граѓани кои биле загрижени за тоа дали ќе имаат можност да го искористат своето право на глас на предвремените парламентарни избори в недела на 11 декември, информираат оттаму.

„Цивил“ денеска во 13 часот ќе одржи прес-конференција пред Државната изборна комисија, по која, нивни претставници ќе им предадат папка на службите во ДИК, со повеќе од 60 добро документирани и образложени случаи.

– Продолжуваат притисоците врз гласачите, за што до „Цивил“ дојдоа уште повеќе од 100 пријави од сите краишта на Македонија, од почетокот на втората недела од предизборната кампања. Вкупно, повеќе од 170 случаи на притисоци, закани, злоупотреби и други категории на нерегуларности, пристигнаа во „Цивил“ од 21 ноември до 8 декември, не броејќи ги пријавите кои се однесуваат на проблемите со избирачкиот список – се вели во соопштението на невладината организација.


СЈО поднесе две обвиненија – за уништување документи и за насилствата во Центар


Скопје, 15 септември, 2016 - 12:05 (META) 

Обвинителката Фатиме Фетаи на денешната прес-конференција, на која специјалните јавни обвинителки го презентираа вториот извештај за работата на СЈО, рече дека денеска ќе бидат поднесени два обвинителни предлози. Едниот од нив, според зборовите на Фетаи, е за уништувањето документи поврзани со прислушувањето, а вториот за насилствата пред Општината Центар во јуни 2013 година.

Образложувајќи ги случаите, Фетаи рече дека првото обвинение е поврзано со неовластеното следење на комуникациите. Таа рече дека обвинителството прибавило доволно докази и очекуваат за овој случај да има осудителна пресуда. Како што изјави Фетаи пред новинарите, освен доказите што биле презентирани во „Тврдина“, сега биле прибавени и докази за тоа кој, зошто и со какви средства прислушувал.

– Првиот предмет е од огромно значење за мандатот на ова обвинителство. Се работи за уништување документација поврзана со системите за прислушување. Преземајќи истражни дејства за тоа кој и зошто неовластено прислушувал, обвинителството прибави доказен материјал и за други кривични дела. Првоосомничениот кој бил вработено службено лице во Управата за безбедност и контраразузнавање, незаконски, со усна наредба, формирал комисија за годишно ништење на документи и со другите шест члена што ја сочинувале комисијата ги ништел документите поврзани со прислушувањето. Биле уништени вкупно 2.047 документи, од кои 22 се однесуваат на системите за следење на комуникациите. Членовите на комисијата извршиле селекција и попис за ништење на списите, во кои имало и класифицирани документи – рече Фетаи.

Како што појасни обвинителката, документите биле уништувани без никаква процедура.

– Во овој случај, има вкупно седум обвинети. Обвинетите, спротивно на сите закони, ги запалиле списите на локација што им била посочена од првообвинетиот. Уништени се и списи поврзани со работењето на системите за следење на комуникацијата – посочи Фетаи.

Вториот случај за кој СЈО денеска ќе поднесе обвинение до Основниот суд Скопје 1, според зборовите на обвинителката фатиме Фетаи, е преземан од Основното јавно обвинителство Скопје.

– Се работи за разговор од телефонска комуникација меѓу двајца припадници на извршната власт, кој е направен на 1 јуни 2013 година во 20.50 часот и трае 4 минути и 4 секунди. Разговорот е воден откако веќе била закажана седница на Советот на Општината Центар, на која како точки на дневен ред биле ставени запирања на неколку детални урбанистички планови, меѓу кои и оној за Мал Ринг – рече Фетаи.

Таа образложи дека за овој случај биле сослушани дваесетина сведоци, а некои од нив побарале и заштита. Поради законска неможност на СЈО да ги заштити, како што посочи Фетаи, ним им е овозможена само анонимност, како процесна заштита, и нивниот идентитет ќе остане непознат.

Во овој случај за кривично дело насилство обвинети се 14 лица, од кои пет лица кои се јавуваат како поттикнувачи и девет лица кои биле директни извршители на насилството.

– Разговорот е воден откако веќе била закажана седница на Советот на Општина Центар. Ова јавно обвинителство презеде низа активности за да утврди дали содржината на снимката има своја завршница. Од доказниот материјал произлезе дека во јуни 2013 година првообвинетиот побарал, а второобвинетиот беспоговорно прифатил да извршат грубо насилство спрема градоначалникот на општина Центар. Анализите што ги направи ова обвинителство упатуваат на тоа дека мотивите на првообвинетиот за ова дело се чисто лукративни, за остварување на бизнис-интересите на партискиот врв – рече Фетаи.

Таа додаде дека во овие настани, освен материјалната штета, повредено било и едно лице.

Само 12 отсто од прислушуваните разговори се преслушани во СЈО, потврди портпаролката Ленче Ристовска. Таа рече дека тоа е поради условите кои ги имале во објектот каде претходно беа сместени и се надева дека тоа ќе се промени поради тоа што сега се сместени во нови простории.

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева денеска, презентирајќи го вториот извештај за работата на СЈО, изрази подготвеност истиот да го презентира и пред пратениците во Собранието и пред Советот на јавни обвинители. Јанева апелираше законодавниот дом да ги донесе бараните измени во Законот за заштитени сведоци за да може СЈО да навлезе во сржта на случаите како тој на Мартин Нешковски, „Монструм“ и „Сопот“.


Новинарите и снимателите фаќаат бусија пред СЈО


Скопје, 22 август, 2016 - 10:17 (META) 

Новинарските екипи и снимателите полека фаќаат бусија пред влезот на Специјалното обвинителство како што се зголемува „фрекфенцијата на лица“ (како што рече Катица Јанева) повикани да дадат исказ.

Така, денеска, како што потврдија од двете партии, се очекува да се појават лидерите на ДПА и на Партијата целосна еманципација на Ромите (ПЦЕР), Мендух Тачи и Самка Ибраимовски. Некои медиуми пренесуваат дека на сослушување е повикана е членката на Државната изборна комисија од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева, но, за неа засега нема официјална потврда дали добила покана за распит, а во јавноста циркулираат и имињата на Миле Јанакиески и на поранешната градоначалничка на Центар, Виолета Аларова.

Нема официјални информации ниту за кој случај се повикани овие политичари, а неофицијално се шпекулира дека станува збор за изборните нерегуларности и малверзации, што произлегуваат од прислушуваните разговори што ги објави СДСМ минатата година.

Пред една недела, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева најави дека во периодот што следува, во СЈО ќе има „зголемена фрекфенција на лица“ кои се повикуваат во врска со предметите што ги води обвинителството.


Јанева најави „зголемена фрекфенција“ на лица во СЈО


Скопје, 15 август, 2016 - 15:12 (META) 

Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, денеска соопшти дека во периодот што следи во СЈО ќе има зголемена фрекфенција на лица кои се повикуваат во врска со предметите што ги води Обвинителството.

Во писмената изјава се додава дека нема да се откриваат поконкретни детали заради тајноста на предистражната постапка.

– Во периодот што следи ќе има зголемена фреквенција на лица во ова Јавно Обвинителство. Согласно Законот за кривична постапка (ЗКП) лицата кои се повикуваат ќе бидат од корист со нивните сознанија за разјаснување на околности по повод сите постапки кои се отворени во овој период. Постапките се однесуваат на досега објавените и необјавени неовластено прислушкувани разговори. Заради тајноста на предистражната постапка, поконкретни детали нема да се откриваат – изјави денеска Јанева.

Инаку, утре во СЈО е повикан градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски. Тој, како што соопштија од Општината е повикан во врска со нарачаните шлаканици врз него и демолирањето на бараката на Општината во 2013 година.

Градоначалникот на Центар еднаш веќе беше во СЈО, каде даде исказ во врска со проектот „Скопје 2014“ и со деталниот урбанистички план „Мал Ринг“.


Груевски, Јанкулоска, Мијалков, Јанакиески, Заев од списокот на Иванов се преселија кај Јанева


Скопје, 9 јуни, 2016 - 14:47 (META) 

Специјалното јавно обвинителство продолжува со истражните постапки против сите осомничени во петте случаи што ги отвори, соопшти денеска СЈО.

Поради одлуката на претседателот Ѓорге Иванов за аболиција на политичари и на нивни соработници, за дел од осомничените во овие случаи беа запрени постапките, а дел поради помилувањето не беа официјално осомничени.

СЈО поднело и предлог до Апелациониот суд Скопје да го укине решението на Основниот суд Скопје 1 и да продолжи кривичната постапка за случајот „Пуч“, во која меѓу осоомничените е и лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

„По однос на истражните и предистражните постапки што се водат во ова јавно обвинителство, Ве известуваме дека тие продолжуваат, при што, зависно од фазата во која се наоѓа конкретниот кривичен предмет, ќе бидат преземени соодветни истражни и други дејства спрема сите лица за кои постои основано сомневање или основи на сомневање за сторено кривично дело“, стои во соопштението.

Оттаму информираат дека за случајот „Титаник“ истражната постапка продолжува против сите осомничени, меѓу кои и поранешните министри за внатрешни работи и за транспорт и врски, Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, генералниот секретар на владата, Кирил Божиновски, кои беа на листата на 56 помилувани од Иванов.

„Во врска со предметот во јавноста познат како „Тортура“, Ве известуваме дека поднесени се предлози за определување мерка за претпазливост против шест лица поради постоење основано сомневање за сторено кривично дело мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување. Во врска со предметот во јавноста познат како „Тврдина“, Ве известуваме дека е поднесен предлог за определување мерка притвор против едно лице, како и предлог за определување мерки за претпазливост против четири лица“, информираат од СЈО.

Првоосомничен во случајот „Тортура“, за апсењето на Љубе Бошкоски пред пет години, е поранешниот директор на управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, а еден од осомничените е актуелниот командир на полициската единица „Алфа“, Ивица Анчевски-Пуки.

Во случајот „Тврдина“, меѓу осомничените се Гордана Јанкулоска и началникот на петтата управа на УБК, Горан Грујовски.

Специјалното јавно обвинителство, исто така, донело наредба за спроведување на истражна постапка против едно лице за случајот „Транспортер“, а поднесен е и предлог за определување мерка притвор против истото лице.

Иако во соопштението на СЈО не е експлицитно наведено, сепак лицето за кое е наредена истрага и е побарано да му биде одреден притвор, најверојатно е битолскиот градоначалник Владимир Талески.

„Во врска со предметот во јавноста познат како „ТНТ“, донесена е наредба за спроведување истражна постапка против три лица поради постоење основано сомневање за сторени кривични дела од членот 353 од Кривичниот законик, а поднесени се и предлози за определување мерка за претпазливост против истите три лица. Во делот на видовите на мерки кои се предложени од страна на ова јавно обвинителство, до Основниот суд Скопје се поднесени соодветни предлози за определување мерки, кои за секој конкретен случај се различни“, стои во соопштението на СЈО.

Тројца осомничени во „ТНТ“, за кои СЈО претходно не отвори истражна постапка, поради аболицијата на Иванов, беа поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и актуелниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски.


Советот на јавни обвинители ја почна седницата, Јанева не дојде


Скопје, 30 март, 2016 - 10:18 (META) 

Советот на јавни обвинители ја почна седницата на која, како што е најавено, ќе се разгледуваат барањата на Специјалната јавна обвинителка Катица, Јанева за преземање на случаите „Маѓар телеком“, „Верушевски“ и „Шпион“.

Иако беше поканета, сепак на седницата нема да присуствува специјалната обвинителка Јанева. Таа за денеска во 11 часот во просториите на СЈО закажа прес-конференција.

Во понеделникот, претседателот на Советот на јавни обвинители, Петар Аневски изјави дека доколку Јанева не дојде на денешната седница ќе му ја олесни работата, односно членовите најверојатно ќе ги одбијат барањата за превземање на случаите.

На седницата е присутен е и Државниот јавен обвинител, Марко Зврлевски, кој е член на Советот на јавни обвинители по службена должност.

По завршувањето на седницата се очекува Аневски да даде изјава за медиумите.


Јанева ги побарала од судот предметите за Мартин Нешковски и за Љубе Бошкоски


Скопје, 15 јануари, 2016 - 11:55 (META) 

Покрај докази од предметот „Пуч“, специјалната обвинителка Катица Јанева од судот ги побарала и предметите за убиството на Мартин Нешковски и за случајот „Изборна кампања“, во кој осуден е Љубе Бошкоски, соопшти денеска Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Од кабинетот на Јанева, укажуваат дека не наишле на соработка од страна на судот, кој не им ги доставил предметите, туку побарал обвинителите од СЈО да извршат увид во судот. За ова биле известени и европратениците Ричард Ховит, Иво Вајгл и Едвард Кукан на средбата во вторникот неделава.

„На состанокот со европратениците, укажано е и на недоволната соработка на судот со ова јавно обвинителство. Појаснуваме дека ваквото укажување е резултат на новата практика која судот сака да ја наметне во случаите кога се барани предмети на увид од страна на ова јавно обвинителство. Во конкретниот случај, не станува збор само за предметот „Пуч“, кој е во фаза на главна расправа, туку од судот на увид побарани се и архивирани предмети (како, на пример, предметот познат во јавноста како „Изборна кампања“, предметот за убиството на Мартин Нешковски, како и други предмети од интерес на ова јавно обвинителство). Притоа, во согласност со досегашната практика на судот, на барање на јавните обвинителства, вакви предмети биле доставувани на увид, што е видливо и во еден од предметите во кој беше извршен увид. Сепак, на барањето на ова јавно обвинителство одговорено е дека е потребно увидот во списите на предметите да биде извршен во судот, што од наша страна и беше направено. Изразуваме убедување дека во иднина судот ќе пристапи кон соработка со ова јавно обвинителство, бидејќи во законските одредби пропишана е обврска за соработка на сите органи и лица со јавното обвинителство, кога се работи за откривање кривични дела и обезбедување докази“, стои во соопштението на Специјалното јавно обвинителство.

Оттаму информираат дека на средбата со европратениците, Јанева укажала и на потребата од измена на Законот за заштитени сведоци, односно во него да биде опфатено и да има надлженост и специјалното обвинителство.

„Во периодот што следува, ќе пристапиме и кон подготвување предлог-измени“, велат од СЈО.

Во врска со материјалите од прислушуваните разговори, што лидерот на СДСМ, Зоран Заев, ѝ ги предаде на Јанева, од обвинителството велат дека целата постапка била „во согласност со законските прописи, а околноста што не е сочинет записник во моментот на самото предавање не е пропуст во смисла на законските одредби“.

„Појаснуваме дека се работи за материјал предаден на барање на јавниот обвинител, чија содржина е од сензитивен карактер и како таков подлежи на дополнителни проверки, класификација и постапување, а имајќи ги предвид законските одредби со кои се регулира класификацијата на информациите и заштитата на приватноста. Поради сето наведено, во овој момент не сме во можност да соопштиме повеќе податоци за примените материјали, но ја уверуваме јавноста дека ќе биде информирана за сите детали поврзани за примените материјали во моментот кога нема да постојат законски пречки за такво постапување“, стои во соопштението на Јанева.


Освен случајот Пуч, на Јанева чекаат Ровер, Диво Насеље, Шпион, Монструм и Телеком


Скопје, 16 декември, 2015 - 10:33 (META) 

Барањата што изминативе три месеци во најава ѝ беа упатувани на специјалната обвинителка, Катица Јанева, а се однесуваа на тоа таа да ги преземе сите случаи за кои постојат контроверзии во јавноста, сега и во официјална форма почнаа да пристигнуваат на нејзиното биро.

Адвокатите на одбраната во случаите „Ровер“, „Диво Насеље“ и „Шпион“ бараат и за овие предмети да биде надлежно специјалното обвинителство.

„Одбраната во случајот „Ровер“ достави одредени материјали, кои сè уште се предмет на разгледување и на анализа, со оглед дека во изминатиот период приоритет беше токму воспоставувањето стварна надлежност врз веќе доставените предмети. Примени се вакви барања и за случаите „Диво Насеље“ и „Шпион“. За постапувањето по сите овие предмети дополнително ќе ве известиме“, соопштија завчера од кабинетот на Јанева.

Барања до специјалната обвинителка има и за преземање на случајот „Монструм“, а едно од нив дојде и од министерот за правда, Аднан Јашари.

„Случаите кои се познати во Република Македонија и кои имаат етнички карактер, како „Сопот“, „Монструм“ и други, се случаи кои поради својата цел и, на некој начин, поради нивното влијание во јавноста, треба што побргу да се решат за да се избегне мислењето што постои во јавноста дека се монтирани или не се монтирани, дека имала влијание политиката во нивното решавање или немала влијание. Специјалната обвинителка, во принцип, врз основа на информациите што ќе ги има, е обврзана да иницира процедура и докрај да ги истера овие случаи“, беше изјавата на Јашари што ја пренесе телевизијата „Алсат М“.

Либерално-демократската партија вчера апелираше до Специјалното јавно обвинителство итно да го разгледа случајот „Монструм“ и да го преземе во своја надлежност. Од партијата сметаат дека „вистинската истрага за судскиот случај „Монструм“ од Специјалното јавно обвинителство ќе биде показател дека суштински се спроведува Договорот од Пржино“.

Либералната партија повика специјалниот обвинител да го процесуира и случајот со „Маѓар телеком“.

– Имајќи предвид дека документацијата за случајот била на располагање на Јавното обвинителство во најмалку два мандата, а за тоа време не е отворена постапка, го повикуваме специјалниот обвинител да го процесуира случајот со „Маѓар телеком“ – соопштија од Либералната партија, по изборот на Јанева за специјален обвинител, во септември.

Од Движењето за реформи на ДПА бараат јавната обвинителка коректно да ги реши чувствителните случаи на злосторства и на корупција присутни во политиката.

„Бидејќи се работи за договор постигнат и во присутство на меѓународни претставници, го поздравуваме изборот на специјалниот обвинител и посакуваме успех во нејзината работа. Бараме да се постапува за инкриминираните случаи на албанските политички службеници, претседатели на албанските партии поврзани со коруптивни афери, за кои показател е нивното богатство создадено од политиката“, побараа од Движењето на реформи на ДПА.

Аналитичарот Сотир Костов во емисијата „Топ-тема“ на телевизија „Телма“, пак, рече дека специјалниот обвинител треба да ги реши сите случаи што не се решени од 1994 година досега.