Ципрас лобира кај Пахор: Отсега нашиот сосед да го викате „Северна Македонија“


Atina, 4 декември, 2018 - 16:23 (META) 

Грчкиот премиер Алексис Ципрас на денешната средба во претседателската палата во Атина со словенечкиот претседател Борут Пахор изразил задоволство што кај „северниот грчки сосед“  бргу напредува на планот на уставните измени.

Истовремено, Ципрас лобирал кај словенечкиот државник дека „земјата која сега ја нарекува според уставното име, односно како Македонија, во иднина ќе треба да ја викаат „Северна Македонија“.

Ципрас се пофалил дека на Балканот Грција преку иницијативи работи на подобрување на соработката, но најбитно „преку многу важниот договор потпишан со БЈРМ во 2018 година, известува грчкиот весник „Катимерини“.

– Тоа значи дека Вие, и Словенија, која е една од земјите што ги признаваат нашите соседи под нивното уставно име, односно „Македонија“, отсега ќе ја признавате и ќе ја нарекувате „Северна Македонија“, оти тоа е многу важно за грчкиот народ, бидејќи Македонија, освен што е голема географска област во Грција, регион на Грција, е исто така важен дел од древната грчка историја, а тоа се признава во овој договор, за кој се надевам дека е со изедначена согласност на двете страни – му рекол Ципрас на словенечкиот претседател.


Словенечкиот премиер ги повика државните фирми да ги повлечат рекламите од медиуми што шират говор на омраза


Скопје, 27 ноември, 2018 - 17:03 (META) 

Словенечкиот премиер Марјан Шарец ги повика сите компании во државна сопственост да размислат за повлекување на нивните реклами од медиуми што шират говор на омраза.

– Вистина е дека слободата на медиумите и слободата на говорот се столбови на демократијата, но тоа не значи дека тие се неограничени – порача Шарец во изјава на сајтот на словенечката влада.

Македонската влада пак во август минатата година соопшти дека го прекинува владиното рекламирање на приватните медиуми, но нема донесено правила за рекламирање преку социјалните медиуми и го задржува правото да се рекламира преку јавниот радиодифузен сервис МРТ.

Дополнително, Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) реагираше што од Изворниот законик не се брише спорниот член со кој се овозможува и во иднина јавните пари да се трошат за политичко рекламирање на партиите во кампања.


Катич: ЕУ смета дека Владата на Македонија води добра политика


Скопје, 29 август, 2018 - 13:13 (META) 

Словенија ја потврдува поддршката за евроатланската интеграција на Македонија и заедно со државите членки на НАТО се надева дека Македонија успешно ќе го помине тој пат, а граѓаните ќе го направат вистинскиот избор на референдумот во септември и наскоро ќе седнете на истата маса како полноправна членка на НАТО, порача министерката за одбрана на Република Словенија, Андреја Катич, која престојува во официјална посета на Република Македонија.

Таа нагласува дека македонската влада спроведува вистински политики.

– Словенија го поздравува договорот со Република Грција. Се разбира дека требало попуштање и од двете страна, но јазикот ќе остане и натаму македонски, националноста македонска и се надевам дека македонските граѓани на референдумот ќе го направат вистинскиот избор. Сите членки на ЕУ сметаат дека македонската Влада добро ги спроведува активности кон нејзиното идно членство во Алијасната. Референдумот е институт на демократскиот поредок и овозможува изразување на волјата на народот. Затоа е уште поважно граѓаните на Македонија да учествуваат на него и да ја изразат нивната волја – изјави министерката Катич на заедничката прес-конференција со нејзината македонска колешка Радмила Шекеринска.

Шекеринска потенцира дека Македонија треба да го следи примерот на Словенија и да ја примени нејзината формула за успех, која, според министерката е вистинскиот пат за земјата и дека граѓаните треба на референдум да потврдат дека сакаат таква иднина.

– Македонија и Словенија по независноста избраа ист пат, но за жал со различна брзина. Словенија беше државата која прва стана членка на НАТО и прва се приклучи на ЕУ. И не случајно е што Словенија ги има највисоките и просечни и минимални плати во регионот и најдобрите стандарди во делот на областите што се важни за граѓаните. Примерот со Словенија е најдобар показател за формулата за успех и за нас. Македонија знае дека тоа е вистинскиот пат и убедени сме дека на 30 септември граѓаните на референдум ќе потврдат дека посакуваат таква иднина за себе, за своите семејства, за своите деца – истакна Шекеринска.

Двете министерки денеска потпишаа Меморандум за соработка со кој се унапредува и соработката во одбраната меѓу двете земји.


Словенечкиот премиер Миро Церар поднесе оставка


Љубљана, 15 март, 2018 - 12:59 (META) 

Словенечкиот премиер, Миро Церар објави дека поднел оставка пред парламентот. Церар соопшти дека се повлекува по одлуката на Врховниот суд да се поништи резултатот од септемврискиот референдум, со кој, беше одобрен железничкиот проект вреден една милијарда евра, најголемиот инвестициски проект на неговата влада.

Референдумот го поддржа владиниот план за изградба на пруга во должина од 27 километри од пристаништето Копер до границата со Италија.

Оставката на Церар се случува само три месеци пред парламентарните избори најавени за јуни. Засега е нејасно дали оставката на Церар ќе го забрза распишувањето на изборите.

Владината коалиција која ја презеде власта во септември 2014 година, ги вклучува партијата на Церар, како и Социјалдемократите и партијата на пензионерите Десус.


Заев и Јазбец разговарале за интензивирање на соработката меѓу Македонија и Словенија


Скопје, 23 февруари, 2018 - 11:47 (META) 

Премиерот Зоран Заев денеска имал средба со амбасадорот на Словенија во земјава, Милан Јазбец, на која, како што соопштија од владината прес-служба, амбасадорот ја пренел оценката дека се чуствуваат позитивни промени во Македонија и му честитал на Заев за ефектите од „засилената дипломатска активност што ги отвора перспективите на државата кон ЕУ и НАТО“.

На средбата било констатирано дека се создадени услови за интензивирање на искреното пријателство меѓу двете држави, и биле договорени повеќе конкретни чекори за грантови и инвестиции во проекти за питка вода и за отпадни води за општините и жителите во внатрешноста на Македонија.

„Словенечкиот амбасадор Јазбец во таа насока пренесе интерес на словенечката Влада, како и на фирми од Словенија за учество во вакви инвестиции, што се разгледува да се реализираат и со вклучување на Владата на Македонија, на општините и на приватни домашни ресурси, согласно потребите“, стои во соопштението за средбата.

Заев и Јазбец разговарале и за политичката клима во двете држави и за претстојната официјална посета на словенечкиот премиер Миро Церар на Република Македонија.


Заев и Мицкоски им честитаа на ракометарите за победата над Словенија


Скопје, 14 јануари, 2018 - 11:10 (META) 

Преку своите профили, премиерот Зоран Заев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчеравечер им ја честитаа победата на македонските ракометни репрезентативци кои со победа над машката репрезентација над Словенија од 25:24 ги почна настапите на Европското првенство што се одржува во Хрватска.

„Одличен почеток на нашата репрезентација на Европското првенство во ракомет. Вие сте нашата гордост и заедно се радуваме на овој успех. Посакувам среќа и многу голови во следните натпревари со Црна Гора и Германија“, напиша премиерот Заев.

Нови победи на македонските ракометари им посака и претседателот на најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ.

„Упорноста се исплати, со срце и силна волја се бранат боите на Македонија. Честитки за победата на македонските ракометари. Нека се множат победите јунаци“, напиша на својот ФБ профил лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во честитката до ракометарите.

По нерешените 11:11 на крајот на првото полувреме, „црвено-жолтите“, во второто полувреме од почеток настапија агресивно и со серија од 4-0 за четири минути, а во 35.м инута празен гол за плус 5 од својата половина промаши Дејан Манасков, по што Словенците го постигнаа првиот гол во продолжението. Тука ситуацијата се сврте и следуваше подобра игра на словенечкиот состав и постојана тесна трка на резултатите се до драматичен финиш, во кој поуспешни беа нашите репрезентативци.

Најефикасни во македонската селекција беа Дејан Манасков со осум и Кире Лазаров со седум погодоци.

Следниот натпревар на ЕП во Загреб Македонија ќе го игра в понеделник со Црна Гора, во  2-то коло од Ц-групата.


Втор круг од претседателските избори во Словенија


Љубљана, 12 ноември, 2017 - 9:05 (META) 

Во Словенија денеска се одржува вториот круг од претседателските избори, на кои граѓаните можат да изберат меѓу актуелниот претседател Борут Пахор и градоначалникот на Камник, Марјан Шарец.
За победа во првиот круг од изборите, одржан пред три недели, на Пахор му недостигаа околу 20.000 гласови, додека Шарец освои 25 отсто од гласовите.

Според проекциите и анкетите, Пахор кој се повикува на своето искуство во политиката и се смета за гарант за политичката стабилност, и понатаму е фаворите за конечна победа, но со многу потесен резултат.

За разлика од Пахор, кој во текот на долгогодишната кариера, меѓу другото бил претседател на парламент, премиер и европратеник, 15 години помладиот Шарец е дипломиран актер и поранешен комичар кој со политика на локално нив почнал да се занимава пред седум години. Шарец истакнува дека најголема предност му е тоа што не припаѓа на политичката елита.


Словенците денеска избираат претседател, Борут Пахор фаворит


Љубљана, 22 октомври, 2017 - 10:35 (META) 

Повеќе од 3.000 избирачки места утрово во 7 часот се отворени во Словенија, а 1,7 милиони гласачи по шести пат од осамостојувањето на земјата ќе избираат претседател на државата.

За шеф на држвата се тркаат девет кандидати, меѓу кои пет се жени, најмногу досега. Сепак, најголеми шанси за победа на претседателските избори, според испитувањата на јавното мислење објавени изминатите денови, има актуелниот претседател на Словенија, Борут Пахор, кој се бори за својот втор петгодишен мандат.

Според последните анкети, Пахор би можел да добие повеќе од 50 отсто од гласовите, а најблизок конкурент му е Марјан Шарец, со 20 отсто од гласовите, пренесува ХРТ.

Избирачките места се затвораат во 19 часот, кога ќе бидат објавени проекциите на резултатите врз основа на анкетите за излезност.

Првичните резултати ќе бидат објавени денеска, доцна навечер, кога ќе биде познато дали ќе биде потребен втор круг од изборите, кој би се одржал за две недели.


Отстранети билбордите во Загреб што ја изнервираа Меланија Трамп


Загреб, 20 септември, 2017 - 10:59 (META) 

Рекламните билборди на училиште за странски јазици во центарот на Загреб на кои беше првата дама на САД, Меланија Трамп, се отстранети, а училиштето се извини откако доби закана за тужба од словенечкиот адвокат на Меланија.

На билбордот на „Амерички институт“ со кој се рекламираат курсеви по англиски јазик, покрај фотографијата на Меланија Трамп пишуваше „Замислете си колку далеку може да стасате со малку познавање англиски јазик“ (Just imagine how far you can go with a little bit of English). Билбордите биле отстранети вчера.

Наташа Пирц-Мусар, адвокатка на првата дама на САД, вели дека е задоволна од извинувањето на училиштето и од признавањето дека го прекршиле законот, како и од повлекувањето на билбордите.

Ивис Буриќ, портпарол на училиштето, се извинила за билбордите и рекла дека намерата била тие да звучат позитивно. Сепак, кампањата била успешна, оти билбордите привлекле големо внимание, појаснила Буриќ за медиумите.


Иванов – Брглез: Да се продлабочи економската соработка меѓу Македонија и Словенија


Скопје, 12 септември, 2017 - 18:22 (META) 

Претседателот Ѓорге Иванов и претседателот на словенечкиот Државниот збор, Милан Брглез, денеска разговараа за билатералните односи меѓу Македонија и Словенија, вклучувајќи ја соработката на парламентарно ниво.

Двајцата соговорници, како што соопштија од кабинетот на претседателот, констатирале дека во континуитет двете земји негуваат пријателски односи, без отворени прашања, базирани на долгогодишна конструктивна соработка и на заемна поддршка на билатерален и на мултилатерален план.

Иванов изразил задоволство од добрата динамика на политичкиот дијалог меѓу двете земји и од континуираната реализација на средби на високо ниво. Тој се заблагодарил за поддршка што Словенија ѝ ја дава на Македонија на паток кон ЕУ и кон НАТО и изразил надеж дека таа ќе продолжи во следниот период.

Во разговорите била посочена потребата за продлабочување на економската соработка и за зголемување на трговската размена меѓу двете земји, за што беше констатирано дека постои голем потенцијал.